Сметката за бесплатниот ручек стига за наплата
Објавено на од во Колумни

 

Светски познатата консултантстка компанија Mckinsey неодамна ги објави резултатите од истражувањето на стотици менаџери од целиот свет, кои покажуваат дека менаџерите најмногу стравуваат од меѓународни воени конфликти. Ова е ситуација која сакале или не ќе влијае врз сите политички и деловни прогнози и одлуки во 2015 година. Економската неизвесност и несигурност која се посилно се шири низ целиот свет остава голем простор за наметнување на автократските лидери и нивните политики за наводна заштита на националните политички и економски интереси. Веќе видовме дека во ова зачувување на светските економски и геостратешки позиции во игра ќе бидат ставени сите оружја-војна со валути, со природни ресурси, трговски ембарга, нови технологии, сајбер напади, нови вооружени конфликти…Затоа, што и да се предвидува и прогнозира за следната година, во вакви неизвесни услови, може многу брзо да заврши како неточна прогноза. Што во бизнисот би можело да чини многу пари и изгубени инвестиции.

Прогнозите за тоа како ќе се води бизнис во Македонија се уште потешки. Од причина што покрај овие надворешни фактори, македонските бизнисмени се изложени на наши локални ризици и неизвесности. Брзото носење на законски измени без никаква претходна најава, а кои директно влијаат врз деловните потфати и инвестициите може да биде погубно за бизнисите кои немаат доволно знаење и експертизи за брзо да се приспособат.  Неколку такви законски измени, кои по итна постапка беа донесени на средина на изминатата година,  стартуваат од почетокот на годинава. Многу од нив директно им ги нарушуваат деловните потези на многу фирми. Неликвидноста е уште еден фактор кој може да биде погубен за многу фирми. Законот за финансиска дисциплина и задолжителната задолжница за сите зделки, сигурно ќе донесе банкрот на многу мали фирми. Тие немаат кондиција да издржат наплата на сработеното со доцнење од 120 дена. Пракса што што власта ја легализираше и со закон. А така набилдани со ненаплатени побарувања се премногу ризични за банките да им дадат кредит.
Од годинава бизнисите ќе бидат натоварени со уште поголеми давачки. Оданочување на добивката која што нема ја реинвестираат, зголемувањето на трошоците за работна сила, задолжителен со закон К-15 за вработените, поголема минимална плата…Се се ова причини заради кои многу фирми веќе во старата година почнаа да отпуштаат работници и да кратат секаде каде што може да се крати. Се се тоа економски многу логични и очекувани потези од страна на бизнисот. Секое поскапување на некој ресурс значи дека тој ресурс помалку ќе се користи. Пазарните законитости и сили делуваат многу силно. Но, за жал, државата која се повеќе расте ги потиснува овие пазарни логики. Пазарот полека ја губи битката со социјалната држава. Најголемата цена од ваквите политики, која ја плаќаме сите, е слабеењето на приватните компании.

Од анкетата која Капитал ја направи меѓу повеќе директори на фирми и банки дефинитивно се наметнува заклучокот дека компаниите работат со последни сили.

Можеби Македонија следната година навистина ќе успее да го оствари економскиот раст од околу 4% кој се предвидува. Но, домашните фирми дефинитивно нема да бидат столбот на кој ќе се потпираат растот и развојот на македонската економија. Растот во Македонија го предводат државата со јавните градежни проекти, странските инвестиции и некои компании кои успеале да добијат тендери или бизнис зделки на овие проекти. Вртоглавиот раст на спортските обложувалници кој ни се случува во изминатите неколку години е само отсликување на економската немоќ во која се дави македонскиот граѓанин. Невработен и без нагон да заработи повеќе со сопствени сили и знаење, сите надежи за заработка ги става на среќното ливче кое ќе му донесе многу пари без работа. Силната заштитничка улога на државата полека почнува да доминира во менталниот склоп на македонските граѓани. Се е исто како во социјализмот. Полека се успиваат во топлата прегратка на државата. Интересен е феноменот дека и покрај се поголемите зафаќања на државата, досега никој не се побунил да се намали улогата на државата и да се остави економијата на слободниот пазар. Никој не побарал да сопрат вработувањата во јавната администрација. Напротив, се поголем е бројот на обични луѓе и бизнисмени чиј единствен сон е да се вработат во државна институција или да добијат тендер од државата. А после ни пречи кога државата сака да собира повеќе даноци.

Па имаме ситуација на протести организирани  против поголемото оданочување, на кои главен слоган е социјална правда или работнички права. Тоа се две неспоиви работи. Социјалната правда значи дека некој што заработува и има повеќе ќе треба да плаќа и за оној кој не заработува ништо. Тоа е токму тоа што го гледаме изминативе неколку години. Бесплатните ручеци со кои државата гоштеваше многу луѓе не се бесплатни. За нив некој мора да плати. Е сега сметките за бесплатните ручеци стигнаа за наплата. И дури кога државата стави рака во нивниот џеб се сетија на оваа мантра.

 

9 thoughts on “Сметката за бесплатниот ручек стига за наплата

  1. “Неликвидноста е уште еден фактор кој може да биде погубен за многу фирми. Тие немаат кондиција да издржат наплата на сработеното со доцнење од 120 дена”.
    -Како може да очекуваме здрава економија со фирми кои не можат да си го платат долгот и цел живот работат на рабуш?

