Штефан Петер: ЕВН останува лидер на пазарот за електрична енергија. Во рок од една година ќе изградиме нови соларни електрани со капацитет од 10 MW за нашите клиенти!
Објавено на од во Економија

EVN 5 naslovnaШтефан Петер
претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија

Новиот Закон за енергетика предвидува од 1 јануари 2019 година целосна либерализација на пазарот на електрична енергија во Македонија. Најголемата промена е што крајните потрошувачи ќе добијат право да го изберат својот снабдувач со електрична енергија. Со првиот човек ЕВН во Македонија, Штефан Петер разговараме за измените што ќе се случуваат на пазарот и за новата улога на ЕВН. “Ние сме целосно подготвени да го имплементираме законот веднаш по објавувањето”, вели Петер, кој најавува посилен влез на компанијата во производството на електрична енергија од обновливи извори со понуда на специјални решенија по принципот клуч на рака за своите клиенти и за домаќинствата кои сакаат самите да произведуваат енергија од сончева енергија. “Им понудивме на нашите клиенти повеќе од 10 мегавати во нови сончеви централи и сме подготвени да ги конструираме сите во рок од една година”, вели Петер.

 

Г-дин Петер, од каде да почнеме? Можеби со најпопуларната тема. Како го оценувате новиот Закон за енергетика? Како новите законски измени ќе влијаат на позицијата на ЕВН на македонскиот енергетски пазар?

Новиот Закон за енергија е нов само за Македонија. Всушност, тоа е имплементација на директивата на ЕУ која ЕВН веќе ја доживеа во Австрија и Бугарија. Значи, за нас, воопшто не е нов и ние сме целосно подготвени да го имплементираме законот веднаш по објавувањето. Има некои правни аспекти за производителот на електрична енергија и системоператорите, но главните промени ќе бидат за крајните потрошувачи кои ќе добијат право да го изберат својот снабдувач со електрична енергија од 1 јануари 2019 година.

Целосна либерализација на енергетскиот пазар.Дали ова ќе доведе до пониски цени?

Прво, секогаш треба да се има предвид дека ние зборуваме само за трошоците за енергија. Ова е една третина до 40% од вкупните трошоци. Остатокот е надоместокот за пренос, надоместокот за дистрибуција, надоместокот за обновливи извори и секако даноците.

Добро, но дали ќе поевтини?

И да и не! Да, за сите мали и средни претпријатија. Досега, на регулираниот пазар, тие плаќаа повеќе отколку на отворен пазар, бидејќи тие ја субвенционираа цената на електричната енергија за домаќинствата. За бизнис корисниците ќе биде поевтино. Веројатно, морам да кажам. Бидејќи отворен пазар значи дека цените се поставени на меѓународната берза. И никој, ниту јас, не може да предвиди какви ќе бидат пазарните цени во 2019 година. На пример, имаше покачување на цената за 5 евра/MWh на берзата и тоа само последнава недела поради конфликтот во Сирија. Цените на електричната енергија се многу нестабилни овие денови. Тука ЕВН влегува во играи нуди рамни цени за своите клиенти на отворен пазар со 100% предвидливост.

Што ќе се промени за потрошувачите во сегментот домаќинства? Може ли и тие да очекуваат пониски цени?

Е сега, тука велам не! Бидејќи како што реков претходно, тие денес се вкрстено субвенционирани. Тоа значи дека во денешно време плаќаат цена пониска отколку на отворениот пазар. Од 2019 година, се разбира, тие можат да го сменат својот снабдувач со електрична енергија, но таму ќе им бидат понудени пазарни цени без субвенции, што значи зголемување од околу 20%.

Тоа значи дека за домаќинствата ќе биде уште поскапо?

Не! Добрата вест за нив е дека со новиот Закон за енергетика, владата одлучи да продолжи да ги поддржува домаќинствата. Тие ќе го направат тоа со нов Универзален снабдувач. Овој ентитет ќе им понуди на домаќинствата електрична енергија со регулирана цена утврдена од страна на Регулаторната комисија.

И која цена ќе биде таа?

Како што реков,таа ќе биде одредена од страна на РКЕ врз основа на нивната методологија.

Дали ЕВН ќе биде тој снабдувач на универзална услуга?

Не, не, не! Владата ќе спроведе транспарентен тендер и преку одредени критериуми ќе го избере најдобриот од сите учесници.

