Светот во 2016 година: ИД ќе продолжи да „произведува“ бегалци, Европа тешко да се справува
Објавено на од во СВЕТ-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Исламската држава ќе продолжи да претставува закана, да биде еден од факторите за „производство“ на бранови бегалци, со кои Европа несоодветно ќе се справува, по цена на сопствена фрагментација, додека, пак, факторот Башар Асад ќе ѝ дава позиција на Русија во кризата на Блискиот исток која битно ќе влијае и на изборите во САД од кои се очекува тесен резултат

Големите геополитички случувања, особено трагичните, по кои ќе ја паметиме изминатава година, ќе ексалираат, а факторите од кои се очекува, несоодветно ќе ги решаваат. Ова взаемно ќе влијае на Европа, на тоа дали рускиот претседател Владимир Путин ќе успева да го оттргнува вниманието на Русите од вистинските проблеми во државата, на изборите во САД, на референдумот во Велика Британија за напуштање на Европската унија … Ова се случувањата и настаните за кои и самите прилично точно претпоставуваме како ќе се одвиваат, а аналитичарите имаат повеќе детали.

Исламската држава ќе се шири, и преку арапскиот свет

Mideast Libya Islamic StateСе очекува Соединетите Американски Држави да усвојат нова стратегија против Исламската држава што ќе зависи од расположението на нациите од Блискиот исток да се справат со терористичката група. Четирите главни држави во регионот што ја опкружуваат територијата на ИД – Турција, Иран, Саудиска Арабија и Израел, нема да сакаат поизложено да влезат во конфликтот, но САД ќе се обидат да мотивираат барем една од нив да го преземе товарот на поразувањето на ИД и на стабилизирањето на регионот.

На Блискиот исток се очекува ИД во 2016 година да ги прошири своите активности во држави како Саудиска Арабија, Египет, Јемен и Либија. Ова ширење може да отиде и преку арапскиот свет, во потсахарска Африка и во југозападна Азија. Се смета дека САД тешко ќе ги постигне посакуваните резултати во борбата со ИД, а Турција ќе биде принудена да се справува со терористичката организација, при што борбите може да се прелеат преку нејзината граница. Реџеп Таип Ердоган, загрижен поради руското присуство во Сирија и другите прашања, како падот на глобалната цена на енергенсите, ќе се приближува до Вашингтон, и ќе биде понепријателски настроен кон Москва. Ако приближувањето до САД го даде очекуваниот резултат, Турција дополнително ќе се пројави како регионална сила на Блискиот исток. Според предвидувањата на Geopolitical Futures, сервисот основан од Џорџ Фридман, кој е основач и CEO на приватната разузнавачка корпорација Stratfor, САД и во 2016 година ќе продолжат да ја префрлаат својата стратегија за влијание на глобалните случувања од првенствено употребата на воена сила, кон промовирање баланс на силите во регионите.

Европа ќе продолжи несоодветно да реагира на бегалската криза плаќајќи ја цената за тоа

Germany PhilippinesВо Европа очекувањата се дека економската криза од Грција ќе се пресели во Италија. Европската, пак, бегалска криза што ја усложнија терористичките напади во Париз ќе се продлабочи. The Economist во својата публикација „Светот во 2016 година“, пишува дека европското управување со мигрантската криза ќе остане жално несоодветно. Решението ќе се бара во создавањето единствена политика за бегалците на ниво на ЕУ и полиција што ќе патролира по надворешните граници на Унијата. Потфатот се очекува да наиде на отпор кај членките на ЕУ кои не сакаат одговорност за контролата на границите на послабите држави како Грција и Унгарија. Како и да е, се очекува ЕУ да ја зголеми контролата на движењето на луѓето, како и подоцна на трговијата. Овие две кризи, заедно со неуспехот на Европа да го менаџира решавањето на ситуацијата во Украина, ќе бидат фактори на фрагментацијата што ќе доминира со Европа во 2016 година. Земјите-членки на ЕУ ќе ја зголемуваат својата автономија, и моќта на Унијата ќе се намали. За Европа, но и за двете богати страни на Атлантикот, The Economist, гледа ризик од политиките на државите, кои очигледно предизвикуваат пад на довербата на јавноста во владите, и соодветен раст на рејтинзите на популистичките политичари. Британскиот неделник пишува за раст на популизмот со десна провениенција, како оној на Марин Ле Пен во Франција или на Доналд Трамп во САД, исто како и на левичарскиот, што го персонализира, на пример, закоравениот левичар и нов лидер на британските лабуристи, Џереми Корбин.

Bloomberg, во својот „Песимистички водич за 2016“, како можно во случај на најнеповолни околности, развива сценарио во кое големи европски градови се цел на терористички напади слични на парискиот. Канцеларката Ангела Меркел така е принудена да поднесе оставка поради бегалската политика, а Националниот фронт, односно лидерката Марин Ле Пен, застанува на чело на подемот на националистичките популистички организации што би си го направиле своето ширејќи ксенофобични и економски стравови.

