Срѓан Шапер, основач на I&F McCann Grupa: Ценам позитивен дух, соработка и преземање одговорност
Објавено на од во Интервју
Поранешен вокалист на легендарните белградски “Идоли“, несуден лекар, историчар и професор по книжевност, дипломец по драмски уметности, а  денес еден од најуспешните менаџери во реклам-ната индустрија на Балканот. Човекот со многу таленти, Срѓан Шапер, за Капитал открива зошто од рок музиката премина во маркетиншките води, дали себеси се смета за менаџер или претприемач, какви планови има за своите агенци…

 

-Како се случи тоа да преминете од рок музика во водите на адвертајзингот, на политичките кампањи, итн.? Колку  се интересиравте за политика во вашите помлади денови, кога живеевме во т.н. „едноумие”?

Мислам дека делото на „Идоли“ е потврда дека и тогаш сите ние се интересиравме за политиката, всушност за политичката комуникација меѓу луѓето и нивните институции. А бидејќи во  светот на рокенролот постои правило дека или умираш млад или остаруваш како некој кој сака да го промени општествотото, но „не веќе од подрумот, туку од покривот”, јас, ете, се определив за второто.

-Како ја добивте франшизата за McCann пред 17-18 години? Колкав дел од пазарот во кој работите држите денес во Србија и во другите земји во кои се присутни вашите агенции?

Франшизата, можам да кажам, ја добивме лесно, бидејќи бевме меѓу првите заинтересирани за тоа на овие простори, кои притоа имаа знаење и искуство тоа и да го реализираат. Резултатот е речиси две децении успешна соработка со можеби најголемата и, секако, една од најстарите и најпочитуваните адвертајзинг мрежи во светот. Денес работиме во осум земји во регионот и нашиот удел на пазарот е различен од држава до држава, а тоа зависи од тоа колку е пазарот развиен.

 

-Какви се вашите амбиции за развојот на групацијата? Која ви е клучната цел?

Сакаме максимално да ги искористиме предностите на регионалниот систем за да ги добиеме најдобрите луѓе на најдобрите проекти, за да може да им обезбедиме најдобра регионална услуга на нашите партнери. Нашата желба е на сите пазари да бидеме најголемата и најинтересната агенција. Со гордост можам да кажам дека на повеќето пазари веќе сега тоа и сме, а се надевам дека за две години тоа ќе бидеме и секаде каде што работиме. McCann Скопје не е само водечка агенција во Македонија, туку и е во самиот врв на агенции во регионот, ако се има предвид бројот на меѓународните клиенти и на освоените меѓународни и регионални награди.

Srgjan Saper1Повеќе сакам себеси да се гледам како претприемач, одошто како менаџер
-Постојат брендови кои ја преживеаја транзицијата и ден-денес се популарни на просторите на поранешна Југославија. Зошто од 1991 година наваму во секоја од независните држави некако тешко оди раѓањето нови брендови, кои би имале потенцијал да се здобијат со регионална популарност како Cedevita, Cockta, Smoki, Bekutan и сл.?

Бидејќи пазарите се помали и пофрагментирани, а со самото тоа и поддршката што оди со воведувањето и траењето на брендовите што стануваат познати е многу помала. И, се разбира, конкуренцијата е неспоредливо поголема. СФРЈ сепак не беше земја на отворен пазар и тоа многукратно им се исплатуваше на домашните брендови. Меѓутоа, дури и во вакви тешки околности, многу нови брендови станаа регионално силни, на пример, од Србија Nektar, Grand Kafa, Doncafe, Chipsy, од Македонија, на пример, Vitalia…

-Запишавте медицина, го завршивте Факултетот за драмски уметности, бевте музичар, актер, сега сте на чело на компанија од креативната индустрија. Значи, секогаш сте биле инволвиран во уметноста на еден или друг начин (ако се исклучи медицината и политичките кампањи). Колку во сево ова ви е предизвик управувањето со луѓе, бидејќи сепак сте менаџер на регионална компанија?

