Светот и Македонија полека излегуваат од пандемиската криза со корона вирусот (прогласена за ендемиска). Сега главна е енергетската и економско финансиската криза проследена со инфлација (последица на неработењето и сите финансиски стимулативни мерки дадени во двете години наназад во пандемијата). Светските енергенси бележат историски највисоки цени, малите и средните економии се во големи финансиски проблеми. Се повеќе се чувствува неликвидност. Безбедносните ризици како можната голема војна меѓу Русија и Украина (до овој момент на пишување на текстот Русија веќе ги зазеде двете области во Украина) се заканува да ја продлабочи енергетската и економската криза во Европа. Тука Македонија добро стои оти ние едноставно, како што може да се слушне од надлежните, не работиме со Украина, а речиси ништо немаме ни со Русија. А и не користиме гас … Да станува збор за некоја друга посериозна држава во Европа ќе кажев интелигентна политика воделе македонските власти … но, во нашиот случај тоа било само триесетгодишна немоќ … Се спасивме со „не чинење„! Сепак … Македонија плаќа висока цена … која директно влијае на растот на економијата и удира по животниот стандард на граѓаните. Како да се менаџираат повеќето кризи?
Сега е време за јакнење на свеста дека најголем резултат после оваа криза со корона вирусот е – да се сочува претприемачкиот дух и претприемачката слобода. Ниедна цена што ќе се плати не треба да биде во функција на уништување на претприемачкиот дух кај граѓаните. Тоа ќе има далекосежни и неповратни лоши ефекти по здравјето на македонската економија на среден и долг рок…
Иако, што се однесува до блокирањето на развојот на слободното претприемништво и силната енергија кај младите луѓе да почнуваат свои проекти, сите овде разбираме дека тоа некој силно го посакува не само денес, туку и 30 години наназад!? Затоа и имате мал број ликови во државата кои поседуваат, за наши поими големи компании добиени на разни нејасни и нереални начини …!? И сега, во вакви длабоки кризи, не знаат што да им прават!? Сега е згодно да потсетиме пак, дека на овие простори систематски триесет години е уништуван претприемачкиот дух кај луѓето! Од партиите и од владите. Отсутност, неработење, неносење одлуки, подметнување, рекетирање …! Отсуство на стимулации за претприемништвото. Долга е таа приказна! И не е убава за читање и слушање.
Околу претприемништвото … Тоа најдобро до сега го разбра поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Претприемништвото е клучен ресурс за одлична економија, и темел на цивилизацијата, вели таа. Во времето кога почна пандемијата во 2020, Меркел им понуди (покрај се’ останато) на сопствениците на компании атрактивен модел на докапитализација. Значи на сите компании до 250 вработени кои не можат да плаќаат (инсолвентни) и на кои поради тоа им се заканува банкрот, државата понуди финансиска помош. Но … за возврат државата ќе влезе пропорционално и процентуално во сопственичката структура. Тоа е изнудена докапитализација на германското стопанство на средните компании во земјата. Но, идејата на концептот на Меркел беше кога ќе помине кризата сопственикот на компанијата да си го откупи делот од државата која таа го стекнала во времето на оваа криза. На овој начин паметната германска канцеларка прави две одлични работи за „денот потоа …„?
Прво, праќа недвосмислена порака дека државата и стопанството од криза може да ги извлече исклучиво претприемништвото, оние паметни и работливи херои претприемачи и сопственици на приватни компании, а не тоа да се чека од државата на која местото воопшто не и е во економијата.
Второ, создава доверба и сигурност кај банките дека тие можат сега без страв што ќе се случи да кредитираат токму такви претприемачи.
Погодувате … По објавувањето на овој модел за помош и заштита на претприемачите индексите на берзите низ Германија и ЕУ скокнаа.
Кои производствени ланци се неповратно прекинати, а кои ланци можат брзо да се реанимираат? Кои производства се загрозени? Кои услуги исчезнуваат? Колку компании ќе пропаднат? Колку работни места ќе се угасат? Колку БДП-а (бруто домашни производи) ќе бидат „спржени„? Има ли пари да се затнат сите дупки, како опасно заразената економија и економии во светот не би почнале забрзано да пропаѓаат!? Прогнозите и предвидувањата стануваат се’ понесигурни и попесимистички и тоа од час во час и од ден во ден. Многумина велат дека дошло време на „бела смрт на белата експертиза„!
