Сценаријата за постизборна Македонија
Објавено на од во COVER STORY

izbori-montaza 894 WEBИзборите кажаа многу за тоа што ќе следи

Политичката криза, во најконструктивната демократска смисла на зборот, во Македонија тукушто почна, а Груевски сака што побрзо да ја формира новата влада, за „конечно кризата во Македонија да заврши“. Очигледно сите не подразбираме исто под поимот криза. За граѓаните кои мнозински гласаа за промени, кризата не може, нема, и не треба да се разреши додека не се утврди и правно процесира одговорност за она што го слушнавме во „бомбите“. А за Груевски кризата е токму овој процес, за чие успешно завршување со СЈО во главната улога унисоно постизборно притискаат и странците

 

Првите денови по изборите дел од јавноста се жестеше дали распределбата на мандатите меѓу коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ ќе заврши со 51:49, 51:50 или 51:51 – до затворањето на овој број на магазинот Капитал, кога од Државната изборна комисија имаме само прелиминарни резултати, ВМРО-ДПМНЕ слави победа на изборите што се одржаа на 11 декември. Иако, вистината е дека при вака мала разлика меѓу бројот на освоени мандати одреден сооднос не значи ништо повеќе од математичка можност за составување влада – стигнување до збирот 61.

Најважниот факт од изборите е дека ВМРО-ДПМНЕ иако сѐ уште може да смета на победа, таа е само номинална, додека сите суштински параметри за остварена цел ги има опозицијата. Зашто најпроблематичните аспекти на владеењето на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ не настанаа поради самиот факт што овие две партии опстануваа во владата. Туку поради на избори слабо изразената опозиција кон начинот на кој владееја, а што им даваше за право да сметаат на голем легитимитет и да се повикуваат на народот.

Сега имаме целосно сменета ситуација – и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се далеку од можноста да се повикуваат на најголема поддршка од електоратот, а камо ли на уверливо изразена во споредба со добиената за опозицијата.

И без да го цитираме претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дека „мнозинството граѓани избраа промени“, бројките се јасни – коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има пад на поддршката 27 илјади гласови помалку во однос на претходните избори од 2014 година), но сега расположението на граѓаните за промени е поголемо од поддршката за досега владејачката партија. Коалицијата на СДСМ на овие избори доби 152 илјади гласови повеќе отколку во 2014, а ако на нејзиниот резултат се додадат гласовите за партиите само од македонскиот блок што водеа кампања со реторика против актуелната власт (ВМРО за Македонија, ЛЕВИЦА, Коалицијата за промени и правда, Либералната партија), опцијата против тоа ВМРО-ДПМНЕ одново да прави влада има 33 илјади гласови повеќе. Во контекстот зголемената излезност е знак сам по себе.

izbori-montaza 894 WEB 01

Ден по изборите, министерот Попоски имаше средба со шефовите на диломатија во ЕУ

(Невоз)можни коалиции

Бројките на освоени мандати на изборите во целата новонастаната констелација, јасно покажуваат дека ќе биде тешко да се направи владина коалиција, па дури прашање е дали е тоа воопшто можно.

Во неколкуте сценарија за развој на ситуацијата првото е она во кое ВМРО-ДПМНЕ би останало на 51 мандат, што со десетте на ДУИ е доволно за мнозинство, и подразбира продолжување на досегашната владина коалиција.

Но, ова колку би било тешко да се договори, уште потешко би функционирало. Овде, а во контекст на изјавата на Груевски што побрзо да се формира новата влада, за „конечно да создадеме услови кризата во Република Македонија да заврши“, мора да се потенцира кој што подразбира под поимот политичка криза во Македонија. За граѓаните кои гласаа за промени, очигледно кризата не може, нема, и не треба да се разреши додека не се утврди и правно процесира одговорност за она што го слушнавме во „бомбите“. А за Груевски кризата е токму овој процес, за чие успешно завршување со СЈО во главната улога унисоно притискаат и странците.

Да се вратиме на сценариото. Дури и сосем да не се точни шпекулациите за раздор во ДУИ, дека добар дел од пратениците и членството никако нема да се согласат да се обнови коалицијата со Груевски, прашање е дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, воопшто ќе се осмели да почне преговори со ВМРО-ДПМНЕ.

За ДУИ се смета дека покрај поради сомничењето на нејзините функционери за криминал, партијата од гласачите беше главно казнета за, благо кажано, неуморната толерантност кон коалицискиот партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ. Ова значење на деведесет и трите илјади гласови за БЕСА и за Алијансата за Албанците (наспроти околу 87-те илјади на ДУИ), Ахмети ќе мора да го прочита ако воопшто сака политички да опстане. Особено зашто веќе за нешто повеќе од четири месеци следат локалните избори.

