Светската финансиска елита ни ја доближи новата економска реалност
Објавено на од во Банки и бизнис

NBRM konferencija WEB 956Голема Меѓународна конференција за монетарна политика и управување со средства на Народната банка на Македонија во Скопје

Скопје минатата недела на едно место собра над 100 високи гости од светската и европска, но и македонска финансиска елита кои на Меѓународната конференција во организацијата на Народната банка на Република Македонија разговараа за глобалната економска експанзија, за движењето на инфлацијата и за финансиската стабилност.
Сите се согласија дека економските индикатори покажуваат дека светската економија расте со највисоко темпо после финансиската криза од пред 10 години, пазарите на капитал никогаш не биле повисоки, а централните банки внимателно се подготвуваат да ги променат неконвенционалните политики кои ги применуваа во пост-кризниот период.
Магазинот “Капитал”, кој беше медиумски покровител на овој важен настан ви ги пренесува најважните детали од дискусиите на високите гости од финансискиот свет кои дискутираа за предизвиците кои новата нормалност во светската економија ги создава за централните банки и за носителите на економските политики во одржување на ценовната и финансиска стабилност, но и за кои оние кои управуваат со финансиските средства.

Во подготвка на текстот учествуваа Биљана Здравковска-Стојчевска, Игор Петровски и Александар Јанев

Скопје минатата недела беше домаќин на многу високи гости од светската и европска и македонска финансиска елита кои на настанот во организација на Народната банка на Република Македонија разговараа за глобалната економска експанзија, за движењето на инфлацијата и за финансиската стабилност.

Сите се согласија дека економските индикатори покажуваат дека светската економија расте со највисоко темпо после финансиската криза од пред 10 години, пазарите на капитал никогаш не биле повисоки, а централните банки внимателно се подготвуваат да ги променат неконвенционалните политки кои ги применуваа во пост-кризниот период.

Високите гости од финансискиот свет дискутираа за предизвиците кои овие нови состојби и нова нормалност во светската економија ги создаваат за централните банки во одржување на ценовната и финансиска стабилност, но и за луѓето кои управуваат со финансиските средства.

NBRM konferencija WEB 956 frejm 01„Оваа деценија претставува предизвик за донесување политики и управување со финансиски средства, а она што навистина го одбележа периодот по кризата беше реформата на финансискиот систем, особено на банкарската индустрија, и преиспитувањето на мандатот на централните банки во однос на финансиската стабилност“, истакна гувернерот на Народната банка на Македонија во воведниот говор на меѓународната конференција на тема “Нова нормала? Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и новото значење за глобалното управување со финансиските средства”.

„Она што навистина го одбележа периодот по кризата беше реформата на финансискиот систем, особено на банкарската индустрија, и преиспитувањето на мандатот на централните банки во однос на финансиската стабилност. Како резултат на финансиските турбуленции, ниските приноси и дивергентните монетарни политики во САД и во ЕУ, лицата кои управуваат со финансиски средства почнаа да инвестираат во различни инструменти и оптимално да балансираат меѓу ризикот и повратот“, рече Богов.

Тој потенцираше дека иако глобалното закрепнување неодамна зајакна, сè уште има загриженост во однос на неговата одржливост. Ниската продуктивност и натаму ги замаглува изгледите за идниот економски просперитет и раст, а инфлацијата остана ниска во многу земји. Покрај тоа, постојат геополитички ризици, ризици од прекумерна задолженост и отпорност на финансискиот сектор кон потенцијални нови шокови.

Покрај Народната банка на Р.Македонија, организатор на Конференцијата во Скопје е и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (Reinventing Bretton Woods Committee –RBWC). На гостите на почетокот покрај гувернерот Богов им се обрати и директорот на Комитетот , Марк Узан чија работа е добро позната и признаена во меѓународната финансиска јавност. Со мисија за промовирање на стабилноста на меѓународната финансиска архитектура и монетарниот систем, тој има организирано над 100 семинари ширум светот, со цел да се олесни дијалогот помеѓу високи функционери, академици и учесниците на пазарот.

