Стагнира домашниот пазар на телекомуникациски услуги: приходите лани на исто ниво како и во 2017
Објавено на од во Компании
Во 2018 г. пораснал бројот на фиксни линии во Македонија во сите технологии за 4,47%, бројот на претплатници на интернет во фиксната телефонија за 7,99% и бројот на претплатници на интернет во мобилната телефонија за 6,46%, но паднал бројот на активни претплатници на мобилната телефонија за 1,94%, којашто носи најголем дел од приходите на телеком пазарот или 39,45%.
telecommunication
Операторите на пазарот за електронски, односно телекомуникациски услуги во Македонија минатата година оствариле вкупни приходи од 17,297 милијарди денари, или 281,2 милиони евра, што е за само 0,34% повеќе во однос на претходната година, се вели во годишниот извештај за развој на пазарот што го подготвува  Агенцијата за електронски комуникации.
Најголем дел од приходите на телеком пазарот, или 39,45% се остварува во мобилната телефонија, или поточно 6,82 милијарди денари, сума којашто е за 1,45% повисока во однос на 2017 година. Според учеството во вкупните приходи на телеком пазарот следат услугите за пренос на податоци со 23,07%  (фиксен интернет и останати услуги, н.з.) или 3,99 милијарди денари, што е за 0,4% помалку во однос на годината претходно, додека на трето место се услугите во фиксната телефонија со 12,32% учество во вкупните приходи, односно 2,13 милијарди денари. Од овие услуги приходите во 2018 година биле за 0,7% помали во однос на 2017 година. Од овие податоци се гледа дека токму падот на приходите во фиксната телефонија и интернетот, а малиот пораст во делот на мобилната телефонија, се главните причини за стагнацијата на приходите на пазарот за електронски услуги како целина. Во извештаите на двата водечки телеком оператори на пазарот, Македонски Телеком и А1, последниве години се истакнува дека константниот пад на цените на услугите заради конкуренцијата, особено во делот на мобилната телефонија, поевтинувањето на роамингот и сл., има за последица генерално намалување или незначително зголемување на приходите од година во година.
Најголем пораст во приходите по поединечни категории услуги има кај меѓуоператорските услуги за пренос или рутирање на национален и/или меѓународен сообраќај, од 3,01%, додека најголем пад има кај услугите на давање јавна електронска комуникациска мрежа под наем, од 4,3%.
Вкупниот број на фиксни линии (сите технологии) во 2018 –та е пораснат за 4,47%, додека просечниот број на фиксни линии на 100 жители е пораснат за 4,41%. Вкупниот број на активни претплатници во мобилната телефонија е паднат за 1,94% на 1.969.109, вкупниот број на претплатници на интернет со широк опсег од фиксни мрежи е пораснат за 7,99% на 427.964, додека кај интернетот преку мобилни мрежи бројот на претплатници е пораснат за 6,46% на 1.348.134. Бројот пак, на претплатници на ТВ услуги во 2018 г. е пораснат за 2,74% на 405.167.

 

А1 со најмногу претплатници во мобилната телефонија, Телеком со најголеми приходи од истата

 


A1 rebranding

 

Кај телеком операторите, во мобилната телефонија според бројот на активни претплатници и за 2018 година со благо водство е А1 (поранешен оне.Вип, н.з.) со 49,25% пазарно учество пред Македонски Телеком со 48,6%, додека остатокот од 2,15% отпаѓа на Лајкамобајл. Кабелскиот оператор  Роби почна да нуди услуги во мобилната телефонија почнувајќи од четвртиот квартал лани, па има незначителен пазарен удел. Иако има нешто помалку активни претплатници, Македонски Телеком води пред А1 според приходите остварени во мобилната телефонија, односно 52,13% наспроти 47,31%, додека на Лајкамобајл и Роби отпаѓаат 0,56%.
Во делот на фиксната телефонија, 15 компании во 2018 обезбедувале јавно достапни услуги, од коишто според фиксните линии водечки е Македонски Телеком, со 55,46% пазарен удел, пред А1 со 34,67%, Роби со 6,04%, Неотел со 2,99%, итн.