Кој ќе учествува покрај ЕВН?

Не е ни сигурно дека ЕВН воопшто ќе учествува. Се разбира, зависи од условите за обезбедување на оваа услуга. Ако тие не се поволни, зошто да учествуваме? ЕВН не е непрофитна организација. Нашите акционери очекуваат враќање на нивната инвестиција, како и сите акционери.

Вие сте веќе 12 години тука. Инвестицијата сигурно се исплатила до сега?

Вистината е дека по 12 години сеуште имаме акумулирано загуба од 40 милиони евра во нашиот биланс на состојба. Поради тоа, ние досега не сме платиле ниту едно евро како дивиденда на нашите акционери.

Како ја оценувате работата во Македонија досега? Можеби влегувањето во македонскиот енергетски бизнис не беше паметен потег?

Малку е неблагодарно да ја процениме нашата работа. Од гледна точка на акционерот, мислам дека може да се предвиди нивната проценка според гореспоменатите бројки. Од гледна точка на потрошувачите, верувам дека целосно сме го смениле системот. Мислам дека нема некој кој сериозно ќе каже дека пред 12 години услугата и квалитетот на електричната енергија беа подобри. На пример, во 2006 година ја превземавме електричната мрежа со загуби од околу 25%. Една четвртина од произведената енергија се изгуби во системот.
До денес, ние ги намаливме загубите до под 15% и нашата цел е да дојде до 10%. Затоа треба да инвестираме понатаму.

Колку досега ЕВН инвестираше во Македонија? Колку дистрибутивната мрежа во Македонија им служи на бизнисите и на граѓаните?

Инвестициите што ги остваривме во текот на изминатите 12 години се големи и, што е најважно, значително ја подобрија енергетската инфраструктура во областа на дистрибуцијата, снабдувањето и производството. Досега се инвестирани 335 милиони евра, а според планот, до крајот на оваа година, инвестициите ќе достигнат 370 милиони евра. Најголемиот дел од инвестициите, или повеќе од 80%, беа во изградба на нова и реконструкција на постојната дистрибутивна мрежа, вклучувајќи повеќе од 1.000 нови дистрибутивни трансформатори и 1.600 километри нови надземни водови и кабли. Со тоа создадовме нова модерна мрежа со зголемена стабилност и квалитет на напон. Сепак, тоа не е доволно. Дигитализацијата и паметните мрежи се неопходност од 21 век и ние треба да бидеме во чекор со новите случувања. Истото важи и за инфраструктурата за е-мобилност.

EVN 2

Ќе инсталираме 40 современи електрични полначи во Скопје и сите поголеми градови во Македонија на јавен простор. Значи, ова лето ќе биде можно да се вози е-автомобил од Скопје до Охрид, да се наполнат батериите додека се испие кафе на езерото, да се продолжи до Битола, Прилеп, Велес и назад во Скопје и секогаш да се најдат можности за полнење. Ова е можно само со добра соработка со општините.

На што е сега концентриран ЕВН? Дали планирате нови инвестиции и промени во понудата за корисниците?

ЕВН Македонија останува лидер на пазарот кога станува збор за услуги за електрична енергија. Бидејќи цените за фотоволтаичните модули значително се намалија, добивме се повеќе и повеќе барања од нашите деловни корисници дека сакаат да инвестираат во тоа производство на енергија. Но, тоа е комплексен бизнис. Одговорот е во вистинскиот дизајн, соодветната точка на напојување, квалитетот на технологијата и, да не заборавиме, лиценцата. ЕВН го нуди сето ова одеднаш. Специјално решение по принципот клуч на рака. Им понудивме на нашите клиенти повеќе од 10 мегавати во нови сончеви централи и сме подготвени да ги конструираме сите во рок од една година.

Ние цврсто веруваме дека обновливите извори како сончевата енергија ќе треба да играат важна улога, особено во Македонија со сончеви региони кои нудат 240 дена годишно. Доколку се додаде аспектот на животната средина, не постои дилема дека иднината е токму во обновливата енергија, иако не може комплетно да го замени конвенционалното производство.

Дали оваа услуга ќе биде достапна и за приватни корисници, што значи за домаќинствата?

