Со 80 општини на врат, Македонија економски се дави!
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

 Осумдесет општини значат и осумдесет градоначалници, осумдесет мали „држави во држава“ (што е и самата поента на децентрализацијата!), осумдесет локални власти и исто толку можности за корупција, злоупотреба на истите, партиски вработувања, заглавување во бирократија и неефикасност… Но, дали само преголемиот број на општини е виновник за лошата финансиска кондиција на локалната самоуправа или причините се подлабоки, ако јасен е фактот дека до таа бројка е дојдено само за да има етнички мир !?

Дури 80 општини (од кои десет го сочинуваат Градот Скопје, кој е посебна единица на локалната самоуправа) се протегаат на 25-те илјади 713 километри квадратни колку што има Република Македонија со нејзините два милиони жители, па фактот дека најголемиот дел од нив пливаат во долгови и финансиски тонат, многумина експерти го лоцираат токму во бројката.
Покрај општините, административно Македонија е поделена и на 8 плански региони, но тие не се сметаат за првостепена административна поделба, туку како плански региони за развој.

Осумдесет општини значат и осумдесет градоначалници, осумдесет мали „држави во држава“ (што е и самата поента на децентрализацијата!), осумдесет локални власти и исто толку можности за корупција, злоупотреба на истите, партиски вработувања, заглавување во бирократија и неефикасност.

Македонија до локалните избори во март 2013-та броеше 84 општини, но тогаш општините Другово, Вранештица, Зајас и Осломеј престанаа да постојат и се споија кон Општина Кичево. Четири помалку сепак не значат дека постојната е оптимална бројка, оти една година подоцна, податоците за долговите на општините стануваат поразителни.

Но, дали е само преголемиот број на општини виновник за лошата финансиска кондиција на локалната самоуправа (голем дел од општините имаат премалку жители и практички е невозможно да се полнат општинските каси), или во прашање се и капацитетот на градоначалниците, нивното лошо работење, мешањето на централната власт и слично… експертите велат дека се работи за комбинација на сите фактори.

Мирот во земјата (и во владината коалиција!) пред економскиот интерес

Во периодот од 1996 до 2004 година Македонија имаше уште повеќе општини – дури 123, бројка што и тогаш беше силно критикувана од професорите и аналитичарите, повикувајќи се на фактот дека цели триесет години, од 1976
до 1996 година Република Македонија функционирала со само 34 општини.

Но, мора да се има предвид дека 34-те општини тогаш се должат на политиката на поранешната југословенска држава, која во нашата земја продолжува и по осамостојувањето. Дури десет години постоење како независна Република Македонија беа потребни за во државава воопшто да се отвори темата за децентрализација на власта. Со распадот на СФРЈ, со декрет на првиот претседател Киро Глигоров и со конзенсус на сите политички партии во тоа време, извршена е токму централизација на власта. Ова централизирање е изведено со цел да се овозможи целосна контрола на територијата на Македонија и да се осигура нејзиниот суверенитет. Глигоров сосема отворено зборуваше зошто процесот на децентрализација почна многу подоцна од формирањето на државата и зошто тогаш тие се одлучиле на сосема спротивен потег:

“Во тоа време се плашевме од поединците во некои делови во Македонија кои заговараа формирање на етнички енклави, автономија на Струга и Тетово и нивно припојување кон Косово и Албанија, во Куманово се појавија српски радикали кои бараа автономија од Скопје. Тука ја видовма опасноста и се одлучивме за централизиран систем на Власт, со кој требаше да биде обезбеден територијалниот суверенитет на државата“, велеше Глигоров.

Но, десетина години подоцна се покажа дека оваа теза е апсолутно неодржлива во мултиетничка и безбедносно кревка Македонија, па веќе после конфликтот во 2001-та децентрализацијата станува топ тема. Законски измени во оваа насока се прават и малку порано, но сепак најзначајните измени се донесени после примирјето и усвојувањето на Охридскиот рамковен договор.

Она што загрижува според познавачите е што самата поставеност на македонската децентрализација е погрешна, оти се должи не на потребата за ефикасност и економска одржливост (или поедноставување на животот на граѓаните, туку за меѓуетнички мир и задоволување на апетитите за власт, зад маските на борбата за етнички права.

