Што бара бизнисот од новата влада !?
Објавено на од во COVER STORY

business vo razlicni uslovi 892Домашните инвеститори очекуваат ист третман како и странските!

Многубројни се мерките што бизнис секторот ги бара од новата власт веднаш по завршувањето на изборите на 11 декември и меѓу другите вклучуваат навремено плаќање на обврските на државата кон приватните фирми, намалување на бирократијата, инвестиции во патната, железничката и енергетската инфраструктура на земјата, но речиси сите менаџери со кои разговаравме, прво што посочија е еднаков третман на домашните фирми со странските инвеститори. Двете најголеми политички партии, ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ во изборните програми дел од проектите ги предвидуваат за домашните компании, но додека ВМРО – ДПМНЕ повторно предност им дава на странските инвеститори со неколку нови проекти во кои што не ги исклучува домашните компании, СДСМ се позиционира како доминантен поддржувач на домашниот бизнис сектор.  

 

  • навремено плаќање на обврските на државата
  • намалување на бирократијата
  • инвестиции во инфраструктурата
  • субвенцинирање и на домашните инвеститори
  • справување со сивата економија
Многубројни се мерките што бизнис секторот ги бара од новата власт веднаш по завршувањето на изборите на 11 декември и меѓу другите вклучуваат навремено плаќање на обврските на државата кон приватните фирми, намалување на бирократијата, инвестиции во патната, железничката и енергетската инфраструктура на земјата, но речиси сите менаџери со кои разговаравме, прво што посочија е еднаков третман на домашните фирми со странските инвеститори.

Велат, кога доаѓа странски инвеститор половина од министрите се креваат на нозе да им обезбедат најдобри услови за водење бизнис, од отворање на фирмите, државна помош за градење на фабриките и ослободување од речиси сите даноци, царини и придонеси, што не е случај кога домашна компанија отвора фабрика.

Извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Фатмир Битиќи, вели дека новата власт мора да преземе повеќе мерки што се толку итни, што „би требало да се преземат уште вчера, а не утре“.

business vo razlicni uslovi 892 02

“Новата Влада мора нејзините политики да ги насочи кон домашните мали и средни претпријатија, бидејќи само тие реално можат Македонија да ја извлечат од оваа кревка економска положба. Да се донесе среднорочна стратегија за економски развој во која најголемо внимание ќе се посвети на развојот на домашните компании и start up бизниси како клучни актери во понатамошниот развој. Тоа би требало да е клучниот фокус на новата Влада. Деловната заедница не сака многу од политиката, туку само да се овозможи да функционира слободниот пазар во поширока смисла на зборот, фер конкуренција и насочување на државните ресурси и кон домашните инвеститори“, вели Битиќи.

Тој додава дека меѓу другото, се подразбира дека од новата власт се очекува да биде транспарентна и отчетна како основни принципи на функционирање на една демократска држава.

Дека домашните фирми треба да бидат приоритетни за новата власт смета и извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

„Во фокусот на новата Влада, треба бидат домашните компании и инвестирање во нивниот развој како генератори на економскиот раст на националната економија. Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија, од каде нема придонес во буџетот преку плаќање на даноци и придонеси. Сивата економија претставува директна нелојална конкуренција на македонските компании која го руши развојот на стопанството во Македонија“, вели Алексов.

business vo razlicni uslovi 892 01

Генералниот директор на компанијата Факом, Златко Симоновски, исто така смета дека клучната промена во економската политика на новата Влада треба да биде поголема наклонетост на домашните фирми како главни носители на економскиот раст.

„Прва работа што мора да се промени е целиот економски модел затоа што вака како што се поставени политиките, очигледно не генерираат висок економски раст. Потребно е да се донесат повеќе мерки во насока на подобрување на условите за водење на бизнис, односно за зголемување на конкурентноста на домашните фирми. Ние немаме ништо против странските директни инвестиции, меѓутоа, новата власт мора да обезбеди еднакви услови за работење и на домашните компании бидејќи сепак тие се многу побројни и главни носители на растот. Мерките би требало да се насочат особено кон поттикнување на извозот, а за да се постигнат најдобри резултати, властите мора да имаат слух за проблемите со кои што се соочува бизнисот и врз основа на тоа да креира политики“, вели Симоновски.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески, исто така вели дека е време да настане благо свртување од ексклузивно субвенционирање на странските директни инвестиции  кон субвенционирање и на домашните фирми.

