Со идеја го освојуваат светот
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Пласирање на идеја која е или сосема нова или е многу ретка на пазарот, е единствен начин како мала компанија да сте присутни и конкурентни на светските пазари и да се носите и борите со големите светски корпорациски гиганти. Иако ова е општо познато во Македонија истражувањата покажуваат навистина низок процент на иновативност и креативност помеѓу компаниите. Капитал во оваа анализа преку неколку позитивни примери и експертски мислења се обидува да одговори на прашањето зошто во Македонија нема повеќе иновативни компании и како да се поттикне нивната иновативност.
Innovation_0

Доколку сакате да сте присутни и конкурентни на светските пазари и да се носите и борите со големите светски корпорациски гиганти тогаш треба да пронајдете начин да парирате на нивниот квалитет, нивната ниска цена и нормално на нивниот етаблиран бренд. За тоа се потребни големи финансиски средства, голем кадровски капацитет и потенцијал, здружување со други слични компании… Но, сепак постои и друг начин. Тоа е преку идеја која е нова или многу ретка на пазарот. Иако за многумина сето ова звучи идеалистички и повеќе како клише, сепак е остварливо и можно. За да го потврди тоа Капитал се обиде да најде неколку бизнисмени и компании во Македонија кои се успешни и на светскиот пазар токму заради иновативноста која ја примениле во бизнисот.

 Малкумина иноватори

Негиб Кадриќ од компанија Биро Стил од Скопје веќе дваесет години произведува театарски и кино столици кои се вградени и во многу познати регионални и светски концертни, театарски и кино сали. Вели дека успехот на компанијата се должи на идејата да се произведе нешто што е ретко, уникатно и барано, а дека сето останато се постигнува со 12 сати работа на ден.

„Нашите столици се инсталирани во Националниот Театар во Софија, во Метрополис Арената во Скопје, во Театарот во Благоевград. Тоа што опстојуваме повеќе од 20 години е доказ дека пазар и пласман за квалитетен и специфичен производ може да се најде. Останатото е само работа и континуирана работа“, вели Кадриќ.

Уште поинтересен е примерот на охридската компанија Ариазоне. Станува збор за еден од најуспешните примери на пробив на македонски производ на светски пазар. Нивните системи за сервисирање на автомобилски клима уреди уште од пред 12 години можат да се најдат во фабриките на Астон Мартин и на Рејнџ Ровер во Британија, можат да се најдат и во најмоќните армии на членките на НАТО, а фирмата Ариазоне има добиено и работено на неколку меѓународни тендери на Обединетите нации.

„Кога започнавме во 1998 година, никој не ни веруваше дека воопшто ќе произведеме или продадеме и еден единствен производ од ваков тип. Како и со секој бизнис кој почнал од гаража и ние поминавме низ страшни искушенија додека стигнавме до финален производ. После година и половина првите машини заминаа за пазарите во Малезија и Англија. Што сме направиле ни стана јасно дури во 2000 година, кога на франкфуртскиот саем ја претставивме првата автоматска машина за сервис на авто клими произведена во Европа. Истата година во фабриката на Астон Мартин во Бирмингем се користеше наша машина за полнење на климите на автомобилите кои ги произведуваа. Англиското воздухопловство исто така користеше наши машини за замена на фреонот во воените авиони. Сега произведуваме неколку типови на машини, сертифицирани со европските стандарди за безбедност при работа CE, кои одат скоро исклучиво за извоз“, вели Владо Мартиновски раководител во компанијата Ариазоне.

tech-innovation-100342420-origИТ секторот – природен расадник на иновации

Повеќе од десет милиони преземања на една апликација на Интернет и неколку стотици илјади корисници на истата ширум светот, се бројки и статистики на кои би им позавидела и една меѓународна корпорација со илјадници вработени. Но, ако се каже дека погоре споменатите бројки ги остварува скопската компанија CreationPall која има помалку од десет вработени, тогаш погоре споменатиот концепт на исплатливоста на иновациите е навистина оправдан.

„Излегувањето на „смартфоните“ беше еден поттик нашето искуство во другите ИТ-области да го насочиме кон паметните телефони и тоа засега се покажа многу плодотворно. Предностите на нашиот галвен проиизвод Sportypall се тоа што таа претставува прва мултиплатформска апликација што работела на сите платформи и оперативни системи на времето. Одговара на сите „смартфони“ и е прва во свет што е направена да функционира на овој начин“, вели Глигор Дачевски, сопственик на CreatioPall.

