Светот е на работ од “третата фаза на финансиската криза“
Објавено на од во луѓе и компании

Teamwork and corporate profitКако да се менаџира во новата економска реалност

Брегзит, новите глобални односи под влијание на политиките на Трамп, опасностите од тероризам, нови бранови од бегалци во Европа… Згора на сè, најави за нова финансиска криза…Сето ова на некаков начин има ефект врз бизнисите на македонските компании, особено оние што извезуваат. Како да се менаџира во вакви услови?

 

Годинава што го грицка пополека својот прв месец завршува на бројот 7. Ако сме суеверни, како што кажа BloombergBusinessweek во еден свој текст неодамна, светот е “печен“ за уште една финансиска криза. Најголемиот пад на акциите што се случил во еден ден, во историјата на Волстрит се случил во 1987-та. Колапсот на азиските берзи се случи во 1997. А, најголемата финансиска и економска криза што му се случи на светот од Големата депресија наваму, ги имаше своите никулци во 2007 година, со банкротот на финансиските компании New Century Financial во САД и Northern Rock во В. Британија.

Но, настрана суеверието и овие нумеролошки коинциденции, извештаите на сериозни светски институции навестуваа дека светот не го очекуваат розови денови во периодот што е пред нас.  Организацијата за економска соработка и развој (OECD)  и на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNKTAD) од пред некој месец, за 2017 прогнозираа дека светот е во опасност “да влезе во третата фаза на финансиската криза“. Она што пред речиси десет години почна на американскиот хипотекарен пазар пред да се стркала во Европа, а потоа и низ цел свет, сега го покажува своето грдо лице повторно – овој пат во Латинска Америка, Африка и останатите подрачја од неразвиените и пазарите во развој. Кризата и ним ќе им го стори истото како и на САД и Европа, ќе им остави огромни долгови. Економистите од Банката за меѓународни порамнувања пресметале дека само во првите пет години по колапсот на Lehman Brothers во 2008-та, 7 илјади милијарди долари се пласирани преку финансиските шпекуланти во економиите на Бразил, Индија, Јужна Африка и останатите пазари во развој што носеа повисоки приноси одошто развиените економии на Западот и Јапонија. Според аналитичарите, Кина можеби е најстрашниот извор на ризик на хоризонтот. Нејзините високи стапки на раст досега беа поддржувани од силната експанзија на кредитирањето на бизнисите и домаќинствата, и според Bloomberg, кинеските банки се голем ризик, потенцијален детонатор.

Директорите во светот загрижени за растот на нивните компании

Што очекуваат пак првите луѓе на компаниите во светот на краток рок? Глобалната ревизорско – консултантска куќа PricewaterhouseCoopers (PwC) интервјуирашебезмалку 1.400 извршни директори на компании од различни индустрии во 79 земји, во своето 20-то по ред годишно CEO Survey, кои што се изјаснија за своите најголеми предизвици во раководењето на компаниите, односно кои се трендовите што го менуваат бизнисот и општествата денес.

Глобализацијата и технологијата овозможија огромен пораст на трговијата и финансиските текови изминативе две децении, но пораснаа и ризиците по безбедноста на огромните бази податоци што компаниите ги поседуваат денес, исто како и сигурноста на личните податоци на секој од нас, заради високото ниво на изложеност во онлајн светот што сите ние свесно или несвесно го правиме секојдневно. Истражувањето на PwC се фокусираше на тоа што директорите на бизниси од целиот свет мислат за следниве три клучни работи: управувањето со луѓето и машините со цел да се креира работна сила што ќе одговара на дигиталното време; како да се задржи нивото на доверба во рамки на една организација во свет на растечки виртуелни интеракции; и како да се направи глобализацијата да функционира за сите, преку тоа што бенефитите од неа ќе се распределуваат на еден пофер начин.

Глобализацијата донесе многу придобивки, се вели во истражувањето на PwC, но исто така има и свои недостатоци. Менаџерите во светот се загрижени заради неизвесниот економски раст, преголемата регулација на пазарите и недостигот на квалификации кај работната сила. Сепак, тие се изненадувачки оптимисти околу потенцијалот за економски раст: 38% од интервјуираните директори се силно уверени дека 2017-та ќе биде година на раст за нивната компанија.

Fotolia WEB 02
Како глобализацијата да функционира за сите

Многумина пак работници во светот се загрижени дека глобализацијата и енормно брзиот раст на технологијата ќе ги елиминираат нивните работни места во блиска иднина. Во реалноста, светските менаџери ја истакнуваат потребата за талентирани работници – 52% планираат нови вработувања годинава, но не може да најдат луѓе со потребните вештини. Додека пак, 77% од менаџерите се загрижени дека недостигот од клучните вештини кај нивните вработени ќе влијае негативно врз компанискиот раст. Директорите се свесни дека иновациите не се прават сами само со помош на технологијата.