Искрено, никогаш не сум размислувал за себе првенствено како за менаџер. Повеќе сакам да се гледам себеси како претприемач. Убав е тој збор, човек кој презема нешто ново. Конечно, не сум ни образован за менаџер, и во таа смисла моето управување со луѓе секогаш било повеќе последица на интуиција и, на пример, на астролошкиот знак, да не речам на карактерот, одошто на некое преголемо знаење.

 -За каков тип на менаџер се сметате себеси и кои се принципите од кои не се откажувате во секојдневното управување со групата I&F McCann?

Јас сум љубител на компромиси и мислам дека тоа ми користеше во секојдневната пракса, а од друга страна умеам и да ја внесам нужната „доза на оган во мрачните и студени ноќи“. Но,  бидејќи, се разбира, тоа не е доволно, во нашата компанија доведував луѓе кои знаат многу повеќе од мене за тоа како се води бизнис и како се управува со луѓето и ресурсите. McCann отсекогаш била компанија во која се доаѓало со желба да се работи токму тука, а не на некое друго место. Успеавме, и постојано заедно работиме за да создадеме чувство дека да се биде во McCann е нешто посебно. А тоа е затоа што имавме и имаме навистина посебни луѓе.

-Што најмногу цените кај вашите соработници, а што е она што може
да ве извади од такт?

Ценам позитивен дух, дух на соработка, преземање одговорност за одлуките и грешките. Од такт ме вади ситничавост, ставот дека ништо не е возможно, неколегијалност. За повеќето човечки мани имам разбирање, но лицемерието ме остава најмалку рамнодушен.

Naslovan stranaОгласувачите ќе не’ најдат секаде и ќе ни се обраќаат лично
-Кога започнавте да работите во рекламната индустрија, постоеја само телевизијата и радиото, а адвертајзингот главно се базираше на видео спотови. Многу работи се случија во меѓувреме,  интернетот и социјалните медиуми загосподарија со нашите животи. Во кој правец оди адвертајзинг индустријата? Што наредно ќе направат компаниите и брендовите во жестоката битка за потрошувачи?

Мислам дека е неизбежна персонализацијата во комуникацијата која што веќе ја гледаме и која е веќе обработена во многу научно-фантастични филмови. Огласувачите ќе н$ најдат секаде и ќе ни се обраќаат лично. Тоа во развиениот свет нужно ќе доведе до поставување на етиката и социјалната коректност во сржта на секоја кампања. Ние денес прилично личиме едни на други, но од друга страна почитувањето на различноста создаде најшаренолик свет откако постои човечкиот род. Во приказните за негативните аспекти на глобализацијата тоа обично го забораваме.

-Знам дека не е благодарно да се коментира за конкуренцијата и сл., но како што ги прашуваат уметниците за омилени автори, сакам да ве прашам: која рекламна кампања што не излегла од McCann ве воодушевила во последно време (регионална или глобална)?

Искрено, немам навика да правам листа на работи што ми се допаѓаат; мислам дека живееме во многу минлив свет во кој мораме да се потрудиме с$ што правиме да го направиме најдобро што можеме. Ова всушност значи дека во морето глупости со кои сме опкружени постојат и многу добри, креативни, забавни кампањи. Тоа се тие што ви извлекуваат насмевка на лицето кога ќе ги видите. Но, не помнам дамнешни, помнам претежно нови и свежи работи. Да кажеме, во последно време многу ми се допадна кампањата „Хроники на закани“, која ја направи  белградскиот Saatchi&Saatchi и за неа доби награда во Кан. Општествено релевантна, паметна и поинаква.

-Станавте претприемач пред 20 години, и по толкаво искуство, кој би бил вашиот корисен совет за младите претприемачи во регионот, што би им препорачале?

Две работи: да не се колебаат, туку да се фрлат на работа, бидејќи најубаво е да се создаде нешто свое, што дотогаш не постоело, и второ, да не се занесуваат дека успехот ќе биде брз и голем. Но,  патот кон тој успех е навистина извонреден.

-Како балансирате помеѓу предизвикот да бидете успешен во она што го правите, и желбата да видите, да слушнете, да доживеете сè што би сакале во време кога тешко излегуваме накрај со бесконечниот извор на информации, со технологијата што брзо се менува, со хроничниот недостиг на време ..?

Спијам многу помалку отколку што би сакал. И читам многу помалку отколку што читав порано.

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×