Светска банка и ММФ ги ревидираат надолу економските проекции за Македонија
Објавено на од во COVER STORY

protesti WEBЗависна економија од неизвесна политика

Светската банка во најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан, проценува дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 2,8%, но оваа проценка е ревидирана надоле за 0,5 процентни поени во споредба со проекцијата од минатата есен. ММФ уште лани ја ревидираше проекцијата за економски раст од 3,5% на 3,2% за 2017 година, но шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Џесмин Рахман, истакна дека оваа прогноза е со претпоставка за враќање на политичката стабилност и формирање на нова влада. Овие меѓународни финансиски институции проценуваат дека главниот ризик за изгледите за економскиот раст е дека продолжената политичка несигурност и понатаму ќе ја еродира довербата на потрошувачите и на приватните инвеститори и ќе ги одложи неопходните структурни реформи.

 

Порастот на економијата годинава ќе забрза до околу 3% но само доколку политичката нестабилност се разреши во првата половина од годината со формирање на нова Влада, оценија меѓународните финансиски институции во своите пораки за Македонија изминатиот период.

Светската банка во најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан, проценува дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 2,8%, но оваа проценка е ревидирана надоле за 0,5 процентни поени во споредба со проекцијата од минатата есен.

„Проекциите за растот се под претпоставка политичката несигурност да се разреши во почетокот на 2017 година што би ја подобрило довербата како на потрошувачите така и на приватните инвеститори“, пишува во Извештајот на Светска банка.

Потоа оваа меѓународна финансиска институција проценува дека „главниот ризик за изгледите е дека продолжената политичка несигурност и понатаму ќе ја еродира довербата на потрошувачите и на приватните инвеститори и ќе ги одложи неопходните структурни реформи. Надворешните ризици поврзани со забавувањето во Еврозоната, главниот трговски и инвестициски партнер, исто така претставуваат значителен ризик за економијата“.

protesti WEB glavna 01

Загрижувачки е што Светска банка очекува политичките тензии во повеќе земји од Западен Балкан да продолжат и на среден рок. „Политичката несигурност што е резултат на тоа би можела да има макроекономски влијанија преку намалување на интересот на инвеститорите и зголемување на загриженоста за можните промени на политиките и за отпорот кон реформите поради лични интереси. Во Македонија, влијанијата на продолжената политичка криза и несигурноста поврзана со изборите веќе и се заканува на економијата“, оцени Светска банка.

Шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Џесмин Рахман, во своето интервју неодамна, исто така истакна дека Фондот одблиску ја набљудува ситуацијата во Македонија без оглед што не го продолжи мандатот на својот претставник во земјата.

Рахман посочи дека Македонија поминува низ период на неизвесност повеќе од две години а тоа има влијание врз довербата и растот, но и врз политичките одлуки.

ММФ уште лани ја ревидираше проекцијата за економски раст од 3,5% на 3,2% за 2017 година, но Рахман, потенцира дека оваа прогноза е со претпоставка за враќање на политичката стабилност и формирање на нова влада. „Со продолжување на политичката несигурност, постојат значајни ризици за надолна линија“, вели Рахман.

Таа истакна дека ММФ анализира неколку опасности за македонската економија од политичката нестабилност.

„Македонија работеше многу напорно за да го изгради својот имиџ на земја со ниски трошоци и пријателски настроена кон инвеститори. Ова придонесе за значителни странски директни инвестиции со голем бенефит зa извозот. Инвеститорите не сакаат непредвидливост и политичка нестабилност. Постои ризик дека интересот на инвеститорите, вклучувајќи гo и оној на странските инвеститори би можел значително да се намали со продолжување на неизвесностите. Втора опасност е можното назадување во аспирациите на Македонија кон ЕУ. Станувањето дел од ЕУ е долгогодишна цел на земјата. Неуспехот да се одговори на главните реформи во институциите и управувањето може значително да го одложат постигнувањето на таквата цел“, истакна Рахман.

Народната банка засега се уште ги анализира сите ризици, но се очекува новата проекција што ќе ги вклучува ефектите од продолжувањето на политичката нестабилност и неформирањето на влада, да ја објави до крајот на овој месец.