Кај Британците ќе натежнат аргументите за останување во ЕУ

Za Britanija (Kameron)За Британците се очекува со слабо мнозинство на референдумот да одлучат да останат во Европската унија – референдумот треба да се одржи до крајот на 2017 година, но најверојатно ќе се случи во 2016 година. Останувањето во ЕУ ќе значи дека за Британците натежнале аргументите на кои предупредија големите компании и странските инвеститори – оти brexit-от би можел да води до губење на работни места како и на странски инвестици. Во случај да ја напушти ЕУ, Британија за да го задржи својот пристап до единствениот пазар ќе мора и натаму да ги следи регулативите на Унијата и да издвојува големи износи за европскиот буџет. Причина за останување во ЕУ би била и Шкотска, која ако Британците гласаат за напуштање на Унијата, веднаш ќе бара нов референдум за независност од Британија. Од друга страна, Bloomberg во „Песимистичкиот водич за светот во 2016“, пишува дека премиерот Дејвид Камерон би свикал референдум во јуни, за што порано да стави крај на несигурноста за иднината на земјата, а градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, би ја предводел и би победил во кампањата за излегување од ЕУ, во која би одел со популистички слогани и застрашувања поврзани со незапирливиот бран бегалци. Во тој случај, песимистичкото сценарио на Bloomberg предвидува преселба на глобалните банки и хеџ фондови од островот на континентот, за да си го сочуваат пристапот до слободниот пазар, а набрзо тоа да го направат и компаниите производители. Би почнала долга рецесија, Шкотска би спровела втор референдум за независност …

Најскапата изборна кампања во историјата на САД ќе заврши со тесен резултат

Hillary Clinton Campigns In Iowa, Meeting With Small Business OwnersНастан со глобално значење во 2016 година секако ќе бидат изборите во САД. Аналитичарите оценуваат дека Американците се овојпат јасно партиски определени/поделени, и во зависност дали се одлучиле за конзервативната опција (републиканската), или за либералната (демократската), на насобраните проблеми во општеството и во светот (позицијата на САД во светската геополитика им го дава тоа право) гледаат од многу различни позиции. Се предвидува тесен резултат на изборите, а во кампањата во која (според претходно кажаното) едната опција не треба да се надева дека може да го смени мислењето на претставниците на спротивниот табор, ќе се оди на утврдување на позициите, и на неа ќе се потроши рекордна сума пари. Законот за финансирање на кампањите во САД е олабавен, и се очекува вкупниот трошок на кандидатите, на партиите, и на надворешните групи, да надмине пет милијарди долари, што е двојно повеќе од проценетите трошоци за изборите во 2012 година. Ако во Белата куќа остане демократ, прогнозите се дека тоа ќе биде Хилари Клинтон. Кај републиканците, очекувањата се дека номинацијата ќе ја добие кандидат прифатлив за големите донатори и носители на моќ, како, на пример, сенаторот од Флорида, Марко Рубио. Конечниот резултат од изборите во САД ќе зависи (и) од фактори што се далеку од контролата на кандидатите, и се смета дека ако светските сили го исфрлат од колосекот американското закрепнување во 2016 година, демократите ќе бидат поразени. Ако, пак, економијата продолжи во добар правец, сопартиец на Барак Обама има поголеми шанси да дојде до тесната победа. Според Bloomberg најнепосакуваното сценарио на изборите е Доналд Трамп да стане претседател и да ги исполни предизборните ветувања за менување на даночните закони и за заострувањето на имигрантските политики, особено кон муслиманите и Мексиканците. И како победник Трамп да ѝ се нафрли на Кина обвинувајќи ја дека е валутен манипулатор, поради што САД би почнале агресивна економска шпиунажа, на што Кина не би останала без одговор, со сите последици за двете големи сили и за светот.

Русија ќе продолжи против западниот ветар, за да крева прашина што треба да ја скрие од Русите ситуацијата во земјата

Za RusijaСАД се очекува да издејствуваат делотворен договор за Украина и да придобијат сојузници по должината на границата на Русија. Русија се смета дека ќе го прифати овој договор, формално или макар неформално (второво, ако Путин инсистира така). Што ќе содржи договорот тешко е да се претпостави, но мирот во Украина најверојатно нема да значи крај на ширењето на „студениот“ конфликт. Ова во контекст на главната руска цел што е соседните европски држави, вклучувајќи ја и Украина, да останат неутрални, за што Русија ќе потсетува и на моќта на нејзината воена сила, поради што САД ќе продолжи да ја засилува својата заштитна линија низ земјите сојузнички.