Но, и да прифати да преговара со ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети ќе треба да удри по сите пет столба на програмата што ја бранеше во кампањата. Консензуалност во одлуките и економска еднаквост меѓу Македонците и Албанците (повеќе Бадинтер при носењето на државниот буџет, н.з.), двојазичност на цела територија на државата, евроатлански и евроинтеграциски процес, како и исполнување на препораките на Прибе и неограничен мандат на Специјалното јавно обвинителство. За ова лидерот на ДУИ ќе треба да преговара после изборна кампања што јасно беше поделена во два блока – едниот кој застапуваше допрецизирање и доимплементирање на статусот на албанскиот јазик, и другиот, со кој Ахмети во случајов би требало да преговара, кој најефективниот дел од кампањата го градеше на застрашување и одвраќање на Македонците од самата идеја за рамноправна употреба на албанскиот јазик. За посетување, од ДУИ и јавно порачаа дека овојпат нема да прават компромиси и да прифаќаат половични решенија.

Кога е во прашање поддршката за работата на СЈО, што ДУИ (барем декларативно) безрезервно ја дава, ставот на Груевски што го искажа во кампањата е дека продолжување на рокот на работењето на СЈО ќе значи продолжување на кризата во Македонија.

„Треба да знаете дека секој што бара од Македонија да се продолжи работењето на СЈО повеќе од договореното, всушност свесно или несвесно сака продолжување на кризата“, изјави Груевски.

Но, хипотетички и да прифатиме дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ некако ќе успеат да се договорат, владата што би ја формирале, овојпат без можност да се повикуваат на легитимитет (и во македонскиот и во албанскиот кампус опозициските опции заедно освоија повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ), секако ќе предизвика бојкот на Парламентот од страна на СДСМ и коалицијата, од БЕСА, од Алијансата за Албанците …; ќе има нови, посилни протести на крилата на изборниот резултат на опозицијата (вака предвидува германски Тагесцајтунг), кои, како такви, преоптимистички би било од страна на власта да очекува дека ќе може да ги контролира со апсења и со медиумски менаџмент.

Второто сценарио е она во кое мандатот го добива СДСМ – или во случај постапувањето по приговорите до ДИК да доведе до еднаков број мандати со ВМРО-ДПМНЕ, или откако партијата на Груевски не би успеала да обезбеди мнозинство за да формира влада. Овде има две варијанти – едната во која би останала прелиминарната распределба на мандати, во кои СДСМ и албанските опозициски партии (БЕСА, Алијансата, ДПА) немаат доволно пратеници за мнозинство (имаат 59, а потребни се 61), па мораат да преговараат и со ДУИ. Оваа варијанта е многу малку веројатна, поради сигурното одбивање на опозициските партии на Албанците да коалицираат со ДУИ.

Втората варијанта подразбира од приговорите до ДИК да произлезе ситуација во која СДСМ и БЕСА би добиле по уште еден пратеник (за вкупно 61 опозициски мандат – без ДУИ) и математички би можеле да формираат влада. Ваквата влада би му дала поддршка на СЈО (за продолжување на мандатот и за измени во Законот за заштитени сведоци) и би се заложила за спроведување на препораките на Прибе. (Што се однесува до поддршката за СЈО, таа, барем математички, во Собранието би требало да биде обезбедена ако се формира влада на каква и да е коалиција, поради доволниот број пратеници на опциите што ја поддржуваат работата на ова обвинителство). Но, малку е веројатна поради ризикот од дестабилизација по жестока реакција на ВМРО-ДПМНЕ која веќе обвинува и врши притисок врз ДИК, дека има најава за фалсификување пораз на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука, доаѓаме до третото сценарио, за широка коалиција. Аналитичарите очекуваат дека ако ја има, таа ќе биде со краток, транзициски рок; секако нема да биде производ на коалиција со усогласена политика, туку на коалиција што најверојатно ќе даде поддршка во владата да влезат непартиски експерти што ќе подготват нови избори. А во меѓувреме може и да направат клучен исчекор во евроатланските интеграции, за што извесни индиции даде изјавата на претходникот на Јоханес Хан, Штефан Филе, дека не е заборавен неговиот предлог за паралелни преговори за членство на Македонија во ЕУ и преговори со Грција за решавање на прашањето со името.

„Разбрав дека овој предлог е во задниот џеб на политичарите и се надевам оти кога ќе биде добра ситуацијата на теренот во земјата, ова е начин како да се пристапи кон ова прашање“, коментираше Филе на дебатата во Брисел, „Балканот: Зголемување на поврзаноста на патот кон ЕУ“ .