Според последната проценка на Народната банка, македонската економија годинава се очекува да оствари раст од 3,5%, а тогаш гувернерот на Димитар Богов, изјави дека „ економијата може да се врати на патеката на забрзување на растот под услов да се врати политичката стабилност“.

„Тоа е всушност и основната претпоставка од која тргнува Народната банка во својата проценка. Носители на растот ќе бидат извозот и инвестициите а свој придонес ќе даде и личната потрошувачка. Евентуалното продолжување на политичката нестабилност ќе ги доведе во прашање ваквите позитивни очекувања“, истакна гувернерот Богов пред крајот на минатата година.

Економските експерти исто така сметаат дека политичката криза и поврзаните негативни рефлексии ќе имаат силно влијание врз економијата, a политичката и правната несигурност се главните ризици.

“Интензитетот на кризата би можел да се засили особено пред претстојните локални избори. Буџетот тешко веројатно е дека ќе се реализира според планот. Ова се однесува како на планираниот буџетски дефицит и капитални расходи, така и на планираните буџетски приходи”, смета Павле Гацов, претседател на Здружение на даночни советници.

Најголемите ризици за работењето македонските бизнисмени ги гледаат во пролонгирањето на домашната политичка криза и за сложените услови за извоз заради неизвесните геополитички процеси.

Според Гацов, поради миксот од негативни политички потези и консеквентно на тоа лоши макроекономски последици, годинава ќе биде тешка за македонските компании. “Политичките влијанија ќе ги заобиколат странските и особено ТИРЗ компаниите кои функционираат според посебни правила на игра. Нивниот раст главно ќе зависи од актуелниот тренд на движење на европската економија. За останатите, и понатаму ќе останат проблемите со неликвидноста, дезинвестирањето, одливот на квалитетна работна сила надвор од земјата односно во ТИРЗ компаниите, високите парафискални давачки по разни основи, итн..”, вели Гацов.

И големите и малите фирми го делат истиот став дека политичарите мора да најдат начин да ја прекинат оваа неизвесност, од која најголем губитник е бизнисот, и да ги стават економијата и реформите во фокусот на своето работење.

Ванчо Чифлиганец, генералниот директор на градежната компанија Адора смета дека ако продолжи неизвесноста во Македонија, не може да се биде оптимист дека нешто ќе се промени на економски план во позитивна насока.

“Прашање е ако се задржи овој амбиент во државата, дали економијата ќе може да се одржи на сегашното ниво или таа ќе опаѓа во периодот што следи? Адора инженеринг во своето работење ја чувствува неизвесноста што трае подолго време во Македонија и со максимална ангажираност и натчовечки напори на целиот тим вработени се труди компанијата да опстојува и натаму”, вели Чифлиганец.

“Бизнисот ја плаќа најголемата цена во вакви околности, инвестициите и растот се забавени и намалени. На домашниот пазар очигледно дека ќе биде многу лошо ако вака продолжи политичката криза и ние мораме да одиме на други пазари, во регионот, Европа, итн. Меѓутоа, тоа премостување не е баш така лесно и брзо, и за да може да го направиме ќе мора да работиме 150% за оствариме 100% од минатата година”, вели Трајан Ангелоски, сопственик на Ариље Метал.

Од компанијата Микросам од Прилеп, која е целосно извозно ориентирана велат дека политичката криза не влијае значајно во делот на потпишувањето на договорите со странските партнери, иако некои од нив се интересираат и прашуваат за ситуацијата во земјата. “Меѓутоа, внатрешно за во Македонија гледаме дека има одредени проблеми со ликвидноста меѓу компаниите, и еден вид на летаргија кај администрацијата”, велат од Микросам.

protesti WEB glavna 02
Политиката ја издиша економијата и во 2016 година

Политичката несигурност го зема данокот на растот во 2016 година, забавувајќи го од 3,8% во 2015 на 2,4% лани. Според анализите на Светската банка, растот главно го движеше потрошувачката на домаќинствата која придонесе со 3 процентни поени поддржана од сè поголемата вработеност, плати, пензии и кредити за населението. Релативно непроменетата владина потрошувачка придонесе во растот со само 0,2 процентни поени. Загриженоста околу политичката ситуација влијаеше врз инвестициите кои забележаа пад за 4,3% од 2015 година и одземаа 1,4 процентни поени од растот во 2016 година и покрај значителните јавни инвестиции во патишта.