Да! Оваа можност доаѓа со новиот Закон за енергетика. Потоа, и потрошувачите во категоријата домаќинства ќе можат да произведуваат електрична енергија, на пример, со фотоволтаици на нивните покриви без да аплицираат за лиценца. Исто така, ќе нудиме стандардизирани решенија по принципот клуч на рака, вклучително и сите пресметки. Значи, нашите корисници ќе знаат за нивните инвестициски трошоци и, се разбира, за заштедите на неискористеното производство на електрична енергија и вишоците пред да одлучат да инвестираат. Ние веќе продадовме илјадници такви решенија на нашиот домашен пазар во Австрија. Патем, за такви инвестиции приватните лица можат да добијат субвенционирани кредити. Тука имаме соработка со банките, за да го понудиме целиот пакет.

Претходно спомнавте инфраструктура за е-мобилност. Колку електрични автомобили постојат во Македонија?

Според моето знаење, помалку од 100. Но, прашањето треба да биде – колку може да бидат опслужени? Кој е потенцијалот? Во Норвешка оваа година, регистрацијата на е-автомобили (и хибриди) ја надминува онаа на конвенционалните автомобили. Мислам дека тоа е мега-тренд. Некои научници предвидуваат дека прагот од 100 милиони возила низ целиот свет ќе се постигне до 2030 година. Опсегот на е-автомобилите се зголемува од ден на ден и тука малата површина на земјава е предност. Но, ја имаме дилемата со кокошката и јајцето. Што доаѓа прво? Е-автомобилите или е-полначите? Решивме да го прекинеме овој циклус и ќе инсталираме 40 современи електрични полначи во Скопје и сите поголеми градови во Македонија на јавен простор. Значи, ова лето ќе биде можно да се вози е-автомобил од Скопје до Охрид, да се наполнат батериите додека се испие кафе на езерото, да се продолжи до Битола, Прилеп, Велес и назад во Скопје и секогаш да се најдат можности за полнење. Ова е можно само со добра соработка со општините.

Како функционира ова и кои се трошоците?

За ракување со електронските полначи едноставно ви е потребна картичка од ЕВН. Го паркирате вашето електрично возило бесплатно на еден од назначените паркинзи за полнење кој секогаш ќе биде во центарот на општината. Потоа се регистрирате со картичката и го поврзувате вашиот автомобил со полначот. Тоа е тоа. Потрошената електрична енергија ќе ви дојде во вашата месечна фактура. Но, не во 2018 година. Како промоција на е-автомобилите и подобра животна средина, ЕВН нема да ги наплаќа трошоците на купувачот.

EVN 4 muzej

Со цел да се подигне свеста за потребата од енергетска ефикасност кај граѓаните и компаниите го формиравме и изложбениот центар Матка. Ова е прв технички музеј во Македонија, ако не и во целиот регион. Интегриран во хидроцентралата изградена во 1938 година, има над 20 експонати, кои на модерен и интерактивен начин едуцираат за електрична енергија од различни аспекти: производство, пренос и дистрибуција.

ЕВН Македонија е една од општествено најодговорните компании во земјата со многу активности кои ги практикува секоја година. Кои се новите планови и активности во оваа област?

Во право сте. ЕВН ја спроведува општествената одговорност во секој сегмент од своето работење. Не го кажувам ова декларативно. Напротив. Нашите секојдневни активности во изминатите 12 години јасно го потврдуваат ова. Лично, мислам дека овој ангажман е задолжителен. ЕВН опслужува 700.000 локални корисници, има повеќе од 5.000 локални добавувачи, 2000 вработени. Ние сме интегрален дел од општеството во Македонија и поради тоа мора да се грижиме за него. ЕВН Македонија работи во различни сегменти на општествена одговорност, па во оваа прилика ќе набројам само неколку. ЕВН Македонија веќе неколку години работи за да ја подигне свеста за потребата од енергетска ефикасност кај граѓаните и компаниите. Преку разни активности, од Енергетска азбука до Енергетска математика, различни кампањи, работилници итн. заедно со нашите партнери направивме многу на овој план. Резултатите покажуваат дека сето тоа има ефект и енергетската ефикасност е значително зголемена, а се повеќе и повеќе граѓани и компании стануваат свесни за придобивките од тоа. 40% од целокупната заштеда на енергетска ефикасност може да се направи само со промена на однесувањето. Нема потреба од инвестиции. Но, потребно е образование за да се стори тоа. Затоа го формиравме изложбениот центар Матка. Ова е прв технички музеј во Македонија, ако не и во целиот регион. Интегриран во хидроцентралата изградена во 1938 година, има над 20 експонати, кои на модерен и интерактивен начин едуцираат за електрична енергија од различни аспекти: производство, пренос и дистрибуција. Содржината е интересна за најмладите ученици кои доаѓаат на организирани тури со нивните наставници, а има и експонати за учениците од средните училишта и факултети. Но, турата во изложбениот центар Матка е бесплатна и за сите други посетители. Овој музеј го создадовме за заедницата. Целата содржина е тријазична – на македонски, албански и англиски јазик и е достапна за пошироката јавност. Нашата цел е да ја вметнеме посетата на изложбениот центар Матка во редовната образовна наставна програма, со што на учениците им овозможуваме интерактивно да учат и на ова поле соработуваме со надлежните институции. Ако се уште не сте го посетиле изложбениот центар Матка, ова е можност да ве поканиме лично, но и вашите ценети читатели.

