Справување со високата корупција за да се ослободи бизнисот од притисок за поткуп
Објавено на од во Економија

26-27-1Власта најави ефикасна борба против корупцијата

Корупцијата и другите форми на криминал се голема пречка за приватните компании и имаат негативен ефект врз инвестициите во приватниот сектор, покажуваат неколку истражувања на релевантни меѓународни институции спроведени во земјава. Наодите од овие истражувања покажуваат дека бизнисмените во земјава многу често поткупуваат јавни службеници за да добијат за возврат некаква услуга.Борбата против корупцијата како политика што треба да ја преземат е високо на агендата на речиси сите бизнис здруженија коишто ја оценуваат бизнис климата во земјава. Бизнисмените бараат продолжување на борбата против корупцијата и поддржување на владеењето на правото што ќе придонесе за многу подобра деловна средина, погодна за нови инвестиции.

 

Корупцијата и другите форми на криминал се голема пречка за приватните компании и имаат негативен ефект врз инвестициите во приватниот сектор, покажуваат неколку истражувања на релевантни меѓународни институции спроведени во земјава. Наодите од овие истражувања покажуваат дека бизнисмените во земјава многу често поткупуваат јавни службеници за да добијат за возврат некаква услуга.

Борбата против корупцијата како политика што треба да ја преземат е високо на агендата на речиси сите бизнис здруженија коишто ја оценуваат бизнис климата во земјава. „Продолжувањето на борбата против корупцијата и поддржувањето на владеењето на правото ќе придонесе за многу подобра деловна средина, погодна за нови инвестиции“, пишува во Белата книга што ја издава Советот на странски инвеститори при Стопанската Комора на Македонија.

Според Извештајот на Европската унија за 2018 година, во однос на борбата против корупцијата „земјата постигнала одредено ниво на подготвеност. Законодавната и институционалната рамка е соодветна, како и досието за заштита и гонење, иако остануваат ограничени конечните судски одлуки за случаи на корупција на високо ниво. Корупцијата останува доста застапена во многу области и продолжува да биде сериозен проблем. Се увиде дека капацитетот на институциите ефективно да се справат со корупцијата има структурни и оперативни недостатоци. Политичкото мешање продолжува да биде ризик.

Советот на странските инвеститори сугерира годинава земјата да ја афирмира политичката волја за борба против корупцијата со тоа што на институциите кои ќе бидат активни во спречувањето и потиснувањето на корупцијата ќе им даде доволно автономност, ресурси и специјализиран персонал ангажиран врз основа на заслуга и да продолжи да го подобрува своето досие за истраги, обвиненија и конечни осуди во рамките на случаи за високо ниво на корупција, вклучувајќи и финансиски истраги согласно Финансиската работна група за стандарди за перење пари и запленување и конфискација на криминални добра.

Фондацијата Херитиџ исто така во својот последен извештај критикуваше дека „судството не покажува независност, а судиите се предмет на политичко влијание. Корупцијата е сеприсутна, а некои службеници се вклучуваат во коруптивни активности без да бидат казнети“.

Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал направи посебно истражување а корупцијата во бизнис секторот кое покажа дека најмногу погодени од корупцијата се претпријатијата од градежниот сектор, по кои следат претпријатијата од секторот за трговија на големо и мало.

Јавните службеници кај кои постои најголем ризик за поткуп при контакт со претпријатијата се: цариниците, службениците во катастарот, службениците во општините, полициските службеници и инспекторите. Искуството на компаниите кои даваат поткуп на јавните службеници го потенцираат фактот дека корупцијата има улога во секојдневните бизнис активности на многу компании. Компаниите кои плаќаат мито, плаќаат просечно 4,8 поткупи годишно или околу еден поткуп на секои единаесет недели.

Според ова истражување, распространетоста на поткупот е малку повисока кај малите компании (10-49 вработени) отколку кај останатите компании.

Значителен дел од целокупниот поткуп што компаниите го плаќаат на јавните службеници се плаќа во форма на храна и пијалаци (52%), проследено со давање на други стоки кои не се произведени од страна на компанијата во замена за незаконска “корист” од страна на јавен службеник (27,6%) и готовински плаќања (16,6%). Кога поткупот се плаќа во готово, средната вредност која се исплаќа по поткуп е 17.349 денари.

Најчестите цели заради кои компаниите плаќаат поткуп се за да ги забрзаат процедурите кои се поврзани со бизнисот, да може да се заврши постапката, да се намалат трошоците за постапката или да се добие подобар третман, и да се добијат информации.

Загрижувачки е што само 3,3% од компаниите кои платиле поткуп го пријавиле на официјалните власти во Македонија.

Корупцијата заедно со другите форми на криминал претставуваат значителен товар за економскиот развој во Македонија.

