Што и каде извезува македонската економија: Дури 47% од извозот оди во Германија
Објавено на од во Економија
Ако до пред неколку години најизвезувани македонски производи беа нафтените деривати и челикот, сега по влезот на странските инвеститори најмногу извезуваме автомобилски делови, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили…. Според податоците, во слободните економски зони се создава околу 45% од целиот извоз на Македонија, а дури 47% од вкупниот извоз е насочен кон Германија, што во најголем дел се должи на извозот на автомобилски делови. Капитал анализира што извезуваа македонските извозни компании во изминатата година?
Извозот на македонски производи и услуги минатата година достигна 5,86 милијарди евра, што е годишен раст од 17%. Извозот минатата година растел побрзо од увозот кој порасна за 12%, па така трговскиот дефицит е благо намален и достигна 1,8 милијарди евра, што е покриеност на увозот со извозот од 76,4%.
Благодарение на извозот од зоните македонскиот извоз во изминатите 10 години бележи раст од 131%, додека увозот е зголемен за 85%. Но, ако се гледа извозот како учество во вкупниот БДП, македонскиот извоз е се уште мал и се движи некаде околу 50% од БДП, што ја прави македонската економија прилично затворена.
Целта на оваа влада е извозот да достигне учество од 70% или зголемување на извозот за една половина од она што сега го извезуваме, што е прилично висока цел за постигнување, ако се суди според сегашната ситуација во која се наоѓа македонската економија.
Имено, податоците покажуваат дека само 3.500 компании извезуваат, што е само 5% од вкупните деловни субјекти во земјава.За мала земја како Македонија со ограничен и мал пазар, единствената шанса за побрз и поголем економски раст може да дојде од зголемената надворешна побарувачка, односно од зголемениот извоз. Основните предуслови ги има, односно Македонија е членка на Светската трговска организација, има Договор за слободна трговија со ЕУ и е членка на ЦЕФТА која овозможува бесцарински извоз и трговија со земјите од регионот. Но, се чини договорите за слободна трговија не можат многу да помогнат во услови кога производите кои се извезуваат се неконкурентни на странските пазари. Оттука, целата стратегија за зголемување на извозот треба да се фокусира на тоа како македонските извозни компании да станат поконкурентни, и според квалитет и според цена.
11x
Што извезува Македонија?
Ако до пред неколку години најизвезувани македонски производи беа нафтените деривати и челикот, сега по влезот на странските инвеститори најмногу извезуваме автомобилски делови, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили…. Но, истовремено странските фабрики многу го зголемуваат и увозот.  Речиси сите суровини и репроматеријали кои ги употребуваат странските фабрики во зоните се од увоз. Веќе неколку години наназад најувезувани ставки се платината, паладиумот и други хемиски производи кои ги употребува најголемиот извозник Џонсон Мети. Анализата на увозот по производи покажува дека петте најголеми ставки на страна на увозот лани биле суровини кои во производството ги користат најголемите извозници од зоните.
Според податоците, во слободните економски зони се создава околу 45% од целиот извоз на Македонија.
12xАко се анализира вкупниот македонски извоз направен минатата година дури 1,2 милијарди евра или 25% од целиот извоз на државата отпаѓа на извозот на катализатори за автомобилска индустрија кои ги произведува Џонсон Мети во зоната Бунарџик.
Ако на тоа се надоврзе извозот на филтри за прочистување на гасови од 616 милиони евра и сетови за спроводници за палење од 480 милиони евра исто за автомобилската индустрија лесно се доаѓа до заклучокот дека речиси половина од македонскиот извоз го прават странските инвеститори кои работат во зоните и произведуваат делови за светските автомобилски гиганти.
Извозот на железо и челик минатата година изнесувал 421 милион евра, додека следни ставки се извозот на текстилна конфекција во вредност од 353 милиони евра, извозот на производи од метал во вредност од 219 милиони евра. Извозот на автобуси лани достигна 175 милиони евра, додека извозот на седишта за моторни возила дури 202 милиони евра.
Голем девизен прилив земјата остварува и од извозот на тутун и цигари, кој лани достигна 128 милиони евра, додека од извозот на пијалоци извозните компании лани заработиле 65,8 милиони евра. Извозот на фармацевтски производи минатата година достигна 88,4 милиони евра и најголем дел од нив отпаѓаат на лековите кои ги извезува Алкалоид.
Извозот на акумулатори минатата година достигна 75 милиони евра, додека извозот на мермер и градежни материјали над 73 милиони евра.
