Странските економисти прогнозираат рецесија, домашните депресија
Објавено на од во COVER STORY

Coronavirus economic impact concept imageСите облици на економската криза од пандемијата

Меѓународните финансиски институции веќе почнаа да ги објавуваат своите најнови пролетни прогнози, па иако потврдија дека рецесијата ќе ни биде опсесија годинава, сепак, нивните процени се посмирувачки отколку домашните и влеваат оптимизам. Светската банка го објави својот најнов извештај според кој економската активност во земјава годинава ќе се намали за -0,4% споредено со лани доколку пандемијата се смири до јуни, па до најмногу -2% пад на БДП ако коронавирусот се шири цела година. Домашните власти пак, излегоа со многу поцрни сценарија за економијата – процени дека приходите во буџетот може да се намалат од 20% до 40% што аналогно би значело дека падот на БДП би бил од -10,6% до -22,7%, што делува апокалиптично споредено со предвидувањата на меѓународните финансиски институции.
Рецесијата годинава е факт, а не само црна прогноза на песимистичките економисти кои веќе неколку недели откако се „замрзнаа“ општествата за да се запре ширењето на коронавирусот лицитираат со бројки кои многу брзо може да ве фрлат и во депресија. Меѓутоа, меѓународните финансиски институции веќе почнаа да ги објавуваат своите најнови пролетни прогнози, па иако потврдија дека рецесијата ќе ни биде опсесија годинава, сепак, нивните процени се посмирувачки и влеваат оптимизам.
Светската банка во пресрет на одржувањето на виртуелните Пролетни средби заедно со ММФ, го објави својот најнов извештај според кој економската активност во земјава годинава ќе се намали за -0,4% споредено со лани. Ова е прогноза според оптимистичното сценарио кое претпоставува дека пандемијата со коронавирусот ќе се смири до јуни. Но доколку трае цела година, тогаш Светска банка проценува дека падот на бруто домашниот производ (БДП) годинава ќе надмине -2%.
Сепак, без оглед кое било од овие две сценарија да се оствари, економистите на оваа меѓународна финансиска институција имаат значително поразлични гледишта отколку домашните власти.
Сценарија за приходите во буџетот
Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот може да ги скрати јавните приходи во буџетот за дури 60% од планираните 3,6 милијарди евра, што во апсолутен износ значи дека приходите од даноци, придонеси и царини би биле помали за околу 2,2 милијарди евра годинава. А за да се случи тоа, падот на БДП би требало да достигне дури 35% што навистина делува катаклизмично.
Потоа и Министерството за финансии излезе со три сценарија за приходите во буџетот, според кои во зависност од времетраењето на пандемијата, тие би се намалиле за 20% во најдобар случај, потоа за 30% во некое понеповолно сценарио, па до 40% во најлошото сценарио.
Соодветно на ова, за да секнат јавните приходи колку што предвидува Министерството, бруто домашниот производ би требало да падне околу -10,6% во првото сценарио, -16,7% во второто, и дури -22,7% во третото и најпесимистичко сценарио.
Претходно Виенскиот економски институт којшто е специјализиран за регионот на Југоисточна Европа, ги објави своите процени за македонската економија според кои очекуваат раст годинава од 1,7% наспроти првичната прогноза за раст од 3,3%. Но овие процени беа направени до крајот на февруари, кога се уште импактот од коронавирусот врз економијата беше послаб.
Овие споредби покажуваат дека домашните власти се драстично поголеми скептици и песимисти за економијата отколку меѓународните финансиски институции.
„Краткорочната перспектива – слично на другите земји во регионот – е негативна поради кризата поврзана со КОВИД-19, која ќе предизвика рецесија во 2020 година. Пандемијата и мерките за ограничување на движењето ќе влијаат врз економијата како на страна на побарувачката така и на страната на понудата. Ако епидемијата и рестриктивните мерки на национално и глобално ниво продолжат и во вториот квартал, рецесијата ќе биде потешка и ќе ги елиминира подобрувањата на пазарот на трудот од последните години и ќе ја продлабочи фискалната ранливост“, пишува во најновиот пролетен економски извештај на Светската банка.
Споредено со земјите од регионот, прогнозата за македонската економија е најоптимистичка. Првото сценарио кое засега го зема предвид Светската банка, предвидува пад на економијата во Хрватска од дури -6,2%, Бугарија -3,7%, Босна и Херцеговина -1,9%, Косово -1,6%, Црна Гора -1,5%, Албанија -1,3%, Србија -0,5%.