Воспоставувањето на повеќе и подобри конкретни мерки за заштита на компаниите против кривични дела, како и за спречување на корупцијата (како што се ефективни усогласени внатрешни мерки и други политики во врска со корупцијата) може да го направат тој товар значително полесен, заклучува извештајот на Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал.
fd8b0f77d767f1f6640afba6916ff67c_XLМал напредок на меѓународните рангинрања

Корупцијата во Македонија покажува тренд на намалување но сепак земјава останува една од најкорумпираните држави во регионот заедно со Косово. Најновиот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интеренешнл, ја рангираше Македонија на 93 – тото место од вкупно 180 земји во светот со вкупно 37 поени, што е подобрување за два поени споредено со годината претходно, но сепак премало да се каже дека државата постигнува добар напредок во борбата против корупцијата.

На оваа ранг листа, каде што земјите со 0 поени се најкорумпирани, а со 100 поени без воопшто корупција што практично е недостижно ниво за ниту една од рангираните држави, Македонија најдобро била оценета во 2014 година а потоа до лани бележи назадување.

Перцепцијата на корупцијата во Македонија редовно ја истражува и Македонскиот центар за меѓународна соработка. Наодите од овие истражувања покажуваат дека најкорумпирани професии во земјава се судии, јавни обвинители, министри, лидери на политички партии и пратеници.

Неколку наоди од најновиот извештај за застапеноста на корупцијата на МЦМС се загрижувачки. Прво, тоа што корупцијата во земјава е неказнива. Според нивните наоди, повеќе од третина од испитаниците потврдиле дека биле вклучени во некакво коруптивно дело, што би било еквивалентно на речиси половина милион полнолетни луѓе во земјава. Од друга страна според последните податоци, само околу 140 случаи за корупција завршиле со пресуда.

Потоа резултатите покажуваат дека прифатливоста на корупцијата се зголемува и особено загрижува што младите се повеќе ја прифаќаат корупцијата. Очекувањата за коруптивен притисок се попесимистички односно дури 9 од 10 луѓе рекле дека очекуваат поголем притисок за корупција.

Емина Нурединовска од МЦМС која што е раководител на програмата за борба против корупцијата вели дека расте песимизмот кај граѓаните и тоа било изненадувачки резултат особено што извештајот е правен откако е формирана нова влада која најави ефективна борба против корупцијата, но сепак граѓаните немаа чувство дека се испорачуваат резултати.

Според неа, потребни се повеќе мерки за да се обезбеди ефективна борба против овој општествен проблем.

„Основно е да има функционалност на институциите и тоа во секоја смисла и на секое ниво. Прво почнувајќи од Специјалното јавно обвинителство кое што сметам дека треба да се остави да си ја заврши работата бидејќи тоа е телото што се справува со високата корупција во државата, со корупција во која се инволвирани функционери. Ако граѓаните не видат казнивост на тие дела, тогаш останува впечатокот дека немаме моќ да се справиме со корупцијата и оттука и чувството дека ако може на тоа ниво зошто да не може и на пониско. Корупцијата е високо исплатлива активност со многу мал ризик токму поради тоа што не е казнива. Освен СЈО, за ефикасна борба против корупцијата е важен цел правосуден систем, од Обвинителството за гонење на организиран криминал, коешто мора да добие повеќе ресурси за да функционира подобро, но од друга стана нам ни треба и независно судство бидејќи може да имате многу обвиненија но ако неа соодветни пресуди, резултати во борбата против корупцијата нема да има“, вели Нурединовска.

Според неа формирањето на Државната комисија за спречување на корупцијата е позитивен сигнал во борбата против овој општествен проблем и претставува една од клучните алки во системот за нејзино искоренување.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас Цивилис вели дека главната антикорупциска институција е Собранието.

„Ако ги погледнете сите клучни институции во борбата против корупцијата сите тие им одговараат на пратениците. Јавното обвинителство, судството, државниот завод за ревизија, министерството за финансии, владата воопшто и ДКСК исто така. . . Ако пратениците не ги земат уздите и не кажат добро до каде сме со борбата против корупцијата, зошто ова не е направено и да ги повикуваат и јавните обвинители и комесарите во ДКСК да ги прашуваат за актуелни скандали кои што ќе се појавуваат а ќе се појавуваат, ние нема утре да ја искорениме корупцијата, тоа ќе направи институциите да се чувствуваат одговорни пред оние што ги избрале, а тоа се пратениците а на некој начин и пред граѓаните. Така што клучното во борбата против корупцијата е враќањето на надзорната улога на Собранието“, вели Поповиќ.

Според него, институциите мора да се позанимаваат и со сомнежите за корупција во јавните набавки.

„Има многу интервентни јавни набавки кои што легално го заобиколуваа законот за јавни набавки. Интервентна јавна набавка на возила на пример може да направите во интервентни ситуации. Ако лошо сте планирале мора добро да објасните зошто има интервентна набавка на возила и прашање е колку контролните тела ќе ви дозволат тоа да го направите. Има случаи со кои Антикоруцоиска треба да се занимава затоа што тоа случајно непланирање може да е направено за легално да се заобиколат правилата“, вели Поповиќ.

Бизнисмените велат дека дигитализацијата на јавната администрација е еден од клучните процеси кои ќе влијаат на ефикасноста и професионалноста на јавната администрација, а со тоа и на намалувањето на корупцијата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×