16xИзвозот на храна како најголем неискористен потенцијал
Македонија иако важи за земјоделска земја, е нето увозник на храна. Иако има обработливо земјиште и поволна клима, се уште голем дел од обработливото земјоделско земјиште стои необработено. Производството на примарни земјоделски производи и покрај милионските субвенции кои државата ги исплаќаше во изминативе десетина години не забележа зголемување, туку напротив во некои култури има и намалување на производството. Приносите кои се добиваат се мали ако се споредат со некои други поразвиени земји, што не е за чудење ако се знае дека само 4% од обработливата земјоделска површина е покриена со системи за наводнување.
Изминатата година Македонија извезла храна во вредност од 319 милиони евра, што е зголемување од околу 4% во споредба со минатата година.
Ако се анализира извозот на земјоделски и прехранбени производи, тога најголем удел има извозот на зеленчук и овошје, кој минатата година достигна 145 милиони евра и бележи мало намалување од околу 3%.
Втора најголема извозна ставка се кондиторските производи чиј извоз надминува 60 милиони евра годишно, кој лани е зголемен за околу 10%.  Голем извозен прилив од околу 50 милиони евра годишно носи и извозот на вино, од кое најголем дел е извозот на наливно вино.
Следи извозот на месо и преработки од месо, кои заедно носат 25 милиони евра извози приходи. Вкупниот извоз на месо минатата година од земјава изнесувал 10,7 милиони евра, и од него речиси 90% или 9,8 милиони евра отпаѓа на извоз на јагнешко, а помал дел на извоз на овчо месо.
Но, извозот на месни преработки минатата година бележи голем раст од дури 41,7%, благодарение на намалената царина за увоз на смрзнато месо за преработки, мерка што владата ја донесе минатата година, а која производителите од овој сектор ја бараа веќе подолго време тврдејќи дека плаќањето на царина за увоз на суровини кои не се произведуваат доволно дома ги прави неконкурентни и им го намалува извозот.
Извозот на млеко и млечни производи минатата година изнесувал 10,2 милиони евра, од кои 3,2 милиони евра се млеко и павлака, 3,5 милиони евра е извозот на кисело млеко и 2,7 милиони евра извоз на јогурт. Извозот на сирење минатата година бил 1,47 милиони евра. Минатата година од Македонија се извезувале и јајца во вредност од 718 илјади евра.
Интересно е што расте во последниве години извозот на мед и минатата година изнесувал 561 илјада евра. Вкупниот извоз на зеленчук од Македонија минатата година изнесувал 55.7 милиони евра. Најизвезуван зеленчук од Македонија лани била зелката во вредност од 15,3 милиони евра. Од извоз на домати лани е остварен девизен прилив од 10,6 милиони евра, следи извозот на пиперки од кои лани се заработиле 10,5 милиони евра.
 
14xКои се најголемите извозни пазари за македонските производи?
Ако се анализира македонскиот извоз направен во изминатата година најголемиот дел или дури 47% е насочен кон Германија. Во Германија минатата година сме извезле производи во вредност од 2,7 милијарди евра, што е зголемување од 17,2% за една година. Речиси целиот извоз кон Германија отпаѓа на извозот на автомобилски делови кои се произведуваат во фабриките кои странските инвеститори ги отворија во слободните економски зони. Најголем дел од извозот кон Германија отпаѓа на компанијата Џонсон Мети, чиј извоз надминува 1,5 милијарди евра.
На листата 20 најолеми извозни пазари нема некои поголеми измени во споредба со претходната година. Бугарија и понатаму останува наш втор најголем извозен пазар, каде лани се продале производи во вредност од 305 милиони ера, што е годишен раст од 4,05%.
Трет извозен пазар за македонските производи е Србија каде лани сме имале извоз од 235 милиони евра, кој за една година бележи раст од 7,42%. Косово е четврт најголем извозен пазар за македонските производи каде лани сме продале производи во вредност од 226 милиони евра. Петтото место и припаѓа на Белгија каде лани е зголемен извозот за 23% и достигна вредност од 219 милиони евра. Грција со извоз од 190 милиони евра е шести најголем извозен пазар за македонските производ и раст минатата година од 5,76%. Следат Италија, Романија, Австрија, Унгарија, Велика Британија…
Најголем раст минатата година е забележан кај извозот во Австрија од дури 127%. Втор пазар со најголем раст од 60% е Унгарија, каде лани македонските производи извезле производи во вредност од 120 милиони евра. Со трет најголем раст од 51% лани е извозот во Велика Британија кој достигна 102 милиони евра. Раст има и кај извозот во Белгија од 23,7%, во Холандија од 23,5%, Чешка од 22,3%, САД од 17,7%…
Интересно е што извозот кај сите 20 најголеми извозни пазари минатата година бележи раст.
Дури 91% од вкупниот извоз на македонски производи е на овие 20 најголеми извозни пазари, каде вкупниот извоз за минатата година изнесувал 5,4 милијарди евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×