Менаџерите, исто така, обрнуваат многу внимание на тоа како технологијата влијае врз меѓучовечките односи. И како што нашите интеракции стануваат с$ повеќе автоматизирани, виртуелни и зависни од податоците, значењето на човечкиот фактор постепено се намалува. Речиси 70% од директорите на 1.379-те анкетирани компании се убедени дека е потешко да се стекне и задржи довербата на луѓето во свет што рапидно се дигитализира и поврзува. Што се однесува на глобализацијата, две третини од директорите се согласни дека таа донесе поврзаност, повеќе трговија и мобилност на капиталот, а 44% од нив сметаат дека сепак глобализацијата не помогна да се намали јазот помеѓу богатите и сиромашните. Годинава, сметаат менаџерите, светот мора да бара решенија како глобализацијата да функционира за сите. Тука бизнисите треба да имаат клучна улога.

Анкетата пак,  на Deloitte,  направена на 1.500 финансиски директори од 17 европски земји покажува дека најголема закана за компаниите се геополитичките ризици, поврзани со борбата против тероризмот и Брегзит. После геополитичките фактори, како најголема закана за водењето бизнис европските финансиски директори ги посочиле зголемената регулација, слабите валути, дефлацијата, протекционизмот и зголемените бариери за трговија, недостаток на квалификувана работна сила .

Клучно: создавање поголема вредност за потрошувачот

Капитал анкетираше директори и сопственици на повеќе десетици компании од различни сектори за нивните прогнози околу тоа што ги очекува нивните бизниси годинава. Најголем дел од бизнисмените очекуваат тешка година, полна со предизвици и неизвесности, уште поголемо затегнување на деловните односи на домашниот пазар заради политичката криза, која очигледно остана нерешена и после изборите и која веќе сериозно ја нарушува довербата кај странските партнери, што на извозните компании уште повеќе им ги отежнува условите за продажба на странските пазари, кои истовремено се под притисок  на неизвесните глобални процеси, како Брегзит, односите САД–Русија-ЕУ, економската политика на новиот американски претседател на Трамп која може да има големо влијание врз светската економија (веќе почнаа остварувањата на неговите ветувања, како откажувањето на членството во Транс – Пацифичкиот Трговски Договор, н.з.) воените конфликти на Блискиот Исток коишто  имаат потенцијал да бидат причина за Трета светска војна, бегалската криза и заканите од терористички напади…
Сè на сè, ова се времиња кои не би ги посакал ниту еден политичар, ниту пак менаџер. Но, неизвесноста и кризите отвораат пат за вистинските лидери, односно за оние кои знаат и умеат да се менуваат, односно за оние кои се подготвени да го менуваат начинот на раководење и работење според реалните услови за водење бизнис.
Како да се однесуваат менаџерите во вакви услови?

Сите “старомодни“ модели за лидерство, како што пишува Harvard Business Review, влечат корени од начинот на кој што се организирани армиите во светот, каде што има прецизно поставена хиерархија и луѓето ја слушаат командата на претпоставениот. Овие модели не функционираат во денешниот свет. Како што пополека ‘рѓосува бизнис моделите од индустриската ера, моќта се префрла од луѓето што продаваат, на оние што купуваат.
Денешниот бизнис лидер мора, пред сè да е добар слушател, да има разбирање  и емпатија. Треба да знае како да ја мобилизира енергијата на луѓето и да ја насочи кон најважната цел – создавање поголема вредност за потрошувачот. Ова пак, за возврат создава повеќе профит за компанијата. Компаниите што постигнуваат  високо ниво на задоволство на потрошувачите, но и на вработените, имаат подобри перформанси од оние што го немаат тоа.

Унапредување на стручноста, комуникациските вештини како што се фидбекот и активното слушање – разбирање, тимската работа, управувањето со промените, менаџирање со времето, зголемување на квалитетот и иновациите, се основните вештини што мора да развиваат македонските менаџери, велат менаџмент консултантите од земјава што ги контактиравме.
“Емоционалната интелигенција, подигањето на ангажирањето на вработените, подигањето на квалитетот и примена на иновациите, ориентацијата кон извоз, употребата на социјалните медиуми, водењето грижа за своето здравје, се најновите трендови во усовршување на менаџерите.“, вели Зоран Костовски од Мотива, долгогодишен тренер и консултант за менаџмент развој.