Фактот дека децентрализацијата почнува да се спроведува токму после конфликтот открива дека начинот на којшто земјата територијално била поделена претходно бил неодржлив, но фактот дека десет години подоцна, во 2014-та ние се уште зборуваме за нелогичен број на општини и нивна економска неефикасност говори дека и оваа поделба сега е најверојатно пак погрешна. Она што е можеби најважниот дел од пакетот за Децентрализација е таканаречената фискална децентрализација. Целосно финансирање на сопствениот буџет нема ниту една држава, но целта е локалната самоуправа да се финансира од сопствени даноци, кои сама ги пропишува и собира и има пропишан лимит за висината на тие стапки. Ако општините го пробијат тој лимит, се знае дека државата повторно ќе ја преземе сферата на пропишување даноци и распределба. Во строго политизираната македонска реалност, оние општини и градоначалници кои се со сита партиска идеологија како партиите кои ја водат централната власт, бидуваат повластени и добиваат специјален третман, а останатите честопати се саботирани во нивната работа.
Најголемиот проблем е сепак самиот извор на територијалната поделба којашто кај нас се сведува на меѓуетнички пазар.
Тоа што во 2013-та на локалните избори се направија нови територијални измени само за да може во општина Кичево да победи градоначалник Албанец (на општината Кичево и се припоија 4 општини со мнозинско албанско население) открива на која воденица ја тераат водата нашите политички лидери. Во 2004-та овој пример беше низ многу други македонски општини, со територијалната распределба од тоа време, процес заради којшто тогашната Влада на Владо Бучковски изгуби многу од својот рејтинг кај граѓаните од македонска националност.

 Општините најмногу трошат на плати и вработувања!

Самото инволвирање на етничкиот момент во процес којшто треба да биде строго технички и да се воведува и унапредува само заради подобри услови за живот на граѓаните, покажува дека уште долго во Македонија ќе сведочиме на неефикасна локална власт и задолжени општини.

А бројките се поразителни. Опозицијата и власта во меѓусебни обвинувања откриваат дека и едните, и другите додека ги држат конците во општините работат недомаќински.

На почетокот на оваа година, опозициската СДСМ објави фрапантни информации базирани на интерна преписка помеѓу вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за образование Спиро Ристовски, во која Пешевски бара од Ристовски да објасни како е можно за само две години од 2010-та до 2012-та 54 општини да натрупаат долг од 17 милиони евра.

„Повеќе од половина од оваа сума, над 9 милиони евра се долгови на основните училишта. Тие не плаќале за греење, за превоз на ученици, за струја, за вода. Како ќе се превезуваат ученици, како ќе се затоплуваат училници, ќе имаат ли светло во овие училишта? Неизвесно е. Причината е скандалозна. Вишок вработувања. Вработувале наставници повеќе од потребниот број. Ова не се пресметки на опозицијата. Ова се официјални владини податоци. Вицепремиерот за економски прашања, Пешевски, оваа информација ја добил од Министерството за финансии и бара итно мислење од министерот за образование, Спиро Ристовски. Во оваа информација на Пешевски до Ристовски, како што изјави Шилегов, стои дека парите од блок дотациите одат во најголем дел за плати, поради што нема пари за плаќање сметки.“ изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој вели дека во таа информација стои дека очекувањата на владата се дека општините во просек лани потрошиле по дури 87 проценти од блок дотациите за плати на врабтените во основните училишта.

„Во одредени општини, над 90 проценти од блок дотацијата за основно образование се троши за плати. „Тоа се должи на вишокот паралелки, а со тоа и на вишокот вработени“. Ова е официјална констатација на вицепремиерот Пешевски.

Слушнете што си признава власта во меѓусебната комуникација:

„Бројот на ученици во основното и средното образование има тренд на намалување, но не и бројот на вработени во училиштата. Потоа се наведени општините каде што има вишок вработени. Врапчиште, Битола, Струга, Кичево, Дебар, Охрид, Могила трупаат долгови зашто парите од блок дотациите одат само за плати. И Град Скопје, троши дури 72 процента од блок дотацијата за плати во средното образование. Од документот не произлегува дека некој ќе сноси одговорност за огромните долгови од неразумната превработеност за задоволување партиски апетити„ вели Шилегов.

