Стартапите добиваат државна поддршка. Еве како тоа го прави светот!
Објавено на од во Start-up
Државниот Фонд за иновации формиран лани, го објави првиот јавен повик до македонски компании што имаат потреба од финансиска поддршка за својот развој. Шанса за стартапите да приберат пари за полесно да ги комерцијализираат своите иновативни производи и услуги. Капитал анализира и како функционираат најразвиените стартап сцени во светот. Најважна за нивниот успех е извонредната спрега помеѓу државниот и приватниот капитал.

 

 

Деновиве беше објавен првиот јавен повик за доделување парични средства од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, кој што официјално почна да функционира минатата година. Повикот е во рамки на инструментот “Ко-финансирани грантови за стартап, спин-оф компании и иновации, односно за фирми што не се постари од шест години. За оваа цел се обезбедени 600.000 евра, а за сите планирани четири инструменти за годинава на Фондот се предвидени 2.280.000 евра. Останатите три инструменти на Фондот се наменети за комерцијализација на иновации, трансфер на технологии и техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори.
“Парите од првиот инструмент се наменети за развој на иновативен производ, услуга или процес, а не како оперативен капитал или експанзија на бизнис во конвенционална смисла на зборот“, објаснува директорката на фондот, Јасмина Поповска.

Според светските искуства постојат повеќе пристапи што државите ги има при поддршката на локалните стартап екосистеми, но фокусот најмногу се става на овие клучни елементи: визибилноста на екосистемот, охрабрување на инвестициите (особено во рана фаза или финансирање од бизнис ангели), олеснување на основањето бизниси, раст на бизнисите и акцелерација.

Multiethnic People with Startup Business Talking in a Cafe

 

Не се само парите, потребно е и менторство за стартапите

Македонија својот Фонд за иновации, односно неговите инструменти ги креирала врз основа на искуствата од соседните земји, или поточно Фондот за иновативна дејност на Србија, Хрватската агенција за мали претпријатија, иновации и инвестиции(HAMAG-BICRO), како и двата акцелератори (Eleven и LAUNCHub) во Бугарија, објаснуваат од Фондот.
“Во подговтовките на инструментите на Фондот во изминатиот период активно беше вклучен и Џошуа Глајтман, меѓународни експерт кој претходно работел на развој на слични инструменти во земјите во развој, вклучително и како стратешки консултант при воспоставувањето на Фондот за иновациска дејност на Србија. Во процесот на воспоставувањето на оперативните правила и процедури, како експерт ангажиран од страна страна на Светската банка беше вклучен Рави Гупта, експерт во областа на иновации и ризичен капитал (venture capital)“, објаснува директорката Поповска.

Поповска ни објасни и кои ќе бидат луѓето што ќе одлучуваат кои фирми ќе добијат државна финансиска поддршка.
“Според најдобрите пракси што ги проучивме од светот, во процесот на селекција вклучени се меѓународни експерти. Оценувањето на предлог проектите и конечните одлуки за доделување пари се носат од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот за иновации и технолошки развој. Овој комитет е составен од 5 меѓународни експерти, избрани на отворен повик, со повеќе од 10 годишно искуство во областа на претприемништво, инвестиции во иновации и финансирање почетни бизниси“.

Инаку, во поглед на шансите на еден стартап да доживее раст и развој, да истакнеме дека само 2% од стартапите во светот успеваат да ја преживеат првата година, податок изнесен на конференцијата Spark.me, одржана во Црна Гора лани. Еден од говорниците, Дејвид Раскин, кој што е инаку директор на Microsoft Ventures, истакна дека за оние 98% што пропаѓаат во старт, причина е што не успеале да обезбедат финансии и менторство. И додека овие бројки се нешто пониски во стартап заедниците како Тел Авив или Силиконската долина, ширум планетата само мал број претприемачи навистина успеваат да ги остварат своите соништа и да изградат компанија.

Startup1
Подобро е пари од инвеститори или држава, одошто од семејство и пријатели

Осврнувајќи се на европските 2%, Раскино ги претстави и бројките од 2013 година, кога е во прашање т.н. “венчр“ капиталот (venture capital – пари обезбедени од инвеститори за поддршка на стартап фирми со висок потенцијал за раст, но и ризик, кои што немаат пристап до пазарите на капитал, н.з.). За 365 дена, само 330 европски стартапи успеале да обезбедат финансирање, што е помалку од еден проект по ден. Просечната seed (seed=семе, инвестирање во многу рана фаза на стартапот, при што обично вложувачот купува удел во бизнисот, со цел да го поддржи до моментот кога може да генерира сопствен профит, н.з.) инвестиција изнесувала 0,66 милиони евра, а повеќето од тие стартапи обезбедиле инвестиција по 8-12 месеци од почнувањето. Една третина од финансираните early stage стартапи продадени се на поголеми компании, и тоа за износи помали од 5 милиони евра.

