Стефан Митески: Важен е затоа што e пример за тоа како треба да се бориме за нашите идеи
Објавено на од во Компании

Стефан Митески е основач на старт-ап компанијата „Systems for enterprise“, која е софтверска компанија што служи како иновациски центар за осигурителната компанија. Тој е амбициозен и посветен на работата, и вели дека сака да го промени светот во кој живееме, компаниите да имаат поквалитетни алатки, а со тоа и крајните корисници да бидат позадоволни. Не случајно Стефан беше избран и како едно од лицата за корпоративната кампања на Халкбанк „Важни се луѓето“, бидејќи неговата лична приказна е вистинска мотивација за многу млади луѓе за кои само небото е граница.

 HB-BB-Stefan-Mitevski-460x260-Final

 

 

 

 

 

 

Како се роди идејата да отворите  токму ваков бизнис? Кога започна приказната на „Systems for enterprise“?

 

Живеев на неколку континенти, водев различни тимови, од Гренада на Карибите, па сè до Торонто во Канада. Во некој момент природно беше да пробам нешто сопствено. Сè почна со давањето аутсорсинг услуги за една од најголемите светски компании за изработка на софтвер за осигурителни компании. Соработувавме и со други компании во осигурителниот сектор, а главниот пресврт дојде кога почнавме да развиваме и сопствени продукти.

Во тоа дополнително сме помогнати и од Фондот за иновации и технолошки развој и затоа сме му неизмерно благодарни на професионалниот тим од оваа институција.

 

Што ве мотивираше да го развивате својот бизнис од почетокот до денес? Што беше вашиот стимул и  инспирација?

 

Сакавме да го промениме светот во кој живееме. Сакавме компаниите да имаат поквалитетни алатки, а со тоа и крајните корисници да бидат позадоволни. Сакавме штетите во осигурувањето да бидат исплаќани побрзо, кредитите во банките да бидат процесирани поскоро и финансискиот сектор постојано да внесува иновации и да напредува.

За таа цел, решивме да изградиме „ентерпрајс“ решение за финансискиот сектор. Тоа подразбира софтвер со кој би се задоволиле комплетните потреби на одредена голема финансиска институција. Осигурувањето е секторот што го знаеме најдобро и иновацијата токму таму дојде сосем природно.

Сакавме да понудиме иновација во секој сегмент на една осигурителна компанија. Затоа решивме големиот залак да го поделиме на помали и секој од модулите на „ентерпрајс“ решението да го пласираме како посебен продукт. Лансиравме мобилни апликации за осигурителните компании, а деновиве се случува лансирањето на b0ard.com ‒ софтверот за планирање задачи и ресурси. Тоа е софтвер што значително го олеснува функционирањето на динамичните тимови, базиран врз филозофијата канбан на Тојота. Тоа, всушност, ја направи Тојота производител на автомобили број еден во светот, а веруваме дека ќе им помогне и на многу други компании да го остварат својот потенцијал.

 

Кое е вашето лично мото?

 

Интелигенцијата е адаптибилност ‒ приспособување на ситуацијата. Секоја ситуација е можност што чека да биде препознаена. Треба да работиме многу на себе и да се обидуваме да бидеме активни на многу полиња. Бидејќи среќна околност е кога нашата спремност ќе се сретне со можноста.

 

Вие сте  едно од лицата на корпоративната кампања на Халкбанк „Важни се луѓето“. Во насока на пораката на кампањата, на кој начин сметате дека вашата работа е важна за вашите клиенти, и како вие лично се идентификувате со оваа кампања?

 

Старт-ап бизнисите во Македонија носат нов бран идеи и нов начин на работа. Ние готвиме на работа, се дружиме по работното време. Ние сме организации што во центарот го имаат човекот.

Кога беа поплавите во Стајковци направивме апликација за да им помогнеме на мештаните. Исто така, и кога беа пожарите во Грција. Адева создаде апликација за да помогне со сместувањето на гостите што дојдоа за Суперкупот во Македонија. Вруток бесплатно организира „Старт-ап гринд“ (Startup Grind). Фрешис донира средства од секоја продажба на нивните сендвичи. Овој нов бран македонски старт-ап настани покажува дека луѓето се во центарот на нашата работа. Ние се грижиме за тоа што го правиме и таму каде што припаѓаме.

Она што ние го создаваме е резултат на умот на нашите вработени. Извозот од другите индустрии подразбира и извоз на ресурси. Ние извезуваме само ум. Затоа извозот на ИТ-услуги е од непроценлива вредност за Македонија.

Создавањето сопствени продукти, пак, е чекор понатаму. Ако аутсорсингот го споредиме со производството на вино во цистерни, ние произведуваме убаво спакувано елитно вино.

 

Колку вие е вам  лично важно да бидете „Пример за тоа како треба да се бориме за своите идеи“, како што се вели во пораката на кампањата?

 

Иако дипломирав во 2010 година, сè уште помагам во студентските организации. Во Надзорниот одбор сум на EESTEC LC Скопје, а речиси секој месец држам и предавања, работилници, менторства на различни настани, од „AISEC Pitch please“, па до стартап натпреварот во рамките на Македонија 2025. Последно бев ментор на „Старт-ап Викенд Скопје“ (Startup Weekend Skopje) и натпреварот на „Наса Спејс Апс“ (Nasa SpaceApps). И двете беа одлични искуства. Се обидувам да придонесам секаде каде што можам и навистина ми е драго кога ќе видам дека сум инспирирал млади да направат нешто ново и интересно.

Заедно со тимот од bitsofinsurance.com работиме постојано на подигнување на свеста во Македонија за осигурувањето и ги поттикнуваме компаниите на иновација. Им благодарам на Халкбанк што го препознаа мојот труд и што решија да ме изберат. Ова признание ми значи. Голема благодарност до целокупниот тим што навистина работи за луѓето ‒ тимот на Халкбанк.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×