Сè уште “се крчка“ IPO-то на Тинекс на Берза
Објавено на од во Компании

FOto glavnaМакедонија пред историски момент на пазарот за капитал

Засега сè уште немаме детали што конкретно се преговара и договара помеѓу “Тинекс“ и Македонската берза, познато е само дека интересот кај трговската компанија е сериозен, и ако се реализира оваа намера, тоа ќе биде првото вистинско ИПО во земјава. Анализираме кои се предностите, а кој “маните“ на излегувањето на берза за една компанија.

 

Веста од почетокот на месец мај годинава, дека малопродажниот синџир „Тинекс“ размислува за излегување на Берза, ги разбуди надежите дека Македонија конечно ќе го доживее своето прво ИПО (IPO: Initial Public Offering),односно иницијална јавна понуда на акции. Она што на развиените финансиски пазари во светот подолго време е вообичаена пракса за прибирање на свеж капитал потребен за развој на компаниите, во Македонија, но и пошироко на Балканот е пуста желба откако се формираа модерните берзи во регионот на поранешна СФРЈ, кон средината на 90-те.

“Во тек се преговори со берзата за реализација на јавната понуда“, рече Иван Штериев, директор на Македонска берза, за време на 19-та Годишна конференција што се одржа на 4 мај во Охрид. За ова ИПО Штериев најави пред крајот на минатата година во интервјуто за Капитал, кога с$ уште не смееше да биде објавено името на компанијата што сака да емитува акции.

Засега сè уште немаме детали што се преговара и договара помеѓу “Тинекс“ и Берзата, познато е само дека интересот кај трговската компанија е сериозен, и ако се реализира оваа намера, тоа ќе биде првото вистинско ИПО во земјава. Се разбира, ако не ја сметаме јавната емисија на акции што ја направи винарницата „Попова Кула“ уште во 2007 година, којашто во процесот на трансформација од ДООЕЛ во акционерски друштво, првично имаше направено лимитирана емисија на акции за стотина познати акционери.

28“Преку Македонската берза досега главно имаше приватни пласмани, а не јавни понуди на хартии од вредност или, пак, јавните понуди и новите емисии беа последица од цензусите за постигнување на повисоки износи на капитал во високо регулираниот финансиски сектор, распределба на корпоративните добивки во форма на акции или се случуваа после извршени преземања од странски доминантни акционери.“, објасни директорот Штериев на една од досегашните тркалезни маси организирани за промовирање на предностите од јавните емисии на акции.

Пред неколку години Берзата издаде и Водич за јавна понуда на хартии од вредност, каде што детално е објаснето што значи оваа процедура и сите технички и правно – административни аспекти поврзани со неа.

Алтернатива на задолжувањето кај банките

Наједноставно кажано, ИПО значи прибирање на капитал преку берза во процес во којшто компанијата од друштво со ограничена одговорност се трансформира во акционерско друштво. Во Македонија многу генерации не доживеале иницијална јавна понуда заради природата на социјалистичкиот економски систем од 1945 до 1990 година (претходно премногу скромно беше капиталистичкото искуство на државата за да има позначајни случувања наова поле, н.з.), па оттаму и мистификациите и непознатите моменти. Од акционерското друштво се бара многу високо ниво на транспарентност кон инвеститорската јавност, односно сите коишто имаат или може да купат акции од тоа друштво.

Постапката на иницијална јавна понуда не е едноставна, се состои од неколку клучни чекори и временски може да трае и повеќе од една година.

Како што е објаснето во Водичот на Македонска берза, заинтересираната компанија прво формира интерна работна група и ангажира надворешни советници во постапката за иницијална јавна понуда. Потоа следи одлука за издавање акции од страна на менаџментот и длабинска анализа (due diligence), ревизија на финансиските извештаи и интерна евалуација, процес што трае помеѓу 3 и 6 месеци. Потоа од 1-2 месеци трае периодот кога Собранието на акционери или друг соодветен орган на компанијата во зависност од организациската форма треба да донесе одлука за издавање на хартии од вредност, за количината на хартиите од вредност која ќе се издава како и за ценовните рамки на емисијата. Следните 2-3 месеци се подготвува документацијата по што се проследува барање за одобрување на емисијата до Комисијата за хартии од вредност – КХВ. КХВ има рок од два месеци максимум за да одлучува по барањето за издавање акции и ако одлуката е позитивна, во следните месец дена почнува постапката за запишување и уплатана хартиите од вредност, по што следи периодот на реализација на јавната понуда што може да трае максимум 12 месеци. По истекот на овој период, најдоцна за 15 дена јавноста треба да добие известување дали јавната понуда била успешна. Во случаите кога некое друштво преку јавна понуда изврши успешна продажба на хартии од вредност, истото друштво станува друштво со посебни обврски за известување кон Комисијата за хартии од вредност.

Една од најважните предности на ИПО е што се зголемува капиталот на компанијата и таа станува поконкурентна на пазарот. Битно е и што со прибирањето капитал не се зголемува долгот на фирмата. Досегашната пракса во македонската и речиси сите економии од регионов е компанијата да зема кредит кога сака да инвестира.


17706520 - wind generator turbines on sunset - green renewable energyШто прават соседите

Прв ИПО во Србија после 80 години

Акции ќе издава компанија што гради ветропаркови за производство на електрична енергија. 

Претходниве месеци на српскиот финансиски пазар се шпекулираше дека годинава за првпат после речиси 80 години една компанија ќе излезе на берза преку иницијална јавна понуда на акции. По деценија и кусур апели од берзанските кругови до државата да понуди на пазарот на капитал некоја од своите големи компании како Телеком или Електропривреда Србије – ЕПС, на крајот сепак првото ИПО ќе го спроведе приватната компанија Финтел енергија, којашто се бави со производство на електрична енергија од ветер.
Одлуката на Финтел енергија да прави ИПО доаѓа како резултат на проектот “Serbia IPO Go“ или “Излези на берза“ што го почна Белградската берза. Претставници на Берзата разговарале со дваесетина компании и засега една компанија решила да прави јавна понуда на акции.

“Не се сите компании спремни за излегување на берза. Или не можат да ги исполнат условите или имаат финансиски поисплатливи надворешни извори на финансирање. Треба да се има предвид дека постоечките сопственици после ИПО не остануваат стопроцентни сопственици на фирмата. Инвеститорите во согласност со висината на вложувањето учествуваат и во сопственоста, имаат право на дивиденда, може да учествуваат во работата на акционерското собрание, евентуално и да во одборите на директори, итн. Ова го наведувам условно како мани на излегувањето на берза, затоа што од разговорите со сопствениците на одбрани добри компании претходниов период дознавме дека тие не се спремни на тој вид компромис. Тоа е легитимен избор на секој сопственик и на него е да процени дали трошоците за излегување на берза се помали или поголеми од користа“, вели директорот на Белградска берза, Синиша Крнета, за српскиот магазин „Нова економија“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×