Штериев: Crowdfunding предизвик за младите претприемачи и храбрите инвеститори
Објавено на од во Економија

Нов пазарен концепт на финансирање на помалите компании што се соочуваат со хроничен недостаток и потежок пристап до финансии е crowdfunding што го нуди Берзата, а кој според главниот извршен директор Иван Штериев се отвора нова страница во финансиските навики. При тоа, вели во интервјуто за МИА, паралелно создаваме инкубатор од кој на среден рок можат да се појават нови котирани компании на Берзата што ни е најголем развоен предизвик.

shteriev_01-678x381Поминаа шест месеци од годинава во кои се случија низа политички настани како спроведување на Преспанскиот договор, претседателски избори, покана за членство во НАТО, либерализација на девизниот режим, што е добар повод  за интервју со gлавниот извршен директор на Македонската берза АД Скопје. Економистите велат дека Берзата е крвотокот на економијата и дека Берзата не е институционален остров и дека сето тоа што се случува во повеќе сфери во општествениот живот се пресликува на берзите. Господине Штериев, како овие значајни поместувања се одразија врз пазарот на хартии од вредност кај нас?

На Берзата оваа 2019 година дојде после доста успешната 2018-та што по повеќе параметри беше најдобра берзанска година во последната деценија.  Како што и сите учесници констатираа  пред неколку месеци на нашата годишна конференција, пазарот во целина оваа година е во ситуација кога не се знае дали може добриот резултат брзо да се подобри или пак некои лимити се веќе достигнати. Анализата на берзанската статистика за првото шестмесечје од 2019 година ја покажува оваа дуалност. Вкупниот промет на Берзата по сите основи во овој период изнесува 60,5 милиони евра наспроти ланските 111 милиона. Основната разлика во прометот наспроти 2018 година се повеќекратно намалените блок трансакции што е очекувано со оглед на екстра големите блок трансакции кај одредени банки лани. Од друга страна, доколку претпоставиме дека класичното тргување со акции во БЕСТ системот, што е најреалниот индикатор на берзанската динамика, од првото шестмесечје (во кое изнесува неполни 28 милиони евра) ќе се повтори во второто полугодие за очекување е дека 2019 година според овој параметар може да биде втора најдобра година во последната декада, веднаш по 2018 година. Анализата на ценовната перформанса на индексот МБИ 10 засега ги потврдува добрите трендови. Индексот што го мери општото ниво на цените на најликвидните акции на Берзата во периодот јануари-јуни порасна за нешто над 10 отсто, после три претходни последователни годишни порасти изразени во двоцифрени проценти (2016 година за 16,45 отсто, 2017 – 18,92 отсто и 2018 – 36,64 отсто).  Не треба да заборавиме колку долго време цените на акциите на нашата берза беа хибернирани и колку тоа влијаеше дестимулативно на пазарните учесници.

Од сето ова може да се заклучи дека инвеститорите уште минатата година ги антиципираа споменатите позитивни неекономски случувања и ги вградија во берзанската динамика. Тој моќен моментум уште се чувствува на пазарот, особено во ценовните движења и пазарните валуации на кои истите се темелат, при што има помал интензитет од претходната година, но е каде-каде посилен во споредба со долгиот пост кризен период претходно.

Неколку работи ќе ја профилираат втората половина на берзанската 2019 година, меѓу кои како побитни би ги издвоиле: резултатите на котираните компании, кои со нетрпение ги очекуваме нивните полугодишни профити што треба да се објават до крајот на август, бројноста и интензитетот на тргување на домашните физички лица на кои првенствено се темели побарувачката на пазарот  и ќе видиме каков ќе биде ефектот на девизната либерализација и можноста да се инвестира надвор, одлуките на инвеститорите во пресрет на најавеното оданочување на капиталните добивки во 2020 година. Доколку се опстои на ова решение за очекување е дека доста инвеститори ќе ги материјализираат нивните пресметковни добивки преку продажби на пазарот како што ќе се наближува крајот на годината и присуството на странските инвеститори и дали тие ќе го препознаат подобреното окружување и ќе почнат да вложуваат во македонски акции.

Дали Македонската берза понуди нешто ново годинава?

Оваа година работиме интензивно на подготовка и реализација на многу новитети и можам да кажам дека ова прво полугодие навистина беше одбележано токму од овој аспект.

