Случај Даневски – Сите проневери за кои се гони досегашниот бегалец
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

За новиот жител на штипскиот затвор, екстрадираниот од Бугарија, Зоран Даневски, „Капитал“ во 2012 година откри ексклузивни информации, за тоа каде и како живее, и непречено води бизниси бегалецот, поранешен управител на агрокомбинатот Џумајлија, откако новинарска екипа за целта отпатува во соседната источна држава. Членови на редакцијата на „Капитал“ потоа добија и закани од засегнатата страна. Еве што објави „Капитал“ на 4 октомври 2012 година.

ЕКСКЛУЗИВНО: ЗОРАН ДАНЕВСКИ “РАСТУРА” НА ИСТОК! ОТВАРА ФИРМИ ВО ГРАДОТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ!

Капитал во бугарскиот град Гоце Делчев
ОТКАКО ГИ ПРОДАДЕ ДРЖАВНИТЕ РЕЗЕРВИ НА ЖИТО, ПРОНЕВЕРИ МИЛИОН ИПОЛ ЕВРА И ИЗБЕГА ОД МАКЕДОНИЈА

Еден од најпознатите бегалци од македонските закони, Зоран Даневски, за кого е распишана потерница поради проневерени 1,5 милион евра со продажба на државните резерви на пченица и јачмен складирани во земјоделскиот комбинат Џумајлија, сега во стечај, во кој тој имаше околу 70%, пред еден месец регистрирал фирма во Гоце Делчев. “Капитал“ открива дека новата фирма на Даневски се вика Уно пелети, а како негов содружник се јавува син на локалниот бизнис-моќник Никола Узунов, сопственик на синџир од бензински станици. Екипата на “Капитал“ отиде во Бугарија за на лице место да види каде и како живее Даневски, каков имиџ има стекнато во градот, со кого соработува и на кој начин работи…

Според нашите информации, Даневски се преселил во градот Гоце Делчев пред една година, веднаш по скандалот со Џумајлија. На 22 февруари полиција од Банско го уапси поради поседување лажни документи за идентификација. Доби условна казна од една година и три месеци, но со оваа казна бугарската држава практички, му направи услуга, па сега тој додека не ја “одлежи“ не може да биде вратен дома. Екстрадицијата е одложена за потоа, но дотогаш тој може да добие бугарски документи!А ако се има предвид како завршуваат македонските бегалци со бугарски документи, сомневањата дали Даневски воопшто ќе биде екстрадиран во Македонија се основани. Зошто македонската држава молчи, каде се нашите институции?

ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ЗОРАН ДАНЕВСКИ?
-ПРОНЕВЕРА НА 1,5 МИЛИОН ЕВРА ПРЕКУ НЕЗАКОНСКА ПРОДАЖБА НА ДРЖАВНИТЕ РЕЗЕРВИ НА ЖИТО ВО ЏУМАЈЛИЈА;
-НЕЗАКОНСКО РЕИЗДАВАЊЕ ДРЖАВНА ЗЕМЈА НА СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ;
-ИЗМАМА НА СИТНИТЕ АКЦИОНЕРИ-РАБОТНИЦИ ВО ЏУМАЈЛИЈА;
-ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ПЛАЌАЊЕ ДАНОК КОН ДРЖАВАТА.Capture 1

Зоран Даневски, поранешниот управител и сопственик на околу 70% од агрокомбинатот Џумајлија, кој избега во Бугарија откако заработи кривична пријава за проневерени 1,5 милион евра државни пари со продажба на житото од државните резерви, отвори нова фирма во бугарскиот град Гоце Делчев! Бегалецот сега е газда на доо Уно пелети, регистрирана на 15 август со основачки капитал од 200 лева, а како косопственик се јавува Атанас Николов Узунов, помалиот син на бугарскиот бизнисмен, сопственик на бензински станици, Никола Узунов.