Беноа Кере, член на Управниот одбор на Европската централна банка задолжен за пазарни операции беше главен говорник на Конференцијата. Настапите и говорите на Кере секогаш со внимателност се следат од целата светска јавност и сите светски медиуми, посебно сега во овој период кога се поставува дилемата дали централната банка на еврозоната ќе продолжи со политиката на вбризгување на пари во економијата и дали и кога ќе се одлучи за зголемување на каматните стапки, процес кој веќе го почнаа Федералните резерви на САД, откако инфлацијата почна да се зголемува, а економијата да расте побрзо од очекуваното.

Иако главното обраќање на Кере беше посветено на трговијата како мотор за раст и на прогнозите и лекциите за Европа, новинарските прашања и прашањата од гостите учесници беа главно насочени кон монетарната политика која ќе ја води ЕЦБ, како и за последните потреси кои се случија на пазарите на капитал во САД, а потоа се пренесоа и на другите берзи во светот.

“Европската централна банка (ЕЦБ) не е премногу загрижена од неодамнешната нестабилноста на светските пазари, бидејќи станува збор за корекција на пазарите, а влијанието во голем степен е ограничено на акциите”, изјави Беноа Кере, член на Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) при неговата прес конференција во Скопје.

Кере рече дека нестабилноста е факт и ЕЦБ мора да живее со него, но и да внимава на финансиските услови за да види дали оваа турбулентност има пошироко влијание.

“Нестабилноста на пазарот е факт на животот, мора да живееме со тоа. Досега она што го гледаме е дека прилагодувањето е првенствено на пазарите и прелевањето во еврозоната во голема мера е ограничено на пазарот на капитал”, рече Кере.

Повторувајќи ја долгогодишната позиција на ЕЦБ, Кере рече дека каматните стапки нема да се зголемат до завршувањето на програмата за откуп на обврзниците и креаторите на политиките имаат едногласна согласност во врска со овој редослед.

Кере најави дека официјалните лица во ЕЦБ се блиску до отпочнување преговори за промена на комуникацијата за монетарната политика.

“Ние исто така рековме дека нашата комуникација за монетарната политика ќе се промени и дека за тоа ќе се дискутира на почетокот од 2018 година. Досега не сме разговарале на оваа тема”, додаде Кере.

Најголемата досега експанзионистичка политика за откуп на обврзници или т.н. квантитативно олеснување преку која ЕЦБ досега вбризга над 2,5 трилиони евра во економијата, е планирано сигурно да трае до септември годинава.

ЕЦБ во последните неколку години ги одржуваше каматите за задолжувања на ниско ниво со цел да ги поттикне потрошувачката и инвестициите, со крајна цел да ја зголеми инфлацијата. Се чини дека мерките на ЕЦБ функционираат бидејќи зоната на еврото ужива петгодишен економски раст, но за тоа беше потребно повеќе време отколку што се претпоставуваше, па претпоставките на економистите се дека ЕЦБ најверојатно ќе продолжи да води политика на евтини пари и некое време откако ќе заврши програмата за откуп на обврзници.

Ризиците од инфлација, како и останатите ризици од европската и глобалната економија сепак се присутни, истакна високиот функционер на ЕЦБ, Кере, и одговарајќи на новинарското прашање на Капитал за конкретните ризици на земјите како Македонија, со висока невработеност, релативно висока задолженост и неконкурентен извоз одговори:

“Глобалниот амбиент останува со предизвици и ризици коишто доаѓаат од разни места, економски или геополитички, и нашите политики мора да бидат во насока на нивно превенирање во услови на глобална економска експанзија, опасност од инфлација и динамиката на продуктивноста. Ние во ЕЦБ сме фокусирани, се разбира, на креирањето политики што ја засегаат еврозоната, но секако дека и пазарите надвор од неа, како што е вашата земја не се имуни на глобалните ризици. За зголемување на сопствената отпорност кон надворешните шокови вие треба да градите цврст и стабилен финансиски систем и конкурентна економија. Морам да ја пофалам НБРМ за досегашната улога во зачувувањето на монетарната стабилност на земјата“, истакна Кере.