Годинава ја почнавме со берзанска котација на континуираните државни обврзници. Со тоа се создадоа услови овие хартии од вредност да се тргуваат на организиран пазар, а со тоа во нив да можат да вложуваат, и примарно и секундарно, повеќе видови домашни и странски инвеститори. Моментално доминантни сопственици на овие финансиски инструменти се високоликвидните финансиски институции кои немаат голем интерес за продавање, но ние како пазарна инфраструктура ја остваривме целта – овозможивме котација и тргување со сите државни обврзници на Берзата.

Следуваше котацијата на перпетуалната обврзница на Унибанка – доста сложена операција поради спецификите на овој нестандарден, хибриден инструмент, каков што досега немало на овој пазар. И овие обврзници сега се расположливи на секундарниот пазар. Плус, се испрати конкретен сигнал дека со одредена доза на креативност може да се дизајнираат финансиски инструменти што на банките и компаниите можат да им бидат корисни.

Свесни за одредени недостатоци на пазарот, какви што се отсуството на иницијални јавни понуди, недоволното присуство на странските инвеститори и слично, преземавме дополнителни активности за подобрување на состојбите. Во таа насока, инициравме проект заедно со Министерството за економија чијашто цел е да се обезбеди финансиска поддршка на домашните компании што ќе се охрабрат да направат иницијална јавна понуда.  Со овој проект се планира да се обезбедат парични средства од странски фондови со кои на компаниите ќе им бидат надоместени трошоците поврзани со овој процес. Ова е директен финансиски поттик за спроведување на иницијални јавни понуди од страна на македонските компании. Со цел да се зголеми видливоста на македонските котирани компании за странските инвеститори, успеавме да влеземе во еден нов проект на ЕБРД за т.н. research coverage на главните котирани компании, со што значајно ќе се подобри процесот на формирање на берзанските цени во иднина. Јасно е дека ова се состојби кои тешко се надминуваат и се под влијание на бројни фактори, но очекуваме ефектите од овие два проекта да се почувствуваат по извесно време и да бидат долгорочни. Нашата цел и овде е остварена. Осмисливме, успешно лобиравме, подготвивме документација, дадовме поддршка каде што требаше итн.

Особено би сакал да истакнам нешто кон што примарно се фокусиравме годинава, а тоа е проектот со crowdfunding платформата Funderbeam и проширување на соработката со Загрепската берза во овој домен. Како што досега повеќе пати сме објаснувале во јавноста тоа е платформа која е развиена во Естонија за финансирање на стартапи, но и на мали и средни претпријатија. На овој начин го нудиме пазарниот концепт на финансирање на помалите компании кои се соочуваат со хроничен недостаток и потежок пристап до финансии. За ова добивме поддршка од УСАИД Проектот за развој на деловниот екосистем и потпишавме Меморандум за соработка со Фондот за иновации и технолошки развој.  Реакциите по нашата најава дека ќе започнеме со проектот за crowdfunding беа повеќе или помалку предвидливи. Поголем дел од стручната јавност ја поздравува и поддржува идејата, ја сфаќа логиката поради која ова го правиме и навива да успееме поради општо добро. Има и такви кои не веруваат дека ова кај нас може да функционира, а се појавија и некои малициозни гласови што го проблематизираат овој проект со тврдење што има Берзата да се занимава со crowdfunding кога се уште не ги средила побитните работи на пазарот. Тоа, кога така лефтерно се зборува што треба и што не треба да работи берзата, ме потсетува на кафеанските муабети за “оправање” на ова или она… Како и да е, уверени сме дека со проектот за crowdfunding отвораме нова страница во нашите финансиски навики, при што паралелно создаваме инкубатор од кој на среден рок можат да се појават нови котирани компании на Берзата што ни е најголем развоен предизвик. Дополнително, делуваме општествено одговорно и им овозможуваме на младите претприемачи пазарно да ги тестираат и финансираат своите бизнис идеи без да мора да се отселат од Македонија. Поактуелен и помодерен проект, здравје!

shteriev_03-768x513Акционерските друштва, своите идеи и планови се уште ретко ги реализираат преку прибирање средства на Берзата и тоа го прават главно со банкарски кредити. Експертите велат дека тоа е резултат на нивото на корпоративната култура и на традиционалните веќе воспоставени релации меѓу банките и фирмите. Каква е праксата во другите земји во регионот, односно колку Берзата може да биде некаков стимулатор, да креира инструменти за тргување и да биде алтернатива на штедењето во банка?

