Случај Макпетрол-Оилко
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

MP-OK-3Капитал уште во 2011 година пишуваше за бизнис поврзувањето и релациитe помеѓу Макпетрол и Оилко. Четири години подоцна од пишувањето на Капитал, а дури осум години од основањето на уникатното командитно друштво со акции Оилко, државата откри дека долгогодишните менаџери во Макпетрол, четвртата по големина компанија во земјата, наводно незаконски го прелевале капиталот во Оилко, каде меѓу другите, како најголеми сопственции се јавуваат првиот човек на Макпетрол, Андреа Јосифовски и финансовиот директор, Саша Лекиќ. MP-OK-2Капитал истражува што е во позадината на случајот Макпетрол и дали со отварањето на овој случај јавноста конечно ќе добие одговор на прашањата, кои долго години ги поставуваа малите акционери и некои експерти по трговско право, но никој не сакаше да ги одговори. Веројатно овие прашања ќе останат неодговорени во јавноста, која во следниот период најмногу ќе биде занимавана со тоа дали телевизијата Телма, во која Макпетрол е сопственик, ќе остане независна или ќе стане провладина? Што е многу, многу далеку од суштината на проблемот. Поднесувањето на кривични пријави за Андреа Јосиофовски, првиот човек на најголемиот нафтен дистрибутер во земјава Макпетрол и за сите членови на Управниот и Надзорниот одбор, со обвинување дека наводно со години г прелевале капитралот во командитното друштво со акции Оилко, ги разбранува духовите во македонската бизнис и политичка сцена. Што е вистинската позадина на овој случај? Зошто кривичните се поднесуваат токму сега, осум години по оснновањето на Оилко и во време на политичка криза со закажани предвремени избори? Што ќе се случи со компанијата? Дали целта е телевизијата Телма? MP-OKКапитал уште во 2011 година пишуваше за во најмала рака сомнителното поврзување и бизнис релациите помеѓу Макпетрол и Оилко. Многу правни експерти и мали акционери во Макпетрол предупредуваа за случувањата во компанијата. Но, за волја на вистината досега ниту една институција, ниту пак некој акционер не превземал конкретни дејствија, ниту, пак, побарал испитување на бизнис зделките на реалција Макпетрол-Оилко. Четири години подоцна од пишишувањето на Капитал, а дури осум години од основањето на уникатното командитно друштво со акции Оилко, државата откри наводно прелевање на капиталот од акционерското друштво Макпетрол, која е четврта по големина компанија во земјата во Оилко, каде покрај Макпетрол, како правно лица, како најголеми сопственции се јавуваат и првиот човек на Макпетрол, Андреа Јосифовски и финансовиот директор, Саша Лекиќ Многу работи околу овој случај изминативе години се бутаа под тепих. На пример, како и зошто надлежните институции дозволиле менаџерите да го основаат Оилко и друштвото преку ноќ да стане газда во Макпетрол? Зошто наводното незаконско прелевање на капитал од Макпетрол во Оилко за кое сега објаснува МВР, се толерирало цели осум години, кога и многу експерти за трговско право со години предупредуваа дека станува збор во најмала за сомнително поврзување кое мора да се преиспита? Зошто Макпетрол во изминатите шест години работел со милионски загуби во услови кога имале над 60% од пазарот на трговија со нафтени деривати и своевиден монопол во бизнисот со гас? Зошто и како менаџерите добивале дебели бонуси во време кога команијата работела со загуби, а акционерите немале никаква забелешка за тоа? Кој се е акционер во Макпетрол од редот на оние тајните со акции под 5%, а кои можеле да влиајаат врз донесувањето на секакви одлуки на Собранието на акционери во изминатите години? Капитал истражува што е во позадината на случајот Макпетрол и дали со отварањето на овој случај јавноста конечно ќе добие одговор на прашањата, кои долго години ги поставуваа малите акционери и некои експерти по трговско право, но никој не сакаше да ги одговори.

