Стојче Тасков, стартап инвеститор и експерт за иновации: Како да станеме иновативна економија?
Објавено на од во Економија
„Надежта не е добра стратегија за иновации! Иновациите не се игра на среќа во која истураш еден тон државни пари и потоа се ‘надеваш дека нешто добро ќе се случи’. Иновациите се стратешка игра, со познати правила, која секогаш се игра на теренот на софистицирано пазарно окружување и затоа сите постапки што ја нарушуваат таа пазарна софистицираност и се спроведуваат селективно, се без одговорност за вложените пари и без јасно утврдена мисија се опасност за економијата.“

photo 2Стојче Тасков
oсновач на ИНБОХ, старт-ап инвеститор и експерт за иновации

Разговаравме со г-дин Стојче Тасков, основач и актуелен директор на Инбокс (Inbox), иновативна платформа за архивирање и менаџирање со документи, електронски и во хартиена форма, којшто зад себе има уште неколку стартапи – успешни приказни. Тасков е и школуван експерт за иновации од бизнис школите Харвард (теорија и стратегија на иновации), Стенфорд (иновациска корпоративна пракса) и Оксфорд (финансиски иновации – ФинТек) и токму поради сите овие достигнувања Капитал го одбра како релевантен соговорник на темата иновативност, односно каде е проблемот што Македонија не е повисоко на глобалното скалило на иновативен капацитет и перформанси.
Како и зошто иновациите станаа најважен услов за економски раст и просперитет на една економија?
Кога економиите ќе постигнат високо ниво на пазарна ефикасност при дадено високо ниво на стандардизиран квалитет, тие имаат проблем да продолжат да растат. Доколку имаат и негативен или стагнирачки демографски тренд на раст на населението, тој проблем се зголемува. Таков проблем имаа најразвиените економии пред 30 години. За надминување на истиот се искористија две патеки за раст. Првата е глобализацијата, којашто ги елиминира демографските бариери со зголемувањето на пазарната побарувачка над капацитет на домашниот пазар и претворање на целиот свет во тотално таргетиран пазар и втората патека е раст преку изуми на нови ресурси и технологии и нивна комерцијализација во форма на производи, услуги и човечки искуства, односно иновации.
Што се постигнува преку иновациите?
Иновациите се најсилната алатка за создавање нова економска вредност и економски раст бидејќи со нив се адресираат сите проблеми на економскиот раст преку нови изуми, нови бизнис модели, нови пазари и нови потрошувачи. Уште поважно, тие секогаш се насочени кон подобрување на животот и искуствата на луѓето. Луѓето сакаат да живеат во иновативни економии.
Преку иновациите се комерцијализира вредноста на изумите, (Биткоинот е комерцијална форма на технолошкиот изум – Блокчеин) се креираат нови бизнис модели, преку кои се создаваат нови употребни форми на постоечките ресурси (празен стан создава приход од рента преку Airbnb), се креираат нови кориснички ориентирани пазари (Appstore, Amazon, Booking, Uber, Zillow ) и се создаваат нови потрошувачи. (Fintech индустријата и мобилното банкарство создадоа нови потрошувачи на финансиски услуги, кои претходно во традиционалната банкарска инфраструктура не беа потрошувачи бидејќи немаа физички пристап до банкарска експозитура а такви беа 50% од луѓето на јужната хемисфера на Земјината топка, 400 милиони луѓе.)
Спојот на иновација и глобализација создава исклучителни бизнис приказни и рапиден раст каков светот нема видено досега. Иновациите ги мултиплицираат моделите во кои економските ресурси создаваат нова вредност, а глобализацијата го мултиплицира пазарот кој може да се адресира со нови бизнис модели. Трендот на дигитализација сето ова го става на “стероиди“. Во последните 10 години создадени се 575 стартап компании чија индивидуална пазарна валуација надминала 1 милијарда долари (познати како “еднорози“ – unicorns), а нивната вкупна денешна пазарна капитализација е поголема од две илјади милијарди долари.
Од што зависи и како се мери иновацискиот капацитет на една економија?
