Скандалозна злоупотреба на Охридскиот договор. За 7 години 60 пати повеќе вработени во Секретаријатот за рамковен!
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Околу 650 лица годишно е просечната бројка на нови вработувања во Секретаријатот за рамковен договор. Во последните седум години откако постои Секретаријатот вработени се 4.550 административци. Од нив во моментот, една четвртина, односно 1200 незаконски седат дома и земаат плата. Со новите 150, најавени од самата институција, нераспределените лица ќе стигнат бројка од 1350. По некоја проста математика, секретаријатот незаконски храни исто толку лица колку што има вработени во една поголема фабрика во земјава.

***

Прашањето што се наметнува е какви проекти спроведува оваа битна владина институција кога со години буџетот се троши најмногу на плати и надоместоци!? Од вкупно планираните 11,8 милиони евра со предлог- буџетот за 2015 година, 11,7 милиони ќе се трошат на плати. Дополнително, секретаријатот ќе добие уште 10, 8 милиони евра за правична застапеност односно за нови вработувања, во услови кога 1.200 лица незаконски седат дома и земаат плата. На официјалната страна на Секретаријатот менито за реализирани проекти стои празно.

***

Оглас за 150 нови рамковни вработувања минатата недела распиша Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор како дел од програмата Правична и соодветна застапеност. Од 2008 година, откако постои официјално овој Секретаријат бројот на вработени е зголемен за речиси 60 пати, а вкупниот буџет на ова тело за седум години е зголемен за три пати.

Во 2008 година Секретаријатот броел 28 вработени со вкупен буџет од 3,9 милиони евра. Седум години подоцна, во 2014 година, Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор брои 1778 вработени, а вкупен буџет на располагање има 10,3 милиони евра. Според предлог буџетот на Владата, до година, односно во 2015 година, буџетот на Секретаријатот се зголемува за еден и пол милион евра, односно ќе изнесува 11,8 милиони евра.

Според анализата која ја направи Капитал, анализирајќи ги податоците од Народниот правобранител и оние во Буџетите, годишно овој секретаријат вработува по 600- 700 лица, најчесто преку два огласи- еден во јануари и еден во септември- октомври.
Тоа значи дека за седум години, Секретаријатот вработил околу 4.550 лица, од кои барем според тврдењата на вицепремиерот одговорен за овој ресор, Муса Џафери само четвртина, односно 1.200 се лица кои се уште не се распределени, или познати како лица кои седат дома, а земаат плата. Нивното распоредување според вицепремиерот Џафери се очекува да заврши во март идната година.

Оттука не чудат резултатите кои ги покажа неофицијалната анкетата направена на БИРН по повод 13 години од Охридскиот рамковен договор во која кај мнозинството испитаници „првата реакција на прашањето што претставува Рамковниот договор е дека тоа е соодветна и правична застапеност на Албанците во државните институции“.

Така, освен како основа за пребројување, општиот впечаток е дека Охридскиот рамковен договор го изгуби значењето како документ за градење на интегрирано општество и мултиетнички соживот. Од устите на политичарите, особено оние најповиканите за спроведување на овој договор, освен бројки и проценти, не се слуша ниту една друга информација која упатува на градење на интегрирано општество и соживот, што е всушност и темелот на овој договор.

Огласи за нови вработувања, преименувања на училишта, штрајкови на професори, и пребројување на првачиња (сума сумарум политички изјави) се проектите на кои се сведува договорот. Колку вкупно проекти, настрана од претходно споменатите, се спроведени во изминатиот период тешко е да се преброи. Во менито реализирани проекти на официјалната страна на Секретаријатот нема никакви податоци.

Всушност и какво спроведување и имплементирање на Рамковниот договор може да се очекува, кога буџетот на Секретаријатот одговорен за оваа намена, со години се троши најмногу на плати. Од вкупно планираните 11,8 милиони евра со предлог- буџетот за 2015 година, 11,7 милиони ќе се трошат на плати. Згора на тоа, секретаријатот ќе добие уште 10, 8 милиони евра за правична застапеност односно за нови вработувања, во услови кога 1.200 лица незаконски седат дома и земаат плата. Ваквите „двојни буџети“ еден за плати, друг за нови вработувања, Секретаријатот ги добива секоја година откако постои. Со таа разлика што од година во година и едниот и другиот „буџет“ расте.

Кога станува збор пак за застапеност на Албанците во администрација, правичната застапеност барем во државните институции е на задоволително ниво.

Има дури и такви институции каде процентот од 25% е надминат. Така во Секретаријатот за спроведување на рамковниот работат 82,6% Албанци, во Министерството за локална самоуправа 59,1%, во Министерство за здравство 44,5%, кај Народниот правобранител 40,3%, во Министерството за култура 36,8%, Правда 33,6%, Економија 32,6%… или како што објаснува вицепремиерот Муса Џафери „онаму каде менаџираат Албанците се направи поинаков напор и динамика и полесно се постигнуваат подобри резултати“.

Сепак, постојат и институции каде застапеноста на Албанците се уште е 0%. Имено воопшто Албанци нема вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Дирекцијата за радијациона сигурност, Институтот за стандардизација како и Националната агенција за нуклеарни технологии.

Албанците дури во 2020 година ќе бидат правично застапени?!

Во моментот, според последната анализа која ја прави народниот правобранител, застапеноста на Албанците на ниво на цела територија е 18,1%, што е речиси 7% помалку од рамковно гарантираните 25%.

Ако се има предвид темпото на вработување во последните седум години, тоа значи дека ќе бидат потребни уште седум години, за да се задоволи бараниот процент (25%).

Ваквиот заклучок се темели на следните податоци. Имено, во 2007 година, повторно според податоците на Народниот правобранител на ниво на Македонија биле вработени 10,78% Албанци во државна и јавна администрација, додека на крајот од 2013 година, бројот на застапени Албанци во администрација е 18,1%.

Тоа значи дека во рок од 7 години, бројот на Албанци се зголемил за 7% процентни поени, што е всушност процентот кој фали денес за Албанците да бројат 25%. Оттука заклучокот на Капитал, дека доколку се продолжи со истото темпо на вработување, за седум години, односно во 2020 може да се очекува дека Албанците ќе бидат застапени во администрацијата со 25%.
Неодамна вицепремиерот одговорен за спроведување на рамковниот договор рече дека бавното темпо на исполнување на „квотата“, најмногу се должи на фактот што постојано се вработуваат и Македонци.

„Рамковните вработувања продолжуваат, затоа што се вработуваат и Македонци“, вели Џафери.

Секако, доколку се запре со вработувањето на Македонците, исполнување на процентот на застапеност на Албанците веројатно ќе дојде и побрзо, односно, доколку коалиционите партнери се договорат, период дури може и да се оддолжи.

Дали веќе воспоставеното темпо на вработување е некој вид на договор помеѓу двата коалициони партнери за вработување на партиските послушници, може само да се претпоставува. Јасно е само дека влада не само што е најголем работодавач во државата, туку остануваме и уникатен случај во светот каде во администрација се вработуваа луѓе само да се задоволи одреден процент, а притоа така вработените седа дома, а земаат плата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×