„Тоа може да се направи ако владата размисли за програма во која ќе ја стимулира домашната додадена вредност, односно субвенции за фирми кои одреден процент од своите репроматеријали ги купуваат на домашниот пазар. Ваква мерка би била независна од сопственоста на фирмата, па ако странските инвеститори може повеќе да се поврзат со домашната економија, тогаш тие нека добиваат поголеми субвенции“, вели Петрески.

Според него, владата мора да да отвори општествена дебата за економските приоритети – што да се финансира во рамки на буџетското ограничување: дали тоа би биле инфраструктурни објекти, дали би ги финансирале иновациите и start up бизнисите, или и понатаму да ги зголемуваме тековните трошења.

„За што и да се договориме дека ќе финансираме, мора да постои максимална транспарентност во трошењето на јавните пари. А во делот на јавните финансии, неопходно е веднаш да се отпочне со фискална консолидација, за што доволно ќе биде придржување кон Фискалната стратегија 2017 – 2019 година“, потенцира Петрески.

Бизнисмените исто така посочуваат дека парите што ги собираат властите од даноци, придонеси и царини, како и тие што ги позајмуваат, мора да ги трошат попродуктивно.

„Очекуваме конструктивен пристап кон инфраструктурни проекти според реалните потреби на економијата или протокот на луѓе и стоки и секако намалување на влијанието на државата врз целокупната економија. Иако се пропагира дека сме настроени кон економски раст и развој, ние не успеавме да имаме раст кој ќе биде на ниво од 5%-6% со кој би се оживеала или “преродила” економијата. Растот  просечно во последните години се движи околу 2,5%, за кој ние сме скептични дека е реален. Очигледно е исто така дека голем дел од растот на БДП се должи на градежништвото, односно фамозниот проект Скопје 2014 и некои други инфраструктурни проекти, кои реално не и помагаат на економијата на долг рок. Оваа инфузија со народни пари некој ден ќе се потроши, па прашањето е што потоа“, истакна Битиќи.

На прашањето колку бизнисмените им веруваат на ветувањата што во изборната кампања ги даваат политичарите, повеќето од нив одговорија дека тоа се нереални и повеќе популистички мерки што искуството покажа дека ретко се реализираат.

Домашните фирми во фокусот на партиските програми

Двете најголеми политички партии, ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ во своите изборни програми се фокусираат на економијата. Меѓутоа, општ впечаток е дека додека ВМРО – ДПМНЕ повторно предност им дава на странските инвеститори со неколку нови проекти во кои што ги вклучува и домашните компании, СДСМ се позиционира како доминантен поддржувач на домашните фирми.

ВМРО – ДПМНЕ на повеќе страници во изборната програма пишува за резултатите од привлекувањето на странските инвеститори досега, и наведува дека во периодот 2017-2020 година ќе продолжи со втората фаза на интензивна изградба на ТИРЗ со динамика согласна со интересот на инвеститорите. Исто така, планира продолжување на промоцијата на земјата во странство, повеќе роуд шоуа и промотори.

Меѓутоа, партијата истакнува дека малите и средните претпријатија, како носители на економскиот развој и посебно на креирањето на работни места, остануваат во фокусот на економските политики. Пакетот реформи во овој сегмент вклучува воведување народен правобранител за бизнис – канцеларија каде што бизнисмените ќе можат да ги презентираат своите потреби, иницијативи и идеи. Бизнис Омбудсманот директно пред Владата ќе ги презентира барањата и потребите на фирмите.

Еден од новите проекти на партијата во изборната програма кој не ги исклучува и домашните инвеститори е Рестартирање на стопанските капацитети – жртви на транзицијата. Партијата предвидува преку Законот за контрола на државната помош да им се овозможи на инвеститори да рестартираат некоја од 320 пропаднати компании во процесот на транзицијата.

„Овие компании се во одмината фаза на стечај, ликвидација или се веќе преземени од доверителите и се предмет на извршување кај различните доверители. Предвидено е на идните инвеститори по стекнување на сопственост на имотот од друштвата да им се понуди државна помош со цел креирање на поголем број работни места, со посебен акцент на ангажман на поранешните вработени- стечајците“, предвидува ВМРО – ДПМНЕ.