Светско мерило за иновациски капацитет е ГИИ – глобалниот иновациски индекс, кој се гради врз следниве 7 индексни категории, 1. Институции, 2. Човечки Капитал и Научно истражувачка работа, 3. Инфраструктура, 4. Пазарна софистицираност, 5. Бизнис софистицираност, 6. Знаења и технологии и 7. Креативни решенија.
За да може да се разбере ГИИ извештајот, прво мора да се разбере основната разлика помеѓу изум (Invention) и иновација ( innovation). Изумот е акт на откривање или создавање на нов ресурс или нова технологија (на пр., Интернет преку TCP/IP), а иновација е создавање на една или повеќе форми на употребна вредност на изумот и негова успешна комерцијализација (Facebook, Airbnb, Uber, Booking и уште многу други).
Најлесно да се запамети е формулава Innovation = invention + adoption. Изумите се во позитивна корелација со високо ниво на образование, научно – истражувачка дејност и технолошка софистицираност на економијата, а иновациите со пазарна и бизнис софистицираност. Но, не е доволно софистицираноста на елементите да постои, резултати може да се постигнат само ако тие се поврзани. Ниту генијалноста на било кој изум сам за себе може да создаде економска вредност, ниту исклучителните вештини за бизнис моделирање ќе создадат вредност без силата на нови креативни изуми. За да создаде иновативен капацитет, потребно е таа (државата) да создаде ПАЗАРНИ услови трите димензии (човечкиот капитал, технолошката и бизнис софистицираноста) да се поврзуваат и надградуваат, да соработуваат и да функционираат во синергија.
Дали македонската економија има иновациски капацитет?
Секако дека имаме, но еднакво не го користиме. Ние сме подобри од очекувањата на другите, но полоши отколку што вистински можеме. Македонија според глобалниот иновациски индекс ГИИ во 2019 година е рангирана на 59-то место во светот со две важни напомени. Првата е дека релативно на скалата на економски развој мерена според GDP per capita ние сме иновативни над очекувањата (expected vs observed performance). Втората важна напомена е дека нивото на нашите вложувања во иновации не создава еднакво ниво на остварени резултати (innovation inputs vs innovation outputs ranking). Според создадени услови за иновации сме рангирани 52-ри во светот а според иновативните решенија што ги создаваме сме 63-ти во светот. Тоа се 11 позиции разлика. Некако се наметнува заклучокот дека нешто правиме погрешно и не создаваме резултати еднакви на вложувањата и можностите.
g1

Според создадени услови за иновации Македонија е рангирана 52-ра во светот, а според иновативните решенија што ги создаваме сме 63-ти во светот. Тоа се 11 позиции разлика. Некако се наметнува заклучокот дека нешто правиме погрешно и не создаваме резултати еднакви на вложувањата и можностите.“

Кои се силните, а кои слабите страни на иновацискиот капацитет на македонската економија?
Со просто читање на ГИИ извештајот ќе сфатите дека тој самиот кажува кои се силните страни што го создаваат иновативниот капацитет, а кои се слабите страни што го намалуваат потенцијалот да создаваме креативни решенија и истите да ги комерцијализираме. Ќе се изненадите! Најсилно рангирање имаме таму каде што мислиме дека сме слаби, а најслабо таму каде што мислиме дека сме јаки. Затоа и не е чудно што нашите постапки се насочени на погрешно место и решаваме проблеми што не постојат и зајакнуваме капацитет на начин што нема смисла да се зајакнува.
g2

Македонската економија има најдобри перформанси во делот на Пазарната софистицираност, а најслаби сме во полето на Човечки капитал и истражувања

На пример, најсилна страна ни е правната софистицираност за заштитата на правата на малцинските акционери (6-ти во светот) и пристапот до кредит (11-ти во светот)! По параметарот пазарна софистицираност сме рангирани како 28-ма економија во светот. Ако пазарите се ефикасни, пристапот до кредит е релативно лесен и регулативата ги штити малцинските сопственици, нема многу логика нашата главна стратегија за иновации да биде “државна интервенција во пазарот, преку директно буџетско финансирање на идеи“. Со таквите постапки се нарушува пазарната софистицираност, и наместо подобри резултати, ние самите на себе си правиме проблем и го опструираме иновативниот капацитет понижувајќи го целиот банкарски и финансиски пазар, приватните инвеститори и бизнис ангели кои имаат сериозни резерви да инвестираат во економија во која треба да си конкурираат со државно субвенционирани компании.
