Сила и немоќ.
Објавено на од во Колумни
Новинарот странец, во 1989 година, го прашува романскиот претседател Николае Чаушеску  како го оправдува фактот дека граѓаните на Романија не смеат да патуваат преку границата иако во романскиот устав е гарантирана слободата на движење на граѓаните. На ова прашање Чаушеску тоталитарно и со сталинистичка софистицираност одговара:„… Да, навистина уставот на Романија го гарантира слободното движење на граѓаните. Но, во исто време уставот на Романија го гарантира и правото на луѓето на сигурен и просперитетен дом. Оттука, овде имаме потенцијален судир на правата: ако на граѓаните на Романија им биде допуштено слободно да ја напуштат земјата, ќе биде загрозена благосостојбата на домовите и на државата, па тие тогаш во опасност ќе го доведат своето право на држава. Во тој судир на права мора да се донесе одлука…Секако дека правото на сигурна татковина има приоритет …„ Вака го  завршува своето последно интервју Чаушеску, само неколку недели пред народот да му пресуди!!!

1.

Во абортирани општества без институции, во кои луѓето едноставно не можете да ги третирате како граѓани, оти тие така не се чувствуваат, затоа што живеат под границата на човечки достоинствен минимум, тогаш во таквите општества „слепите во власта и слепите во опозицијата владеат со … и водат слепи луѓе„.

Демократијата во такви друштва е најголемата жртва и прва страда„. Се разбира тоа во реално време никој не го гледа оти нема кој да јави … оти нема институции… оти демократијата прва настрадала од поодамна …!?

Така е со се овде … Така е од поодамна во Македонија …!?

Ова што гласно го кажав би го илустрирал многу едноставно …

Еден од поважните словенечки теоретичари и филозофи на денешницата Славој Жижек се присеќава на последното интервју на Николае Чаушеску за странски медиуми, пред тој да биде урнат од власта и истата вечер погубен заедно со неговата сопруга … Новинарот странец го прашува романскиот претседател како го оправдува фактот дека граѓаните на Романија не смеат да патуваат преку границата иако во романскиот устав е гарантирана слободата на движење на граѓаните. На ова прашање Чаушеску тоталитарно и со сталинистичка софистика одговара:

„Да …навистина уставот на Романија го гарантира слободното движење на граѓаните. Но во исто време уставот на Романија го гарантира и правото на луѓето на сигурен и просперитетен дом. Оттука, овде имаме потенцијален судир на правата: ако на граѓаните на Романија им биде допуштено слободно да ја напуштат земјата, ќе биде загрозена благосостојбата на домовите и на државата, па тие тогаш во опасност ќе го доведат своето право на држава. Во тој судир на права мора да се донесе одлука…Секако дека правото на сигурна татковина има приоритет …„, завршил Чаушеску!!!

Оставајќи не да „крвариме„ со нашите „национални трагедии„, од која ниту една не е разрешена, веќе две и пол децении меѓународната заедница, ЕУ, САД, НАТО, па ако сакате и Русија, ја изолираа Македонија. Таа денес се дави во својата секојдневна апсурдност на постоење. Сите ние во неа секојдневно гниеме… Со рециклирање на тешките државни скандали, со демагогија дека својата независност сме ја добиле без крв и испукан куршум !? А за која ли независност зборуваат само, оти нели е смешно да кажете за ваква Македонија дека е независна!? И како тоа без крв??? … Па четири претседатели сме имале досега од кои два под неразјаснети околности се “елиминирани„ значи 50%), преку 500 мртви низ малите „килави„ војни и безбедносни кризи, уште стотици илјади „мртви души„ на болната и криминална, а озаконета транзиција …!?

Е за тој Западен Балкан, и за таа Македонија, Европа всушност си ја зела улогата на Чаушеску од примерот, оти и според македонскиот Устав ние имаме право да ги уживаме благодетите на нашиот дом и држава и тоа право, Европа денес егоистично толкува, дека е во судир со правото на слободно движење …!? А ништо не решава … „Крвариме„ во нејзините пазуви.