Според деталите во програмата, планот за рестартирање на овие фабрики предвидува по 2 илјади евра помош за инвеститорот за отворање на ново работно место, а доколку е стечаец, 4.000 евра за секое ангажирано лице под услов да биде задржан на работа минимум 5 години.

Освен тоа, се предвидува и готовински грант во зависност од инвестицијата во износ од 10% од вкупната инвестирана вредност, но не повеќе од 500.000 евра; ослободување од плаќање на данок на добивка во период од две години; ослободување од плаќање на персонален данок и социјални придонеси во период до 3 години, доколку вработените лица ги задржи на работа најмалку уште 3 години.

Меѓу компаниите опфатени со овој проект се Охис Скопје, Центро Скопје, дел од МЗТ, Хемтекс Скопје, Зора Гевгелија, Млаз Богданци, Јака Табак Радовиш, Фабрика за Кабли Неготино, Фринко Битола, Еуро Ламинати Прилеп, Типо Скопје, Жито Вардар Велес, Жито Скопје, Жито Вардар Велес и многу други.

Буџетот за реализирање на овој проект се проценува на 7 милиони евра.

Друг проект во кој може да се вклучат домашните инвеститори и притоиа да добијат слични даночни олеснувања како и странците во ТИРЗ, е отворање рурални развојни зони.

Во овие рурални зони се предвидуваат даночни и други ослободувања, слични, но и повисоки од оние во слободните економски зони, како и финансиска помош, за отворање бизнис во руралните подрачја. Според планот, ќе бидат поддржани инвестиции во индустриски капацитети, откупно- дистрибутивни центри, хотели со минимум 20 соби, пензионерски домови, спа – центри, болници и спортско – рекреативни центри. Инвеститорите ќе имаат обврска најмалку 80% од вработените да бидат нововработени луѓе коишто биле евидентирани како невработени во АВРМ подолго од 6 месеци.

Притоа, се предвидува ослободување од данокот на добивка, персонален данок  за период од 10 години; ослободување од плаќање социјални придонеси во висина од 50% за период од 10 години; ослободување од надомест за уредување на градежно земјиште продажба на државно неизградено градежно земјиште по почетна цена од 1 евро по квадратен метар; финансиска помош при изградба на нов објект во износ од 20% од вредноста на инвестицијата, но најмногу до 500.000 евра по инвестиција; ослободување од царина и ДДВ за увезената опрема за реализација на инвестицијата; грант за креирање на работни места – 2.000 евра за невработено лице евидентирано во АВРМ подолго од 6 месеци, и 4.000 евра за вработување стечаен работник.

Од мерките за бизнисот, оваа партија се обврзува дека ќе го поедностави и ќе ја зголеми ефикасноста на инспекцискиот надзор, преку консолидација на инспекциските служби и поедноставување на законодавството и намалување на бројот на инспекциските надзори. Планира и воведување бесплатни совети за фирмите од даночната област, воспоставување на попредвидливо даночно и регулаторно опкружување.

ВМРО – ДПМНЕ меѓу своите проекти наведува и дека ќе подготви нова стратегија за развој на мали и средни претпријатија, нова стратегија за женско претприемништво.

Со цел зголемување на конкурентноста на малите и средните претпријатија, ВМРО – ДПМНЕ планира поголема поддршка преку МБПР. Еден од проектите е обезбедување дополнително пари од Земјоделски Кредитен Дисконтен Фонд од 4 милиони евра.

Меѓу другите, партијата планира подобрување на условите од кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи а на располагање ќе бидат 10,8 милиони евра. Се предвидува и осигурување на кредити за подготовка на извоз, и репласирање на 101 милиони евра од кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

СДСМ  во својата програма пак, пишува дека „економијата не може да успее со сегашниот модел на развој кој се базира на странски инвестиции, ниски плати и државни инвестиции во фасади, споменици и административни згради“.

„Нашиот модел на развој се базира врз поддршка на домашните претпријатија, раст на продуктивноста и долгорочни инвестиции. За нас странските инвестиции се дополнување на домашните, но не и нивна замена“, се потенцира во програмата алудирајќи на нееднаквиот однос меѓу странските и домашните инвеститори на кој што досега се жалеа менаџерите на македонските компании.

„Развојот на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните претпријатија, ќе биде наш приоритет. Годишната државна поддршка за поттикнување на домашните претпријатија ќе изнесува 20 милиони евра во првата година, а ќе достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства ќе бидат дополнети со надворешни кредитни линии, како на пример од Европската инвестициона банка“, наведува СДСМ.