Компанијата има неверојатно широк опис на дејност: купување и продажба на стока во земјата и во странство; трговско претставување и посредништво;, консигнациски, комисиони, шпедициски, превозни зделки; складишни и лиценцни зделки; зделки со интелектуална сопственост; хотелиерски, туристички, рекламни, информациски, програмски, продуцентски, сметководителски и други услуги; берење, откуп и продажба на диви овошки, билки, печурки; пчеларство, оранжериско производство; внатрешно-трговска дејност, увоз и извоз, реекспорт, менаџмент, маркетиншка и продукциска дејност; производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, трговија со нафта и нафтени деривати; трговија со природен гас; производство на вина, ракии и високоалкохолни пијалаци и трговија со нив во земјата и во странство…

На адресата на фирмата на Даневски под која е заведена во Централниот регистар, Попови ливади бр.1, има станбени објекти. За фирмата никој од неговите соседи и соседни згради се уште не чул.“Капитал“ во текстот понатаму објаснува, всушност, каде е проблемот на бизнис–амбициите на Даневски и зошто тој пред да се впушти во инвестиции, прво треба да одговори на неколку прашања пред судот во Македонија.

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ – ТОЛКУ БЛИСКУ ДО ГРАНИЦАТА, ТОЛКУ ДАЛЕКУ ОД МАКЕДОНСКАТА ВЛАСТ

Случајот Даневски екипата на “Капитал“ го следи од самиот почеток на скандалот со Џумајлија. Нашите написи за проблемот со екстрадицијата предизвикаа бурни реакции кај источниот сосед, а особено коментарот дека Бугарија мора да престане да важи за Мексико на Балканот, држава во која нажите криминалци откако ќе се огрешат пред законот, бегаат знаејќи дека доволно е само да кажат оти се бугарофили и им треба заштита од македонскиот судски систем и македонската држава кои ги репресира поради тоа што се чувствуваат како Бугари. По неколкумесечни истражувања, конечно дојдовме до опиплив податок – Даневски не само што живее во Гоце Делчев, уживајќи ги сите погодности на обичен граѓанин, туку таму е во длабоки релации со локалните политички и бизнис-моќници. Информацијата дека Даневски отворил нова фирма не натера да отидеме до Гоце Делчев и да ја испитаме ситуацијата на терен.

Гоце Делчев е мирен град со 20.000 жители на југозападот на Бугарија, на 18 километри од Грција, блиску до граничниот премин Ново Село, Струмица. Во градот каде што откако ЕУ-регулативата забрани производство на ориентален тутун, граѓаните се преориентирани главно кон сточарство и угостителство, има само една голема фабрика – претставништвото на Роман е една од најголемите инвестиции во бугарската текстилна индустрија, а тука се вработени 2.000 граѓани од Делчев и од регионот. Скромниот живот во спокојниот град, каде што просечната плата е 200 евра, одвреме-навреме е брануван од информации за нови компании и за интересни ликови во секојдневието. Македонецот Зоран Даневски е добро познат во градот.

КАКО ЖИВЕЕ ДАНЕВСКИ ОТКАКО ЈА “СРЕДИ“ ЏУМАЈЛИЈА?

Откако стигнавме во Гоце Делчев, името на Даневски го чувме уште при првото возење со такси. Таксистот многу децидно одговори на нашето прашање – дали познава Македонци во овој град?

“Да, да, познавам, како не… Имам познаничка од кај вас… Соња Даневска (сопругата на Зоран н.з), ама вие сте новинари, подобро да не ви кажувам ништо за нив двајца. Дојдоа тука, се преселија. Таа е вмешана во политика, двајцата се впуштени во бизниси тука, не е паметно многу да ви зборувам, а и вие сигурно знаете кои се луѓето…” Секако, одговоривме: “Не, нивните имиња не ни се воопшто познати“… Дека не сме за верување, веројатно, таксистот сфати уште кога ја кажавме адресата на живеење на семејството Даневски, но се воздржа од коментари. Не остави на Попови ливади бр.2 и ние тргнавме во обиколка на околината.

Според информациите на “Капитал“, неофицијално се проценува дека апартманот во кој живее Даневски е вреден околу 100.000 евра. Квартот во којшто се наоѓа зградата е обичен станбен дел, иако со името на таа улица, Попови ливади, има и цела елитна населба на 20 километри од Гоце Делчев. Дотаму семејството Даневски се уште не е стигнато.