Оттука прашањето е – зошто деновиве ЕУ е вознемирена од масовното иселување на жителите на Косово? Зошто е вознемирена од исселувањето на жителите на Македонија и Србија? Зошто? Каков е тој експеримент што се врши врз подрачјето на Западен Балкан!? Во кои други општества и држави власта и опозицијата ви се однапред дефинирани и така во вечноста … Па кога ќе ви се појави Ципрас и Варуфакис не знаете како … Ќе дознаете секако наскоро …

Клучното прашање секако е: Каква политика води Европа денес, и што таа всушност сака?

Данте Алигери напишал – колку чини крвта, за тоа таму не се мисли!!!

Илустрација:

„Господин Годо ми рече да ви кажам дека вечерва нема да дојде,но утре сигурно ќе дојде„, рече младичот со глас полн со срам и тага …

Во театарот, според пишувањето на Њујорк Тајмс, толку било тишина што „единствените звуци доаѓале од надвор, од улиците, а звуците доаѓале од оклопните возила на ООН, а некаде во далечината се слушале екплозии на гранати …„ Беше тоа 1993 година. „Публиката во шок седеше мирно. Во публиката хирурзи од главната градска болница, војници од фронтот, владини службеници кои морале да жонглираат со распределбата на храна за луѓето кои биле се погладни, деца кои ги изгубиле татковците, сестрите и браќата и луѓе кои ги изгубиле синовите …„, пишува Њујорк Тајмс.

Беше тоа во Сараево кога Сузан Зонтаг решила да ја постави на сцена „Чекајќи го Годо„, со јасна порака за Европа – „само на еден час од главните европски аеродроми Рим, Виена, Берлин, Париз, градот крвареше до смрт„.

Среќко Хорват, хрватски филозоф, за ова пишува: ако “Чекајки го Годо” е претстава која го постигнала невозможното, во која ништо не се случува двапати, тогаш опсадата на Сараево, е најдолгата опсада на еден главен град во историјата на модерните војни, и е само уште еден доказ дека во Европа ништо не се случува постојано…

Но, не беше прв пат, да на само неколку саати од трагедијата на еден народ, други народи во европските престолнини живеат мирно, удобно, нетрудејќи се да размислат што се случува надвор од нивната зона на удобност…

Така е и денес дваесет години по опсадата на Сараево … Европјаните живеат удобно, залегнати и заслепени од не до крај со право и со свој труд заработените пари, додека балканските народи сеуште „крварат„ немоќни да решат било што, живееќи во општества сведени и упростени на мали семејства, киднапирани заложници, семејства во кои царува „семејно насилство„! Такви се нашите домови … и за тие домови зборувал Чаушеску во 1989 година неколку недели пред, народот да му ја скине главата.

2.

Неодамна напишав дека – економијата денес е исправена пред дилемата дали државата ќе го национализира стопанството, или стопанството ќе ја приватизира државата. И тоа зависи од степенот на корупцијата…

Понекогаш, во поубави земји од нашата, странските и домашните инвеститори немаат потреба да бараат подобри услови и нови закони од оние пропишани со постојните закони затоа што постои конкуренција и слободен пристап до евтини пари за инвестиции, почеток на нови бизниси. Луѓето да почнат да раскажуваат автентични свои приказни, и да не чекаат државата да ги вработи.Политичарите, секако, не мора да се финансираат со мито, затоа што кога имате конкуренција на добри идеи, не ви е потребно мито за цели целни групи да ги финансирате преку Буџетот, за да обезбедите гласови на избори. Оттука, многу е подобро да се работи на креирање подобра политичка конкуренција, отколку да се ограничува бизнисот, и да се блокира стопанството со примитивни државни опструкции!

