Србија се одлучи за реформи. Вучиќ ги стега јавниот сектор и социјалните давачки
Објавено на од во Uncategorized

Со сет на мерки за кратење на буџетските трошоци премиерот Александар Вучиќ ќе ја спасува српската економија. Србија идната година мора да заштеди 700 милиони евра во буџетот. Вучиќ и порача на нацијата дека му се потребни три години „за да го сврти бродот и да ја оддалечи Србија од карпата“.

Со сет на мерки за кратење на буџетските трошоци премиерот Александар Вучиќ ќе ја спасува српската економија. Србија идната година мора да заштеди 700 милиони евра во буџетот. А, веќе позајми една милијарда евра од Обединетите Арапски Емирати. Бомбастично најавените реформи наидоа на поддршка од стручната и меѓународната јавност, но прашањето е дали и колку ќе дадат ефекти. Уште поважно е колку Вучиќ ќе биде истраен во спроведувањето на овие болни резови, особено ако тие му го загрозат високиот рејтинг кој се уште го ужива меѓу граѓаните во Србија.

Кои се мерките на Вучиќ? Пензиите кои надминуваат 25.000 динари ќе бидат намалени за 3,1%, тие над 35.000 динари ќе се намалат за 6,2%, а тие над 40.000 динари за 9%. Пензиите поголеми од 60.000 динари ќе се скратат за 15%-16%. Такви се околу 41.000. Околу 60% од пензионерите нема да бидат чепнати затоа што нивните пензии се помали од 25.000 динари.
За 10% до 10,5% ќе се намалат и платите на вработените во јавната администрација кои се повисоки од 25.000 динари. Од оваа мерка ќе бидат поштедени 113.000 административци. Најголемиот товар ќе го поднесат 31.167 вработени во јавниот сектор кои заработуваат над 100.000 динари, кои ќе се намалат на ниво на солидарен данок од 20%.

„Се трудевме да ги заштитиме најсиромашните бидејќи луѓето во Србија тешко живеат. Не е тоа прашање на политичка воља. Прашање е само можат ли тоа луѓето да го преживеат. Знам дека на никого нема да му биде лесно, но ќе можат да живеат и да ги сочуваат работните места“, изјави премиерот Вучиќ.

Планираната заштеда од платите и пензиите изнесува околу 400 милиони евра, а до планираните 700 милиони, според Вучиќ, ќе се доаѓа со „тешки мерки“. Една од нив и поголема наплата на даноци. Тој призна дека овие мерки се сугерирани и од Меѓународниот монетарен фонд. Дополнителни мерки што ќе се преземат се кратење на субвенциите за Србијагас и за Железниците на Србија. Вучиќ ќе го реформира и моделот за субвенционирање на земјоделството за парите да не одат повеќе кај „земјоделските тајкуни“, туку кај вистинските мали земјоделски производители.

„Баш ми е гајле што разни тајкуни ќе се бунат и какви се не комбајни и трактори ќе извадат на патиштата. Можат да ме сменат, па што. Ви ветувам дека ќе видите резултати“, категоричен е Вучиќ. Тој додава дека државата досега просечно издавала хектар за 128 евра и дека тоа е просечната цена за закуп на земја во Србија, а за тоа давале 110 евра субвенции по хектар.
„Всушност државата не заработувала ништо, 18 евра по хектар. Сега ќе бараме тој што добива субвенции за 10 хектари да има барем еден вработен“, истакна Вучиќ.

Директорите на јавните претпријатија кои остваруваат профит ќе мора да го уплатат во буџетот до 15 јануари и досега веќе се обезбедени 150 милиони евра по овој основ. Јавните претпријатија и министерствата мора да штедат и да ја подобрат ефикасноста.
„Да видите кога ќе ги притиснете како можат да обезбедат повеќе. Директорите на јавните претпријатија не се тука затоа што се попаметни од сите нас, туку затоа што државата им дала да бидат монополисти и да наплаќаат нешто што не им припаѓа“, вели Вучиќ.
Планот на Владата е до 2017 година буџетскиот дефицит во Србија да се намали од 2,5 милијарди на една милијарда евра. Според Вучиќ, се уште има ликвидни средства, но треба да се реагира веднаш за подоцна да не дојде во ситуација кредиторите да му кажуваат што да прави. Тој и порача на нацијата дека му се потребни три години „за да го сврти бродот и да ја оддалечи Србија од карпата“.