 

На пазарот на интернет услуги, најголем удел во вкупниот број на активни претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа во 2018 имал А1, од 52,39%, пред Македонски Телеком со 46,35% и Лајкамобајл со 1,26%. Според количината на сообраќај, пак, Македонски Телеком има удел од 53,56%, А1 со 45,47% и Лајкамобајл 0,97%. Но, кога станува збор за тоа кој колку заработува од интернетот преку мобилен телефон, Македонски Телеком има пазарен удел од 89,5% од вкупните приходи остварени од претплатниците со мобилен интернет, А1 има удел од 10,32% и 0,18% за Лајкамобајл.
Во делот на интернет со широк опсег преку фиксна мрежа, во 2018 година најголем пазарен удел според број на активни претплатници имал Македонски Телеком, од 39,86%, пред А1 со 30,75%, Роби со 15,17%, и сите останати оператори со преостанатите 15-тина проценти од колачот.
Makedonski telekom
На пазарот за ТВ услуги, најмногу претплатници се на кабелска телевизија, додека најголем пораст  има кај IPTV телевизијата
На пазарот за електронски услуги, во делот пренос на радио и ТВ сервиси до крајни корисници има најголем број учесници, односно 50 правни субјекти биле активни во 2018 година, додека вкупниот број на претплатници на ТВ услуги лани е зголемен за 2,74% на 405.167. Најголем број од ТВ претплатниците се во кабелската телевизија, 210.191, чијшто број за една година се намалил за 1,82%, додека бројот на претплатници на IPTV е зголемен за 8,8% на 128.855, на оние во DVB – T технологијата за 6,8% на 44.347 и во сателитската телевизија за 6,99% на 21.774.
Кај операторите што нудат ТВ содржини до крајни корисници, најголем удел на пазарот во 2018 година имал А1 со 31,79% учество, речиси идентично како и Македонски Телеком со 31,51%, а следат Роби со 20,56%, Тотал ТВ со 5,37%, Инел Интернационал со 1,5%, итн.
Кај индикаторот – услуги врзани во пакет, вкупниот број на претплатници на вакви услуги лани пораснал за 7,1% на 368.333, при што најголемо учество има пакетот ТВ – Интернет – Фиксна телефонија, чија што бројка од 136.792 пораснала за 3,18% од претходната година. Следи пакетот ТВ – Интернет – Фиксна телефонија – Мобилна телефонија, со 89.141 претплатник и пораст од дури 18,3% за една година, пред пакетот Интернет – Фиксна телефонија со 59.734 корисници и раст на 11,27%, додека кај пакетите ТВ – Фиксна телефонија и ТВ – Интернет има пад на бројот на корисници на годишно ниво, од 1,92% и 5,54% респективно.
Инаку, од извештајот на АЕК се гледа и дека од вкупниот број на претплатници што користат услуги во фиксна телефонија, 81,45% ја користат оваа услуга врзана во пакет. Од вкупниот број на претплатници кои користат широкопојасен пристап на интернет 82,60% ја користат оваа услуга врзана во пакет, додека од вкупниот број на претплатници кои користат ТВ Услуги 73,25% ја користат оваа услуга врзана во пакет.
Уделот на операторите според број на претплатници кои користат две електронски комуникациски услуги врзани во пакет во 2018 година е следниов: најголем пазарен удел има Роби со 42,51% потоа следуваат Македонски Телеком со 34,86%, А1 19,02% и останатите оператори со 3,61%. Редоследот пак, на  уделот на операторите  според бројот  на претплатници кои користат три електронски комуникациски услуги врзани во пакет во 2018 година изгледа вака: А1 со 48,82%,  Македонски Телеком со 41,20%, Роби со 9,39% и останати 0,77%.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×