Кога се почетните инвестиции во прашање, постојат два основни типа: FFF (Family, Friends and Fools – семејството, пријателите и “будалите“), како и класичните seed инвестиции. Меѓутоа, искусните претприемачи велат дека парите обезбедени од семејството и пријателите не претставуваат вистинска валидација на идејата, туку основачите ги ставаат во зона на комфор, обезбедувајќи им средства за работа, но не и потребно менторство и мрежа на контакти.
Од друга страна, seed инвестицијата е дизајнирана како алатка за тестирање производи и бизнис модели. Тоа значи тестирање на готов производ, одредување продажба маржа, пазари и други фактори клучни за креирање одржлив развој. Тој што ќе успее да ги “отклучи“ овие работи, може многу да постигне – особено кога се работи за обезбедување други инвестициски рунди.

 

Како во светот се поддржуваат стартапите?

САД

Силиконска долина. За оваа лабораторија на идеи во високата технологија ретко кој не чул. Најголемиот и најуспешниот стартап еко систем во светот, лоциран крај Сан Франциско, е дом на илјадници стартапи, но и на веќе етаблирани и големи технолошки корпорации (Apple, Cisco, eBay, Facebook, Google…). Но, во САД има уште неколку стартап екосистеми кои што се рангирани меѓу првите 10 во светот: Лос Анџелес, Сиетл, Њујорк, Чикаго…
Успехот на стартап сцената во САД е резултат на комбинацијата од државна (на национално и локално ниво) и приватна поддршка. Не случајно и Белата куќа е креатор на “Startup America” иницијативата која што е платформа за обединување на најиновативните претприемачи во земјата, корпорациите, универзитетите, фондациите и останатите засегнати страни, кои работат во координација со широк спектар на владини агенции основани со единствена цел: развој на претприемачкиот дух, успешни стартапи и висок економски раст за нацијата.

Велика Британија

Британците се фокусираат на креирање меѓународни брендови во нивната стартап заедница. Во тој правец се насочени иницијативите поддржани од владата, како што е основањето на кластерот TechCity во Лондон, кој што е трет по големина кластер за технолошки стартапи во светот, по оние во Сан Фрнациско и Њујорк. Развојот на овој кластер е поддржан и од локалните и националните власти, со цел да прерасне во пандан на Силиконската долина од САД. Досега во TechCity инвестирале компании како Cisco, Facebook, Google, Intel и др., а неколку универзитети од Лондон се академски партнери во проекти што се работат во кластерот.

Франција

Француското министерство за дигитална економија го лансираше минатата година La French Tech, технолошки парк каде што ќе се вложат преку 200 милиони евра во иницијативи за поддршка на домашниот стартап екосистем. За учество во овој проект конкурираат бизнис акцелератори, инкубатори и сл., кои што треба да исполнат одредени критериуми.

Германија

Германските владини напори за поддршка на стартапите се помалку видливи за разлика од Франција или Британија, на пример. Берлин добива голем публицитет како водечки стартап центар во земјата, но тоа не секогаш е резултат на владина поддршка, туку повеќе на концентрација од висококвалитетни стартапи. Некои од најамбициозните стартап иницијативи, како The Factory, речиси целосно се независни од владина инволвираност, што има свои предности, но и мани.

Ирска

Преку организациите од типот на Enterprise Ireland и сл., државата финансиски поддржува претприемачи, со фокус на извозно насочените. Поддршката вклучува финансирање на развојот, совети, менторство, како и практична помош за влез на странски пазари. Владата има план да потроши 100 милиони евра директно во финансирање на seed и venture фондови, комерцијално фокусирани.
Од приватни извори, силна финансиска поддршка доаѓа од локални бизнис ангели, т.н. seed фондови, и venture капиталисти. Изминативе неколку години преку 35 странски venture фондови инвестирале во ирски стартапи или во компании што се во рана фаза на развој. Ирска има мрежа од државни и приватни стартап акцелератор програми. Една независна студија покажала дека во Ирска се наоѓаат три од осумте врвни вакви програми во Европа.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×