Состојбите на овој план се исти или многу слични како кај нас во сите поранешни транзициски економии во Централна и Југоисточна Европа, а особено во нашиот регион. Најголем позитивен исклучок е Полска, поради големината на државата и нивниот пензиски систем кој, патем, пред некое време беше етатизиран и веќе не е таков стимулатор за развој на пазарот. Анализирајте ја, на пример, Словенија, нашиот постојан репер, или Словачка, одлично место за живеење со добар животен стандард. Состојбите на пазарот на хартии од вредност според релативните показатели се слични или дури понеповолни. Да не зборуваме за земјите од т.н. група Western Balkans 6  – Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово. Тука сме веројатно лидери во некои работи колку да не ни се допаѓа да се споредуваме со овие држави. Регионално, подинамични и понапредни се пазарите во Хрватска и Бугарија, и општо и во делот на иницијалните јавни понуди и креирањето нови инструменти. Не е случајно што токму со нив го направивме заедничкиот проект СЕЕ Линк. Од овој проект произлегоа некои нови сознанија, но за тоа во друга прилика.

Несоодветните очекувања на поединци, кои ги апстрахираат реалните фактори што влијаат на берзата и на пазарот како целина, предизвикуваат резигнираност од „премалите“ остварувања. Од друга страна, тезите дека овие состојби можат брзо да се променат, само ако се знае и се сака, претставуваат лесно ветена брзина. Не може да се пренебрегне фактот дека создавањето на акционерските друштва е резултат на приватизацијата, дека овој процес не беше спонтан и дека тоа се пресликува на пазарните состојби и аномалии. Поголем дел од состојбите што се детектираат како развојно проблематични произлегуваат токму од таквата еволуција на акционерските друштва, што впрочем е типично не само за македонскиот, туку и за сите пазари на хартии од вредност со слична историја. На нашиот пазар нема класични јавни понуди на примарниот пазар, а главно новите емисии на акции се приватни пласмани. Причините за ова се многу едноставни, но тешко надминиливи.  Новите емисии најчесто не се прават со цел да се финансира нова бизнис идеја или проект, туку се поврзани со потребите на акционерските друштва да спроведат некое регулаторно барање, односно постигнат одредени капиталните цензуси. Често тоа се „скрип“ емисии каде што делот од добивката се распределува во акции преку нова емисија или се случува докапитализација откако компаниите ќе се затворат за берзата и за инвеститорите.  Дополнителен фактор кој негативно влијае на отсуството на нови емисии на акции претставува банкоцентричноста на финансискиот систем и извонредно ниските каматни стапки веќе подолго време. Во вакви околности јасно е дека компаниите по правило ќе го одберат кредитирањето пред докапитализацијата.  И на крај, иако не помалку значајно, големо влијание на овие состојби има преовладувачкиот став на  поголемите успешни компании, кои функционираат како друштва со ограничена одговорност, дека тие генерално не се заинтересирани за трансформација во акционерски друштва и излегување на берза. Оваа нивна незаинтересираност, логично, делумно е предизвикана од истите причини поради кои акционерските друштва не прават јавни понуди, но истовремено е последица и од тоа што компаниите кои би биле добредојдени на пазарот и лесно би можеле да приберат финансиски средства или немаат потреба од дополнителен капитал или имаат аверзија од разводнување на сопственоста или се плашат од обврските за транспарентност. За разлика од процените за потребата од финансиски средства и прашањето на разводнување на сопственоста кои зависат исклучиво од самите компании, стравот од поголема транспарентност е максимално поврзан и со општата клима на однесување во општеството и медиумите. Берзите, оттука, како пазарна инфраструктура во дадените општествени и економски услови во што делуваат можат да иницираат и предлагаат определени решенија за креирање нови инструменти и интензивирање на пазарната динамика, но не можат истите да ги наметнат и пресудно да влијаат на трендовите.

Како прв човек на Македонската берза постојано сте исправени пред предизвици да се зголеми атрактивноста на пазарот, да се зголеми понудата на инструменти, да се привлечат инвеститори, да се усогласи законската регулатива со европските стандарди…Впрочем берзата е инфраструктура што треба постојано да се одрзува и да се надградува, но за сето тоа потребна е енергија, добар тим и јасна стратегија. Ги поседувате ли тие атрибути?