Од друга страна, најслабо рангирање имаме во Развивање на бизнис и организациски модели базирани на информатичка технологија (111 и 112 место), Националната инфраструктура во државата (120 место), Научно истражувачка работа и поврзаност на универзитетите и индустријата (108 место) и поврзаноста на Иновациските елементи (107 место). Тоа се нашите најслаби страни од аспект на создавање на потенцијал за креативни решенија. Логички, стратегијата за иновации би требало најсилно да ги адресира овие поенти. Јас не гледам дека некој сериозно си поставил цел да ги реши овие проблеми!
Уште еден заклучок е многу важен за да се разбере зошто потенцијалот за иновации – инпути, не се материјализира во конкретни решенија (аутпути). Пазарна софистицираност 28-мо место, а бизнис софистицираноста 66-то место. Што ви кажува тоа? Пазарна софистицираност постои, бизнис софистицираноста е многу послаба од пазарната и затоа не ги користи потенцијалите кои постојат (бизнис и организациско моделирање 112-то место) Колку што следам, овој проблем го адресираат и Американската амбасада во Македонија и заедницата Македонија 2025 кои упорно и неуморно спонзорираат програми за бизнис едукација на најдобрите светски школи.
За жал истото не е приоритет на државната стратегија за зголемување на иновацискиот капацитет, таа е фокусирана на финансирање на идеи иако пости гол факт дека 90% од идеите пропаѓаат токму заради недостаток на бизнис искуство на менаџерите.
“ГИИ извештајот е корисно огледало во кое можете да погледнете и да си ги видите слабите и силните страни,
но тој не ви кажува како да изградите успешна стратегија за да ги надминете слабостите.“
Целиот извештај е достапен на https://www.wipo.int/edocs/pubdocs/en/wipo_pub_gii_2019/mk.pdf
Како се создаваат стратегии за стимулирање на иновациска активност и кој е патот за создавање на иновативна економија?
Секој човек со добра бизнис логика има една или две идеи како да се подобри иновативноста, но иновативноста е последица на поврзаноста на елементите а не на нивното голо постоење. Ова прашање е системски адресирано со долгогодишни научно – истражувачки студии од бизнис школи и економски институти низ светот. Јас ќе ги сумирам резулатите и препораките кои се повторуваат во две реномирани студии за точки на импакт во стимулирање на иновации и создавање на поголем иновативен капацитет на една економија:
cover originalСтудијата “Национален иновативен капацитет“ од Мајкл Портер, (Michael E. Porter, Harvard Business School, 2001) и заедничката студија “Практични алатки за стимулирање на иновации“ од Николас Блум (Nicholas Bloom- Stanford), Џон Ван Ринерн (John Van Reenen – MIT), и Хајди Вилијамс (Heidi Williams – Harvard) од 2019 година.
На прво место по импактот врз стимулирање на иновациите е даночното стимулирање на активностите за истражување и развој. (R&D tax credits) Колку повеќе се мотивираат компаниите да алоцираат ресурси (луѓе, технологија и пари) во истражување и развој, толку е поголема веројатноста дека ќе се патентираат нови изуми и ќе се градат нови бизнис модели за комерцијализирање на истите. Денеска постојат две бариери: прво, тоа е стравот од “изгорени пари“ поради функционален или пазарен неуспех што природно е поврзан со иновациите и второ, лошиот импакт врз билансите, бидејќи инвестициите поврзани со истражување и развој на иновации не создаваат приход на рок пократок од 3 години, а самите иновации се познати како “cash burning machines”. Менаџерите на компаниите кои се вреднувани според нивниот годишен учинок, едноставно немаат мотивација да одобрат алокација на ресурси во проекти што во следните 3 години ќе создаваат само инвестициски трошок и парични одливи, а нема да произведат никаков приход и профит. Тоа може да се промени со наведените стимулации.