„Сите останати мерки за фискална консолидација, како што се доведување на јавните претпријатија во ред, намалување на сивата економија, отпуштање на вишокот вработени во јавниот сектор не можат да дадат доволно заштеда за избегнување на кризата, ниту можат да дадат големи ефекти на краток рок. Доколку платите и пензиите не се намалат за 15%, следната година ќе мора уште еднаш силно да се коригираат надолу. Може процентот на намалување да биде и помал (12%), но тогаш ДДВ ќе мора да се зголеми за два процентни поени“, покажува анализата на Фискалниот совет на Србија.

Реформи или рецесија

Владата на Србија беше приморана да прави нешто затоа што економијата не може да излезе од кризата, а државата се уште троши многу повеќе отколку што буџетот дозволува. Премиерот Вучиќ призна дека платите во јавниот сектор се за 40% поголеми од тие во приватниот, кој пак го издржува јавниот.

Последната прогноза од Европската банка за обнова и развој е дека годинава српската економија ќе има пад од 0,5%, со оценка дека „веројатно ќе се лизне кон рецесија“. Претходно ЕБРД прогнозираше економски раст во Србија од 1%. Една од причините за економската криза се и поплавите кои ја погодија земјата оваа година, а од кои најмногу страдаа земјоделството и енергетиката. За 2015 година, ЕБРД предвидува дека БДП во Србија ќе се опорави и ќе се врати на раст од 2%.

Пакетот мерки што ги објави премиерот Вучиќ наидоа на одобрување од меѓународната заедница. Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер оцени дека новите реформски потези потсетуваат на болните и тешки реформи што тој ги спроведувал во Германија.

„Мислам дека тоа се важни чекори кои треба земјата да ја одведат во подобра иднина. Приватизацијата на државните фирми исто така е исправна и неопходна мерка. Германскиот пример покажува дека таквите реформи за многумина може да бидат многу болни“, изјави Шредер во интервјуто за српскиот весник Блиц.

Тој потсети дека со неговата „Агенда 2010“, која ја спровел пред 11 години, биле намалени социјалните давачки. “Политичарите нерадо воведуваат такви мерки и само тогаш кога се убедени дека е тоа добро за нивната земја. Освен тоа потребни се неколку години за да се почувствуваат ефектите од тие реформи. Тоа од граѓаните бара големо трпение“, истакна Шредер.

Претставникот на делегацијата на Европската унија во Белград, Фрејк Јанмат, изјави дека Брисел ги поддржува предложените мерки.

„Ние на ова гледаме како на дел од агендата за структурни мерки, а фискалната консолидација би требало да оди рака под рака со економските реформи кои ќе ги поддигнат конкурентноста и растот. Една од нашите специфични препораки беше намалување на субвенциите и гаранциите на кредитите, бидејќи нивното ниво е високо“, изјави Јанмат. Според него, во наредните три години е исто така важно овие мерки да се надополнат со реформи во јавниот сектор и со натамошни реформи со цел унапредување на деловната клима.

Претседателот на Сојузот на економисти на Србија, Александар Влаховиќ, смета дека мерките се чекор во добар правец.
„За мене ова не е неочекувано. Јасно е дека фискалната консолидација е прв чекор и дека таа самата по себе не е реформа, но е создавање претпоставка за реформи. Потребата за намалување на платите и пензиите ќе беше многу помала ако се тргнеше порано во структурни реформи“, изјави Влаховиќ. Според него, добро е што владата не се одлучила за натамошно зголемување на ДДВ бидејќи тоа дополнително ќе ја загрозеше и онака кревката деловна активност. Влаховиќ порачува дека овие мерки треба да придонесат за стабилизација на јавните финансии и да бидат вовед во суштински структурни реформи, во кои преструктуирањето на јавниот сектор е основна задача.

„Добро е што на списокот мерки се најдоа и јавните претпријатија бидејќи тие, како и фирмите во преструктуирање, се рак рана на српската економија“, вели Влаховиќ.

Тој смета дека позитивен чекор се и Законот за труд и поместувањето на старосната граница за одење во пензија.

„Сега се најавува и борба против сивата економија, а пред се во делот на акцизните стоки, а треба да се придодаде и реформирањето на јавните претпријатија, при што тоа ќе бара време. Не може се да се направи во период кој се мери со месеци, туку со години. Но, владата барем покажа искреност во намерата да се реформира секторот на јавни претпријатија. Првиот сигнал би бил смена на сите директори таму каде што се остваруваат најголеми загуби“, вели Влаховиќ.
Тој очекува да види професионализација во управувањето, департизација, корпоративизација и решавање на прашањето со вишокот вработени во јавните претпријатија.

