Странецот во просек спие по две ноќи во Македонија, а домашниот турист четири
Објавено на од во Економија
Sleep_while_traveling

Речиси двојно повеќе странски туристи за пет години

Бројот на странски туристи во земјава од 2012 до 2017 година е пораснат за повеќе од 80%, додека бројот на ноќевања за 60%. Индикаторот просечен број на ноќевања по гостин во извесна мера се влошил, односно од 2,31 ноќевања во просек во 2012 година, паднал на 2,05 во 2017-та, што значи дека и покрај зголемувањето на апсолутната бројка на туристи што влегуваат во земјава, нивниот престој станува сè пократок. Девизниот прилив пак, во првата половина на 2018 година, по основ на туризам, бележи пораст од 26,6%, а туристичките работници очекуваат најдобра година во последнава деценија.

 

 

Живеам во зграда во центарот на Скопје, каде што неколку станови нивните сопственици ги издаваат за ноќевања на странци преку Airbnb.com, и особено последниве година – две забележувам зголемена фреквенција на странски гости што се врткаат околу влезот, или пак се возиме заедно во лифтот. Ги има буквално од секаде, од Европа, САД, Јужна Америка, Азија, па дури еднаш сретнав со човек и од Нов Зеланд. Од кусите муабети што ги имам разменувано со нив, а и со издавачите на становите, дознавам дека обично се на по 1-2 ноќевања во градот, а потоа продолжуваат кон Грција или пак Бугарија. Голем дел од нив го шетаат Балканов, па по малку време остануваат во метрополите на секоја држава разгледувајќи го она што научиле претходно на интернет дека е најинтересно. Има и такви коишто слушнале од пријатели дека земјава и Скопје нудат евтино сместување, храна, забава и сл., па ги користат евтините летови на Визер од Скопје кон Европа и доаѓаат специјално да го видат градот. Овие гости остануваат и повеќе денови, во зависност од тоа како е распоредот на летови од метрополата кон некоја европска дестинација.

Искрен да бидам, јас не сметам дека Скопје е нешто многу привлечен град за посета, можеби дека живеам во него, па сум навикнат на сите оние “убавини“ што им се интересни на странските посетители и не ги сметам за нешто посебно, а во очи ми паѓаат исклучиво непријатните нешта, како големата нечистотија на секое ќоше или пак глутниците кучиња што се сноваат низ плоштадот “Македонија“. Но, статистиката друго покажува, а тоа е дека изминативе 5-6 години бројот на странски туристи во Скопје и цела Македонија значително расте, поточно, во 2017 година изнесувал преку 630 илјади, што е за 80% повеќе во однос на 2012 година. Во главниот град, во зависност од сезоната, доаѓаат отприлика од 35%-45% вкупниот број туристи што ја посетуваат Македонија, поточно, во 2017 година во јануари во Скопје биле 44% од вкупниот број странски туристи, во мај го посетиле 43%, додека во август таа бројка паднала на 37%, што е разбирливо, со оглед на доминацијата на Охрид како главен туристички центар на земјава преку лето.

btr

Во Скопје се задржуваат 35%-45% од странските туристи во земјава

Рекорден девизен прилив од туризам во 2018

Трендот го потврдуваат и податоците на Светската организација за туризам при Обединетите нации (UNWTO), поткрепени од домашната статистика. Бројот на ноќевања во тој период исто така пораснал, од 812 илјади во 2012, на 1,29 милиони во 2017 година, или за без малку 60%. Од овие бројки заклучокот е дека индикаторот просечен број на ноќевања по гостин во извесна мера се влошил, односно од 2,31 ноќевања во просек во 2012 година, паднал на 2,05 во 2017-та, што значи дека и покрај зголемувањето на апсолутната бројка на туристи што влегуваат во земјава, нивниот престој станува с$ пократок. Порастот на бројот на странски туристи продолжува и во 2018 година, при што во првите шест месеци нивниот број е нешто над 400 илјади, или за 18% повеќе во однос на истиот период во 2017. Бројот на ноќевања што го оствариле странските гости од јануари до август во Македонија изнесува речиси 830.000, или пораст за 21%, што значи 2,07 ноќевања по гостин во просек.

Од ваквиот пораст на странски туристи презадоволни се и во Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, каде што велат дека девизниот прилив во првата половина на 2018 година, по основ на туризам, бележи пораст од 26,6% за разлика од истиот период минатата година.
“Вториот квартал од 2018 година изненади со раст од неверојатни 87,1 милиони американски долари по основ патувања во Македонија, што е за 27,5% повеќе од минатата година. Вкупниот девизен прилив во првите шест месеци од 2018 година од ставката туризам изнесува 151,3 милиони американски долари.“, велат во Агенцијата, каде што очекуваат за цела 2018 година девизниот прилив од туризмот да биде околу 400 милиони долари.

Од Агенцијата истакнуваат дека континуитетот во зголемувањето на девизниот прилив од посети на странски туристи се должи на мерките и активностите кои се преземаат од страна на целиот туристички сектор во земјава.

Tabeli za Tema turizam“Покрај медиумската кампања во странски земји која беше спроведена од наша страна како агенција, и која обезбеди интензивна промоција на Македонија на различни странски пазари, бројни активности беа преземени и во поглед на промоција на земјата преку организирани посети на тур-оператори, туристички агенции и странски новинари. Овој тип на активности ја интензивира промоцијата на земјата на ефикасен, а истовремено, достапен начин. Агенцијата го рекламира туристичкиот потенцијал на земјава преку организирање на неколкудневни посети на влијателни новинари, или пак туристички агенции и тур-оператори кои се потенцијални партнери на македонскиот приватен сектор. На овој начин се обезбедува промоција на Македонија во странски медиуми и директна помош на домашните тур-оператори и туристички агенции. Дополнителна промоција на земјава се остварува и преку пласман на различни видови на поддршка на приватниот сектор во поглед на проекти преку кои ќе се засили и збогати туристичката понуда. “, велат од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Ohrid

Во летните месеци, во Охрид доаѓаат преку 40% од вкупниот број на странски туристи

Половина од странските туристи се од Бугарија, Грција, Србија и Албанија

Од странските туристи, најголем дел, или цели 91% во 2017 година биле од Европа, а најмногу туристи последниве неколку години доаѓаат од соседните земји, Бугарија, Грција, Албанија, Србија, односно околу половина од вкупниот број странски туристи се од овие четири соседи, но има гости дури и од Јапонија, Кина, Јужна Кореа, итн. Поточно, од регионот Источна Азија и Пацифик биле 5,5% од странските туристи во земјава, од двете Америки 3,2% и нешто ситно од Африка и останатите делови на светот.
Статистиката на Светската туристичка организација и Државниот завод за статистика бележат и пораст на бројот на домашни туристи, односно ноќевања во Македонија, но со далеку помала динамика од онаа кај странските гости. Така, во 2012 година, бројот на домашни гости регистрирани во сместувачките капацитети во земјава изнесувал 312 илјади, при што оствариле 1,340 илјади ноќевања, или просечно по 4,3 ноќевања. Во 2017 година, оваа бројка пораснала на 368 илјади, или за 18% повеќе, со тоа што бројот на ноќевања пораснал за 10,5%, а просечниот број на ноќевања по гостин изнесува 4,02.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×