Инвеститори vs претприемачи: зошто ви дадовме пари и што правите со нив
Објавено на од во Start-up

906 - Glavna za startapi

Македонски претприемачи и инвеститори во нивните идеи седнаа заедно на маса и објаснија како дошло до зделките и што по нив: сето тоа се случуваше на Startup Europe Week во Скопје, ние бевме таму и ви ги пренесуваме најинтересните поенти.
Четири претставници на инвеститорската заедница и четири стартапи во кои што инвестирале имавме прилика да слушнеме на панелот наречен “Beyond the investment” (“По инвестицијата“)  што се одржа во рамки на Европската стартап седмица 2017 (Startup Europe Week 2017)во Скопје неодамна. Модераторот на панелот, Игор Маџов од Стартап Македонија, ги натера и  едните и другите да ги раскажат своите видувања на приказната – како дошло до првичните контакти; со што стартапите ги убедиле своите инвеститори да вложат токму во нив;  и што се случува откако инвестицијата ќе легне на сметка.

 

Нино Карас доаѓа од стартапот Letz, првата компанија од Македонија што доби пари од регионалниот venture capital инвестициски фонд South Central Ventures, кој што има канцеларија и во Скопје. Letz доби 100 илјади евра за да го искористат до максимум потенцијалот на својот  т.н. “четбот“ (chatbot – компјутерска програма што симулира конверзација со луѓе) поддржан од вештачка интелигенција кој што им помага на корисниците полесно да си го организираат денот и да заштедат време.

“Ние имавме тим што развива апликации веќе шест години (заедно со  Мартин Анчевски и останатите развиваат свои продукти и стартапи од 2011 година, прво  со  Codewell, стартап познат по апликацијата MarkO, а во 2015 беа дел од акцелераторот Rockstart од Амстердам, н.з.) и бевме во фаза на развој на четботот кога му пристапивме на SCV фондот. Бидејќи практично бевме прва venture capital инвестиција во земјава, не знаевме баш точно што н$ очекува во процесот, но секако имавме помош од самиот фонд. Од моментот на првите разговори, додека беа префрлени парите од нивна страна, поминаа околу девет месеци.“, објасни Нино Карас.

Ивана Станковиќ, менаџер во SCV фондот рече дека најважната работа што пресудила да им дадат пари на Letz е посветеноста на тимот и нивното позитивно искуство во правењето апликации.
“Ние стратешки сме претежно насочени во финансирање проекти во сферата на business – to – business, и  business – to – consumer сегментот не ни е толку близок, и затоа беше битно Letz да имаат познавање во таа сфера“, вели Станковиќ.

start up 12На крајот на денот, вели таа, ги поддржале затоа што верувале дека имаат капацитет да го остварат тоа за што побарале пари.

“Отворени сме за било каква консултација и помош. Формално, од стартапот се должни да ни доставуваат месечен извештај за напредокот, но почесто имаме неформални средби, односно комуникацијата е на многу поредовно ниво, затоа што ако чекаме од извештајот да видиме дали нешто не е во ред, ќе биде многу касно. Една работа е планот и проекцијата, но никој не може со точност да предвиди каде ќе се движат нештата“, истакнува Станковиќ.

А, Карас се надоврза со препорака до сите млади претприемачи што допрва имаат намера да побараат инвестиција, да бараат инвеститор што ќе ја разбере нивната  идеја, нивниот  концепт за развој на продуктот и секоја промена што ја прават, мора  да ја искомуницираат   како што треба.

“Не смеете  да се држите по секоја цена до она што сте  го зацртале како план, а пазарот вели нешто сосема друго. Тоа би било убиствено за стартапот.“

start up 11Како државата поддржува стартапи

Од страна на институционалните инвеститори, во дискусијата учествуваше и државниот Фонд за иновации и технолошки развој – ФИТР, кој што за две години има четири повици за аплицирање од страна на стартапи, преку две програми за финансирање. Меѓу компаниите во коишто досега инвестирал ФИТР е и Mobidonia, стартап кој што развива софтверска платформа што овозможува без некои поголеми претходни знаења за програмирање или дизајн, да направите апликација за мобилен уред  – телефон или таблет, дури и за 10 минути. Даниел Димов од Mobidonia, рече дека 30-те илјади евра што ги добиле од ФИТР, им биле потребни за да ја прилагодат платформата,  покрај апликациите за Android  и iOS,  да поддржува и апликации што за Windows, како и најновото, за iWatch паметните часовници.

“За сето тоа, требаше да го прошириме тимот, ни требаше и време и пари, па повикот на Фондот за иновации ни се виде како добра прилика. Се презентиравме со бизнис план, но сфативме дека се расплинуваме со премногу типови на апликации и одлучивме да се фокусираме само на дел од нив. Презентацијата пред Фондот беше тешка, иако ние мислевме дека ќе зборуваме пред луѓе што се правници и сл., што не се разбираат многу во апликации, не беше така, напротив“, го сподели своето искуство со државниот инвестициски фонд, Димов.

start up 10Катерина Кречева, претставник на ФИТР, рече дека нивната цел е да го поддржат претприемништвото, кое што во суштина значи преземање ризик, и затоа поддржуваат проекти со можеби повисок степен на ризик од оние типично поддржувани од VC фондовите или бизнис ангелите.

“Проектот треба да има во себе и компонента на истражување и развој, во самиот инструмент за финансирање е назначено дека се покриваат проекти што се во фазите од proof-of-concept (прототип, првична верзија на продукт, апликација и сл., што може да докаже дека идејата е изводлива и има пазарен потенцијал, н.з.) до ready-to-market (спремни за комерцијализација, н.з.)треба да докажат дека решението е технички изводливо и дека постои потенцијал за пазар.“, објасни Кречева.