На фотографиите се гледа дека зградата е модерна, во сутерените има ноќен клуб Панос, а оградите се премногу високи за да може да се види дворот. Соседите не беа расположени за зборување, но други граѓани потврдија дека стоиме пред новиот дом на семејството Даневски, кој во тој момент личеше дека е празен. Откако неуспешно ни помина обидот да го видиме господинот Даневски како влегува или излегува од домот, се упативме на друга локација. Добивме информација дека речиси секоја вечер Даневски игра пинг-понг во еден хотел на влезот на градот. Но, немавме среќа – беше сабота вечер, а во хотелот имаше свадба. Единствениот ресторан беше зафатен, па девојката од рецепција љубезно ни кажа дека нема просторија каде што можеме да седнеме и да испиеме кафе (чекајќи го Даневски евентуално да се појави). Но, не се откажавме. Влеговме на свадбата, а многу набрзо успеавме да најдеме начин и да влеземе во подрумите каде што доаѓал Даневски. И на фотографиите се гледа дека се доста скромно уредени, со нетипичен изглед за хотелски пинг-понг центар. Сепак, со Даневски таа вечер не успеавме да стапиме во контакт.

ДАНЕВСКИ И ОСТАНАТИТЕ “БУГАРОФИЛИ“ КОИ БЕГААТ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ЗАКОНИ…

Инаку, според нашите информации, Даневски се преселил во Гоце Делчев пред една година, минатата есен, веднаш по скандалот со Џумајлија. Тој се уште нема бугарски пасош, ниту државјанство, но наводно, се “фалел“ дека до крајот на годината ќе добие. На 22 февруари полиција од Банско го уапси поради поседување лажни документи за идентификација. Доби условна казна од една година и три месеци, но со оваа казна бугарската држава практички, му направи услуга на Даневски, па сега тој додека не ја “одлежи“ не може да биде вратен дома. Екстрадицијата е одложена за потоа, но дотогаш тој може да добие бугарски документи!

А ако се има предвид како завршуваат македонските бегалци со бугарски документи, сомневањата дали воопшто ќе биде екстрадиран се основани.Оти, Даневски е само продолжение на сагата. “Вадејќи се“ на својот бугарски пасош, ексминистерот за здравство Владо Димов во Софија работи како хирург во приватна болница. Тој еднаш веќе избегна екстрадиција од Полска во Македонија и беше вратен во Бугарија. Оттогаш успешно има контрола над својот случај. Иако истрагата за него овде во земјава се уште е во тек, случајот може да се води и во Бугарија, бидејќи делото за кое е обвинет е казнено и според бугарскиот кривичен закон. Па така, Димов даде исказ пред истражен судија во Софија и со тоа си обезбеди слобода и во Македонија – струмичкиот суд ја укина потерницата која беше распишана против него. Најпознатиот стечаен управник, Владислав Тамбурковски, со четири правосилни пресуди и осуда на 15 години затвор и парична казна од над еден милион евра, исто така, има сигурно засолниште во Бугарија. Сепак, договор за екстрадиција допрва ќе склучува со Бугарија, иако овие лица повеќе години ја избегнуваат правдата во земјава.

СИТЕ ГРЕВОВИ НА ДАНЕВСКИ!

Зоран Даневски како управител на Џумајлија најголемиот скандал го направи токму со продажбата на државното жито и фаќањето џаде за исток. Од Основниот суд Свети Николе доцна побараа да му се одземе пасошот, па Даневски, кој се товари дека проневерил 1,5 милион евра, лесно ја напушти државата и замина за Бугарија, а со него исчезнаа и фактурите за продаденото жито. Во кој град живее и работи сега до овој број на “Капитал“ не беше познато на јавноста. Против Даневски се покренати две обвиненија, едно во Основниот суд во Штип, каде што ако некогаш Даневски биде екстрадиран треба да се води прекршочна постапка за злоупотреба на државните резерви, а едно во Основниот суд во Свети Николе, каде што Даневски ќе се гони кривично за злоупотребите во Џумајлија. Но, информациите на “Капитал“ говорат дека државните силоси во агрокомбинатот Џумајлија досега неколкупати биле испразнети, а потоа повторно наполнети. Спротивно на Законот за стокови резерви, Даневски си го продавал житото коешто државата го чувала во агрокомбинатот, а потоа од сопственото производство ги враќал искористените количини.

