Странските компании набавуваат малку суровини од домашните фирми!
Објавено на од во Економија

IMG_3882Само 10% од обврските на странските фирми се кон домашни добавувачи

Странските компании што отворија фабрики во Македонија само малку соработуваат со домашните фирми, а соработката најмногу се сведува на набавка на одредени услуги. Скоро и да не набавуваат суровини за нивните производи од домашниот пазар, покажа анализата на економскиот институт Finance Think. Како главни пречки за поголема соработка се идентификувани недоволниот технолошки развој и подготвеност на домашните компании, имплементацијата на стандарди и сертификати и недоволниот производствен капацитет. Анкетата спроведена во бизнис секторот, покажа дека една од три од македонските компании рекле дека соработуваат или имаат соработувано со странски компании во земјава. Кај мултинационалните компании пак, речиси две третини одговориле дека купуваат услуги од домашни компании додека само третина рекле дека можат да најдат суровини за своето производство во земјава. Тој процент е многу повисок на компании што се изјасниле дека не можат да најдат опрема и машини на локалниот пазар. Од Владата велат дека прават напори оваа соработка меѓу домашните и странските компании во земјата да се зголеми преку зголемување на државната помош за компаниите за технолошки развој и инвестиции во нови технологии.

 

Странските компании што отворија фабрики во Македонија само малку соработуваат со домашните фирми, а соработката најмногу се сведува на набавка на одредени услуги. Скоро и да не набавуваат суровини за нивните производи од домашниот пазар, покажа анализата на економскиот институт Finance Think. Како главни пречки за поголема соработка се идентификувани недоволниот технолошки развој и подготвеност на домашните компании, имплементацијата на стандарди и сертификати и недоволниот производствен капацитет.

Анкетата спроведена во бизнис секторот, покажа дека една од три од македонските компании рекле дека соработуваат или имаат соработувано со странски компании во земјава. Кај мултинационалните компании пак, речиси две третини одговориле дека купуваат услуги од домашни компании додека само третина рекле дека можат да најдат суровини за своето производство во земјава. Тој процент е многу повисок на компании што се изјасниле дека не можат да најдат опрема и машини на локалниот пазар. Притоа, се покажало дека домашните компании повеќе соработуваат со странските фирми што работат надвор од технолошко индустриските развојни зони отколку со тие што имаат фабрики во зоните.

Двете страни со свои објаснувања. Ако мултинационалните компании пречката за соработка со домашните ја гледаат во недоволниот технолошки развој и подготвеност, според домашните компании, тие не се подготвени да инвестираат во нови технологии, затоа што се соочуваат со високи финансиски ризици во однос на ликвидноста и не можат да постигнат одржливост во продажбата.

Друг фактор што е посочен како ограничувачки за поголема соработка е недоволна стандардизација и сертификати немање доволно стандарди за квалитет и безбедност и меѓународно признаени сертификати, особено во автомобилската индустрија. Иако странските инвеститори тврдат дека домашните производители немаат технолошки стандарди, 75% од домашните компании одговориле дека ги имаат воведено технолошките стандарди во нивното работење. Меѓутоа, најголем дел од домашните фирми поседуваат некои од ISO стандардите, стандарди за здравје безбедност при работа, но само ограничен број на домашни компании ги имаат воведено специфичните стандарди кои ги бараат странските.

Менаџерите на домашните фирми сметаат дека процесите на стандардизација и сертификација се скапи, па затоа многу од нив не можат да си дозволат да воведат повеќе од еден стандард или сертификат.

Според странските инвеститори, ограничениот капацитет за производство на домашните фирми е исто така еден од главните проблеми кога треба да се воспостави соработка. Нивно гледиште е дека постои недостиг на заинтересираност на домашните компании да инвестираат во раст и развој на нивните производни погони.

Домашните бизнисмени пак рекле дека неодржливите и економски недостапните извори на финансирање се главна причина за слабите инвестиции во производствените капацитети. Неконкурентните цени на производите на локалниот пазар, организацискиот јаз и јазот во однос на човечкиот капитал, како и меките вештини се дополнителни недостатоци идентификувани во соработката.

Во склоп на организацискиот јаз, како проблеми се идентификувани ниското ниво на одговорност што домашните фирми го имаат кон исполнување на условите од нивните договори и обезбедување на навремена испорака.

