Секој вработен должи по 7,5 просечни плати во банка
Објавено на од во Банки и бизнис

South Korea Credit CrisisКредитите за граѓани  растат побавно последниве три години

Најголем интерес постои за кредитите наменети за финансирање на потрошувачката на домаќинствата  - годишен раст на барањата  од 15,4% – и тоа за кредитните картички и пречекорувањата на тековните сметки. Според извештајот на НБРМ за финансиска стабилност, минатата година и покрај политичката криза, банките одобриле поголем износ на кредити за население во однос на 2015, при што најголема стапка на пораст во одобрените имаат станбените кредити – 13,5%, додека пак најголем пад имаат автомобилските – 36%.

 

31bПреку две милијарди евра одобрени кредити за домаќинство во Македонија е состојбата на 31.12.2016, според извештајот за финансиска стабилност, што редовно го изработува НБРМ. Тоа значи дека во просек, секој жител на Македонија (според последниот валиден попис земјава има околу 2 милиони жители, н.з.) на крајот од минатата година бил  задолжен во банка со кредит од 1.000 евра, или пак секој вработен во земјава (околу 740 илјади) должи во просек по 2.700 евра. Или пак, пресметано со друга мерка, секој вработен во банка е задолжен со по 7.5 просечни плати (ако земеме предвид дека просечната плата официјално е околу 360 евра според државната статистика).

Аналитичарите на централната банка заклучуваат дека во последниве неколку години, се се забележува пресврт во преференциите на банките за кредитирање и поголема склоност за пласирање на средствата кон домаќинствата со оглед на помалата ризичност и повисокиот принос во споредба со корпоративниот сектор. Поголемиот интерес на банките за кредитна поддршка на овој сектор е поткрепен и со зголемената побарувачка на кредити при засилена лична потрошувачка, поволни остварувања на пазарот на труд и зголемен потрошувачки оптимизам, пред сѐ поради поволните очекувања во поглед на невработеноста и финансиската состојба.

“И покрај зголемувањето на долгот на домаќинствата, нивото на задолженост на овој сектор во целина не е високо.“, велат од НБРНМ.

На крајот на минатата година износот на одобрени кредити за домаќинство бил за 8,3% повисок одошто од крајот на 2015-та, но остварениот раст во 2016-та бележи извесно забавување што претставува прекинување на трендот на забрзан раст на долгот на домаќинствата од претходните три години, кога 13,4%, 12% и 10,7% респективно за 2015, 2014 и 2013 година.

Извештајот на НБРМ покажува дека расте уделот на долгот на населението  во расположливиот доход и во финансиската актива. Извесно влошување забележаа и ликвидносната (способноста за подмирување на обврските во секој момент) и солвентната позицијa (способноста за подмирување на стасаните  обврски рокот на стасување) на домаќинствата. Во услови на изразено забавен раст на расположливиот доход, повисоката потрошувачка на домаќинствата беше поддржана од поголемото кредитирање и раст на долгот на овој сектор, зад кое заостанува и годишната стапка на раст на финансиската актива. Ова предизвика извесно влошување на показателите со кои мери се способноста на домаќинствата за отплата на долгот, како и можноста за нивно натамошно задолжување, односно на солвентноста на домаќинствата. Влошувањето на ликвидноста се појавува поради поизразеното зголемување на долгот во однос на растот на расположливиот доход, кој апсорбира поголем дел од расположливиот доход за отплата на долгот.

Домаќинствата се релативно ниско задолжени, но долгот е концентриран кај посиромашните

Сепак, ова влошување на показателите не предизвикува загриженост. Тие се оценуваат како задоволителни поради релативно ниската задолженост на секторот „домаќинства“ во целина. Во 2016 година, делот од расположливиот доход кој се искористил за отплата на каматата и главницата е помал во споредба со 2015 година (7,1% во 2016 и 8,1% во 2015 година), што од своја страна покажува дека во 2016 година секторот имал подобра способност за отплата на долгот. Со оглед на фактот дека отплатите зафаќаат помалку од 10% од расположливиот доход, се наметнува заклучокот дека нивото на овој показател е релативно ниско.