Startup 900 WEBШто велат европските искуства

Предизвици и прилики за младите претприемачи

Според анкетата софтверската фирма од Белгија, Xpenditure, европските стартапи се соочуваат со неколку клучни проблеми. Прочитајте колку се тие предизвик, но и прилика за младите претприемачи.
  • Финансирање

Финансирањето е тешко. Европските инвеститори не се луди по фрлање пари и се грижат за бројките – и тоа многу. Ако се обидувате да обезбедите пари, мора да знаете да им покажете како и кога ќе им ги вратите на вашите вложувачи, со с$ профитот, се разбира.

За разлика од нивните американски “колеги“, европските инвеститори не се потпираат баш многу на инстинктот. Или имате добри бројки или не, тоа е. За жал, голем број добри идеи не добиваат шанса, токму заради ваквата филозофија.

  • Јазик и култура

Диверзитетот на јазици и култури во Европа би можел повеќе да се разгледува како прилика одошто како реален проблем – иако постојат индустрии каде што може да претставува сериозна кочница.

Меѓутоа, ако изиграте добро, овие јазични бариери ќе ви овозможат пополека да расте вашиот бизнис, со инкременти, со тоа што ќе се зацврсти вашата позиција на еден пазар, пред да се раширите и на друг. Од чиста маркетинг перспектива, ова го принудува бизнисот да биде креативен, затоа што не с$ функционира исто секаде.

-Географија и регулативи

Ова може да е навистина голем предизвик. Кај Американците е полесно – еден унифициран пазар што следи иста регулатива. Можеби е огромен и тежок за освојување, но барем сите играат по исти правила. Тоа не е случај во Европа. Иако законодавството во ЕУ е хармонизирано во клучните области, секоја земја може различно да регулира поедини аспекти на бизнисот. Затоа, стартапите често трошат многу време и пари додека се осигурат дека нивните производи и услуги се во целост усогласени со локалните законодавства, пред да влезат на пазарот.

  • Недостиг на талент

Европејците, и бизнисите и останатите стејкхолдери, како инвеститорите, се релативно бавни во посветувањето кон нешто.

Тие се повеќе анемични во споредба со Американците при финансирањето стартапи, при влегувањето на нови пазари,  и им треба повеќе време да се подготват пред реално и да сторат нешто. Тоа и не е лоша работа, во повеќето случаи. Но, за жал, лошо влијае врз најскапоцениот ресурс за секоја компанија – човечкиот капитал. Европските универзитети послабо соработуваат со бизнис светот, како што тоа се прави во САД, и младите дипломци во старт имаат послаб нагон за претприемништво, односно инклинираат кон работа од 9 до 5. Затоа,  на Европа ѝ фалат бизнис играчи што  може да ја донесат потребната експертиза и искуство во стартапите и да помогнат во нив побрз развој.


SWOTaнализа на македонските бизнислидери

Повеќе опасности одошто можности

Со помош на неколку менаџмент консултанти од Македонија направивме “крвна слика“ на домашните бизнисмени/менаџери
Силни страни (Strengths)
  • Кај постарите бизнисмени постои вроден инстинкт за преживување
  •  Можност за снаоѓање во комплицирана и често корумпирана средина
  • Познавање на бројни домашни играчи од сличен профил во приватниот и јавен сектор
Слабости (Weaknesses)
  • Недостиг  на знаење, вештини и вклученост во светските економски текови
  • Долгогодишна ориентираност само на домашниот пазар и страв од извоз
  • Став дека државата треба да ги реши нивните проблеми
  •  Недоволно вложување во луѓе, развој и истражување, нови пазари…
  • Тенденција успехот да ги препишуваат на личните способности, а неуспехот на државата, системот и окружувањето
  • Главно (пре)мали компании за европски или светски размери
  • Изразена бизнисменска суета која го опструира обидот за капитално поврзување, неспособност на делегирање и желба се да контролираат
Можности (Opportunities)
  •  Со оглед на тоа дека поголемиот дел од фирмите се мали гледано во светски размери, кај дел од бизнисите  постои можност за зголемување на обемот на работа кога би се свртеле кон извоз
  • Помладите генерации на бизнисмени  многу повеќе се вклучени во светските текови
  •  Капиталното поврзување со други бизнисмени или отворање кон странски инвеститори
Опасности (Threats)
  • Терминот „бизнисмен“ се уште кај дел од луѓето преставува синоним за личност која на сомнителен начин остварува профит
  • Значајно влијание на државата на приватните текови, голема даночна пресија, безбројни административни препреки, големи трошоци во јавниот сектор, итн.
  • Општа ненаклонетост кон приватни иницијативи како реликт на бившиот систем
  • Непостоење на адекватен наследник во втората генерација, и истовремено неподготвеност за продажба на бизнисот по релативна вредност
  •  Присутност на мито и корупција како „нормално“, недостаток на етика во работењето

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×