NBRM konferencija WEB 956 01Растот на светската економија носи нови ризици

Во првата сесија се опфатија прашањата поврзани со тековната и идната конјуктура на глобалната економија, дали и колку е одржлив моменталниот економски раст, ризиците од растечката инфлација и евентуалните промени во монетарната политика, иднината на каматните стапки и кое е нормалното ниво на каматни стапки кои ќе ги постават централните банки, водејќи сметка за можните ефекти врз финансиските пазари, каква треба да биде комуникацијата на централната банка со учесниците на пазарот….

Во оваа сесија говорници беа Тао Џанг, заменик главен директор на Меѓународниот монетарен фонд и Џонатан Пингл, главен директор во BlackRock Fixed Income Americas, додека сесијата ја водеше Линда Ју, соработник по економија на Оксфорд Универзитетот и професор на London Business School of Economics.

Сите учесници во сесијата со согласија дека економскиот раст во светот е на широка основа, односно дека растат и економиите на земјите во развој и на развиените земји, почнува да расте и инфлацијата, но неизвесноста е колку овој економски раст ќе трае и кои се предизвиците кои можат да го попречат овој раст.

Во својата презентација, претставникот на ММФ, Џанг кој е највисок досега претставник од оваа меѓународна финансиска институција кој ја посетил Македонија, даде осврт на светскиот економски развој изминативе години и проекции за тоа во која насока ќе се движи глобалната економија следниот период.

“Во 2017 година бевме сведоци на широк економски раст, за прв пат после кризата. Но, колку долго ќе трае? Проекциите за краткорочниот економски раст се позитивни и покрај корекцијата на пазарот која се случи неодамна. На среден и долг рок прогнозите се послаби, пред се заради забавувањето на продуктивноста”, вели Џанг.

Според него, постојат значителни ризици како што се стареењето на населението; зголемувањето на нееднаквоста на приходите и во развиените и во пазарите во развој; опасностите што ги носи автоматизацијата и роботизацијата за ниско продуктивните економии, како и за работниците со послаби вештини, итн.

“Ова се предизвици на среден рок и ако не бидат лоцирани правилно и преземени мерки за превенирање и менаџирање на последиците, економскиот раст може да биде загрозен“, истакна Џанг.

Тој се осврна и на перспективите на земјите од Западен Балкан, коишто според него, последниов период имаат значителен економски напредок и раст на животниот стандард, но се’ уште постои голем јаз помеѓу нивото на приход кај нив и земјите членки на ЕУ.

“Повеќето земји од Западен Балкан се мали земји. Нивото на приходи во однос на ЕУ е се уште ниско и многу бавно се зголемува. За посилен раст се потребни многу поголеми инвестиции и интеграција во светските текови на размена на стоки, услуги и идеи. Институции со појак капацитет и подобра инфраструктура се клучните фактори за да се постигне ова“, порача Џанг.

Според него, потребни се посилни институции и подобрувања во владеење на правото, високото ниво на корупција и политичката нестабилност за да може регионот да привлече повеќе инвестиции и за да се спречи одливот на обучен работен кадар што создава голем притисок врз пазарите на работна сила.

“Има голема разлика во индексот на инфраструктура помеѓу развиените земји и новите членки во ЕУ. Мора да се создаде фискален простор за да се обезбедат пари за финансирање на инфраструктурата, а за тоа да се обезбеди потребно е подобро управување со јавните финансии.