Svetska banka

Од Светска банка сугерираат земјите во регионот да помогнат во одржувањето на економската активност преку поддршка на приватниот сектор со поволни деловни кредити, намалување на даноците или одложувања за плаќањето на некои даноци.

Светска банка: 140 милиони евра за поддршка на македонската економија
Од Светската банка анализираат дека економските и социјалните мерки за ублажување на влијанието од кризата ќе бидат приоритетни додека пандемијата не се стави под контрола, но во периодот на закрепнување по рецесијата ќе бидат потребни дополнителни фискални реформи, реформи во конкурентноста и во управувањето со јавите политики за одржливо забрзување на економскиот раст.
„Светската банка ја финализира програмата на активности за да ѝ помогне на Северна Македонија да се справи и да го намали влијанието од кризата, што вклучува и нов брз проект како одговор на итните приоритети во здравствениот сектор, но и за заштита на приходите на домаќинствата, како и реструктурирање на веќе одобрени проекти за мобилизирање на средства за поддршка на малите и средни претпријатија. Се очекува овие програми да изнесуваат околу 140 милиони евра“, велат од оваа меѓународна финансиска институција.
Покрај тоа, од Светска банка сугерираат земјите во регионот да помогнат во одржувањето на економската активност преку поддршка на приватниот сектор со поволни деловни кредити, намалување на даноците или одложувања за плаќањето на некои даноци. Малите и средни претпријатија кои се погодени, би можеле да имаат значителна корист од таргетирани владини субвенции.
„За време на овој исклучително тежок период, од особено значење е креаторите на политики да постапуваат решително“, вели Сирил Мулер, потпретседател на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија. „Ова значи одлучни мерки за зајакнување на здравствените системи и системот на социјална заштита, поддршка на приватниот сектор и зачувување на финансиската стабилност и доверба – аспекти кои се клучни за животот на луѓето“.
Проекциите за економските последици од Ковид-19 се проследени со значителна неизвесност. Затоа, извештајот вклучува повеќе симулации за да се претстават различните сценарија во поглед на растот на економијата кои би можеле да се случат како резултат на пандемијата. Сценаријата сугерираат дека регионот на Западен Балкан ќе западне во рецесија во 2020 година, со пад на економската активност од -1,1% за потоа следната година да има раст од 4,4% и ова се оптимистичните прогнози според кои пандемијата ќе се смири до крајот на јуни. Другото сценарио кое предвидува коронавирусот да се шири цела година а со тоа и ограничувачките мерки да бидат на сила до крајот на 2020, вели дека падот на економијата во Западен Балкан би бил -3,8%, но во 2021 растот би достигнал 4,5%.
„Социјално дистанцирање и привременото затворање на бизнисите кои не се есенцијални како и на училиштата, се потребни мерки за да се спречи ширењето на пандемијата и да се спасат што повеќе животи”, вели Асли Демиргуч – Кунт, главен економист за регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка. „Во исто време, треба да се спроведуваат и политики за да се минимизираат економските трошоци на овие мерки и да се создадат услови за побрзо закрепнување, а не негово пролонгирање, штом пандемијата ќе заврши“.
Мерките за поддршка, како што се директни трансфери на средства или субвенции за здравствена заштита, наменети за помош на ранливите граѓани и нивните семејствата, како и поволни деловен кредити и даночните олеснувања, ќе бидат клучни за ублажување на падот и зачувување на работните места, се вели во извештајот.
Групацијата на Светска банка презема широка, брза акција за да им помогне на земјите во развој да го зајакнат нивниот одговор на пандемијата, да го подобрат надгледувањето на болеста, да ги подобрат интервенциите во јавното здравство и да му помогнат на приватниот сектор да продолжи да работи и да се одржат работни места. Со имплементирање на финансиска поддршка од 160 милијарди долари во текот на следните 15 месеци ќе им се помогне на земјите да ги заштитат сиромашните и ранливите категории, да ги поддржат бизнисите и да го зајакнат економското закрепнување.

mmf

ММФ: Околу 100 милијарди долари инвестиции веќе се одлеале од пазарите во развој, што е три пати повеќе од капиталниот егзодус забележан во светската финансиска криза во 2008 година.

