Со земјоделци кои обработуваат 1,50 хектар и имаат две крави не се гради земјоделие!
Објавено на од во КАПИТАЛ АНАЛИЗА

Makedonslko zemjodelie 950 WEBМакедонското земјоделско “чудо”

И покрај стотиците милиони субвенции истурени во земјоделие во изминативе годни, статистичките покажуваат дека во изминатите седум години во Македонија се намалува бројот на индивидуални земјоделски стопанства, кои се костурот на македонското земјоделие, како и земјата која тие ја обработуваат. Во споредба со 2010 година Македонија денес има 14 илјади помалку земјоделски индивидуални стопанства, а земјиштето што тие го обработуваат е намалено за близу 11 илјади хектари. Дури 60% од вкупниот број на земјоделски стопанства во Македонија обработуваат помалку од еден хектар земја и имаат по две крави, што ја отсликува состојбата во која се наоѓа македонското земјоделие – раситнето, расцепкано и без потенцијал да произведе поголеми количини на квалитетни и конкурентни земјоделски производи.

Македонија има големи природни потенцијали за развој на земјоделието  и за производство на храна…Оваа констатација ја слушаме со години наназад од многу лица кои претставувале некаков фактор во креирањето на земјоделските политики. Токму големите потенцијали за земјоделие во Македонија беа главното објаснување на изминатата власт за да одвојува стотици милиони евра од буџетот и да ги исплаќа како субвенции за земјоделците.

Но, ако се направи кратка анализа на профилот на македонското земјоделие денес и оној кој не е експерт за земјоделие може да заклучи дека ситуацијата е многу блиску до очај.

Секое земјоделско стопанство во Македонија користи во просек по 1,5 хектари земјоделско земјиште, има по две крави. Дури 60% од вкупниот број на земјоделски стопанства во Македонија обработуваат помалку од еден хектар земја, додека процентот на земјоделските стопанства кои обработуваат над 10 хектари е само 1,4%. Просечно, по земјоделско стопанство се ангажирани 2,5 лица. Ова се само дел од резултатите од најновото структурно истражување на земјоделските стопанства кое неодамна го објави Државниот завод за статистика, а кои многу пластично покажуваат во каква очајна состојба се наоѓа македонското земјоделие. Раситнето, расцепкано и без потенцијал да произведе поголеми количини, на квалитетни и конкурентни земјоделски производи.

Податоците од Структурното истражување на земјоделските стопанства, вкупниот број земјоделски стопанства во Република Македонија изнесува 178. 125, од кои најголемиот дел се индивидуални земјоделски стопанства, додека само 280 се деловни субјекти.

Податоците покажуваат дека дури 90% од вкупната вредност во земјоделието се создава кај индивидуалните земјоделски стопанства. Само 10% од вредноста во земјоделие се создава кај деловните субјекти, а статистичките податоци покажуваат дека нивниот број постојано се намалува. Имено, во 2013 година  во Македонија имало 304 деловни субјекти како земјоделски стопанства, додека во изминатите четири години 24 години од нив згаснале.

За да се добие појасна слика за просечниот македонскиот земјоделец Капитал ги во овој број ги анализира податоците за индивидуалните земјоделски стопанства.
Кај индивидуалните земјоделски стопанства, во кои обично влегуваат семејните земјоделски мали фарми, и кои се костурот на македонското земјоделие, ситуацијата е уште поочајна. Податоците покажуваат дека во Македонија има 177.845 индивидуални земјоделски стопанства, кои обработуваат 272 илјади хектари земјиште или во просек 1,5 хектари по стопанство.
Ако се споредат овие податоци со податоците од 2010 година може да се види дека во изминативе седум години е намален и бројот на индивидуални стопанства, како и земјата која тие ја обработуваат. На пример, во споредба со 2010 година Македонија денес има 14 илјади помалку земјоделски стопанства, а земјиштето што тие го обработуваат е намалено за близу 11 илјади хектари.

Просечната искористеност по стопанство се намалува, што укажува дека расцепкувањето на земјоделското земјиште продолжува. Па така дури 60,8% од вкупниот број стопанства користат до 1 хектар земјоделско земјиште. Тоа е практично резултат на досегашната политика на доделување на државното земјоделско земјиште по социјален принцип и на лица кои на тој начин си ја обезбедуваат само сопствената егзистенција, а кои практично немаат никаков потенцијал да се занимаваат вистински со земјоделие и да создадат некаква поголема вредност.