Таа им препорачува на сите заинтересирани стартапи да ги следат повиците на Фондот, како и отворените денови што ги организира тој, каде што може да се запознаат подетално со сите критериуми за финансирање.

Натерај  бизнис ангел да го одврзе ќесето 

На “Beyond the investment”, имавме прилика да видиме и инвеститори што не баш така често можеме да ги видиме на јавна сцена во Македонија – бизнис ангелите или ангели инвеститори  Пред с$, затоа што и ги нема многу во земјава, второ, и тие што ги има, претпочитаат анонимност и дискреција. Овој пат, Петар Андреевски, индивидуален бизнис ангел и Пеце Ангелковски од Клубот на бизнис ангели при CEED, ги споделија своите искуства за инвестициите во Buzz  и Brainster, респективно. Првата е апликација за поврзување на студенти, присутна и на регионалните пазари, а вториот проект е онлајн платформа за офлајн едукативни курсеви и обуки. И во двата случаи не се открива висината на инвестициите, затоа што така е договорено помеѓу стартапите и бизнис ангелите, пракса која што не е реткост и во поразвиените стартап заедници во светот.

start up 14Петар Андреевски, и самиот прилично е млад, но доста искусен претприемач во сферата на финансискиот сектор, поточно брокерското посредување при осигурување, со кое што се занимава од свои 19 години, или повеќе од 12 години досега. Пред аудиториумот на Startap Europe Week рече дека ова му е прво искуство како ангел инвеститор,  и откри дека на почетокот не бил воопшто заинтересиран за идејата на дечките од Buzz.
“Јас всушност и не сакав да ги примам на разговор, но нивната пасија за проектот ме освои уште на првиот состанок. Тоа е клучната особина што мора да ја имаат луѓето што сакаат да прават бизнис, второ е дали може брзо да почне да се заработува од таа идеја и на крај, дали таа може да се преслика и на други пазари, да не остане само во локални рамки“, рече Андреевски.

Никола Соколов од Buzz, пак, рече дека во моментов се петмина во стартапот, нивната онлајн платформа за поврзување на студенти постои една година, има преку сто илјади корисници, а освен во Македонија, проширена е и во Србија и Хрватска, засега.

Тој и нивниот инвеститор Андреевски, рекоа дека нивната соработка се заснова на доверба и дека гледаат што помалку да се занимаваат со формалности.

“Тој што никогаш не бил во стартап, не знае колку брзо се носат одлуки и колку брзо се менуваат околностите, често се менуваат плановите, но за тоа ние комуницираме постојано со инвеститорот и имаме разумни дискусии“, рече Никола. Петар смета дека бизнис ангелите не треба да се мешаат премногу во менаџментот на стартапите, затоа што преголемото мешање значи и преземање одговорност.
“А, одговорноста за успехот или неуспехот на стартапот на крајот сепак ја сносат самите основачи, самите менаџери. Ако сакаат нешто да се консултираат и сл., јас сум секогаш тука за нив, но не инсистирам мојот збор да е последен“, вели Петар.

start up 13Првата година без многу “мешање во штипки“

Пеце Ангелковски од Клубот на бизнис ангели при проектот за поддршка на претприемништвото и менаџментот CEED, каде што членуваат повеќемина индивидуални инвеститори, рече дека предност е за бизнис ангелот ако тој има некаков бекграунд во претприемништвото.
“Тогаш може полесно да ги препознае претприемачките карактеристики кај основачите на стартапите што доаѓаат за инвестиција кај него. Кај Петар Ниновски видов дека зад него стои многу истражување, многу работа, знаење и  самодоверба што е предизвикана токму од претходните нешта. Кај мене еднаш во пет пати се случува да поверувам во претприемачот“. Додава дека при инвестицијата од страна на бизнис ангели, доста практично е кога се неколкумина инвеститори, затоа што еден се разбира повеќе во една работа, друг во друга, и така стартапот може да добие помош и консултации за различни аспекти од бизнисот. Тој вели дека не инсистира веднаш на детални информации за с$ што работи стартапот, односно првата година остава поголема слобода кај претприемачите. “Првата година е да се види кај сме, што сме, што се вели. Потоа мора да се настапи посериозно.“
Петар Ниновски е претприемачот што ја доби поддршката од Клубот на бизнис ангели, а  чија што онлајн платформа за едукација нуди обуки и курсеви за стекнување практични вештини во маркетинг, дизајн, бизнис, итн., и минатата година има организирани преку 150 вакви настани со над 1.500 посетители. Засега Brainster е присутен во Скопје и Струмица, а Ниновски има амбиции да се прошири и во една од скандинавските земји, за што всушност и му беше потребна финансиска поддршка од инвеститор.

“Кога им пристапив на инвеститорите имав демо верзија на продуктот и т.н. proof – of-concept дека вакво нешто може да успее и да се прошири надвор од Македонија. Кај нас процедурата на инвестирање траеше околу 4-5 месеци, но ако споредиме со Силиконската долина или било каде во светот, тоа е отприлика временската рамка. Ние можеби бевме првата инвестиција од бизнис ангели во земјава и заедно учевме како правно сето тоа да го затвориме. Се разбира, прво беше ‘пичувањето’ (од анг. pitching, самата презентација на проектот пред инвеститорите, н.з.), па со секој инвеститор посебно разговори…“, објасни Ниновски.

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×