Стимулирањето на имиграција на научници и бизнис експерти. (skill migration) Ние во Македонија имаме негативен тренд на емиграција – односно иселување на најдобрите кадри. Главните политики за стимулирање на иновативна активност мора да бидат насочени кон имиграција, односно доселување на експерти. Прашањето е зошто би го направиле тоа? Одговорот е за да истражуваат, напредуваат, да се остваруваат и да се збогатуваат. Тоа се човечките мотиви, кои ако бидат правилно адресирани ќе создадат мотиви за имиграција. Тоа може да се направи со две поврзани стимулативни активности. Прво финансирање на создавање на модерни и софистицирани истражувачки центри, независно или во рамките на факултетите, што стимулира развој и концентрација на научници, и второ, преку даночни поволности поврзани со оданочувањето на личните примања што ќе стимулира концентрација на капитал и бизнис експертиза. Без концентрација на научно истражувачки активност и бизнис експертиза, нема надеж за иновации.
Фокусирани грантови од државата (mission oriented grants) за научно – истражувачки центри кои имаат мисија на откривање на нови економски ресурси (материјали, и технологии) и модели за подобро искористување на постојните ресурси ( иновации што создаваат нови пазари и потрошувачи). Вродена мана на модерниот капитализам е неусогласеноста на очекувањата за годишен раст и потребата за стратешки иновации кои создаваат вредност во временски хоризонт од 2 до 7 години. Затоа приватниот капитал финансира иновации од кои очекува релативно побрз поврат. Но, најважните иновации не создаваат резултат на рок пократок од 3 години, од кои само фазата на истражување и развој може да трае 1-3 години и затоа е нужно државите да ги финансираат овие иновации во функции на дадена МИСИЈА. На пример, доколку главен проблем на едно општество е загадениот воздух и нездрава животна средина, тоа општество наместо да гори пари во дигитални бурекчилници и субвенционирање на печатници, би требало да постави МИСИЈА и да стимулира иновации во создавање на ресурси и пазари кои ќе го адресираат проблемот на недостаток на здрава животна средина. (На пример, бизнис модел за Еколошка берза, на која се тргуваат еколошки кредити, каде тие што имаат негативен импакт врз животната средина мора да си купат кредити од тие што имаат позитивен импакт и сите да бидат еколошки неутрални на крајот на годината). Тогаш, еколошки неодговорното однесување ќе биде не само неприфатливо, туку и многу скапо!
Стимулирање на заштитата на интелектуалната сопственост. Патените се во суштината основно мерило на иновативност на една економија! Немајте спор со тоа, без разлика колку комплексни анализи се прават за да се докаже иновативноста, тие се прават за да се докаже како е дојдено до толкав број на патенти. Ако горите пари за стимулирање на иновации, а немате зголемување на бројот на регистрирани патенти, вие всушност си стимулирате нешто друго, а не иновации. Значењето на патентите е огромно. Прво го адресираат стравот од споделување на добра идеја. Многу идеи никогаш не се комерцијализирани затоа што носителите се труделе во тајност и самите со свои сили и знаење да ги реализираат. Што ретко успева. Патентирањето како субвенциониран и лесно достапен сервис, може да го адресира овој проблем и да го зголеми бројот на квалитетни идеи кои циркулираат во акцелераторите и се презентираат пред инвеститорите. Второ, патентите се заштитени изуми што генерираат исклучителни приходи преку својата уникатна способност да се вградуваат во безброј глобални вредносни мрежи. Оваа способност е позната и адресирана од развиените економии.