Зошто Макпетрол работи со загуба, а е лидер во трговијата и дистрибуцијата со нафтени деривати и гас во земјава?!

MP-OK-4Според официјалните податоци од Македонската берза, Макпетрол минатата година ја завршил со загуба од околу 2 милиони евра. Но, Макпетрол работи со загуба веќе шест години по ред. Односно од 2009 година, кога имаше рекордна загуба од дури 4,4 милиони евра. Во периодот шест години, или од 2009 година до 2014 година Макпетрол направил кумулативна загуба од околу 15 милиони евра. Заради загубите во работењето, од 2010 година Макпетрол не дели дивиденда на своите акционери, за разлика од претходните години кога сите акционери добиваа дивиденда по 1000 денари за акција. За многумина е чудно како е можно компанија која ја има најголемата дистрибутивна мрежа на нафтени деривати од дури 124 од вкупно 280 бензински станици во Македонија, да прави толку големи загуби. Дури и во годините како 2009 и 2010 година кога цената на нафтата и бензините рушеа рекорди. Покрај тоа, Макпетрол има своевиден монопол и во дистрибуцијата на гас и заедно со државната Гама го управува гасоводниот систем. Македонија плаќа најскап гас во регионот, па и во Европа, купен од Газпром, а закупен од Макпетрол, заради што компаниите се принудени да му плаќаат високи цени. Ако на сето тоа се додаде и фактот дека со години наназад Макпетрол добива и милионски тендери за снабдување со нафта и нафтени деривати на многу државни и јавни институции (податоци достапни од страницата на Бирото за јавни набавки), тогаш дилемите за лошото финансиско работење на Макпетрол се уште поголеми и не можат да се објаснат само со економска логика. Но, ако во анализата се вклучи Оилко тогаш можеби и може да се добие појасна слика за тоа како се управувал Макпетрол и зошто работел со загуби. За многумина е нејасно како е можно во 2006 година, пред да се основа Оилко, Макпетрол да работел со профит од дури 4,7 милиони евра, а после две години да набилда толку големи загуби?

Што откри МВР после осум години од формирањето на Оилко?

За да станат малку појасни работите и случувањата на релација Макпетрол-Оилко добро е да се потсетиме како и зошто се формираше ова, за многумина хермафродитн друштво. Многу е интересен моментот кога е основан Оилко. Според податоците од Централниот регистар Оилко е основан на 28 декември 2006 година. Во очи на Нова Година и само неколку месеци години после парламентарните избори кои се одржаа во јули 2006 година, а на кои победи ВМРО- ДМНЕ. Значи, во тоа време на власт беше ВМРО ДПМНЕ, а претседател на Комисијата за хартии од вредност беше професорката на Правниот факултет, Весна Пендовска, кадар поставен од претходната влада на СДСМ. Само половина година од основањето на Оилко, премиерот Груевски во друштво со Андреа Јосифовски свечено ја отвори фабриката за био-дизел гориво. Оилко е основан со капитал од 8,7 милиони евра, од кои само 1,6 милиони евра биле паричен влог, а најголемиот дел се состоел во недвижен имот и тоа градежни објекти и паркинзи за тешки возила. Како главни основачи на Оилко КДА, кое е командитно друштво со акции се јавуваат Андреа Јосифовски, Саша Лекиќ, како комплементари, и компанијата Макпетрол, како командитор.


Како Андреа Јосифовски ги објаснуваше профитот на Оилко и загубите на Макпетрол?

На прашањето поставено од Капитал уште пред неколку години зошто Оилко работи профитабилно, а Макпетрол книжи загуба, првиот човек на нафтениот дистрибутер, Андреја Јосифовски, демантираше дека командитното друштво е попрофитабилно од основачот поради префрлање пари од мајката во фирмата-ќерка.

