Сварени жаби
Објавено на од во Колумни

Начинот на којшто систематски и системски, во фази и доволно полека ни фрлаа делчиња од намерите во водата во којашто сме заробени да пливаме е можеби единствениот аспект на нивната игра што беше изведен совршено. Оти, дури и најинформираните за преговорите меѓу двете најголеми партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ (ама и ДУИ) во врска тоа каде треба да почне, а каде да заврши амнестијата на криминалците, во замена за поддршка на Преспанскиот договор, дури и дел од директните (ретки чесни) актери во политичките процеси, на крајот не излегоа ништо повеќе од наивни жаби несвесни за реалната слика и опасност.
Наздравје и Среќна Нова!

 

Sinadinovska

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Катерина Синадиновска

Ако ставите жаба во зовриена вода, ќе рипне да избега. Ако ја ставите во студена и полека ја загревате водата до точка на вриење, жабата ќе ја сварите до смрт (Fratscher, 1875)

 

Ништо не ја отсликува реалноста на македонскиот човек денес подобро од овој експеримент од 19-от век.

Начинот на којшто систематски и системски, во фази и доволно полека ни фрлаа делчиња од намерите во водата во којашто сме заробени да пливаме е можеби единствениот аспект на нивната игра што беше изведен совршено. Оти, дури и најинформираните за преговорите меѓу двете најголеми партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ (ама и ДУИ) во врска тоа каде треба да почне, а каде да заврши амнестијата на криминалците, во замена за поддршка на Преспанскиот договор, дури и дел од директните (ретки чесни) актери во политичките процеси, на крајот не излегоа ништо повеќе од наивни жаби несвесни за реалната слика и опасност.

Студеното „нема шанса да има никаква амнестија“, полека се загреваше до „разговараме за да видиме дали можеме да најдеме некаков заеднички јазик“; па продолжи да се загрева со измислување на еуфемизми како „помирување“ за директните упади во судски процеси што се во тек; па оттука топлината се засили до „делумна амнестија само за дел од учесниците и само за 27 април“; па следеше ветување дека случаите на СЈО нема да се допираат и на крај – кога водата зовре до точка на безобразно газење на се’ што воопшто преостана од правдата и системот во оваа земја –  жабите веќе беа сварени!

Наздравје!

Законот за амнестија е најголемата катастрофа што можеше да и’ се случи на Македонија, таква каква што власта на Никола Груевски ја остави  – гола, боса и посрамена. Нема никакво фајде ако Владата успеала да ги задржи идентитетските одредници  во спорот со Грција, ако дома ја покри со цвеќе главната дебела црвена линија и ги сокри оние наредените по неа -  кои требаше да лежат и парите да си ги вратат.

Нема никакво оправдување зошто од старт целата игра се водеше надвор од основен разум и политичка логика. Сите потези се влечеа во корист на криминалците – од организацијата на непотребен референдум до едно толку невешто преговарање отпосле коешто не може да се објасни никако поинаку освен како немање на основен капацитет за водење на игра. Наместо тоа, играта ја водеа токму криминалците. Тие влечеа потези, па чекаа одговор. Неверојатно!

ВМРО – ДПМНЕ, тоа злосторничко здружение, таа организација што упорно и упорно се претставува како политичка партија (и како таква се легитимира од власта) и оние во кои се олицетвори криминалот како поим  – од баналниот лик на Мукоски, до перфидниот на Мијалков на пример, требаше да бидат задоволни ако наместо по сто години затвор и самотија, добијат по 2, 5, или 10. Пратениците и функционерите на партијата во распад требаше да слават и со црвени кармини и пеперутка кравати свечено да дојдат да поддржат уставни измени, живи среќни што ќе бидат амнестирани АМА откако ќе завршат судските процеси и откако ќе се закитат со епитет – виновни! За да остане во историјата забележано дека правниот систем на оваа – држава во обид, ги препознал како носители на криминалот, корупцијата и антидржавните дејствувања. Наместо тоа тие добиваат амнестија, политичко факторизирање, а богами и по некој тендер за гладните им семејства.

Имаше разни начини на коишто можеше да се изведе операцијата „помирување“ а притоа да не се гмечи основниот дигнитет на правосудството и интелигенцијата на граѓаните, оти да – никој не е наивен да верува во утопии и политика без прагма, ама една будалаштина е да го жртвуваш патот кон ЕУ и НАТО заради Бетмен Велит или Дурловски, а сосема друга е цената да ја платиме преку слобода на главите на чудовиштето. Притоа, молам да не се заборави дека најголемата глава, онаа на Никола Груевски во моментов е вперена некаде во велелепните базени на бањата Сечени или зимската идила на езерото во Балатон.

Бесмислено е воопшто да се трошат зборови и да се редат аргументи зошто ова не смееше да се случи (особено не на начинот на којшто се изведе), исто како што е бесмислено и да се слушаат понекогаш смешните, понекогаш дрски објаснувања на поддржувачите на амнестијата, кои се трудат да не’ убедат дека не разбираме оти правилно било да дозволиме да ни се уништи државата, нејзиното јадро и сета преостанатата морална вертикала, во име на „повисоки цели“. Небаре има повисока цел од вистината, правдата и визијата за тоа каква Македонија сакаме!? Небаре ние сме тргнале накај ЕУ само затоа што „Асан оди каде што одат сите Турци“, или пак преживеавме болни и мачни преговори со Грците и вложивме цел капацитет таму заради Нобелова награда на лидерите. Небаре од дното се одлепува со дополнително копање удолу… Каква лудост!

Еднакво е бесмислено и да се бара помош од надвор – истата Европска Унија што летоска на Самитот на министри во Луксембург ги постави казните за случаите за корупција на високо ниво и организиран криминал како услов за добивање на датум за преговори, сега прва го поздрави Законот за амнестија. Сето ова е бесмислено и сосема е јасно, токму оти не сме наивни и ја гледаме поголемата слика и бескрупулозноста на политичките игри. А сепак, битно е овие редови да останат запишани за да сведочат дека во валканата и зовриена вода на измама, изневерени очекувања, пропуштени шанси и криминал, многу криминал -  разумот последен се сварил.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×