ММФ очекува најголема криза по Големата депресија
Глобалната пандемија на коронавирус предизвикува економска криза поголема од која било во минатиот век и ќе бара масовен одговор за да се обезбеди закрепнување, истакна шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева.
Таа предупреди дека „глобалниот раст ќе се претвори во остро негативен во 2020 година“, при што 170 од 180 земји членки на Меѓународниот монетарен фонд се соочиле со пад на приходот по глава на жител.
„Всушност, ние ја очекуваме најтешката економска криза од Големата депресија“, рече Георгиева во говорот, во пресрет на идната недела на пролетните состаноци на ММФ и Светската банка, кои ќе се одржат виртуелно.
Дури и во најдобар случај, ММФ очекува само „делумно закрепнување“ следната година, под претпоставка дека вирусот ќе згаснува подоцна годинава, дозволувајќи му на нормалниот бизнис да продолжи да работи со укинување на мерките што се наметнати да го запрат неговото ширење.
Но, „може да се влоши“ и „има огромна неизвесност околу перспективата“ и времетраењето на пандемијата, истакна Георгиева.
Земјите веќе презедоа чекори во вредност од 8 илјади милијарди долари, но Георгиева ги повика владите да направат повеќе за да обезбедат „животен век“ за бизнисите и домаќинствата „да избегнат лузни на економијата што ќе го отежнат закрепнувањето“.
Во вторник ММФ ќе го објави својот Светски економски изглед со нови понегативни прогнози за економиите на земјите за оваа и следната година. Во јануари, ММФ предвиде глобален раст од 3,3% оваа година и 3,4% во 2021 година. Но, тие прогнози беа објавени во еден поинаков свет.
„Последиците се силни и во развиените земји и во економиите во развој. Оваа криза не знае за граници. Сите страдаа “, рече Георгиева и истакна дека околу 100 милијарди долари инвестиции веќе се одлеале од пазарите во развој, што е три пати повеќе од капиталниот егзодус забележан во светската финансиска криза во 2008 година.
ММФ во вторник ќе ја објави својата прогноза и за нашата земја.
Задолжувањето станува предизвик
Откако стана јасно дека намалувањето на економската активност ќе ги секне приходите во државната каса, економските власти се фокусираа како да обезбедат пари за да ги надоместат загубените приливи.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, првично најави дека државата ќе позајми околу 600 милиони евра, и тоа 87 милиони евра од ММФ, 100 милиони евра од Светската банка и околу 400 милиони евра од комерцијални банки од странство.
Меѓутоа, оваа операција е голем предизвик бидејќи пазарите на капитал последните недели изреагираа бурно, побарувачката за пари нагло се зголеми, а во услови на зголемен ризик пораснаа и каматите.
Професорот Марјан Петрески, вели дека државата мора итно да ја обезбеди неопходната ликвидност од околу 500-700 милиони евра, но и тој изрази загриженост околу пристапот до капитал.
„Министерството за финансии излезе со план за задолжување и тој е коректен, но морам да го изразам својот песимизам дека од ден на ден, можноста за позајмување на приватните финансиски пазари станува се` поневозможна. Имено, приватните пазари замрзнаа. Оттука, моето стравување е дека потрагата по приватно финансирање надвор може да заврши неуспешно и да значи изгубено време, но да се надеваме дека нема да бидам во право. Затоа, мојата сугестија беше веднаш да се пристапи кон концесионалните кредитори и со нив веднаш да се отпочне со преговори за рамката за позајмување која ќе овозможи непречено снабдување на економијата со ликвидност. Да нагласам дека постоеше можност централната банка да ја олабави ликвидноста преку значајно намалување на базната каматна стапка, така овозможувајќи му на Министерството за финансии веднаш да се задолжи кај банкарскиот систем, но во моментов сметам дека и таа опција стана „тешка“, бидејќи и домашниот банкарски пазар ќе биде воздржан во однос на позајмување на државата“, смета Петрески.
Тоа се покажа и на Воздржано однесување покажаа и на последната аукција на државни хартии од вредност, на кој што после долг период, прв пат домашните финансиски институции не одговорија целосно на понудата од страна на Министерството за финансии. Односно, домашните финансиски институции купија 15 годишни државни обврзници во износ од 58% понизок од оној што сакаше да го прибере Министерството за финансии.
Но, добра вест стигна од ММФ од каде што потврдија дека не само што го одобрија бараниот заем, туку и го дуплираа. Од Владата информираа дека ММФ ни одобри 175,2 милиони евра.
Министерската Ангеловска, вели дека се преговара да се обезбедат и други извори на пари, околу 100 милиони евра од Европската Унија, од Светска банка и од неколку банки.
„На дневна основа го следиме пазарот на капитал и се обидуваме да обезбедиме пари однадвор за финансирање на сите потреби од буџетот. Банките на последната аукција на државни хартии од вредност беа повоздржани но таа аукција се совпадна и со одлуката за одложување на ратите на кредитите па верувам дека оттука и таа воздржаност. Мислам дека е и дорбо дел од ликвидноста да остане кај банките за да може тие да ги пласираат парите како кредити и за фирмите и за граѓаните. Верувам дека ќе успееме да ги добиеме бараните износи и сакам да ги уверам граѓаните дека буџетот ќе има капацитет да ги финансира сите свои потреби“, истакна министерката Ангеловска.
Според последните процени на Министерството, годинава ќе бидат потребни дополнителни 700 милиони до најмногу 1,3 милијарди евра во буџетот, во зависност од развојот на кризата.