Ова е извонредно комплексно прашање. Берзите во нашиот регион се без исклучок мали компании, со не повеќе од 20-30 вработени, голема зависност од информатичко-комуникациската технологија, релативно ниска капитална база и скромни финансиски приходи. Нашата берза има 15 вработени и вкупни приходи што со години се движат под милион евра, а некогаш и двојно помалку. Управувате со важна инфраструктура, но за разлика од другите видови инфраструктури овде освен грижата за самата инфраструктура сите очекуваат токму вие примарно да се грижите за квалитетот, атрактивноста и бројноста на производите во инфраструктурната мрежа и знаењето, апетитот и здравјето на консументите на тие производи. Плус, сето тоа да биде согласно законските прописи и меѓународните стандарди. Очекувањата на јавноста, стручна и поширока, се големи, а повремените фрустрации, субјективни или објективни, се често присутни. Работите и креирате, оперативно и стратешки, следите меѓународни трендови… Резултатите по default не се чувствуваат брзо, а и кога ќе дојдат за некои пазарни учесници и стејкхолдери се видливи и битни, а за некои не се толку релевантни или дури се дискутабилни. Често предлагате или иницирате нешто, а тие што треба да одлучат во врска со тоа знаат да перципираат дека мислите само на вашите интереси, а не и на некое општо добро. Кога, пак, на пазарот има некои неповолни случувања или движења, тогаш психолошки е полесно да се направи поистоветување на проблемот со Берзата отколку да се преиспитаат сопствените процени и одлуки или објективно да се анализира општествено-економското окружување. Не се малку оние кои тешко акцептираат дека постои разлика помеѓу берзата како организациска пазарна структура и компанија и берзата сфатена како езотеричен феномен. Сето ова одзема многу енергија, некогаш ве одвраќа од претходно зацртаните планови, но сметам дека со избраниот тим на мои блиски соработници, со кои сме заедно повеќе од десетина години и кои се одлични познавачи на проблематиката, во дадените услови успешно одговараме на доверената задача да управуваме со пазарниот оператор. Нашата стратегија е позната – креирање на ефикасен организиран пазар на хартии од вредност во Македонија, што поголема интеграција со другите регионални пазари, максимална дигитализација на работењето и постојано ширење на лепезата на услуги. Немањето посериозни проблеми на пазарот, перманентното квантитативно и квалитативно зголемување на нивото на услуги за брокерите, котираните компании и инвеститорите, високиот рејтинг на Македонска берза во поширокиот регион и иницирање и учество во многу меѓународни проекти доволно зборува само за себе.

Велите дека имате стручен тим со кој ги остварувате зацртаните цели и без кој не би постигнале резултати. Имате ли проблеми да го задржите кадарот? Како го коментирате генерално прашањето на наградување во корпоративниот сектор и транспарентноста поврзана со оваа проблематика?  

Кога се обработува темата на наградувањето во корпоративниот сектор во јавноста, што во последно време веќе не е ретка појава и што е добро од аспект на поголема транспарентност на компаниите, за жал, често целта не е вистинска анализа туку сензационализам, а можеби и нешто друго. На пример, некој збирен износ ќе се подели со определен број луѓе без да се има предвид  дека не постои еднаква дистрибуција на примањата кај сите. Или, некој износ ќе се подели со бројот на вработени на крајот на периодот, а нема да се земе предвид фактот дека не сите вработени биле на платен список во целиот период. Така не добивате факти, туку весела математика. За споредба, Комисијата за хартии од вредност во САД по долги расправи и усогласување на ставови со засегнатите страни, излезе со правило дека компаниите треба да објавуваат податок за релативниот коефициент на платата на топ менаџерот (т.н. CEO pay ratio) кој во основа е базиран на споредба со статистичката медијана во делот на неменаџерските плати, а не на произволно изведени просеци. Слични детално обмислени методологии на овој план се пропишани и во Европа.

Што се однесува до политиката на наградување во Берзата може да се каже дека таа ја следеше судбината на домашниот пазар на хартии од вредност и остварените промети и финансиски приходи во последните десетина години. Во тој контекст, соодносот на мојата плата со вкупните примања на моите главни соработници е околу еден спрема два и е во постојано опаѓање последните години. Една од главните менаџерски цели подолг временски период ми е да најдам начин како првите соработници со кои секојдневно работам да добијат соодветна компензација и да не ја напуштат Берзата, имајќи го предвид нивниот крајно специфичен, редок know-how и повеќегодишните вложувања на компанијата во нив. Ова е особено нагласено во сферата на IT кадрите, област која е многу значајна за берзанското работење.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×