Следната година 458 милиони евра од Буџетот ќе се потрошат за пензии
Објавено на од во Економија

montaza-penzioner-evraПоголеми придонеси за помала зависност на пензиите од Буџетот

За да се исплатат пензиите на сите 324.382 пензионери следната година ќе се потрошат вкупно 917 милиони евра, покажуваат пресметките од Предлог Буџетот за 2019 година којшто е во собраниска процедура. Меѓутоа, приходите од пензиските придонеси се доволни да покријат само половина од оваа сума, додека останатата половина или точно 458 милиони евра ќе се префрлат од централниот Буџет. Сепак, споредено со претходните години, следната година прв пат сумата за пензии што ја префрла Владата од Буџетот до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, ќе се намали и тоа благодарение на зголемувањето на стапките за социјални придонеси. Од Владата објаснија дека се работи за мерки за стабилизација на пензискиот систем и нагласија дека нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите, а ќе се интервенира со цел да се стави под контрола буџетскиот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој за 10 години се зголеми за два и пол пати заради несоодветни политики. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) посочи дека „доколку целосно се спроведе во предложената форма со зголемување на придонесите и реиндексирањето на пензиските бенефиции само врз основа на индексот на цените на трошоци на живот, пензискиот дефицит на среден рок ќе се намали.

За да се исплатат пензиите на сите 324.382 пензионери следната година ќе се потрошат вкупно 917 милиони евра, покажуваат пресметките од Предлог Буџетот за 2019 година којшто е во собраниска процедура. Меѓутоа, приходите од пензиските придонеси се доволни да покријат само половина од оваа сума, додека останатата половина или точно 458 милиони евра ќе се префрлат од централниот Буџет.

Сепак, споредено со претходните години, следната година прв пат сумата за пензии што ја префрла Владата од Буџетот до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, ќе се намали и тоа благодарение на зголемувањето на стапките за социјални придонеси.

„Со цел постепено стабилизирање на пензискиот систем и обезбедување на негова одржливост, со Буџетот за 2019 година планирано е зголемување на стапките на социјалните придонеси и тоа зголемување на стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за 0,4 процентни поени и зголемување на придонесот за здравствено осигурување за 0,1 процентен поен. Позитивните ефекти од порастот на придонесите во буџетите на соодветните фондови изнесуваат околу 18 милиони евра. Дополнително на ова, планирани се мерки со цел решавање на проблемот со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и решавање на проблемот со нерамноправна распределба на осигурениците во двостолбниот пензиски систем“, пишува во Предлог Буџетот за 2019 година.

Претходно, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска објасни во јавноста дека дека се работи на стабилизација на пензискиот систем и нагласи дека нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите, а ќе се интервенира со цел да се стави под контрола буџетскиот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој за 10 години се зголеми за два и пол пати заради несоодветни политики.

„Правиме минимална корекција на стапките на придонес за пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување за вкупно 0,5 процентни поени. Втората мерка е воведување јасен критериум за влез во двостолбен систем, а тоа е денот и годината на раѓање“, изјави Царовска и и додаде дека пензиите ќе се усогласуваат два пати годишно со трошоците на живот, а ќе има дополнително усогласување доколку растот на БДП во претходната година надминал 4%. Се воведува и социјална пензија за граѓани кои немаат никакви приходи, имаат еден ден работен стаж имаат наполнето 65 години која ќе изнесува 40% од просечната исплатена пензија.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својата најнова изјава по завршените консултации за македонската економија, посочи дека „доколку целосно се спроведе во предложената форма, реиндексирањето на пензиските бенефиции само врз основа на индексот на цените на трошоци на живот, ќе обезбеди значајни фискални заштеди.

„Предложените пензиски реформи, кои вклучуваат повисоки стапки на придонеси, имајќи корист од реиндексација и мерки за подобрување на еднаквоста помеѓу учесниците во двата столба, ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Меѓутоа, треба да се земат предвид и понатамошни мерки како што се стегање на условите за предвремено пензионирање и зголемување на старосната граница за да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем“, пишува во изјавата на ММФ.

Прелиминарната проценка на мисијата на ММФ укажува на тоа дека овие мерки, заедно со поддршката за вработување и инвестиции, привремено ќе го зголемат фискалниот дефицит на 3% од БДП во 2019 година иако Владата проценува дека тој нема да надмине 2,5%. ММФ смета дека на среден рок, дефицитот во буџетот ќе се намали 2,4% од БДП.
umirovljenici-1Прва пензиска реформа

Зголемувањето на социјалните придонеси за 0,5 процентни поени е прва реформа на пензискиот систем на оваа власт откако претходно сите меѓународни финансиски институции сугерираа да се преземат итни мерки за да се подобри состојбата.

ММФ лани предупреди дека „без реформи и со намалувањето на работоспособното население, пензискиот дефицит се проектира двојно повеќе да се зголеми до 2030 година“.

Монетарците ги охрабруваа властите да ги разгледаат следните опции како средства за да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем.