Србија очекува пари и од продажбата на 502 фирми

Во Владата тријат раце од постигнатиот интерес кај инвеститорите за приватизација на 502 државни фирми во Србија, иако во јавноста не владее голем оптимизам дека овој процес ќе заврши брзо и успешно.

Министерот за финансии Душан Вујовиќ информира дека стигнале голем број писма од заинтересираните инвеститори, од кои дури 60% биле кредибилни. Рокот за достава на писмата истече на 15 септември, но Владата го одложи објавувањето на имињата на потенцијалните купувачи. Министерството за економија е должно до почетокот на декември кое претпријатие ќе биде приватизирано, а кое ќе оди во стечај.

Вкупниот долг на претпријатијата во преструктуирање (161 од 502) изнесува 4,7 милијарди евра, од кои долгот кон државата е 2,4 милијарди, а комерцијалните долгови изнесуваат 2,3 милијарди евра. Останатите претпријатија на државата и должат 3,2 милијарди, а на другите доверители 3,4 милијарди евра. Законот за приватизација предвидува приватизацијата на општествените претпријатија да заврши до крајот на 2015 година.

Медиумите шпекулираат дека главната битка во приватизацијата ќе се води за преостанатите земјоделски претпријатија во Војводина и тоа помеѓу познатите бизнисмени Миодраг Костиќ и Петар Матијевиќ. Компанијата МК група и индустријата за месо Матијевиќ веќе пратиле писмо со намера за купување на практично најатрактивните земјоделски претпријатија, кои имаат вреден имот, а пред се ниви. Тие сакале да купат по десетина земјоделски комбинати, а и фабриките ПКБ од Белград, ПИК Земун и Драган Марковиќ од Обреновац. Според медиумите, писма со интерес пратиле и бизнисменот Филип Цептер за купување на бањата Термал во Врдник, „кралот“ на бакарот Милан Поповиќ за Вршачки виногради, Русите го сакаат Симпо, а швајцарската компанија Рош е заинтересирана за Галеника од Земун.

Наводно, во Агенцијата стигнале 950 писма за 350 претпријатија. Се проценува дека околу 200 компании нема да го преживеат последниот круг, што значи дека ги чека стечај, а потоа ликвидација.

Србија ги решава овие претпријатија затоа што претставуваат преголем товар за буџетот, од каде добиваа субвенции.
„Овие компании прават големи загуби, а нас ни е важно економијата да се реформира за да може во иднина да се отворат нови работни места“, вели европретставникот во Србија, Фрејк Јанмат. Тој порача дека во исто време треба да се реформираат и другите јавни претпријатија, како Србијагас и Електропривреда Србије, кои исто така добиваат субвенции и гаранции од државата.

Кои се мерките на Александар Вучиќ?

1.Пензиите поголеми од 25.000 динари ќе се кратат за 3,1% до 16%
2. Платите на вработените во јавната администрација повисоки од 25.000 динари ќе се намалат за 10% до 20%
3.Ќе се кратат субвенциите за Србијагас и за Железниците на Србија
4.Ќе се менува моделот за субвенционирање на земјоделството за парите да одат повеќе кај вистинските мали земјоделци
5.Директорите на јавните претпријатија кои остваруваат профит ќе мора да го уплатат во буџетот до 15 јануари

***

Герхард Шредер, поранешен канцелар на Германија

„Мислам дека тоа се важни чекори кои треба земјата да ја одведат во подобра иднина. Приватизацијата на државните фирми исто така е исправна и неопходна мерка. Германскиот пример покажува дека таквите реформи за многумина може да бидат многу болни“.

Фрејк Јанмат, претставник на делегацијата на Европската унија во Белград

„Ние на ова гледаме како на дел од агендата за структурни мерки, а фискалната консолидација би требало да оди рака под рака со економските реформи кои ќе ги поддигнат конкурентноста и растот. Една од нашите специфични препораки беше намалување на субвенциите и гаранциите на кредитите, бидејќи нивното ниво е високо“.

Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти на Србија

„Јасно е дека фискалната консолидација е прв чекор и дека таа самата по себе не е реформа, но е создавање претпоставка за реформи. Добро е што владата не се одлучи за натамошно зголемување на ДДВ бидејќи тоа дополнително ќе ја загрозеше и онака кревката деловна активност. Овие мерки треба да придонесат за стабилизација на јавните финансии и да бидат вовед во суштински структурни реформи, во кои преструктуирањето на јавниот сектор е основна задача“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×