За да се стимулира регистрацијата на патенти во домицилната економија, некои држави даваат специјални даночни стапки за приходите од патенти. Идејата стартува во Ирска во 70 – тите години од минатиот век, за да стимулира миграција на патенти, а денеска го прават 16 развиени земји членки на Европската унија. Замислете си ние да создадеме конкурентен даночен режим во кој сите пронаоѓачи сакаат тука да ги регистрираат патентите, и тука да ги примаат сите приходи од патенти затоа што баш тука ќе платат најмал данок на тие приходи. Без да мрднеме со прст, ќе имаме позитивен биланс на трговска размена!
Создавање на сè подобри услови за слободна трговија. За да може да се максимизира вредноста на изум / патент, или вредноста на бизнис модел, потребно е голем адресибилен пазар. Мотивите за алоцирањето на ресурси за истражување и развој и влегувањето во ризични деловни потфати директно зависи од очекуваната стапка на создавање на економска вредност, а таа пак е директно одредена од профитната маргина помножена со потенцијалот за раст. Колку е поголем слободниот пазар толку е поголем потенцијалот за раст. Било кое вреднување на иновација е одредено од нејзиниот адресибилен пазар. (ТАМ – total addressable market ). Силата на домашниот пазар за Македонија е слаба страна и во ГИИ индексот сме рангирани 112 место. Но тоа го знаеме и без извештајот и секоја сериозна стратегија мора да го адресира овој недостаток.
Инвестирање во STEM и бизнис едукација. Создавањето на концентрација на научници и бизнис експерти е критичен услов за создавање на иновативна економија. Некои држави се на врвот на технолошката пирамида и тие инвестираат во своите центри, но другите што не се таму, и не можат да создадат светски центри за истражување и развој, мора да инвестираат во едукација на своите кадри токму во најдобрите центри. STEM (Science, Technology, Engineering and Mathematics) e основата на технолошката софистицираност, а врвната бизнис едукација е основа на создавање на бизнис софистицираност. Еднакво е важно да се создаваат услови за технолошки и бизнис модел иновации, бидејќи изумот без комерцијална употреба не е иновација, туку прост ресурс без употребна и економска вредност.
Регулаторни стимулации. Регулативата има пресудно влијание во стимулирањето или дестимулирањето на иновациска активност. Тие што сакаат да бидат лидери во иновации, мора да бидат и доволно храбри да бидат лидери во регулаторното стимулирање на иновации. Еве примери за стимулативно регулаторно однесување. Велика Британија е неприкосновен светски лидер во Fintech иновации. Таа прва ја воведе регулативата за “отворено банкарство“ (ПСД2 регулатива во ЕУ) и стимулираше иновации во сите финансиски функции, плаќање, кредитирање, штедење и инвестирање. И не застанува со регулаторно стимулирање. Во 2016 година е воведен концептот на регулаторни симулатори (regulatory sandboxes) што им овозможува на иноваторите да тестираат нови концепти во реални услови со реални клиенти под супервизија и во координација со регулаторното тело. Така се откриваат сите бариери за иновации но и дупките во законите кои би можеле да се злоупотребат во иднина. Колку е тоа позитивно и практично однесување!
Вашето досегашно професионално искуство е секогаш поврзано со основање и менаџирање на иновативни платформи. Каква е вашата порака за крај до креаторите на политиките и стратегиите за иновативност во државава?
Мојата порака е следна: Надежта не е добра стратегија за иновации! Иновациите не се игра на среќа во која истураш еден тон државни пари и потоа се “надеваш дека нешто добро ќе се случи“. Иновациите се стратешка игра, со познати правила, која секогаш се игра на теренот на софистицирано пазарно окружување и затоа сите постапки што ја нарушуваат таа пазарна софистицираност и се спроведуваат селективно, се без одговорност за вложените пари и без јасно утврдена мисија се опасност за економијата.
Ако сакаме иновативна економија, треба даночно да стимулираме истражување, развој и патентирање, регулаторно да се охрабриме, а иновациските грантови треба да бидат насочени во функција на социо – економски мисии и во “STEM” и бизнис едукација, затоа што човечкиот капитал е алката што ги поврзува и надградува сите други елементи кои постојат и тој ќе продолжи да создава подобра регулатива и поголема бизнис софистицираност за комерцијализирање на изумите во иновации.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×