 


workers_on_yellow.jpgМеѓународна организација на трудот: Катастрофално губење на работни часови и вработување поради Ковид – 19.

Се очекуваат огромни загуби кај различни категории според примањата, но особено во земјите со средно високи примања (7,0 %, 100 милиони работници со полно работно време). Ова значително ги надминува ефектите од финансиската криза од 2008-9 година.
Кризата со КОВИД-19 се очекува да „збрише“ околу 6,7 % од работните часови на светско ниво во второто тримесечје на 2020 година – што би било еквивалентно на 195 милиони работни места со полно работно време.
Големи намалувања се предвидуваат во арапските земји (8,1 %, еквивалентно на 5 милиони работници со полно работно време), Европа (7,8 %, или 12 милиони работници со полно работно време) и во Азија и Пацификот (7,2 %, 125 милиони работници со полно работно време).
Се очекуваат огромни загуби кај различни категории според примањата, но особено во земјите со средно високи примања (7,0 %, 100 милиони работници со полно работно време). Ова значително ги надминува ефектите од финансиската криза од 2008-9 година.
Секторите што се под најголем ризик ги вклучуваат угостителските услуги за сместување и исхрана, производство, малопродажба и деловни и административни дејности.
Евентуалното зголемување на глобалната невработеност на крајот на 2020 година ќе зависи суштински од идниот развој на настаните и мерките во политиките. Постои висок ризик дека бројката на крајот на годината ќе биде значително повисока од првичната проекција на МОТ од 25 милиони.
„Работниците и претпријатијата се соочуваат со катастрофа, како во развиените, така и во економиите во развој … Мора да делуваме брзо, решително и заеднички. Вистинските, итни, мерки би можеле да направат разлика меѓу опстанок и колапс.“, изјави Гај Рајдер, Генерален директор на МОТ.
Во моментов, повеќе од четири од пет лица (81 %) од работната сила во светски рамки (3,3 милијарди) се погодени од целосно или делумно затворање на претпријатијата.
Во Второто издание на Мониторот: КОВИД-19 и светот на работата, кој го објавува МОТ, ситуацијата со КОВИД-19 се опишува како „најлошата светска криза по Втората светска војна“. Ажурираните информации од истражувањето на МОТ, објавено на 18 март, вклучува секторски и регионални информации за ефектите на пандемијата.
Во согласност со новата студија, 1,25 милијарди работници се вработени во секторите што се идентификувани како сектори под висок ризик од „драстични и катастрофални“ зголемувања на отпуштањата на работници и намалувања на платите и работните часови. Голем дел од нив работат на ниско платени и нискоквалификувани работни места, за коишто ненадејната загуба на примањата е катастрофална.
Во светски рамки, две милијарди луѓе работат во неформалниот сектор (пред сè во новите и економиите во развој) и се под значителен ризик.
Потребни се сеопфатни и интегрирани мерки што се фокусираат на четири столбови: поддршка на претпријатијата, вработувањето и приходите; стимулирање на економијата и работните места; заштита на работниците на работното место; и, користење на социјалниот дијалог меѓу владата, работниците и работодавачите за изнаоѓање решенија, наведува студијата.
„Ова е најголемиот тест за меѓународната соработка по повеќе од 75 години“, изјави Рајдер. „Ако една земја падне на тестот, тогаш паѓаме сите. Мора да најдеме решенија што им помагаат на сите сегменти од нашето глобално општество, особено на оние што се најранливи или најмалку способни да си помогнат самите себеси.“
„Она што ќе го избереме денес директно ќе влијае врз начинот на којшто ќе се одвива оваа криза и, оттаму, врз животите на милијарди луѓе,“ додаде тој. „Со вистинските мерки може да го ограничиме нејзиното влијание и лузните што ќе ги остави. Мора да стремиме кон реконструкција што ќе ги направи нашите системи побезбедни, поправични и поодржливи од оние што допуштија да дојде до оваа криза.“

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×