Џонатан Пингл во својот говор се осврна на економската експанзија која моментално се случува во светот и за ризиците кои таа ги создава за носителите на политиките.

“Очекувањата за инфлација во САД се зголемуваат и Федералните резерви први повлекоа потег и ја зголемија каматната стапка во очекување на зголемување на инфлацијата. На површина глобалниот економски раст изгледа здрав, но очекувањата за инфлација се високи и има многу ризици за насоката во која треба да се води политиката на каматни стапки”, смета Пингл. Како ризици Пингл ги посочува стареењето на популацијата и високата задолженост на земјите.

Според него, прилагодувањето на каматните стапки треба да се комуницира добро со учесниците на финансиските пазари и да се случува постепено.

Колку сме подготвени за нова финансиска криза?

Втората сесија се осврна на прашањата поврзани со финансиската стабилност и колку сме подготвени да се справиме со потенцијалните турбуленции, како она што се случи неодамна на пазарите на капитал. Предизвиците и ризиците за одржување на финансиска стабилност во услови кога долгот е на рекордно високо ниво и во услови на ниски камати на приноси. Дали и колку се научени лекциите од претходната криза од пред 10 години и колку глобалниот финансиски систем е добро подготвен за справување со нови финансиски турбуленции при нормализација на монетарната политика и кои се најсоодветните инструменти за одржување на финансиската стабилност?

Учесници во втората сесија беа Луиз Переира да Силва, заменик директор на Bank for International Settlements (BIS), Марк Гудмендсон, гувернер на Централната банка на Исланд и Петер Мослехнер, член на Управниот одбор на Националната банка на Република Австрија, а со сесијата претседаваше вице-гувернерот на НБРМ Маја Кадиевска Војновиќ.

Според Переира да Силва, предизвикот е дали сме подготвени да се соочиме со почести епизоди на пазарни турбуленции како што се случија во изминатиов период на пазарите на капитал и како треба да реагираат носителите на политики, во услови кога имаат ограничен простор за делување, заради високите нивоа на задолженост кај државите и компаниите.

“Тоа што се случи на пазарите на капитал е класична техничка корекција, што во основа е добро. Во исто време основите на економијата се добри. Но, ризикот останува ако монетарната политика пребрзо се затегнува, процес што веќе почна во САД”, вели Переира да Силва, кој потенцира дека креаторите на политики имаат голем предизвик да ја одржат финансиската стабилност со оглед на тоа дека инфлацијата би можела да се врати, но нејзиното зголемување би можело да ја зголеми неизвесноста.

Tој предупредува дека ако се остави инфлацијата над таргетот, може да има социјални реперкусии, валутни војни…Ако повисоката инфлација предизвика нова финансиска криза, фискалните бафери се многу мали заради високите нивоа на долг.

“Предизвикот е да се одржат цените и финансиската стабилност, а да не се води премногу агресивна монетарна политика, но истовремено да се задржи кредибилноста”, посочи Переира да Силва, кој на носителите на политики им препорача да се надеваат на подобро, но да се подготвуваат на полошо, односно добрите времиња да се искористат за зајакнување на фискалните бафери, кои можат да донесат заштита во време на криза.

Гувернерот на Исланд, Марк Гудмундсон зборуваше за предизвиците на монетарните и централните власти во одржување на монетарната и финансиската стабилност во мали и отворени економии.

Тој посочи дека властите се сега поподготвени во однос на периодот од 2008 година, но сепак водењето на монетарната политика во малите и отворени економии останува многу сложено. Тој понуди што им стои на располагање на малите и отворени земји за да можат подобро да ја зачуваат финансиската стабилност.

Питер Мослехнер од Националната банка на Австрија зборуваше за историјата на финансиските кризи, за причините за нивното настанување, како и за улогата на монетарната политика и централните банки во одржување на финансиската стабилност.