  2. Од годинава бизнисите ќе бидат натоварени со уште поголеми давачки. Оданочување на добивката која што нема ја реинвестираат, зголемувањето на трошоците за работна сила, задолжителен со закон К-15 за вработените, поголема минимална плата

    -Како може да бидат натоварени со воведувањето на данок на добивка, ако се оданочува само добивката. Што е тука товарот. Дека нема да можат да ги инвестираат парите од добивката? Ако е тоа тогаш и самите кажувате дека реинвестираните средства нема да подлегнат на оданочување.

  3. “Од годинава бизнисите ќе бидат натоварени со уште поголеми давачки.Се се ова причини заради кои многу фирми веќе во старата година почнаа да отпуштаат работници и да кратат секаде каде што може да се крати”.
    -Тоа значи дека фирмите на кои им се зголемила добивката исто така им се зголемил и данокот и заради зголемената добивка отпуштаат работници?

  4. Воведувањето на минимална плата и К-15 не го одобрувате?…Сакате да кажете дека треба и понатака фирмите треба да им плаќаат плати по 4000 денари за да заздрави економијата според вашата логика?

    “Можеби Македонија следната година навистина ќе успее да го оствари економскиот раст од околу 4% кој се предвидува. Но, домашните фирми дефинитивно нема да бидат столбот на кој ќе се потпираат растот и развојот на македонската економија. Растот во Македонија го предводат државата со јавните градежни проекти, странските инвестиции и некои компании кои успеале да добијат тендери или бизнис зделки на овие проекти”

  5. -Тоа што странските инвестиции ќе го одржуваат растот значи само дека нашите фирми се неконкурентни надвор од границата на државава. Не можат дури да бидат конкурентни ни на територијата на бивша Југославија. Тоа што на некои фирми им оди добро во државава како резултат на тендери добиени од државата е загрижувачки. Но не треба да се обвинува државата за тоа. Треба да се обвинуваат фирмите кои се неинвентивни,немаат стратегии за извоз, немаат идеја како да продадат надвор од Македонија,чекаат само од државата.

  6. Со зголемувањето на минималната плата и к-15 , како и со дополнителни оданочувања и зголемување на финансискиот удел од компаниите кон државата по полуприкриени основи(зголемени ренти во рударството,лиценци-посебно цената во шпедиција расти,зголемување на цената на цигарите и.т.н ) државата на долг рок добива а најсиромашните губат.Зашто?Затоа што менаџерите ќе вкалкулираат производствена инфлација за во 2015 година , бидејќи реално се намалува профитната маржа,посебно во преработувачката,кожарската и прехрамбената индустрија и трговијата на мало.Значи ке има општ пораст на цените во малопродажба како директна последина на пораст на расходите во индустријата и трговијата кои се каузално врзани со политичкиот акт за минимална плата и к-15.

  7. Бидејќи најсиромашните најмногу трошат за храна и основни намирници за физиолошки потреби, тие најмногу ке го почувствуваат општиот ценовен раст.Според Лондонските експерти од берзата за храна цената на храна во наредните 5 години ќе расти за 5% годишно,што значи пак се сиромашните на ценовен удар изложени повеќе од другите.

  8. .Бидејќи ќе порастат цените , ќе порасти и БДП , пресметано по формула вкупни производи и услуги помножено по цена,значи власта реално можи да оствари раст на економија и од 5 проценти, а вредноста на минималната плата заедно со к-15 да биди намалена во однод на намирници за физиолошки потреби.Државата добива политички маркетинг и политичко зголемување на БДП,преку пораст на цените како последица на идна инфлација детерминирана од зголемемните расходи по основ на политичка одлука за к-15 и минимална плата.Повисоки цени во малопродажба по автоматизам значи повеќе финансии во буџет по основ на ДДВ.Ова во влада го знаат и Ставрески и Груевски, па не се глупи како што многумина мислат.Цената на техничката вода расти, како и цената на водата за пиење.Во 2015 кога -тогаш ке порасни цената на нафтата , а со тоа и на струјата , па последица на сето тоа зголемени расходи за фирмите и за домаќинствата, а повеќе пари во буџет по основ акцизи и ДДД.И ова го знаат во влада.Прашањето е :Колку ке изеди инфлацијата од растот на економијата , според мене 2.5 до 3%.Пораст на економијата од 4 % ,а инфлација од 3 % претставува стабилизација во стагнација , а не економски раст, иако математички е економски раст.Тие што знаат економија знаат, а тие кои незнаат ќе се фалат со економски раст.

  9. ma kakvi 120dena opstinite na malite i sredni pretprijatija im dolzat so godini glaven primer e gradonaclnikot na karpos stevce jakimovski koi so godini neim plaka na firmite.drugi primeri koi mi se poznati se gevgelija;prilep bitola;kumanovo i mnogu drugi.mnogu od firmite od vakviot nacin na funkcioniranje na gradonacalnicite se pred bankrot ne mozat da isplatat plati rati za krediti ednostavno se vo minus od celata rabota.da se vo prasanje tie 120dena koi gi spomnuva gospodinot bojan veruvaj mnogu od tie pretprijatija bi ve castele rucek.

Напиши одговор на Бојан Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×