Неговиот став е дека во Македонија и понатаму има слободни и способни кадри кои можат да продуцираат вакви генијални идеи во ИТ секторот.

„Точно е дека сме само два милиони луѓе и нормално е една Србија со осум милиони луѓе да има четири пати повеќе добар кадар. Но, има и еден исклучок – што на овие балкански простори информатичарите, како и сите други, сакаат да се докажуваат и да се натпреваруваат со развиениот Запад. Ако имаш мотив, веројатно имаш сè во оваа струка“, вели Дачевски.

Во Македонија во оваа насока почнуваат да се формираат и специјализирани компании кои генерално се занимаваат главно со развојно истражувачки проекти.

Таков е Центарот за Плазма Технологии чиј основач е професорот Илија Насов.

„Центарот за Плазма технологии е развојно истражувачка компанија која од својот почеток 2013 година досега се занимава главно со развојно истражувачки проекти, почнувајќи од национални, интернационални, комерцијални, ЕУРЕКА и европски проекти од програмата на ФП7, во делот на развојно истражувачки проекти наменети за потребите на СМЕ компаниите. Со други зборови, Плазма се занимава главно со апликативна наука, каде секој научно истражувачки проект завршува со апликација која на крај се применува и се докажува на пазарот“, вели Насов.

Познавачите на состојбите коментираат дека иновативните компании од земјава се слабо медиумски експонирани бидејќи најголем дел од нив работат целосно на странските пазари што значи дека за домашни рамки немаат потреба од некое рекламирање, односно промоција.

InnovationsМакедонија каска со иновативноста

Сепак и покрај овие примери, истражувањата покажуваат дека само 20% до 30% од македонскиот компании покажуваат одреден степен на иновативност. Ако се знае дека зборот иновативност во својата компаниска мисија го имаат над 86% од фирмите во САД, а дури 60% од извршните директори во најсилната светска економија креативноста ја сметаат за клучна компонента на лидерството, тогаш навистина како неопходно се наметнува прашањето зошто состојбите се такви и како да се поттикне иновативноста во Макеоднија.

Според професорот Радмил Поленаковиќ, раководител на Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење иновативноста резултира во подобри резултати во работењето на компанијата, односно подобар и поквалитетен живот на секоја единка.

Професорот Поленаковиќ, вели дека еден од најголемите проблеми поврзани со иновативноста во Македонија е фактот дека дел од компаниите иновативноста ја изедначуваа само со поседување на патент.

„Иновативноста е многу повеќе отколку имањето патент. Иновативноста претставува начин на размислување, отвореност на компанијата, организациска култура која поддржува промени и не се плаши од воведување на новини. Во иновативните компании секој од вработените може да предложи некои подобрувања, не се плаши да грешки и преземање на ризик. Сепак, менаџментот (или сопствениците) се структурите кои ја креираат иновативната култура во компанијата и тука има уште многу што треба да се смени – пред сe – да се прифати фактот дека цел живот се учи и дека има многу работи кои треба да се осознаат и потоа применат во компанијата за да таа има одржлив развој“, објаснува Поленаковиќ.

Професорот Илија Насов, основач и сопственик на Центарот за истражувачка технологија Плазма од Скопје вели дека ЕУ дава огромни и се поголеми средства во насока на потикнување на иновативноста.

„Ако сако се анализира политиката на ЕУ во делот на финансирање на развојно- истражувачки проекти, може да се види дека тие даваат огромни средства за стимулирање на иновативни проекти, кои на крај би дале иновативен производ или услуга, со што конкурентната способност на компаниите значително би се подобрила. Значи, неспорно е дека иновативноста значително би помогнала во растот на македонските компании“, вели Насов.

Поради сето ова Поленаковиќ вели дека фирмите во Македонија треба уште многу да работат на развој на својот иновативен потенцијал, односно на развивање на иновациската култура во рамки на самите фирми.

„Методите и техниките на иновацискиот менаџмент, проблематиката на развој на нови производи е многу малку застапена во делот на консултантски услуги и сервиси кои им стојат на располагање на нашите компании“, вели Поленаковиќ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×