Друг проект на кој работиме е интеграција на сите наши вработени во нашите општествено одговорни активности преку корпоративно волонтирање. Сите наши вработени се охрабруваат да поминат еден работен ден во заедницата. Може да е поправка на старото јавно игралиште, или сликање на фасадата на градинка. Околу 500 вработени веќе учествуваа во повеќе од 20 различни проекти низ цела Македонија. Ова ја подига општествената одговорност на повисоко ниво.
Следниот месец нашите вработени во Инфо центарот ќе добијат обука за знаковен јазик за подобро да комуницираат со глувите луѓе.

Каков е тој нов Инфо центар?

Благодарам за прашањето. Тоа е нашиот најнов развој на интеракција со корисниците. Првиот е во ГТЦ во Скопје. 300 луѓе секојдневно доаѓаат таму. Други ќе следат. Корисниците можат да добијат лични информации за нашите производи и услуги, но исто така и во нивните фактури. Наскоро ќе има и сертифицирани производи за заштеда на енергија. И, се разбира, можете и да плаќате фактури таму, иако попогодниот начин е од вашиот домашен компјутер.

Како ќе се плаќа од дома?

Најдобро е да потпишете траен налог во вашата банка и да добивате фактури преку е-пошта. На нашата веб-платформа секогаш можете да ја проверите состојбата. Друга можност е со новата апликација „М-паричник“ која ја развивме во соработка со Македонски Телеком. Едноставно преземете ја „M wallet” од „Google Play“ или „Apple Store“ и плаќајте преку вашиот мобилен телефон насекаде и во секое време. Во секој случај, треба да се пријавите за е-фактура, да ја зачувате околината и да ја имате фактурата електронски секогаш со вас. Тоа, но и повеќе информации можат да се најдат на нашата страница www.evn.mk. Без разлика на возраста и полот, не треба да се плашиме и треба да направиме еден чекор понатаму во 21-от век и дигитализацијата.

На крајот, како ЕВН ја заврши 2017 година и како политичките превирања влијаеа врз работењето на компанијата? Кои се очекуваните резултати за годинава?

Резултатите што ги постигнавме минатата година беа во согласност со очекувањата, иако имаше низа политички турбуленции што ја забавија динамиката на некои активности. Исто така, одредени одлуки беа одлучувачки за нас, но со добра реорганизација имавме стабилна година и очекувани резултати. Оваа година имаме амбициозни планови и се надеваме дека ќе ги реализираме. Ние сме решени да го сториме тоа и се надеваме дека одлуките што ќе се донесат во иднина ќе се засноваат на реални показатели. Тоа ќе биде предизвик!


EVN 1За 12 години ЕВН инвестираше 370 милиони евра во Македонија

Во текот на изминатите 12 години ЕВН Македонија има инвестирано повеќе од 370 милиони евра во изградбата на нова и реконструкција на постојната дистрибутивна мрежа. Ова лето, ќе бидат инсталирани 40 полначи за електрични автомобили во сите поголеми градови во Македонија. За деловните корисници ЕВН нуди услуги за управување со енергијата и наменски фотоволтаични решенија по принципот клуч на рака. За нашите 700.000 корисници – домаќинства, ЕВН неодамна отвори нов Инфо центар и ги прошири своите електронски услуги.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×