Странците ги спуштаат критериумите за спроведувањето на Договорот од Пржино?
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Хан замина од Скопје со разочарување, но и оптимизам за кој овојпат му беше доволна согласноста да продолжат меѓупартиските преговори што веќе дебело ги пробија роковите. Она што е евидентно, е големото спуштање на критериумот на меѓународната заедница, за тоа што сѐ може да ѝ биде повод за оптимизам кога е во прашање спроведувањето на Договорот од Пржино

132854308

Разочарување – по неуспешните преговори, и оптимизам – што била постигната  согласност разговорите на партиските работни групи да продолжат – ова се двата клучни зборови во изјавата што еврокомесарот Јоханес Хан ја даде утрово, во рани зори, по дванаесет часа преговори, пред Резиденцијата на Европската унија во скопско Пржино. Овде мора да се потенцира дека за оптимизмот со кој Хан си замина од Македонија овојпат доволна беше согласноста меѓупартиските преговори да продолжат, додека роковите од Договорот од 2 јуни/15 јули се во серија дебели пробивања. На крај, она што е евидентно, е големото спуштање на критериумот на меѓународната заедница, за тоа што сѐ може да биде повод за оптимизам кога е во прашање спроведувањето на Договорот од Пржино, чии рокови се јасно поставени токму поради краткото време за да се направат промените што можат да го одржат оптимизмот дека изборите на 24 април ќе покажат некој излез од политичката криза.

Во случајот Специјален јавен обвинител, се стори сѐ од меѓународните претставници, и во рокот (15 септември) имаше договор на партиите тоа да биде Катица Јанева; па, и тоа не беше доволно – мораше соодветниот закон пратениците веднаш да го изгласаат; истиот авионски му беше пратен на претседателот Ѓорѓе Иванов во Подгорица на потпис, и вратен назад; и доцна вечерта, но сепак во рокот предвиден со Договорот од Пржино, Јанева и официјално стана Специјален јавен обвинител – Советот на јавни обвинители едногласно ја избра за функцијата. И тоа целата операција беше изведена без присуство на еврокомесарот – од страна на европскиот олеснувач Питер Ванхауте и од амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли.

А вчера, покрај наведените тројца, во Резиденцијата на ЕУ беше и лично Хан, но, Ванхоуте најави како ќе завршат преговорите кога пред средбата, мислејќи на еврокомесарот, рече дека „секогаш е корисно луѓето да дојдат, да ја видат ситуацијата со свои очи, и да зборуваат со луѓето за да формираат сопствено мислење“. Белгиецот сакаше да му каже на Хан дека сега и самиот ќе види зошто со денови беше пробиван рокот за измените на Изборниот законик.

Дилемата е дали е подобро како во случајот на специјалниот јавен обвинител – влијанието на домашните политички лидери да биде сведено на ставање потпис на она што странците ќе им го понудат, па подоцна јавноста да прашува – што ќе ни се политичари кои ништо не одлучуваат? Или, пак, е подобро/полошо на нашите актери да им се остави да преговараат – наведувано, но сепак, да одлучуваат, со цената што за тоа се плаќа во однос на роковите? Она што е јасно е дека во македонската јавност успехот на процесот на спроведување на Договорот од Пржино се поистоветува со интервенциите на странците. Ја разбираме реториката на Хан во делот од неговата изјава „моите луѓе остануваат тука, но тие не можат да ја завршат работата на политичарите“. Но, кога меѓународната заедница веќе го издејстува Договорот и даде извесни гаранции дека ќе биде спроведен; ако сега сето тоа е доведено во прашање, треба да биде доволно одговорна, и повторно дипломатски, но доволно јасно, да ја лоцира вината за неуспехот. Понатаму ќе остане граѓаните, ако и како умеат и знаат, да си го направат своето.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×