Еден од проектите за поддршка на домашните компании на СДСМ е финансирање на 25% од збирот на вкупниот трошок за инвестиција и бруто трошокот за секое ново работно место.

„Поддршката ќе се одвива преку два канала: директна поддршка во износ од 1.000 до 2.000 евра, во денарска противвредност, врз основ на висината на платата за секое новоотворено работно место, каде работодавачот презема обврска да исплаќа бруто плата во период од 2 години; и  ослободување од плаќање на данок на добивка и имот во наредните 5 години. Вкупно искористените средства по двата основа не може да надминат 25% од збирот на трошоците за инвестицијата и бруто платата за првите две години за новите вработени“.

СДСМ ветува и дека ќе овозможи намалување на каматната стапка на кредитната линија од ЕИБ од сегашните 5,5% на 3% годишно.

„Во моментните услови на пазарот,каматна стапка од 5,5% не може да се третира како поддршка“, пишува во програмата на СДСМ.

Развојот на малите и средни фирми според СДСМ, неминовно е поврзан со пристапот до пари и за таа цел партијата меѓу своите проекти наведува докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) и зголемување на нејзината улога во економијата.

Притоа партијата планира да основа гарантна шема преку МБПР за два поединечни производа – инвестициски кредит за секоја компанија која може да обезбеди 15% сопствено учество за инвестициски проект, државата преку МБПР да обезбеди гаранција во висина од 75% од инвестицијата, а 10% да останат ризик на банката; и кредит за обртни средства односно државна гаранција за секоја мала или средна фирма  која има потреба од краткорочен кредит за обртни средства до износ од 30.000 евра, со рок на отплата до 1 година.

Меѓу останатите проекти за финансиска поддршка на фирмите, СДСМ планира да воведе микро кредитна линија за поддршка на start up и микро компании до 10 вработени во висина до 15 илјади евра и кредитна линија „Заем за франшиза и мешовити инвестиции” до 50 илјади евра.

„Поради помалите износи и ризикот деловните банки да немаат соодветен интерес за овие линии, тие директно ќе се реализираат преку МБПР“, предлага СДСМ.

Освен тоа, СДСМ во програмата ветува основање на инвестициски фонд за вложување во start up бизниси и мали и средни фирми со малцинско учество на државата, а преку 51% да биде во приватна сопственост.

Во програмата, СДСМ се задржува на неколку болни точки што бизнисмените во последните неколку години ги посочуваа како најголеми проблеми.

На пример, ветува дека владата и јавните претпријатија нема да доцнат во плаќањето на своите обврски по основа на склучени договори, набавени стоки или услуги.

СДСМ се обврзува да ја оттргне политиката од економскиот живот преку низа мерки и измени на законите кои ќе значат минимизирање на можноста државните институции да ги уценуваат фирмите и планира да воведе постојана комуникација меѓу бизнис – заедницата и владата. Во врска со казнената политика, СДСМ потенцира дека превенцијата инспекциските служби нема да бидат инструмент за репресија и политички притисоци. „Прво – опомена за сторен прекршок; само при негово повторување – казна“, предвидува СДСМ.

Во врска со странските директни инвестиции, СДСМ ветува дека ќе води активна и транспарентна политика на нивно привлекување.

„Значењето на странските инвестиции го гледаме, пред сè, како пристап до нови технологии, знаења и нови пазари. Нашата политика ќе се разликува од сегашниот целосно нетранспарентен пристап базиран врз скапи реклами и белосветски патувања на владини функционери. Нашата политика ќе се базира на промоција на поволно и стабилно деловно опкружување, независни и професионални институции, високо ниво на демократска свест, ефикасен правен систем, квалификувана работна сила, активна политика на поддршка на инвестиции и даночни олеснувања. Без разлика на нашето несогласување со сегашната политика кон странските инвестиции, сите обврски кои се преземени кон постојните странски инвеститори целосно ќе се почитуваат, а преземаме обврска да ги објавиме сите склучени договори“, ветува СДСМ.

Програмата на партијата предвидува во првите 100 дена да се направи детална cost/benefit анализа од вложувањата и придобивките од процесот на привлекување на странските компании за да се добие објективно согледување на ефектите од спроведените политики и ефикасно моделирање на идните мерки.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×