Нето извозот додаде 0,7 процентни поени на растот, поддржан од солидниот извоз особено од странските фабрики што работат во технолошко индустриските развојни зони, и од растот на информатичките и на транспортните услуги.

Растот во 2016 главно беше движен од градежништвото, додека се намалија резултатите на преработувачката индустрија. Градежништвото порасна за 18,5% на годишно ниво и придонесе во растот со 2 процентни поени, главно поддржано од трите јавно финансирани проекти за автопати. Но, индустриското производство се намали за 2,2%, одземајќи 0,2 процентни поени од растот бидејќи потрадиционалните домашни индустрии, кои сочинуваат повеќе од половината од индустриското производство, забележаа пад во споредба со 2015 година, особено рударството, прехранбената индустрија, текстилната индустрија, снабдувањето со електрична енергија и со гас и производството на основни метали и неметални минерални производи.

Светска банка во Редовниот економски извештај за земјите од западен Балкан анализира дека и во 2016 година продолжила да опаѓа невработеноста во Македонија, но како резултат на фискалните интервенции за отворање работни места и на намалувањето на учеството во работната сила. Во 2016 година невработеноста падна за 2,1% на годишно ниво со голем удел на нето отворените работни места поврзани со владините програми за стимулирање на вработувањето.

Просечната стапка на невработеност на крајот на 2016 година беше 23,7%.

„И покрај владините стимулации особено за вработување на младите лица, главно во форма на ослободување од социјални придонеси, во оваа група невработеноста се зголеми од 47,4% во 2015 на 48,3%. Од сите возрасни групи, младите се единствената чие учество во работната сила опаѓа од 2012 година наваму. Долготрајната невработеност останува висока со 81% од сите невработени“, пишува во Извештајот на Светска банка.

Во 2016 година се намали фискалниот дефицит главно поради недоволното извршување на капиталните расходи. Дефицитот се намали на 2,6% од БДП што е значително помалку од објавените 4% во вториот ребаланс на буџетот.

„Ова намалување главно е поврзано со ниското извршување на капиталните расходи во контекстот на продолжениот изборен циклус. Промената на составот го прави буџетот помалку одржлив: значителното неизвршување на капиталните расходи сега се комбинира со тековните расходи што надминуваат 90% од вкупните јавни расходи“, проценува Светска банка.

Јавниот долг и понатаму се зголемуваше во 2016 година, движен од кредитите и гаранциите за претпријатијата во државна сопственост. Со издавањето на еврообврзницата во износ од 450 милиони евра, но и поради забрзаното темпо на изградбата на двата автопати се зголеми и гарантираниот долг.

Така, јавниот и јавно гарантираниот долг во 2016 година достигна 47,7 % од БДП (од кои 8,7 процентни поени се гаранции за кредити), споредено со 46,4% во 2015 година.

ММФ, пак, во врска со јавниот долг искажа загриженост за неговиот брз раст.

„Јавниот долг како дел од БДП се искачи од 23% пред глобалната финансиска криза на проценети 46% во 2016 година. Ова е двојно зголемување за период од 8 години. Најголемиот дел од ова зголемување се должи на зголемени тековни трошења наспроти капиталните трошења кои влијаат врз зголемувањето на потенцијалниот раст на една земја. Затоа нашата загриженост е во врска со неговиот брз раст и начинот на користење“, истакна Рахман, и додаде дека не постои универзално договорен безбеден праг на задолжување за сите земји, па дури ниту за сите земји во развој.

„Мора да се користат голем број на проценки  за да се одлучи кој е оној праг што е прифатлив за конкретна земја. Темпото на акумулирање на долговите и употребата на ресурсите, што јас веќе ги споменав, се две компоненти. Во однос на вкупната граница, аналитичките  и споредбените студии помеѓу земјите укажуваат дека прудентниот опсег на јавниот долг за економиите на земјите во развој е околу 50-60 проценти од БДП. За Македонија, го препорачуваме  долниот праг на овој опсег имајќи го во предвид режимот на фиксен девизен курс и идните фискални обврски кои произлегуваат од стареењето на населението и потребите за инвестиции во инфраструктурата“, истакна Рахман.

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×