Наголемиот предизвик за централните банки е како да спречат пазарните турбуленции да не се префрлат врз реалната економија, а голема улога во тоа игра стабилниот и здрав банкарски систем. Токму заради тоа, посочи Мослехнер, финансиската регулатива после 2008 година се фокусираше на зајакнување на стабилноста на банките.

“Централните банки имаат клучна улога во менаџирањето на финансиските кризи. Тие треба да реагираат брзо, да имаат соодветни инструменти за да реагираат и на проблемите на финансиските пазари и на проблемите на банкарскиот систем, бидејќи банките се главниот канал на трансмисија на финансиските кризи во реалната економија.

NBRM konferencija WEB 956 02Како да се менаџира со девизните резерви за најдобар принос?

За управувањето/инвестирањето на финансиски средства, односно за стратегиите за ефективно намалување на ризиците од аспект на централните банки и менаџерите на инвестициските куќи беше дискутирано на третиот панел од Конференцијата. Модераторот на сесијата, Џенифер Џонсон Калари, директор на JJC Advisory, во воведот истакна дека со околу 15 илјади милијарди евра девизни резерви коишто ги “вртат“, централните банки во светот станаа значаен инвеститор на пазарите на капитал, особено на пазарите со инструменти со фиксен принос и должнички инструменти.

“Во денешни пазарни услови, соодносот на ризик и поврат е особено нагласен поради ниските приноси на висококвалитетните државни обврзници, со што се намалени можностите на одржување на капиталната вредност на инвестираните средства. Генерално, секоја година предизвиците за менаџерите со финансиски средства континуирано се менуваат“, рече г-ѓа Џонсон Калари. Прашањето е како треба да се подготват менаџерите на финансиски средства кон “новата нормала“ кај глобалните монетарни политики.

NBRM konferencija WEB 956 frejm 022Изабел Штрос – Кан, главен финансиски соработник на Светската банка и поранешен директор во Банката на Франција, рече дека кај централните банки конкретно, предизвиците не се исти, во зависност од обемот на средствата коишто ги менаџираат и дека техниките за намалување на ризикот може да варираат.

“Токму затоа централните банки различно реагираат кон ниските или негативните каматни приноси на државните хартии од вредност на светскиот пазар, како и кон процесите на нормализација на монетарните политики во светот.“, истакна Штрос – Кан.

Меѓутоа, според неа, постојат некои заеднички карактеристики што го прават процесот на менаџирање со девизните резерви успешен и отпорен на различни ситуации.

“Силни управувачки структури и поседување на експертиза за главните параметри во врска со ризиците и повратот на инвестициите на највисоко ниво во институциите; Силна посветеност кон целите на менаџирање со девизните резерви; како и постојано подобрување на методите на менаџирање на ризикот со цел постигнување агилност и брза реакција.“, заклучи г-ѓа Штрос – Кан.

Масимилијано Кастели, главен директор за управување со финансиски средства во швајцарскиот банкарски гигант UBS, истакна дека светот се префрла од пост-кризната ера на нула каматни стапки кон новиот период, или нова нормала која што ќе ја карактеризираат повисоки приноси, но и зголемена променливост и нестабилност на пазарите. Кои ќе бидат клучните предизвици за менаџерите со девизните резерви на централните банки?

“ Американската економија се нормализира и Европа евентуално би ја следела, но краткорочните камати ќе останат на историски ниско ниво и следните неколку години. Ниските приноси на државните обврзници веројатно е и понатаму да останат на глобално ниво. Диверзификацијата треба и ќе остане главен тренд меѓу централните банки. Инфлацијата е растечки ризик во моментов, но веројатноста од неочекуван голем пораст на потрошувачките цени моментално е ниска.“, рече Кастели.

Недвижнини и инфраструктура наместо државни обврзници

Тој додаде дека вложувањата во акции остануваат и понатаму атрактивни и покрај недоумиците околу нивната вредност и зголемената волатилност на берзите.