И покрај сите пречки што ги посочиле, најголем дел од странските инвеститори одговориле дека барем се обиделе да соработуваат со домашни фирми а како придобивки од соработката со домашни добавувачи, ги идентификувале брзата испорака поради близина со добавувачите, помалите трошоци за транспорт и логистика, подобрата комуникација поради директен контакт со добавувачите, лесни и брзи процедури.

Од друга страна, домашните фирми имаат корист од соработката со странските преку проширување на нивното производство и деловно работење, како и од тоа што ќе станат технолошки напредни и сертифицирани производители, но бараат поголема отвореност на странските компании, помалку строги барања и навремена исплата со пократок период на плаќање.

Во последните десет години просечниот прилив на странски директни инвестиции во Македонија изнесува околу 3,4% од БДП. Сепак, Македонија го забележува најнискиот прилив на СДИ (260 милиони евра) во споредба со другите земји од Западен Балкан. Преработувачкиот сектор дека е најатрактивен сектор за странските инвеститори во последните 8 години (42,3% од вкупните приливи на СДИ во просек). Главниот двигател на овие инвестиции е автомобилската индустрија и друга транспортна опрема, со просечно учество до 74,5% во вкупните странски инвестиции во преработувачкиот сектор. Други значајни двигатели на СДИ се услужниот сектор (41,5%) и градежниот сектор (12,7%).

Покрај директното влијание, како што се зголемување на конкурентноста на пазарот, зголемување на реален БДП по глава на жител и создавање директни работни места, СДИ дополнително обезбедуваат индиректни придобивки преку создавање врски меѓу мултинационалните компании и домашните мали и средни претпријатија, технологија и трансфер на вештини и подобрувања во продуктивноста и конкурентноста во целокупната економија.

Анализата покажа дека странските компании во Македонија се слабо снабдувани од домашната економија. Помалку од 10% од вкупните обврски се генерирани кон домашните компании што во 2015 година изнесува незначителни 46 милиони евра.

46882028_1142857335890188_5427176531275284480_o

Улогата на државата

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на дебата со претставници на странските инвеститори и домашните фирми, на која беа претставени резултатите од оваа анализа на Finance Think, истакна дека не е незадоволен од резултатите од оваа соработка.

Анѓушев нагласи дека Владата прави напори оваа соработка меѓу домашните и странските компании во земјата да се зголеми преку зголемување на државната помош за компаниите за технолошки развој и инвестиции во нови технологии.

Па така, Анѓушев истакна дека до крајот на годината Владата преку помошта што се обезбедува со Законот за финансиска поддршка на претпријатија и преку програмите на Фондот за иновации и технолошки развој ќе обезбеди поддршка за над 250 компании со цел тие да направат технолошки исчекор.

А парите за помош за купување технологија во буџетот за следната година се зголемени за третина, истакна Анѓушев.

„Тоа е начинот на кој што една Влада може да помогне. Државата може да им биде партнер на компаниите да им даде поддршка да инвестираат и да дојдат до знаење и едукација за менаџерите како се управува со една фирма за коорпоративно управување. Сѐ останато е во капацитетот на претприемачите и нивната инвентивност и државата тука не треба да се меша“, истакна Анѓушев и додаде дека „суштината на соработката е компонентите кои странските компании ги вградуваат во своите производи што е можно повеќе да бидат произведени од домашни производители.

Од бизнис секторот, извршниот директор на компанијата Раде Кончар Контрактори, Ана Киријас, истакна дека домашните фирми мора да инвестираат повеќе пари во нови технологии за да бидат поконкурентни соработници на странските фирми во земјава.

„Како компании имаме ограничен пристап до капитал, односно не можеме да издвоиме доволни суми за нови инвестиции во модернизирање на процесот на производство. Ние конкретно последната инвестиција во нова технологија сме ја направиле кон крајот на минатиот век и таа денес е застарена. Оттука мислам дека мерките на Владата за државна помош се поставени во добра насока, но потребно е да се одвојат позначителни суми за да може фирмите да инвестираат во нови технологии за производство односно автоматизирање на процесите“, истакна Киријас.

Од Кемет Електроникс, компанија којашто веќе шест години работи во технолошко индустриската развоја зона Бунарџик, истакнаа дека се обидуваат да набавуваат што е можно повеќе производ на локалниот пазар.

