Штериева: Комерцијална банка се врати во кондиција, годинава ќе направиме уште поголем профит!
Објавено на од во Интервју

Интервју со Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор на Комерцијална банка и член на Управен одбор

 

Sterieva-Glavna

За 2016 година добивката пред оданочување се планира да изнесува околу 15,9 милиони евра, што е 67% повеќе од 2015 година. Ова е планирано во услови на очекувано натамошно расчистување на квалитетот на кредитното портфолио и во текот на 2016 година, така што планираната нето-исправка на вредност на кредитите и понатаму ќе претставува значителен износ, кој зафаќа повеќе од 50% од нето каматните приходи.  Покрај тоа, планираниот финансиски резултат за 2016 година, е определен и од ефектот од евидентираната загуба за оштетување на имотот преземен до 01.01.2010 година и по 01.01.2010 година.

 

-Г-ѓа Штериева, Комерцијална банка минатата година оствари профит од 8,53 милиони евра што е шест пати повеќе отколку годината претходно. Како успеавте да ја зголемите добивката во година на политичка и економска криза?

Добивката остварена во 2015 година во најголема мера се должи на интензивните активности за наплата на проблематичните кредити, продажба на веќе преземениот имот, зголеменото кредитирање на населението и понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио.

Се` што претходно наведовме влијаеше на реализираниот позитивен финансиски резултат, но посебно влијание имаше подобрувањето на кредитното портфолио во текот на годината и зголемената наплата на побарувањата. Поради ова, износот на издвоени дополнителни исправки на вредност по основ на кредити е намален во однос на претходната година.

Политичката и економската криза, пак од своја страна, непосредно влијаеја на слабиот раст на кредитното портфолио. Остварениот резултат секако би можел да биде повисок, доколку постои постабилно политичко и економско опкружување.

 

-Какви се Вашите проценки за работењето годинава? Која е целта што сака Комерцијална да ја оствари до крајот на 2016 година?

За 2016 година, добивката пред оданочување се планира да изнесува околу 980 милиони денари, што е 67% повеќе од 2015 година. Ова е планирано во услови на очекувано натамошно расчистување на квалитетот на кредитното портфолио и во текот на 2016 година, така што планираната нето-исправка на вредност на кредитите и понатаму ќе претставува значителен износ, кој зафаќа повеќе од 50% од нето каматните приходи.  Покрај тоа, планираниот финансиски резултат за 2016 година, е определен и од ефектот од евидентираната загуба за оштетување на имотот преземен до 01.01.2010 година и по 01.01.2010 година.

Што се однесува до растот на билансните позиции, планирано е зголемување на активата за 3,9%, што за позначајните позиции би значело зголемување на вкупните депозити за 4,4%, зголемување на капиталот преку зголемување на резервите за 240 милиони денари по основ на распределба на дел од нето-добивката за 2015 година. Со зголемување на резервите дополнително ќе се зајакне капиталот на Банката и стапката на адекватност на капиталот ќе се одржи над 12%.

Вкупните нето-кредити на комитенти се планира да се зголемат за околу 1,8%, при планиран пораст на бруто-кредитите на правни лица од околу 2% и на физички лица од околу 9,5%. Притоа, не се планира промена на рочната и валутната структура на бруто-кредитите на комитентите.

 

-Колку е реално да се очекува зголемување на кредитирањето годинава? Може ли приватните компании да очекуваат дека полесно ќе одобрувате кредити и од што ќе зависи тоа, односно како го проценувате капацитетот на бизнис секторот за кредити?

Неодамна, еден колега банкар јавно проговори за недоволната капитализација на компаниите и ограничувањата што таквата состојба ги предизвикува во поглед на кредитирањето. Целосно се согласувам дека голем број македонски компании се недоволно капитализирани, а со тоа ризични за поголеми износи на кредити. Многу проблеми кои се јавуваат кај компаниите се поврзани со нивната ранливост на најразлични екстерни шокови. Со оглед дека задолженоста им е многу голема во однос на капиталот, тие воопшто немаат капитална заштита и се подложни на проблеми кои може да произлезат од доцнење со наплатата, неможност за измирување на обврските, неможност за набавка на репроматеријали и продолжување на производството.