“Се очекува следниот период повеќе централни банки да ги диверзифицираат своите портфолија и во оваа насока“.

Кастели ја постави и дилемата дали централните банки би требало да покажат интерес и за неликвидни типови на средства, како што се недвижностите или инфраструктурата? “Можно е во иднина во портфолијата на централните банки овие неликвидни класи на средства да ја играат улогата што државните обврзници ја имаат досега“, рече тој.

На овој панел говореше и Томас Гарбаравичиус, член на Советот на Банката на Литванија, најголемата по популација од трите балтички поранешни советски републики, членка на еврозоната, со финансиски сектор високо интегриран во нордискиот пазар, како што истакна тој.

Гарбаравичиус даде краток преглед на најзначајните промени што се случувале во областа на менаџирањето со девизните резерви на Литванија изминативе неколку години, односно го објасни процесот на стратешка алокација на средствата – SAA (Strategic Asset Allocation). Тој објасни дека во 2013 година централната банка за првпат купила акции на светските берзи, а во 2014-та во кошничката валути во коишто Банката ги чува своите девизни резерви бил додаден и кинескиот јуан.

“Во 2015-та пак, го намаливме уделот на инвестиции во акции за повеќе од двојно, од 5,6% на 2,5%, а додадовме и нехеџирани американски државни обврзници. Следната година, купивме уште американски државни обврзници, хеџирани, додека минатата, 2017 година, додадовме и американски корпоративни обврзници, одвоивме буџет за менаџирање на ризикот од 150 милиони евра, купивме американски државни обврзници заштитени од инфлација, итн.“, рече говорникот од Литванија.

Во услови на ниски приноси на квалитетните државни обврзници, максимална диверзификација на портфолиото е прилично одбранбена тактика, истакна Гарбаравичиус, којашто се фокусирана повеќе на диверзификација/алокација одошто на очекуваните приноси, како и на активен менаџмент со девизните резерви.

“Оваа методологија релативно лесно се комуницира со јавноста, иако механизмите во позадина се прилично комплексни“, додаде тој.

Мојмир Хампл, вицегувернер на Чешката народна банка ги претстави искуствата на неговата институција во менаџирањето на девизните резерви, коишто во 2017 година достигнале над 120 милијарди евра.

На крајот од минатата година, две третини од девизните резерви на Чешка биле чувани во евра, 18% во американски долари, 6,6% во канадски долари, 3,7% во австралиски долари, 2,4% во британски фунти, итн.

Најголемиот пак дел од државните резерви, 37,8% се инвестирани во државни обврзници, додека 8,5% во акции. Во злато, Чешката народна банка инвестирала само 0,3% од девизните резерви.

За евентуални идни инвестиции Банката размислува околу валутните пазари и поголемо учество на акциите.

Како до интеграција и раст во Југоисточна Европа

Последната дискусија на конференцијата што ја модерираше вицегувернерката Анита Ангеловска – Бежоска, отвори прашања за перспективите на земјите од Југоисточна Европа во ЕУ. Панелистите дебатираа како да се пренасочи дискусијата во ЕУ од управување со кризи во проширување, кои политики може да ја олеснат евроинтеграцијата на регионот, но и како да се подобрат економските изгледи на овие земји.

NBRM konferencija WEB 956 frejm 03Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека за Македонија е многу битно да ги забрза евро – атлантските интеграции за да може земјата побрзо да ги надмине разликите со новите членки на ЕУ.

„Оваа цел е високо на агендата на Владата. Меѓутоа, како приоритет си зададовме да водиме дисциплинирана, ефикасна и транспарентна фискална политика. Освен тоа, се залагаме да спроведеме реформи за подобрување на институциите, реформи во судството со цел да се подобри владеењето на правото и подобрување на инфраструктурата преку инвестиции во патната и железничката инфраструктура за подобро поврзување на земјата. Исто така Владата се зафати со реформи и во образованието со цел да се подобрат вештините на кадрите, а од друга страна имаме план и за поттикнување на инвестициите, како домашни така и странски“, истакна Тевдовски.