Две школи
Во тој период на почетоците на пандемија, па се до овој момент, во САД и во ЕУ се појавија две големи „школи на мислење„ околу борбата со економската криза предизвикана од корна вирусот. Тоа сега важи за инфлацијата периодов во САД, но и енергетската и финансиската криза во Европа. Се заговараат две тактики. За нив веќе пишував, но не е лошо да повториме.
Првата тактика е „general escape clause„! Втората е „дожд од пари врз компаниите„. Првата тактика е „клаузула за бегство„ за која се вели дека промовира забавено враќање на долговите (одлагање на отплата на даноците и кредитите).
Втората тактика, пак, промовира истурање на дожд од пари, колку е потребно толку, заради зачувување на економската активност (зголемување на ликвидноста, државни субвенции и во суштина попуштање на сите кочници на монетарната и фискалната политика од страна на владите). Зголемување на платите, пензиите и со тоа зголемување на потрошувачката, но и зголемување на инвестициската потрошувачка од страна на државата со цел зачувување на економската и деловната активност на компаниите и проектите.
Тоа и се случува денес … За разлика од економската и финансиската криза низ светот во 2008 година, кога неодговорните банкарски мешетари, па и влади ширум светот – „спржија„ илјадници милијарди долари и евра, а стопанствата и компаниите во нив, ги оставија на цедило, сега нештата се поразлични … Гледаме дека државите и централните банки нудат стотици, илјадници милијарди долари и евра со цел имунизација на граѓаните и на стопанствата (зачувување на работните места и деловната активност). Крајната цел стопирање на бранот на банкроти од незамисливи размери со кои се соочува буквално секоја економија. Малите економии како македонската се посебно ранливи и ризични…
Сите ние се бориме всушност со две пандемии: пандемија на вирусот (здравствен проблем), како и пандемија на паника (страв од економска пропаст за време вирусот). Што ќе се случува во две три години на напред. Некако сега сите бегаат од пазарната економија, а се повеќе бараат држава – етатизам!?
Од друга страна, сите сме свесни дека, секоја изгубена компанија подразбира крај на еден производствен процес, крај на еден дистрибутивен процес, отпуштања на вработени во фабриката, во дистрибуцијата, намалување на бизнисот и проблеми за добавувачот на суровини, помалку придонеси од плата во пензиските и здравствените фондови и помалку данок во Буџетот на земјата. Следствено државата е во проблем оти има помали можности за трошење. Дали носиме заклучоци? Дали конципираме стратегии? Што научивме, или што секојдневно учиме од овие многу кризи?
Ако за 2020 и 2021 беше важно зачувување на работните места, оти таквите политики обезбедуваат агрегатната потрошувачка да остане на стандардно рамниште како и пред пандемиската криза, денеска македонската економија е во своја втора и трета фаза на криза кога државните мерки за заштита на работните места нема да бидат доволни, затоа што компаниите, директорите, управните одбори и со еден збор сопствениците и инвеститорите ќе влезат во еден „волшебен„ круг на неликвидност. Тоа веќе се случува. Компаниите ќе запаѓаат во разни кризи. Инсолвентноста ќе се зголеми, поради намалувањето на ликвидноста (отсуство и стопирање на деловната активност – нема излезни фактури!? И плус на тоа многу тешко се наплатува претходно сработеното).
Оттука, во светлото на благото закрепнување на европските економии, Британија и САД, за македонската економија и за земјите во регионот се поставуваат следните прашања …
Треба да се знае дека најважната задача на Буџетот е непосредно да ги финансира сите трошоци на борбата за намалување на економската штета. За загрозените граѓани, и деловите на стопанството кои со овие кризи ќе бидат најмногу погодени. Оттука се сугерира поагресивно задолжување на државата. Можеби зголемување на буџетските дефицити и јавниот долг (додека траат кризите) дури и тоа зголемување на јавниот долг биде релативно големо, под услов овие средства да се насочат рационално, одговорно и каде што треба. По острите падови во претходните две години, сега е многу важно стопанството и економијата, исто така остро и брзо да влезе во зона на брзо закрепнување.
Кои производствени ланци се неповратно прекинати, а кои ланци можат брзо да се реанимираат? Кои производства се загрозени? Кои услуги исчезнуваат? Колку компании ќе пропаднат? Колку работни места ќе се угасат? Колку БДП-а (бруто домашни производи) ќе бидат „спржени„? Има ли пари да се затнат сите дупки? Прогнозите и предвидувањата стануваат се понесигурни и попесимистички и тоа од час во час и од ден во ден. Многумина велат дојде време на „бела смрт на белата експертиза„!