Процесот на договарање на евентуалната широка коалиција, сметаат одредени аналитичари, би бил олеснет ако ВМРО-ДПМНЕ на другите партии како партнери за преговори им прати нови ликови, наместо Груевски и со него асоцираното актуелно раководство.

Директорот на Центарот за студии за Југоисточна Европа при Универзитетот Грац во Австрија, Флоријан Бибер, во изјава за Мета, вели дека е можно ваквата голема коалиција да добие поддршка од Европската унија.

„Очекувам дека ќе има некаква инволвираност на ЕУ во обид да се спречи продолжување на кризата и организирање на нови избори, кои нема да дадат некои поинакви резултати. Дали тоа ќе биде преку притискање за формирање голема коалиција или поширока коалиција без ВМРО-ДПМНЕ, останува да се види“, вели Бибер.

Наспроти неговиот став дека ЕУ не би дозволила влегување во серија избори што повторно би можеле да завршат со тесен резултат, како некаква четврта варијанта постои и токму тоа – неможност да се состави владина коалиција, односно нужност да органзираат нови предвремени парламентарни избори.

Дека тоа „не е толку нереално“ оцени европратеникот од Хрватска, Тонино Пицула, кој ги набљудуваше македонските избори во неделата.

„Дали тоа ќе се случи следната година, можеби во комбинација со локалните избори, кои би требало да се одржат напролет, засега е не јасно“, изјави Хрватот.

Што се однесува до изјавите/очекувањата на меѓународната заедница по изборите, сите имаат ист рефрен: Поддршка за СЈО и итно спроведување реформи.

„Очекуваме спроведување реформи за решавање на системското владеење на правото, како и на итните реформски приоритети. Владата и опозицијата треба да продолжат со целосно спроведување на претходните политички договори, што вклучува и поддршка на работата на СЈО“, порачаа високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан.

„Сега е важно владата да се формира брзо и таа да го искористи својот мандат да спроведе итни реформи. Во областите на владеење на правото, јавната администрација, како и во слободата на медиумите и изразувањето, на земјата ѝ се потребни итни уверливи резултати. СЈО мора да биде во можност да продолжи со својата работа без пречки со цел да открие и да казни злоупотреба на моќ и власт“, порача шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмаер, во соопштение од германското МНР.

Од американскиот Стејт Департмент оценија дека изборите се „важен прв чекор за Македонија да излезе од политичката криза“.

„Ги охрабруваме партиите што ќе ја формираат новата влада да работат конструктивно со опозицијата за спроведување на реформи што ќе ја унапредат евроатланската интеграција, особено во областа на владеењето на правото“, порача портпаролот на Стејт Департментот, Џон Кирби.

izbori-montaza 894 WEB 02

Ова не е време за објавување на лажни вести или заговори. Амбасадорот на САД не се сретна со претставници на ДИК, не ја посетил Државната изборна комисија, ниту, пак, интервенирал кај некој од членовите на ДИК, реагираа од Амбасадата на САД

Тешко без ангажман на странците

Сценариото за нова влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е најневеројатно од можните, според претседателот на Евро-атланскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, но како и да се развива ситуацијата, тој смета дека ќе бара ново интензивно ангажирање од страна на ЕУ и на САД.

„Речиси е невозможно влада да формираат Никола Груевски и ДУИ. Тука се реториката и настапите на Груевски, доста разнишаната позиција на Ахмети како лидер, но и на ДУИ како партија, од која тој не може веќе да зборува и да коалицира во името на Албанците. А и во ДУИ се свесни дека завршија како губитници од коалцијата со Груевски“, вели Рамадани.

Има шанса, смета тој, но која ќе биде комплексна за реализација и со сериозен потенцијал за дестабилизација, сите албански парлементарни партии да направат владина коалиција со СДСМ.

„Тука прво ќе биде тешко да се усогласат ставовите меѓу самите албански партии, и под услов да ја снема резервата на опозицискиот блок кон ДУИ, зашто таму (во ДУИ) како да не се спремни да се ослободат од тие кои се влезени во криминал и корупција. А за Заев проблем ќе биде што сега, откако се отвори за Албанците, би направил следен чекор – да формира влада со сите албански партии, што ќе го искористи ВМРО-ДПМНЕ со нова деструкција, и демократијата пак ќе биде на улица“, смета Рамадани.

Трета варијанта што според него доаѓа предвид, е широка коалиција, под услов да има место за некакво општо помирување во Македонија, пред сѐ меѓу поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

„Тогаш е можна варијантата за широка коалиција, во која би биле ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и БЕСА – веројатно и другите албански опозициски партии ќе се приклучат кон БЕСА.

Овие варијанти се отворени, но мора да се каже, зашто е реално, ќе мора уште еднаш, многу интензивно да се ангажира администрацијата на САД и на ЕУ“.

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×