„Оилко последниве години е попрофитабилна од Макпетрол бидејќи е новооснована компанија, без побарувања од минатото. И тоа што го работи го наплаќа. Дали се префрлаат пари од едната во другата компанија може да се провери многу лесно преку УЈП и да се анализираат сметките на двете компании во банките. Шпекулациите произлегоа од другите шпедитерски компании кои беа љубоморни на новоформираната транспортна компанија, која полека им го зема бизнисот. Улога во ширењето на шпекулациите имаат и Македонската берза и Комисијата за хартии од вредност, кои направија проблем тенденциозно и поради непознавање на законите“, вели Јосифовски.


Самата форма во која е основан Оилко како командитно друштво со акции е многу хермафродитна, бидејќи не е ниту командитно друштво, ниту акционерско друштво. Оилко е единствена фирма од овој тип во Македонија, а експертите по трговско право кој ги консултираше Капитал, велат дека такви фирми се многу ретки или воопшто не се предвидени во законите на многу земји. Што е суштината на овој тип на командитно друштво? Во членот 42 од Законот за трговски друштва е редвидено постоење на командитно друштво со акции “чија основна главнина е разделена на акции, го основаат еден или повеќе комплементари, кои одговараат неограничено и солидарно за обврските на друштвото со сиот свој имот, и командитори кои имаат својство на акционери и не одговараат за обврските на друштвото”. Комплементарите во друштвото се целосно овластени да управуваат со друштвото и одговараат со целиот свој имот, додека командиторите немаат никакво влијание во управувањето со фирмата. Според она што стои во кривичните ријави против менаџерскиот тим на Макпетрол, стои дека Оилко бил незаконски формиран уште на самиот почеток. Според МВР, влогот на сопствените акции на Макпетрол како основачки влог во ОИЛКО немале никаква имотна вредност “и оттука се ништовни, односно не може да претставуваат основна главнина”. “Со вложувањето на сопствените акции на АД Макпетрол во КДА Оилко правата од истите кои согласно Законот за трговски друштва дотогаш мирувале , со вложувањето се активираат и правата се пренесуваат двајцата комплементари во Оилко”, објаснуваат од МВР. Според објаснувањето од МВР, излегува дека формирањеtо на Оилко бил само начин како двајцата комплементари, Андреа Јосифовски и Саша Лекиќ, кои имаат неограничена власт и управуваат самостојно со Оилко, да добијат моќ врз сопствените акциите на Макпетрол, кои пред да бидат вложени како влог во новото командитно друштво, немале право на глас. Но, откако биле вложени во Оилко, друштвото станало голем акционер во Макпетрол. Одговорни лица од Централниот регистар се товарат дека дозволиле регистрација на Оилко без да проверат “дали влогот што се вложува има имотна вредност, дали може да се процени и изрази во пари, и не го зеле предвид фактот дека акциите кои што се вложуваат не претставуваат влог во ствари, туку се вложуваат „правата од акциите“ кои не можат ниту да се проценат ниту да се изразат во пари. Исто така, не ја зел во предвид одредбата од чл.338 од ЗТД, според која правата од сопствените акции мируваат, па следствено на тоа не можат да се вложуваат”. Подоцна како што објаснува МВР со устен налог, без правен основ и потеребна документација, надлежните од Централниот регистар одобриле акции од сметките на 57 физички лица и од сметката на Макпетрол да бидат префрлени на сметката на Оилко, како нов акционер во Макпетрол. Со тоа Оилко стана најголем акционер во Макпетрол со 19,97% од капиталот, за да во 2014 година тој удел се зголеми. Имено, според последните податоци од Централниот депозитар најголем сопственик на акционерското друштво Макпетрол е командитното друштво Оилко кое според последните податоци поседува 22,27% (19,94% во 2007 година). Останатите помалку од 80% од акциите се во сопственост на акционери кои поседуваат под 5% и кои според македонските закони се тајна за јавноста. Во Макпетрол има вкупно 2.660 акционери, од кои најголем дел или дури 2.527 се домашни физички лица. Во ОИЛКО, пак, најголем акционер е компанијата Макпетрол, која како командитор поседува 35,61%, а втор најголем акционер е Андреја Јосифовски, кој како комплементар поседува 14,94%. Заклучно со крајот на 2014 година комплемемнтарите физички лица поседуваат 19,16% од капиталот на Оилко. Во ОИЛКО има само двајца комплеметари физички лица Андреа Јосифовски кој поседува 14,94% и Саша Лекиќ, финансискиот директор на Макпетрол кој поседува 4% од акциите на Оилко. Според податоците од Централниот регистар како сопственици на ОИЛКО се регистрирани Андреја Јосифовски и Саша Лекиќ, а управитрел Димитар Џеков. Членови во Надзорниот одбор на ОИЛКО се Ѓуро Јовановски, Јован Трповски(член на управниот одбор на Макпетрол) и Ристо Јосифовски, кој е брат на Андреја Јосифовски. Веднаш по поднесувањето на кривичните пријави од Макпетрол веднаш реагираа дека кривичните пријави се тендензиозни и полни со неосновани обвинувања. “ Макпетрол АД во текот на целото свое работење постојано ги применува највисоките законски, етички и професионалнио стандарди. Компанијата работи целосно транспарентно и никогаш не прекршила некаков законски пропис, а најмалку од се би можела да оштети некој од своите акционери. Сите деловни одлуки се донесени целосно транспарентно и со одлука на акционерите”, регираат од Макпетрол. Макпетрол исто така се јавува и 100% сопственик во телевизијата Телма, потоа во Шампион Макпетрол, во фирмата за дистрибуција на гас Пром-гас, а во целосна сопственост на Макпетрол се и фирмите Макпетрол Доо основана во Србија и фирмата Перолмак основана во Грција. Покрај основниот бизнис со нафта и гас, Макпетрол се јавува и како продавач на големо и мало на разни видови стока, а има екслузивно застапнитво и дистрибуција на неколку марки како Honda, Valvoline, Goodyear и Dell.