Друг скандал беа 1,3 милиони евра субвенции кои државата Македонија му ги исплатила на Зоран Даневски, односно на агрокомбинатот Џумајлија во последните три години за растително и за сточарско производство на земјиштето добиено под закуп. Но, вработени во комбинатот за “Капитал“ тврдеа дека Зоран Даневски земјата ја реиздавал на грчки државјани, кои на нивите саделе житни и градинарски култури, иако законски не смеел да го прави тоа. Криминалот со државното земјиште се случувал неколку години, но ниту една надлежна институција не излегла на терен за да го види тоа.

Даневски беше вмешан и во скандал заедно со неговиот брат, поранешниот пратеник и градоначалник на Свети Николе, Слободан Даневски. На Слободан му се судеше за кривично дело злоупотреба на службена должност и затајување данок од 65.000 евра. Тој се товареше дека како претседател на Управниот одбор на Џумајлија издејствувал компанијата да даде заем од 100.000 евра на фирмата Зоки 28 (сопственост на Зоран Даневски). Според информациите од македонските судови, Слободан зел револвинг кредит од половина милион евра во НЛБ Тутунска банка, за што под хипотека ги ставил винарската визба и мелницата на комбинатот. Иако кредитот бил наменски, за финансиска поддршка на активностите на Џумајлија, Слободан ургентно му префрлил на Зоран 100.000 евра, а тој пак, половина од таа сума ја трансферирал на штипската фирма Винекс за отплата на претходно земен заем од 200.000 евра. Во оваа трансакција, според обвинението, тој за себе незаконски прибавил 50–ина илјади евра. Беше обвинет дека измамил 300 работници на комбинатот, кои од своите плати издвојувале пари за купување акции. Даневски не ги уплатил нивните пари во Агенцијата за приватизација, по што Агенцијата го раскинала договорот, за потоа овие акции да ги откупи братот Зоран. Даневски се товареше дека продал еден ипол тони јачмен вреден над 150.000 евра, но тоа производство не го прикажал во завршната сметка на комбинатот и избегнал да плати данок од 60-ина илјади евра. Иако за овие обвиненија доби ослободителна пресуда, за дел од нив се уште се водат поединечни судски постапки.

“ЛАНЕЦ“ ЏУМАЈЛИИ…
ЗА ШТО СЛУЖЕЛА ЏУМАЈЛИЈА ВО БЕЛГРАД?

Договорите до кои дојде “Капитал“ откриваат многу интересен податок – дека Џумајлија била распространета и на север. На улица Цар Урош 6 во Белград е регистрирана фирма Џумајлија доо Белград, со основачки капитал од 500 евра. На оваа фирма Даневски, наводно, и пренел дел од побарувањата кои како заемодавач ги имал кон Џумајлија во Македонија. Истиот потпис, истиот лик, Зоран Даневски, е и цесионар и цедент во овој договор. Податоците од Централниот регистар на Србија покажуваат дека српската фирма Џумајлија, која е регистрирана како доо за неспецијализирана трговија на големо со храна, пијалаци и тутун, има двајца сопственици – Џумајлија лозово и Винојуг Белград. Како директор стои името на Петар Арсиќ. На оваа копија од договорите за цесија никој не е потпишан како застапник на српската Џумајлија. Според податоците од Регистарот, Џумалија Белград има 0 вработени и остварува неверојатни 0 приходи!

ИРОНИЈА: СЕГА ДАНЕВСКИ ЌЕ ЈА ТУЖИ МАКЕДОНИЈА ВО СТРАЗБУР!?

Нашите информации говорат дека во текот на минатиот месец во домот на Даневски во Гоце Делчев тој се сретнал со двајца адвокати, еден Македонец и еден Бугарин, со кои разгледувал стратегија за покренување тужба против македонската држава во Стразбур. Наводно, Даневски ќе бара по судски пат да му бидат вратен неговиот и имотот на Џумајлија, кој државата го конфискуваше. Според нашите информации, Даневски се подготвувал да купи уште еден имот во Гоце Делчев.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×