Во индивидуалниот сектор, најголемо учество од 60,9% имаат земјоделските стопанства со користено земјоделско земјиште под 1 хектар, а најмало учество од 1,4% имаат стопанствата со над 10 хектари. Кај деловните субјекти, најголемо учество од 65% имаат стопанствата со големина над 10 хектари, а најмало од 1,1% имаат стопанствата со големина од 2 до 3 хектари.

Вака расцепкани, индивидуалните земјоделци, и покрај субвенциите кои ги добиваат, се целосно немоќни да обезбедат производи кои според квалитетот и цената ќе бидат доволно конкурентни и така неорганизирани секојдневно се под притисок на трговците на големо кои им го откупуваат родот за бадијала.
И експертите главниот проблем за хаотичната состојба го лоцираат токму во расцепканоста на земјоделското земјиште.

“Малите фарми и малите земјишни парцели се системски проблем во Македонија уште од многу одамна. Проблемите очигледно се детектирани од државата и се превземаат активни мерки, а изработени се и повеќе стратегии. Сметам дека на долг рок мерките кои се превземаат ќе дадат резултати и статистиката ќе почне да се приближува кон европските стандарди. Од друга страна, државата треба да има поддршка и од самите земјоделци кои треба да ја надминат психолошката бариера од окрупнување, да се насочат кон примена на современите агротехнички мерки и да инвестираат во производството како за проширување на истото, така и за добивање на поголеми приноси”, смета Драги Димитровски, декан на Земјоделскиот факултет.

Makedonslko zemjodelie 950 WEB tabela 01

Се намалуваат површините со зеленчук

Земјоделското земјиште во Македонија најмногу се користи како ораници, бавчи и куќни градини. Површините под ораници, бавчи и куќни градини учествуваат со 77,4% во вкупното користено земјоделско земјиште. Ливадите и пасиштата учествуваат со 10,2%, лозјата со 6,4% и овоштарниците со 5,9% во вкупното користено земјоделско земјиште.

Најголемо учество во површините под ораници и бавчи имаат житата со 65,4%. Индустриските култури учествуваат со 9,4%, фуражните растенија со 13.4% и зеленчукот и мешункастите растенија со 8,7%. Најзастапена е пченицата со 31,9%, јачменот учествува со 18,6%, пченката со 10,8%, луцерката со 8,4% и тутунот со 6,5%.

Само 6,5% од користената земјоделско земјиште е засадено со тутун, додека 2,5% со сончоглед и тие бележат намалување во однос на 2013 година.

Според последните податоци 15.274 хектари во Македонија изнесуваат површините под зеленчук, од кои најголемиот дел се наоѓаат во Југоисточниот регион. Ако се спореди со 2010 година површините под зеленчук изнесувале 23.761 хектар, што значи дека за период од седум години се намалени за цели 11.500 хектари.
Од нив најголема површина или 6.812 хектари се засадени со пиперки, 2.186 хектари се засадени со лубеници, 1.673 хектари се со зелка, 1.488 хектари се со домати…Во споредба со 2010 година најголеми површини биле засадени со пиперки, компир, домати,грав, кромид, кои сега се многу намалени.

Само 20 хектари земјоделска површина се засадени со маслини, а 144 хектари се засадени со јапонски јаболка, додека околу 750 хектари се засадени со бадеми и лешници.

Вкупната површина на овоштарниците во Македонија изнесува 18.899 хектари и во однос на 2010 година бележи зголемување за 11 илјади хектари.

Во структурата на овоштарниците најзастапени се површините со јаболка, кои зафаќаат  дури 31,2% од вкупните површини под овоштарници, а најмало учество е забележано кај бобинките со 1.0%. Од овошките најголеми се засадените површини со јаболка 5.898 хектари, кои во споредба со 2010 година се зголемени за околу 2.500 хектари. Околу 4.500 хектари се засадени со сливи, со праски има 1.926 хектари, ореви 1.763 хектари,  со вишни  1.341 хектар.