Профит за Оилко, Макпетрол во загуба?!

Интересно е што по самото основање, бизнисот со транспорт и дистрибуција на нафтени деривати и природен гас беше издвоено од Макпетрол и префрлено на Оилко. Со тоа Макпетрол за целиот овој период од основањето му плаќа на Оилко за извршени услуги за транспорт. Па така симтоматично е што Макпетрол во изминатите осум години работи со загуба, додека во истиот период Оилко работи со профит. Според податоците од Македонската берза за хартии од вредност во изминатите пет години Оилко остварил вкупен профит од околу 2,4 милиони евра. Во извешатите објавени на Македонската берза може да се види дека Макпетрол само во изминатите четири години, односно во периодот од 2011 до 2014 година имал договори за купување на стоки и услуги од Оилко во вкупна вредност од 25,2 милиони евра по основ на транспортни услуги, закуп на деловен простор, закуп на транспортни средства и други стоки и услуги. Во истиот период, пак, Оилко купувал стоки и услуги од Макпетрол во износ од 5,7 милиони евра, главно за купување на гориво, резервни делови, услуги преку верна картичките… Во Оилко на крајот на 2014 година биле вработени 173 лица, а фирмата располага со 92 возила кои се специјализирани за транспорт на нафтени деривати и гас и 45 вагон цистерни.


Гранд Тортон, ревизорот на Макпетрол и на Оилко, давал позитивни мислења за работењето на компаниите

Ревизијата и на двете фирми, односно на Макпетрол и на Оилко, за сите изминати години, ја прави ревизорската куќа Гранд Тортон, чиј директор е Ружа Филипчева. Во ниту еден од ревизорските извештаи не е споменато поврзувањето на Макпетрол со Оилко, ниту, пак, обезвреднување на најголемиот нафтен дистрибутер. Напротив, во сите ревизорски извештаи ревизорите дале позитивно мислење, односно потврдиле дека финансиските извештаи реално и вистинито го одразуваат работењето на компаниите.


 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×