„Зголемување на законската возраст за пензионирање со оглед на големиот јаз во однос на просекот во ЕУ; ревидирање на индексацијата според индексот на цените на трошоци на живот во согласност со многуте земји во ЕУ; спроведување реформи за зголемување на учеството на работната сила, особено на жените (кое е едно од најниските во Европа), и разгледување на можно зголемување на стапките на придонеси, доколку одржливоста не е обезбедена преку други мерки“, сугерираше ММФ.

Од Светска банка неодамна, исто така и сугерираа на Владата да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите, што во изминатите години создало притисок на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Доволно ли е?

Едно истражување на Институтот Finance Think од почетокот на годината опфати неколку предлог решенија за реформирање на пензискиот систем и тоа скалесто и постепено зголемување на пензискиот придонес и на старосната граница за пензионирање во наредните 10 години.

Истражувањето што го направи овој институт покажува дека финансиската состојба на Фондот за пензиско е толку лоша, што нема да се подобри во периодот кога дел од товарот на исплата на пензиите ќе преземат приватните пензиски фондови, па затоа на Владата и се понудија три сценарија за структурна пензиска реформа, а и се препорачува едно од нив – комбиниран модел со кој шоковите ќе бидат послаби, а товарот ќе го споделат повеќе генерации. Конкретниот предлог беше стапката на придонесот за пензиско осигурување веднаш да се покачи за два процентни поена, од 18% на 20%, а по 10 години за уште еден и да достигне 21%. Старосната граница за пензионирање и границата за семејна пензија и за бенефицираниот стаж се предложи да се зголемат за две години, и тоа по пет години за една и по 10 години за уште една.

Истражувањето покажало дека предложените реформи може значајно да го намалат дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и по пет години тој би се движел од 1,5% до 3,1% од БДП, и од 0,7% до 3,3% проценти од БДП до 20 години. Фискалните заштеди од реформите се движат од 10 до 193 милиони евра на годишна основа до 5 години, и до 403 милиони евра до 20 години. Притоа, ефектите од симулираните сценарија врз сиромаштијата и невработеноста се поволни, но интензитетот е различен.

 

 

09тДефицитот зголемен два и пол пати

Врската меѓу државниот буџет и пензискиот фонд од 2009 година наваму поќна да станува се поголема, па така ако пред десет години со трансфери од буџетот се покриваа 33,9% од трошоците на Фондот за пензиско осигурување, годинава тој удел достигна 54%.

Финансиската кондиција на пензискиот фонд почна да се влошува од 2008 година наваму откако тогашните власти одлучија да ја намалат стапката на придонес за пензиско осигурување од 21,2% од основицата, на 18%. Аналитичарите велат дека намалените придонеси не обезбедија поголеми приходи од придонеси преку поттикнување на вработеноста туку креираа поголем дефицит во пензискиот фонд.

Загрижувачки ревизорски извештај за финансиската кондиција на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување објави и Државниот завод за ревизија во 2016 година. Неповолната финансиска состојба во Фондот според ревизорите се должи на неостварените проекции за зголемување на вработеноста, како и неостварените проекции за пораст на платите. Според податоците во извештајот, загрижувачки е податокот дека дупката во буџетската каса на Фондот секоја година се повеќе се продлабочува.

„На финансиското работење на Фондот влијание имаше намалување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување како и неостварените макроекономски индикатори за зголемување на вработеноста и порастот на платите на вработените кои имаат директно влијание врз остварувањето на приходите од придонесите“, стои во извештајот на ревизорите.

Ревизијата забележува дека од година во година се повеќе расте дупката во буџетот на Фондот, која мора да се покрива со пари од централниот буџет. Особено е за истакнување, велат ревизорите, дека висината на дефицитот во буџетската каса на Фондот има тренд на зголемување секоја година.

При тоа, ревизорите предупредуваат дека постои можност и од натамошно продлабочување на дупката во буџетската каса во Фондот.

Дополнителни проблеми за македонскиот пензиски систем создава и фактот што невработеноста во земјава е висока, има голема неформална вработеност, односно луѓе на кои што не им се плаќаат социјални придонеси на целата плата, а и иселувањето на младите кои што би требало да придонесуваат во пензискиот фонд, исто така влијае на продлабочување на дефицитот.

Од друга страна, најголем дел од работните места кои се отворија во земјава во изминативе неколку години беа во фабриките на странските инвеститори, за кои половина од платите, односно придонесите и персоналниот данок се покриваат од државниот буџет, и за нив не се уплатуваа приходи во Фондот за ПИОМ. Една неодамнешна анализа на Светската банка покажа дека дури 89% од новокреираните работни места во изминатите неколку години во Македонија се со фискален стимул, односно работодавецот е ослободен од плаќање на социјални придонеси и слични давачки, што значи помалку приливи до Фондот за пензиско и поголем недостиг на пари за исплаќање на тековните пензии.

Македонија не е единствена земја која се соочува со проблеми во пензискиот систем. Дел од земјите во Источна Европа кои што со пензиските реформи воведоа втор столб, наголемо дебатираат за иднината на приватните пензиски фондови, од предлози за нивна национализација, до намалување на уделот од придонесите што го добиваат, па до суспендирање на уплатата на придонеси во приватните пензиски фондови во период од неколку години и слично. Лошите демографски трендови, односно се поголемото иселување на лица кои се во работоспособна возраст дополнително ја зголемува дупката во пензиските системи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×