The Economist во публикацијата „Светот во 2016“ пишува дека со активностите надвор од земјата, Путин сака вниманието на граѓаните наместо на паричниците и фрижидерите да биде свртено кон ТВ-екраните, но оти во 2016 судирот на двете реалности – онаа што ја создава руската телевизија и другата што ја чуствуваат Русите, ќе биде главна тема. Сето ова, пишува The Economist, би можело непријатно да го изненади Путин на парламентарните избори што во Русија ќе се одржат во септември 2016.

Она, пак, што според Bloomberg би било песимистичко сценарио за светот, е оптимистичко за Русија, а подразбира Путин да го надитри Барак Обама (до истекот на мандатот на актуелниот претседател на САД), организирајќи предавање на власта во Сирија (од страна на Башар Асад), како дел од „дил“ за регионалната борба против Исламската држава. Ова би го запрело бранот бегалци, и би го ослабило притисокот врз Меркел и другите европски лидери. Така канцеларката ќе одлучи да му даде за право на европското бизнис лоби кое тврди дека дошло време за укинување на санкциите против Русија.

За Сирија можностите се лоши … и полоши

Za Sirija (alternativna)Според The Economist, за Сирија сите можности во 2016 година се лоши, но има лоши и полоши. Неделникот смета дека за Западот приоритет мора да биде запирањето на војната во земјата. А за да се направи тоа, НАТО мора да биде поодлучно. Јасно е дека тешко би се стигнало до диполматските компромиси неопходни за потраен мир. Кога, и како и да дојде до нова влада во Дамаск, што ќе го наследи Башар Асад, The Economist смета дека таа нема да биде либерална и нема да ја контролира цела Сирија. Меѓутоа, пишува во публикацијата на неделникот, Сирија не може да се надева на подобро од ова.

 

Кина во 2016 ќе влезе понесигурно отколку пред една година

Za KinaВо Азија, се очекува она што дел од аналитичарите го нарекуваат „растечка диктатура“ умерено да се зголемува, како и економските проблеми да продолжат да излегуваат на површина. Кинеската Влада ќе го употреби упадот во Јужнокинеското море за да ги увери Кинезите дека државата им е главна регионална сила. Кина ќе преземе мерки за контрола на економскиот дисбаланс, што ќе предизвика последици за економиите зависни од извозот во најнаселената држава. Најпесимистичкото сценарио што за Кина го разгледува Bloomberg, подразбира да се покаже дека економијата на Кина е во многу полоша состојба од она што може да се претпостави. Во ваков случај големите градови каде е сместена индустријата би почнале да се бунтуваат, а властите во Пекинг биодговориле, меѓу другото, и со ограничување на социјалните медиуми. Новиот претседател на САД, според сценариото, би пратил бродови во спорните територии на Јужнокинеското море и би ја засилил поддршката за новата антикинеска влада во Тајван. Пекинг, како одговор, би се заканил со одредени воени дејства, а целата ситуација на отворено море би значела прекин за бродскиот транспорт, како и за воздушниот.

Сајбер-криминалот ќе стане уште посериозна финансиска и политичка закана

Za Sajber-kriminalotСе очекува дека хакирањето ќе станува се посериозна закана, зашто финансиски мотивираното (хакирање) веќе ги надмина едноставните илегални активности како крадењето податоци од кредитни картички и сега веќе зборуваме за софистициран криминален бизнис. Политички, пак, мотивираните „хактивисти“ веќе нападнаа мрежи од форматот на владата на САД и на Волстрит, до оној на Исламската држава. Хакери финансирани од Русија, од Кина и од други држави ќе продолжат да спроведуваат економска шпиунажа за крадење вредни бизнис тајни. Терористите како ИД веќе го користат интернетот за пропаганда, но тоа може да стене уште поопасно. „Има опасност дека терористите ќе станат уште „попаметни“ и поефикасно ќе го употребуваат интернетот за своите цели“, вели директорот на Control Risks, консултантската компанија што се занимава со анализа на глобалните ризици, Мајкл Моран. Во „црното“ сценарио за 2016 година на Bloomberg, руски и ирански хакери почнуваат заеднички напади против американскиот финансиски сектор одмаздувајќи се за наложените санкции. Како резултат, паѓа довербата во финансискиот систем, Федералните резерви го запираат натамошното покачување на каматите. Доларот поевтинува, акциите, исто така, инвеститорите почнуваат да купуваат недвижности и злато.

Ризици во потенцијал

North Korean leader Kim Jong Un guides the multiple-rocket launching drill of women's sub-units under KPA Unit 851Меѓу ризиците што не се највидливи на радарот, а кои може во секој момент да ескалираат, се односите меѓу Пакистан и Индија, потоа Северна Кореја за чиј лидер Ким Џонг Ун не се знае доволно, во смисла со каква моќ располага, и како би можело да се одрази во контекстот неговото евентуално нарушено здравје. CNN Money ги предупредува американските компании што работат во Африка, споменувајќи ја Starbucks која си создава упориште на континентот, за ризиците од терористичката група Боко Харам.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×