Вкупната површина на лозја во 2016 година, во Република Македонија, изнесува 20.612 хектари и во однос на 2010 бележи зголемување за околу 3 илјади хектари. Од овие 20 илјади хектари со лозови насади најголем дел или 14 илјади хектари се на индивидуалните земјоделски стопанства, додека само 6 илјади хектари се во сопственост на деловните субјекти.

Просечно земјоделско семејство нема ниту две крави

Последното истражување покажува дека во Македонија има 252.936 говеда, што е зголемување во споредба со 2010 година кога се во Македонија се одгледувале 230.400 говеда. Од нив, дури 98% се одгледувани од страна на мали и ситни земјоделци. Или на секое индивидуално земјоделско стопанство отпаѓа во просек по 1,42 крава.
Кај деловните фирми, пак, ситуацијата е малку подобра и таму просекот е по 18 крави по фарма. Но, тука има намалување во споредба со 2010 година кога во просек имало по 30 крави по фарма, што сепак е многу малку во споредба со просекот во земјите во регионот и од ЕУ.
Бројот на свињи кои се одгледуваат во Македонија изнесува 175.172, што е зголемување во однос на 2010 година кога се одгледувале 127.268 свињи.

Истражувањето покажува дека во Македонија се одгледуваат 717.244 овци и 1.8 милиони живина чиј број се намалува во последните години.


Makedonslko zemjodelie 950 WEB 01Само 25% од обработената земја се наводнува

Уште еден податок кој ја покажува очајната ситуација во земјоделие е површините што се наводнуваат. Од вкупната обработувана површина само 84 илјади хектари се наводнувани, што е само 25% од вкупната обработувана површина.

И тоа најупотребуван метод за наводнување кај земјоделските стопанства е површинското наводнување кај дури 60% од нив, додека помалку од 10% од земјоделските стопанства се наводнуваат по системот капка по капка.


Makedonslko zemjodelie 950 WEB 02Растат субвенции, но расте и трговскиот дефицит

Статистичките податоците покажуваат дека во 2008 година увозот на земјоделско-прехрамбени производи бил 535 милиони евра, а субвенциите 45 милиони евра. Во годините потоа како растеле субвенциите, така се зголемувал увозот. Така, лани увозот на земјоделско-прехрамбени проиозводи се зголемил на близу 720 милиони евра, а субвенциите изнесувале  120,3 милиони евра. Паралелно со тоа расте и трговскиот дефицит кој од 156 милиони  евра во 2008 година, минатата година изнесувал 187 милиони евра.

Владата на СДСМ вети дека годишно ќе одвојува 160 милиони евра од буџетот кои ќе ги исплаќа на земјоделците како субвенции. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски во интервју за Капитал изјави дека заедно со Светската банка се прави анализа на ефектите од потрошените пари за субвенции во земјоделието.
Тој најави дека како Влада ќе посветат сериозно внимание на стратешките извозни производи, кои носат поголем девизен прилив и со кои ќе се намали трговскиот дефицит. “За нас како мала економија, е најважно е да имаме конкурентно земјоделско производство, конкурентни производи на странските пазари, а тоа се постигнува преку намалување на производните трошоци, односно кога земјоделците ќе имаат поевтина нафта, семе, ѓубрива и заштитни средства, а субвенциите ќе ги добиваат навреме, за истите да имаат развоен карактер”, изјави Николовски.

Според Николовски, Македонија има голем природен потенцијал за развој на земјоделството, но дека е потребно да се промени постоечката неповолна структура на земјоделските стопанства. “Ќе воведеме мерки за стимулирање на производството на добиточна храна, органско производство, зголемено користење на сертифициран семенски материјал за да се постигнат повисоки стандарди за квалитет и безбедност на храна. Ќе работиме на модели и мерки за зголемување на површините и приносите. Тука ќе го споменам проектот за консолидација на земјоделското земјиште, за кој веќе во тек е постапка за избор на региони каде што ќе се спроведува консолидацијата. Tреба да започне и проектот за развој на задругарството како модел на окрупнување на земјоделското производство, кој ќе се спроведува со финансиска помош од Европската комисија во вредност од 1,8 милиони евра”, изјави Николовски, кој најави дека секоја година Владата на СДСМ ќе издвојува по најмалку 10 милиони евра од земјоделскиот буџет за капитални проекти за санација постоечките и изградба на нови хидросистеми за наводнување.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×