Пред извесно време група претприемачи и интелектуалци испивме едно неофицијално кафе, а потоа дискутиравме и онлајн онака ентузијастички … Со вредно микроекономско, а и макроекономско искуство составивме еден список на можни мерки со показатели и конкретни предлог мерки во чиј центар се – буџетски суфицит (индуциран се разбира) и високите девизни резерви на земјата.
Борбата со економската криза и падот на БДП треба оди преку промена на ПАРАДИГМАТА!? Ако во 2017 година, при промената на власта (доаѓањето на Зоран Заев за премиер) беше спасуван Буџетот од банкрот за да подоцна се спаси целата економија со тоа што ќе се обезбеди силен простор за капитални инвестиции, сега мора да се спасува стопанството – компаниите, за да се спаси Буџетот подоцна (пензиите, платите на администрацијата, јавните капитални инвестиции …!? Таква е оваа криза и бара сосема спротивен пристап и мерки. Или како што во Хрватска на површина се популаризираше слоганот “Država sada mora da plaća privredi da bi privreda sutra mogla da plaća državi”
Како да се финансира растот?
На Владата ѝ се сугерира дека не е време за штедење (се’ помалку има од што да се штеди), туку за трошење што повеќе пари е можно! „Масивен фискален стимуланс„. Како? Задолжување, се разбира. Стопанството да преживее да може да плаќа.
Ова ќе има за последица зголемување на јавниот долг како процент од БДП и повеќе од 65%, или нешто под (но се заговара ако треба и повеќе, во ЕУ сега се дозволи затоа што го суспендираа Пактот за стабилност и раст). Најмногу пари од Буџетот државата би потрошила на покривање на минималната плата, пензии, стимулации за претприемачите. На Балканот и во Европа се повеќе се заговара мерка – отпис, а не одлагање).
За проблемите на среден рок, економисти и претприемачи предлагаат и поддршка на финансискиот сектор, на пример кај Развојната банка на Северна Македонија, со неколку стотици милиони евра. Пари кои директно ќе бидат пласирани во стопанството, не преку деловните банки, како секторска поддршка на посебни стопански гранки за кои ќе биде оценето дека се важни за економијата на државата.
Најважната задача на Буџетот е непосредно да ги финансира сите трошоци на борбата за намалување на економската штета. За загрозените граѓани, и деловите на стопанството кои со оваа криза ќе бидат најмногу погодени. Затоа, потребно е поагресивно задолжување на државата. Еднократно, привремено зголемување на буџетскиот дефицит и јавниот долг (додека трае кризата економската и финансиската криза кои се производ и на пандемијата и енергетската криза) дури и во случај тоа задолжување и зголемување на јавниот долг биде релативно големо, под услов овие средства да се насочат рационално, одговорно и каде што треба. Многу е важно стопанството и економијата, исто така остро и брзо да влезе во зона на брзо закрепнување. Државата не смее да размислува на одлагање на било каква помош за стопанството. Таа мора се случи веднаш.
Треба да се разбере дека покренувачите на бизниси, стопанствениците и претприемачите престануваат да плаќаат даноци и придонеси оти немаат од каде, а не затоа што не сакаат. На работниците им плаќаат колку можат, а не дека не сакаат да ја почитуваат минималната плата. Ако бидат притиснати ќе мора да отпуштаат вработени …!? Ако не се работи и десет дена огромен број претпријатија ги губат финансиските резерви, тешко доаѓаат до свежи пари и со тоа не можат да го компензираат недостатокот од приходи. Во нашиот случај наивно е да се верува дека претприемачите имаат некаква акумулација со која ќе ги финансираат трошоците во ваква ситуација … Тие се сами со себе! Се преиспитуваат, и ги преиспитуваат своите бизнис модели, може ќе се селат надвор, може ќе одат во стечај (едвај чекаат некои од нив) … Државата мора да го има ова предвид …
Како македонската економија ќе го финансира растот? Ако е преку задолжување, тогаш како да направиме добро задолжување?
Прво, внатрешна буџетска резерва, задолжување на внатрешниот пазар на хартии од вредности и второ – задолжување на меѓународниот пазар на капитал. Може да се оди на лансирање на еврообврзница. Треба да се процени вистинското време за нејзино лансирање!?! Кога и колку ќе се задолжиме и по која камата? Во меѓувреме ММФ (Меѓународниот монетарен фонд) и Светската банка ни се на располагање … Тие всушност цело време, три децении, ни се на располагање …
Што и како да се финансира и помогне на малите и средните бизниси? Една мерка која, економистите и претприемачите ја сугерираат е уште посилно помагање на гарантниот фонд. Основање на повеќе такви. Банките во тој фонд да внесат неколку стотици милиони евра, а државата да преземе одговорност, да гарантира за еден дел од тие милиони евра како би се финансирале малите бизниси.