Тој пред присутните ги претстави клучните економски индикатори на земјата, како и проценките на Владата за следниот период. Растот на бруто домашниот производ годинава се очекува да биде околу 3,2%, но се очекува тој да достигне до 4% во следните неколку години. Структурата на растот се очекува да се промени како пред кризниот период, а тоа е да се базира на извоз и инвестиции. „Ова е поодржлив модел на раст и ќе има позитивни ефекти на потенцијалниот раст“, истакна министерот Тевдовски.

Тој потенцираше дека е потреба посилна регионална соработка помеѓу земјите што исто така ќе влијае директно или индиректно на економскиот раст. Помеѓу плановите за регионално поврзување, Тевдовски истакна дека е потребно подобро инфраструктурно поврзување со автопати и железница, заеднички царински контроли што ќе овозможи побрз проток на стоки и услуги, регионална соработка на пазарите, производството и даночните регулативи како и заеднички настапи на трети пазари.

„Меѓутоа, на регионалното поврзување не гледаме како на алатка што ќе остави во „лобито за чекање“ ниту пак гледаме како замена за членството во ЕУ. Напротив, гледаме како на исчекор кон нашата крајна цел што е повисок животен стандард и влез во Европската Унија“, изјави Тевдовски.

NBRM konferencija WEB 956 04Министерот за финансии на Бугарија, Владислав Горанов истакна дека 11 години по влезот на неговата земја во ЕУ, веќе е невозможно да се измерат бенефитите од тоа.

„Како земја претседавач со ЕУ, ние сме посветени да овозможиме напредок во балканските земји кои што имаат аспирации да влезат во европското семејство. Со тоа балканското прашање е повторно високо на европската агенда после повеќе години. Главен приоритет на бугарското претседателствување е процесот на проширување на ЕУ што продолжува да биде најмоќен инструмент што гарантира мир, одржливост и просперитет. Всушност, нашата идеја е бугарското претседателствување со ЕУ е да биде балканско претседателствување“, истакна Горанов.

Тој истакна дека економските реформи што ќе доведат до подобрување на животниот стандард на граѓаните имаат потенцијал да обезбедат политичка стабилност и елиминирање на етничките тензии во регионот. Освен тоа, Горанов вели дека регионалното зајакнување на економиите е важно и за запирање на миграцијата од овде кон западно европските земји.

„Многу е направено во последните години и резултатите се видливи, но уште многу треба да се направи за да се подобри бизнис средината, подобрување на институциите и стабилизирање на владите. За да се зголеми економскиот раст, мора да работиме заедно да ја намалиме сивата економија и даночната евазија, да ги отстраниме пречките за конкурентност и да ја намалиме големата невработеност, особено кај младите“, изјави Горанов кој им посака на македонските власти што побрзо интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ и изјави дека „Бугарија ќе се заложи тоа да се оствари со се што е во нејзина моќ“.

Вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа, Карло Монтичели анализирајќи ја состојбата во земјите од Западен Балкан, истакна дека просечниот БДП по жител во последните дваесетина години речиси и да стагнира, и се уште е под нивото од 30% од европскиот просек. Според податоците што ги објави, продуктивноста на трудот, се зголемувала до 2011 година, но потоа растот запрел на ниво под 40% од просекот во ЕУ.

„Потребни се низа политики за поттик-нување на развојот и задржување на човечкиот капитал, но особено зголемување на инвестициите во образованието, подобрување на здравствениот сектор, како и зголемено финансирање на малите и средни претпријатија и подобро управување за да се создадат подобри можности. Банката за развој при Советот на Европа може да ви биде партнер во остварување на овие цели“, истакна Монтичели.