“Показателите за солвентноста и ликвидносната позиција на домаќинствата, и покрај малото влошување, се на задоволително ниво, што означува мала ранливост на секторот на шокови и пониски ризици за финансиската стабилност од овој сектор. Ова, заедно со солидната кредитоспособност на домаќинствата и подобрувањето на способноста за отплата на целиот долг, укажува дека не се исцрпени можностите за натамошен раст на долгот на домаќинствата. Сепак, концентрираноста на долгот кај домаќинствата со пониски примања и постојаниот раст на задолженоста со истовремено зголемување на рочноста, предизвикуваат потреба за повнимателно следење на ризиците од можна висока задолженост на одделни сегменти на овој сектор. Изложеноста на домаќинствата на валутен ризик произлегува од високото учество на долгот со валутна компонента, наспроти нивните приходи остварени во домашната валута, иако речиси половина од заштедите на домаќинствата се во девизи. Потенцијален ризик за домаќинствата претставува и нивната изложеност на каматниот ризик поради непредвидливоста на трошоците за отплата на користените кредити при евентуално нагорно придвижување на каматните стапки на банките, кај договорите со прилагодливи каматни стапки.“, велат аналитичарите од НБРМ.

31kКартичките и дозволените минуси како алва

Според типот на кредити, најголем удел во кредитите за население имаат потрошувачките ненаменски кредити, со 47,2%, пред кредити за набавка или реновирање на станбен и деловен простор со 24,8% и кредитни картички со 16,2%. Најголем раст пак, во 2016 бележат станбените кредити, од 13,5%, чијшто износ на 31.12.2016 изнесувал околу 580 милиони евра, додека стапката на раст на одобрените потрошувачки ненаменски кредити е 10,7%, а нивниот износ на крајот од годината е околу 1,1 милијарди евра.

И покрај олеснувањето на кредитните услови при одобрувањето кредити на домаќинствата, банките остануваат релативно внимателни. Притоа, банките вообичаено одобруваат станбени кредити на вработени лица, со месечни примања коишто се барем двојно повисоки во споредба со месечната рата на кредитот.

Стапката на одобрени кредитни барања (од вкупно примени барања) е најниска за станбените кредити. Според бројот на примени кредитни барања, најголема заинтересираност постои за кредитите наменети за финансирање на потрошувачката на домаќинствата (годишен раст од 15,4%), и тоа за кредитните картички и пречекорувањата на тековните сметки, додека бројот на одобрени барања за потрошувачките кредити забележа надолно поместување (за 9,7%), што може да се поврзе со претпазливоста  насочена кон забавување на високиот раст на долгорочните потрошувачки кредити.


Кредитите за домаќинства никогаш поевтини

Slika1Пред пет години просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинства била над 9% за денарските кредити, во 2016 изнесува 6,7%, додека кај денарските со девизна клаузула била нешто над 7% пред пет години, а лани 4,9%.

 

Во 2016 година продолжи трендот на намалување на просечните пондерирани каматни стапки на новоодобрените кредити и на вкупните кредити на домаќинствата, со што цената на вкупните кредити го достигна најниското ниво во посткризниот период.  Па така, ако во 2012 година просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинства била над 9% за денарските кредити, во 2016 изнесува 6,7%, додека кај денарските со девизна клаузула била нешто над 7% пред пет години, а лани 4,9%.
Надолното движење на каматните стапки е поизразено кај кредитите со девизна клаузула, а кај денарските речиси и да изостанува, со што практично распонот меѓу кредитите во денари и кредитите со валутна компонента бележи зголемување за првпат во посткризниот период, по достигнувањето на историски најниското ниво претходната година. Во околности на зголемување на каматната разлика меѓу кредитите во денари и кредитите со валутна компонента доаѓа до израз значењето на трошочниот фактор при изборот на домаќинствата на валутата на финансирање.

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×