После две и пол децении, денес најевидентната аномалија на политичката сцена е самата политичка сцена. Запушена е. Институциите како што гледаме не функционираат. Огромен процент на граѓани кои излегуваат на избори револтот го искажуваат со поништување на ливчињата, огромен број граѓани кои остануваат дома и никако нема да гласаат, но и прилично голем број граѓани кои одат, де на едната де на другата страна, без политичка филозофија и со елементарна примитивна прагма – вработување во јавната администрација. Огромен е бројот и на граѓани кои се исселија во меѓувреме во последните 15 години (370.000). Реакцијата е револт. Најквалитетнот дел од генерациите се исселуват секојдневно. Оние кои треба да отвораат фирми, домашни инвестиции, да отвораат нови работни места, квалитетно да го зголемат македонскиот извоз, да го креираат македонскиот животен стандард на повисоко ниво, и македонскиот животен стил во посимпатична суштина, форма или ако сакате и амбалажа … Наспроти ова имаме апатија, неубави слики, лажни величини го земаат нашето внимание, време и енергија, направивме турбо фолк на политичката сцена, толку грда сцена, што кога ги гледаме овие српски турбо фолк шоуа на македонските национални канали ни изгледаат ко да гледаме Сан Ремо …

Ете толку сме пропаднале … !?

Нашево општество и политичката сцена во него е налик на состојбата опишана во Посланието кон Римјаните број 7 пишува светиот апостол Павле! Еве вака оди:

“…Навистина, да се сака доброто е во моја моќ, но не е во мојата моќ да го направам доброто и имајќи предвид дека не го правам доброто кое го сакам, туку го чинам злото кое не го сакам… сега гледам во своите екстремитети, гледам сосема други закони кои се борат против законите на мојот здрав разум, и ме заробиле во законот на гревовите… Јаден сум ти јас човек! Кој ќе ме извади од ова мое “смртоносно тело”? Фала му на Господ Исус Христос, Господинот наш! Јас со умот свој им служам на законите Божји, а со телото и постапките им служам на законот на гревовите…” (Послание за Римјаните 7:9, 23-25)

Од една страна, устите им се полни со развој, вработувања, инвестиции и светла иднина (власта)… Од друга страна – ништо не е како треба, ќе банкротираме, фамилијата на овој, фамилијата на оној, корупција,  „милијарди украдени„ (опозиција). Политичарите се гледаат во огледало, а во огледалото –  новинари, глумци, режисери, пејачи …

Црно бел филм во кој двете најголеми партии, и кај Македонците, и кај Албанците од земјата направија ринг на гладијатори, а нивните лидерства гордо седнале во ложите посматрајќи ги потоците од „крварењето„ на младите македонски граѓани кои секојдневно си заминуваат, бавното, но сигурно умирање на нагоните на оние кои остануваат – претприемачите, големите инвеститори, писателите, интелектуалците ….

Еве каде ја губиме основата …

Истрошени, ослабнати и поразени… а и извалкани, но и немоќни за поширока пазарна битка на Балканот (кај нас сите 75.000 фирми кои нешто работат имаат околу 15 милијарди евра обрт, а во Хрватска само првите 50 компании направиле толкав обрт !?).

Овде и фирмите и политичарите од најголемите партии (власт – опозиција) станаа кумови на незаконието!?

Буџетот е полн, а економијата монополизирана и картелизирана! Тендери! Само тие на тендери!Елита на моќни “бизнисмени”! Картелизирана моќ. Доволно е само да сте член на партија (и од власта, и од опозицијата) – на вистинско место, со вистинските ликови од партиите, во вистинско време!

Најсмирените и најладнокрвните играчи на затворениот и темен македонски економски и политички простор се партиски играчи со нејасни позиции во општеството, кои во годините наназад зграбија добар кеш и сега купуваат евтино, и во она што остана во бизнис-секторот и хипотеките низ банките!

Тие финансиски моќни, со “пиштол во глава” ги држат во заложништво креативните проекти на слободумните! За такви во македонските банки нема пари!?

Педесетина до сто „наоружани„ ликови од неколку партии “ораат” низ државата! Душа ни вадат долго време …

Каде оди ова? Како ќе заврши?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×