ВМРО – ДПМНЕ врати на прес конференција дека и општините каде што СДСМ е на власт се финансиски заглавени:

„Општините каде што СДСМ бил или е на власт се дават во долгови, а вработените во јавните претпријатија на добиле плата со месеци. Струмица со која раководи претседателот на СДСМ, Зоран Заев, има долгови од вкупни 4,5 милиони евра. Кога тој така работи замислете како е во другите општини. Долговите на општината ги покажува кварталниот извештај на Општина Струмица заклучно со 30.09.2013 година, но и финансовиот извештај на ЈП Комуналец од 2011 година. Во ова јавно претпријатие вработените немаат земено две плати, а на повеќето од нив им се заканува отпуштање. Ако Струмица е примерот како функционираат СДСМ, тогаш доволно е јасно каква е состојбата во другите општини“ вели пратеникот Александар Николоски.

И обемната анализа на „Капитал“ на сметките на 12 од најголемите општини во Македонија, која ја објавивме пред неколку месеци ги покажа истите податоци – најмногу пари од тековните расходи се „фрлиле“ на плати, а веднаш потоа на стоки и на услуги, каде што главна ставка, секако, се „договорните услуги“… Речиси секаде, овие ставки се повеќекратно поголеми од ставките за капитални расходи или градежна оператива.

 

Каква е финансиската кондиција на општините  во европските земји?

Во земјите од Европската Унија, според податоците кои ги добивме од Секретаријатот за европски прашања речиси 55% од приходите локалните власти ги задоволуваат од сопствени извори, а во скандинавските земји тој просек е дури 75%. 27% се генерираат од локални даноци, 17% од таксите, а 13% од (парични казни, камати на банкарски сметки, продажба на општинска сопственост. Основни локални даноци се Персоналниот данок и данок на имот. Во Македонија помалку од 20% се генерираат од сопствени извори (најмалиот приход е на Грција со 33%). Ние локални даноци немаме туку тие претставуваат трансфери на централната и локалната власт. Тоа е затоа што општините немаат контрола на даночните стапки. Средствата, кои се реално собрани немаат никаква врска со распределбата 80 –10 –10. Смислата на овие локални даноци е во нивната висина, односно во локалното одредување колкав ќе биде данокот (едни би прифатиле поевтини и понеквалитетни услуги, а други – не). тоа се должи на можноста од различни даночни основици, па една заедница ќе финансира едно ниво на услуги, а други друго ниво. Секако дека последици има и од овој систем (некои послаби заедници овие диспаритети ги чувствуваат како намалена конкурентност и пречка во напорите за промовирање на нивниот економски развој). Заради тоа Програмите за воедначување се основен елемент на секој фискален систем. Децентрализираниот фискален систем може да функционира добро само ако приходите на ЛС од централната власт можат да се предвидат. Тоа е можно ако приходите се пропишани со формула. Во Европа постојат закони и прописи за тоа. Кај нас Министерството за финансии врши прераспределба од вкупната маса до Локалната самоуправа и применува “ограничување на јавната потрошувачка’ на износот на локалните даноци.

2 thoughts on “Со 80 општини на врат, Македонија економски се дави!

  1. dolgovite na opstnite vo drzavava se katastrofalno golemi a od toa najgolema steta trpat nasite mali i sredni pretprijatija koi rabotele za opstinite.neplakajki gi izvrsenite uslugi so godini namesto firmite da zarabotat tie vleguvaat vo ogromni zagubi koi mnogu tesko gi saniraat dodeka opstinarite im e gajle dali dolzat dali ke plakaat kamati pa ne gi davaat parite od svoj dzep.ovaa navika na neplakanje na opstinarite mora da prekine vednas bidejki nivniot budzetski kolaps e neizbezen a za toa mora da se pogrizi drzavata so nekoj pogolem kredit i da se donese zakon so koj im se zabranuva na gradonacalnicite da pravat sto sakaat i da ne smeat poveke da trosat odosto imaat na smetka.so toa ke se spasat od nelikvidnost mnogu mali i sredni pretprijatija koi so naplata na nivnite fakturi tie ponatamu ke se razdolzuvaat i ke se vrati doverbata vo drzavata i taa ke bide primer za site gragani kako treba da se raboti ponatamu.

Напиши одговор на dedo mraz Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×