Шарлот Рух од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) истакна дека оваа институција е многу присутна во овој регион преку свои инвестиции и според последните податоци, портфолиото на ЕБОР во Западен Балкан вклучувајќи ја и Србија изнесува 695 милиони евра. Таа рече дека инвестициите на ЕБОР во Македонија во последниот период се намалиле, меѓутоа очекува тоа да се промени.

„Регионот е опкружен со земји од ЕУ и економиите во земјите од Западен Балкан бележат значителен напредок кон европските нивоа. Но потребно е реформите да продолжат, особено во подобрување на инвестициската клима“, изјави Рух и додаде дека на овие земји им стојат на располагање европски грантови и техничка помош во клучни сектори, како на пример инвестирањето во инфраструктурата, животната средина, енергијата и развојот на приватниот сектор.

„Поврзаноста е клучна за привлекување на инвестиции, прво за да се направи пазарот да биде достапен и за да се развие регионот во еден, кохезивен и уште поатрактивен пазар за странските инвеститори. Но освен тоа, мора уште многу да се работи во неколку сектори како што е бизнис климата, борбата со корупцијата, судски реформи и реформи во јавната администрација за да се достигнат ЕУ стандардите“, истакна Рух која го најави и новиот Самит на ЕБОР за Западен Балкан што ќе се одржи на 26 февруари во централата во Лондон.


Беноа Кере – член на Управниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ)

Поголемите инвестиции ја зголемија трговијата

Benoa Kare 01 WEB 956Покрај големиот интерес на финансиската јавност за идната монетарна политика на Европската централна банка, Кере во Скопје имаше многу интересно обраќање за прогнозите за трговијата како мотор на растот, тема која според него има многу големо значење за иднината на економијата на Европа, а е од посебно значење и за земјите од Западниот Балкан.

Кере потенцираше дека глобалната трговија повторно почнува да заздравува, а во 2017 година, за првпат после кризата од пред 10 години, растот на светскиот увоз повторно го надмина светскиот раст на БДП. “Еврозоната има голема корист од заздравувањето на глобалната трговија, при што растот на извозот од еврозоната е највисок во споредба со претходните години”, посочи Кере.

Кере смета дека заздравувањето на трговијата е одраз на циклични фактори. “Експанзионистичките монетарни политики низ целиот свет успеаја да ги поттикнат растот и инвестициите, а со тоа и глобалниот увоз. Но, сепак структурните пречки остануваат”, изјави Кере, посочувајќи ги како најголеми ризици созревањето на глобалните синџири на вредности, географските поместувања во трговијата и забрзувањето на притисокот кон поголема автоматизација, кои ја намалуваат веројатноста дека трговијата повторно може да расте со темпо забележано пред кризниот бум, кога трговијата растеше со стапки двојно поголеми од стапките на раст на глобалниот БДП.

Но, дали трговијата ќе продолжи да расте и во иднина? Кере потенцира дека економскиот раст понекогаш не е доволен за да расте и трговијата. Според него, многу поважно за растот на трговијата е структурата на економскиот раст. “Големо влијание врз увозот имаат инвестициите, па оттука намалувањето на инвестиционата побарувачка има големо влијание врз трговијата, во споредба со другите компоненти на БДП. Затоа не е случајност што заздравувањето на трговијата минатата година беше предводено од извозот на капитални и интермедијарни производи, кои се клучен инпут во инвестициите”, смета Кере, заклучувајќи дека идниот раст на трговијата ќе зависи од одржливоста на процесот на моментално заздравување на инвестиционата побарувачка.

Но, додека коњуктурните услови се позитивни за раст на трговијата, Кере предупредува на одредени структурни предизвици кои можат да бидат пречка трговијата да расте со забрзано темпо.

(Во следниот број на магазинот “Капитал” ќе го објавиме говорот на Беноа Кере, во кој тој зборува и за ризиците и можностите кои ги носат забрзаната автоматизација и употребата на роботите во производството).

 

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×