„Свесни сме за придобивките и за нас како компанија но и за домашната економија доколку најдеме што е можно повеќе производи од локалниот пазар. Во таа насока, олеснително е што тимот задолжен за набавки во компанијата е локален, и ги искористуваме сите можности за набавки на суровини покрај услугите од домашниот пазар. Не би рекла дека процедурите за набавка се ригидни, напротив тоа се глобално прифатени. За нас се многу важни неколку предуслови како сертификатите на производите без кои не може да дојде до соработка, квалитетот, време на испораката и цената секако“, истакна Маријана Милевска, директор за набавки во Кемет Електроникс.

 

Кои се препораките!?

Анализата на Finance Think опфаќа неколку препораки во насока на зголемување на капацитетот за соработка меѓу странските и домашните фирми.

Во врска со подобрување на процесот на стандардизација, институтот Finance Think предлага Владата да обезбеди субвенции за подобрување на стандардизацијата и сертификацијата на домашните даватели на услуги за најспецифичните стандарди што ги бараат странските компании. Потоа, Владата да обезбеди субвенции за домашните бизниси преку покривање на 50% од трошокот за воведување стандарди и сертификати и преку покривање на 100% од трошоците за обуки на персоналот кој ќе ги спроведува стандардите и сертификатите во рамки на компаниите; грантови за сите воведени стандарди што ќе ја зголемат соработката со странските компании.

Потоа се предлагаат мерки за стимулирање на производството на суровини и инпути кои вклучуваат: даночни олеснувања, државно земјиште и грантови со отплата без каматна стапка за нови инвестиции и зголемено производство на суровини и инпути.

Стимулирање на нови СДИ со повисока додадена вредност и промовирање подобрувања кај инвеститорите кои веќе се присутни. „Овој метод може да ја подобри ефикасноста и ефективноста на активноста во рамки на мерката за поддршка на главните влијателни економски проекти во земјата преку поддршка на вклучување на домашните компании во меѓународните синџири на вредности“, пишува во анализата.

Стратегијата за привлекување на странски инвестиции треба да избегне таргетирање на големи компании, кои имаат потреба од голем број вработени и ниско платени работни места поради недостаток на соодветна работна сила. Наместо тоа, стратегијата да таргетира компании со производи и услуги со поголема додадена вредност, за кои пак е потребна поквалификувана работна сила, а со тоа и подобро платени работни места.

Се предлага да се направи лесен, брз и квалитетен пристап до информации за странски инвеститори и потенцијални домашни добавувачи во земјата, со цел олеснување на процесот на воспоставување соработка.

Владата да креира единствена база на податоци за потенцијални домашни добавувачи класифицирани според сектор, тип на производи, производствен потенцијал, итн. и за странски инвеститори, класифицирани според тип на инвестиции, сектор, производи и локација.

Владата и државната Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот да воспостават систем за поддршка на МСП и да промовираат домашни добавувачи преку организирање денови на добавувачите и изложувања.

Понатамошно намалување на царинските давачки и поедноставување на царинските процедури за увоз на суровини и инпути.

Следниве предложени мерки може да ги поттикнат домашните компании да се фокусираат на истражување, пристап до финансии и подобрување на вештините преку кои ќе се зголеми растот и ќе се изградат капацитетите на домашните компании. Давателите на услуги да инвестираат во процес на стандардизација со фокус на стандардите и сертификатите барани од странските инвеститори во земјата. Производителите на суровини и инпути да инвестираат во квантитет на производство, конкурентност на цените, квалитет и ефикасност во производството.

Да се подобрат корпоративната култура, начинот на размислување и менталитетот при соработката со странските инвеститори од аспект на давање прецизни рокови на испорака и обезбедување навремената испорака, подобрување на одговорноста кон исполнување на условите од нивните договори, подигнување на свеста и информираноста за глобалниот пазар и корпоративната култура на странските компании во земјата.

Препораките за мултинационалните компании во земјата предвидуваат да се редефинираат политиките за набавки, особено оние компании кои работат во технолошко – индустриските зони а донесувањето одлуки за набавки да се префрли од централно на локално ниво во онаа мера во којашто тоа е возможно.

Странските инвеститори да инвестираат во програми за менторство, како градење капацитети на домашните добавувачи. Да се мотивираат домашните производители да инвестираат во ново производство со гарантирано понатамошно снабдување на странските компании или долгорочни договори.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×