Со основачки капитал од 5.000 евра и кредити што се повеќекратно поголеми, не е возможно компанија да биде отпорна на проблеми кои се јавуваат во нестабилни опкружувања како нашето, па и на други пазари. Ова го земам како пример, но во реалноста се појавува во најразлични неповолни односи меѓу капиталот и долгот. Наспроти тоа, речиси никој не сака да ја докапитализира компанијата, или тоа го прави преку механизми кои не обезбедуваат подобри готовински текови во компанијата.

Во вакви околности се очекува банките да кредитираат со зголемен интензитет, кредитно да поддржуваат големи проекти и да не прашуваат многу за работењето на компанијата, се` доколку имаат хипотека. Тоа е една превртена пирамида, која на долг рок не може успешно да функционира. Впрочем, затоа и во Македонија кредитната интермедијација е слаба, а на ниво на банкарски систем коефициентот кредити/депозити ретко бил околу 80%.

 

Sterieva-01-Каква е стратегијата на Комерцијална банка за кредитирање на граѓаните? Ќе го следите ли сигналот од Народната банка да се прикочи со потрошувачките кредити за граѓаните и колку според Вас е загрижувачка задолженоста на населението со вакви кредити? Гледате ли опасност да се влоши наплатата?

Во последните неколку години Комерцијална банка го интензивираше кредитирањето на населението. Притоа, водеше политика на умерено реласкирани услови за кредитирање, но истовремено и со ниски каматни стапки. Секако дека ќе го следиме сигналот на НБРМ за забавување на растот на потрошувачките кредити.

Кредитната активност на Банката во сегментот на работа со население во 2015 година забележа пораст во однос на 2014 година, следено според бројот и износот на искористени кредити, а истиот беше за 20,5% повеќе во однос на 2014 година. Доколку ја следиме структурата на кредитите, се забележува дека готовинските кредити беа доминантна категорија во вкупно искористените кредити со учество од 47%. Сепак, нивното учество беше намалено за сметка на зголемување на учеството на станбените кредити кај кои имаше најголем пораст, пред сè поради поволните услови, ниските каматни стапки и продолжените промотивни периоди.

Во 2016 година, Банката продолжува со промотивниот период за одобрување на станбени кредити со валутна клаузула, со конкурентни каматни стапки од 2,9% фиксна за првите три години и 6,85% променлива за остатокот од периодот. Исто така, продолжуваме со промоција на готовинскиот кредит до 10.000 евра – без надомест за одобрување и користење, потоа со склучување договори за деловна соработка со нови фирми продавачи на недвижен имот и продолжување на соработката со постоечките. Наша цел е да им овозможиме поповолни услови, како на клиентите така и на стопанствениците. Секако дека ќе следат и други измени и придобивки кои ќе бидат атрактивни за населението.

 

На Собранието на акционери беше донесена одлука за рапределба на дивиденда и овие денови се последните денови на тргување со право на дивиденда. Според ваши сознанија каква е ракцијата на инвеститорите и акционерите?

Со оглед дека Банката не исплати дивиденда две години по ред, за 2013 и за 2014 година, како резултат на ниското ниво на нето добивка, овогодишната добивка беше антиципирана како сигнал дека ќе следи дивиденда за 2015 уште веднаш по објавување на резултатите во јануари. Оваа објава имаше свое влијание на цената по која акциите се тргуваа на Берзата. Неисплатата на дивиденда претходните две години беше прекин на долгогодишната традиција на солидна дивидендна историја, па затоа и износот на дивиденда за 2015 година предизвика позитивни реакции. Овогодишната дивиденда не само што е за 25% поголема од последната исплатена, туку е и потврда дека банката се враќа во својата кондиција. Дивидендниот принос, како сооднос меѓу дивидендата и пазарната цена со цената реализирана со 31.03.2016 година, изнесува 5,48%, што е неспоредливо повеќе од која и да било пазарна каматна стапка во моментот.

Значајно е да спомнеме дека акцијата на Комерцијална банка е и најликвидната хартија од вредност во Република Македонија, која може да се продаде во секој момент, а за оваа акција постои и континуирана побарувачка. Ако се погледне прегледот на најликвидни акции, што е објавен на веб страната на берзата од почетокот на годината, акцијата на Комерцијална банка е најтргувана акција и според сите три параметри таа е на врвот на списокот на ликвидни хартии.

Сепак, мора да се истакне дека на Берзата има и други квалитетни акции со многу солидни дивидендни приноси, кои имаат континуирана ликвидност и преставуваат добра инвестициска алтернатива.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×