Друга добра мерка, која се’ уште овде не се практикува е издавање корпоративни обврзници за големите и средните компании за силно подигање на овие компании во брзо време.
Коперникански пресврт! До каде може да се оди со државен интервенционизам?
Мислењата за улогата на државата во овие кризи се поделени. Но … се чини дека никој во приватниот сектор, особено големиот бизнис, не сака да се откаже од помошта на Владата. Кај дел од стручната јавност најавите за силен државен интервенционизам предизвикуваат нервоза и паника. Некои упатуваат на прочуената мисла на Роналд Реган: „Најстрашната реченица во англискиот јазик е: Јас сум од Владата и тука сум да помогнам„.
Анализите одат во правец на јасните заклучоци дека „социјализација на загубите„, со своите докажани погубни последици во комунизмот, секогаш звучи деструктивно затоа што на тој начин се уништува суштината на пазарната економија. Се создава долгорочно неодржлив раст на јавните долгови, а некаде може да се стимулира и провоцира инфлација што на крајот ја плаќаат сите даночни обврзници.
Сепак, и економската наука и бизнисмените и аналитичарите, горе долу, се согласни и предлагаат мерки како и сите влади во светот: со фискални стимулации да се угасат економските, политичките и социјалните пожари.
Некои дури носат храбри заклучоци – дека зад овој коперникански пресврт, и вртење кон државната интервенција во приватниот сектор и стопанството – таа како клучен економски регулатор на редистрибуцијата, по се изгледа се крие веќе постигнат глобален консензус, да сегашната фискална комоција (долгот) на државите, за година две да се опрости, или да се репрограмира … Веќе почна да се повикува размислување и за специјална меѓународна конференција за оваа цел.
Злоупотреба на државата – пандемијата и владиното арбитрирање
Од друга страна, пак, познато е и на примерот на Македонија и од други примери во регионот дека компаниите особено нивните газди лесно влегуваат во разни односи со политичарите Откако во тој однос долго време „ќе се прави се’ и сешто„, и кога таа „љубовна врска„ доаѓа во криза обично работите завршуваат така – политиката го става во скут претприемачот … и потоа „небото е лимит„ што се’ се случува. Што најмногу страда овде? Претприемништвото, секако.
Дали е ова моментот на силното влијание на државата во борбата со економската криза предизвиканата од пандемијата? Или е можеби злоупотреба на државата која се нашла во комотна позиција да арбитрира? Еве, до какви дефекти доаѓа кога се зборува и чека помош и субвенции од државата, а не се зборува за реални економски индикатори и параметри кои ќе дадат можност компаниите кризата да ја надминат со пазарни механизми, законски дефинирани и донесени од државата, секако.
На пример, ако постојано зборуваме за помош (а ние во нашата паразитска економија зборуваме исклучиво за помош веќе 30 години од независноста до денес), тогаш се поставува прашањето – како државата ќе бира приматели на помош, по кои критериуми ќе одлучува кому ќе ја даде помошта, кој тоа ќе го одлучува? Имајќи го предвид македонскиот менталитет …
Затоа што, масивните државни субвенции можат да бидат многу плодна почва за пораст на корупцијата. Затоа прашањето е дали ова ќе оди со субвенции или со евтини кредити!? Затоа што десетици и стотици милиони евра кои се споменува како долна граница на државни субвенции (!?), доволно е да Македонија биде лансирана во врвот на коруптивните држави. Одомаќинетиот принцип „рака раката ја мие„, преку евентуалните нови државни давања (нешто слично како во деведесеттите години), на среден рок, уште повеќе ќе го осиромаши населението, а од друга страна ќе им овозможи на „бизнисмените домашни љубимци„ на сите политички елити во земјата (без исклучок оти токму тие покажаа дека, без остаток можат да се „љубат„ со сите партии) да ги зголемат своите „мали задолжени феуди„. Случајот, пак, со уапсениот хрватски актуелен министер во владата на Пленковиќ, од пред неколку дена, доволно илустрира како завршува оваа приказна. Разликата е само во тоа што Хрватска е земја членка на ЕУ, а Македонија не е … Мала разлика нели …




















