„Светската влада“ доаѓа во регионот: Трилатералната комисија го крева антирускиот гард на Балканот
Објавено на од во СВЕТ-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Неслучајно лани е оформена српската група од Трилатералната комисија, а месецов во Белград ќе се одржи годишниот состанок на европските „трилатералци“. Организацијата која ги застапува интересите на САД, на западна Европа и на Јапонија, и (заедно со Билдерберг групата) ја нарекуваат „светска влада во сенка“, ги збива редовите во балканските држави желни за евроатланско интегрирање, за да го намали руското влијание во регионот во контекстот што го создаде украинската криза. Трилатералната комисија во Белград ја покани Јахјага за да го фокусира српскиот поглед кон Брисел, но засега нема информација дека на состанокот ќе има претставник и од Македонија, што значи оти ние и ако бидеме тема, и во оваа западна кампања можеме да се надеваме само на повторување на фразите од типот – Скопје и Атина треба да бидат конструктивни

Месецов „светската влада во сенка“ ќе се собере во регионов – во главниот град на Србија, Белград, од 31 октомври до 2 ноември ќе се одржи годишниот состанок на европската група од Трилатералната комисија. Поканети се премиерот на Србија, Александар Вучиќ, и неговите министри, но и други лидери од западен Балкан. Засега нема информација дека Македонија ќе има свој претставник на настанот, но затоа таму ќе биде претседателката на Косово, Атифете Јахјага, која, како што соопшти нејзиниот портпарол, во Белград ќе отпатува по покана лично од претседателот на европската Трилатерала, Жан-Клод Трише. Токму доаѓањето на Јахјага е главна тема во српскиот печат поврзана со претстојниот состанок на Трилатералната комисија, бидејќи станува збор за прва официјална посета на косовски функционер на Србија. „Оваа посета би била епохален исчекор во односите на Белград и на Приштина, и силна порака за стабилизацијата на регионот“, изјавил за српските медиуми извор близок до еврокомесарот за проширување, Штефан Филе.

Со оглед на тоа што агендата на состанокот во Белград сеуште не е објавена, од пораката што Трилатералата ја испраќа со контекстот на поканата до Јахјага, може да се извлече претпоставка дека и евроатланските перспективи на Македонија и грчко-македонскиот спор за името ќе се најдат на дневниот ред. И шпекулациите се такви – дека во Белград ќе се разговара за регионот, но и за прашањето на еврото, за проблемите во Европската унија и за нејзините односи со светот. „Станува збор за размена на мислења која се одржува зад затворени врати. Членовите разгледуваат како проблемите на глобално ниво влијаат на економските прилики, залагајќи се за нивна стабилизација“, изјави претседателот на српската група „трилатералци“, Јован Ковачиќ, во својство на домаќин, а во пресрет на состанокот што ќе се одржи во Белград.

Инаку, Трилатералната комисија е во тесна врска со Билдерберг групата – основана е од Дејвид Роквелер, кој е постојан член на Советодавното тело на Билдерберг. Последниот со години барал на Билдерберг конференциите (кои се одржуваат еднаш годишно, секоја година од 1954) да се поканат и претставници од Јапонија, но економските успеси на „земјата каде што изгрева сонцето“ кои Роквелер ги имал предвид, „билдербергерите“ ги сфаќале поинаку од него, сметајќи ги како закана за интересите на САД и на Европа. Управниот одбор на групата никако не сакал да отстапи од својот атлантицизам, па, така, актуелниот патријарх на едно од најбогатите светски семејства, во 1973 година одлучил да ја основа Трилатералната комисија со цел промовирање на блиски односи меѓу САД, Европа и Јапонија (оттука и името на организацијата) – далекуисточната земја, која според Роквелер, станала трет центар на она што во неговите кругови се нарекува демократски капитализам.

Ако Билдерберг и Трилатералата додека траеше Студената војна многу од својата енергија трошеа на Советскиот Сојуз, денес целосно се свртени кон ширење на либерализмот и на слободниот пазар, и варијантата на демократија што најмногу им одговара на овие две вредности. „Трилатералец“ како и „билдербергер“, се станува само по покана, а огранизацијата која на почетокот планирала трите региони чии интереси ги заштитува да бидат застапени со подеднаков број претставници, денеска има над 170 членови од Европа (највисока национална квота има Германија, претставена со 20 членови; Франција, Обединетото Кралство и Италија со по 18, а Шпанија со 12; останатите се застапени со од 6 до 1 член), над 120 од Северна Америка (90 од САД, 24 од Канада, 13 од Мексико), и над 100 од пацифичко-азискиот регион (најбројни се Јапонците со 85 члена).

За разлика од Билдерберг, Трилатералната комисија во своето членство не прима носители на функции во државните управи – ако некој нејзин член биде избран на ваква позиција, го напушта членството во организацијата. Но, на Трилатералата не ѝ се неопходни актуелни функционери за да ја спроведува својата агенда. Зарем некој би го спорел влијанието на еден Збигњев Бжежински, кое тој го има и кога официјално не е на државна фукција? Американецот со полско потекло одиграл една од главните ролји во формирањето на Комисијата и бил нејзин директор од основањето до 1976 година. Неговиот излет надвор од Трилатералата се должи на погоре споменатото правило, односно на тоа што станал советник за национална безбедност на САД во администрацијата на Џими Картер (во 1976 година, а кога Картер ја напуштил функцијата во 1981, истото го направил и Бжежински, и се вратил во организацијата). Интересно е што од Трилатералната комисија во истиот кабинет на високи позиции се преселиле и потпретседателот на САД, Волтер Мондејл, државниот секретар, Сајрус Венс (нам познат како посредник во преговорите меѓу Македонија и Грција за спорот со името), неговиот заменик, Ворен Кристофер, министерот за одбрана, Харолд Браун, првиот човек на Федералните резерви, Пол Вокер, а нешто пониски функции во Белата куќа добиле и (исто така, „трилатералците“) Ричард Холбрук и Семјуел Хантингтон, авторот на „Судирот на цивилизациите“. Не е потребна голема имагинација за да се претпостави како им изгледа на љубителите на теориите на заговор вака високата концентрација на „трилатералци“ (најголем дел од нив се и „билдербергери“) во власта на најмоќната светска држава.

Интересна екипа од балкански „трилатералци“

Тајмингот кога Трилатералната комисија одлучи да се прошири со членови од Србија, од Хрватска и од Словенија, никако не изгледа случаен. Во овие балкански земји, иако и претходно имало соработка со Комисијата од страна на поединци-промотори на атлантизмот, официјални трилатерални групи беа оформени во 2013 и на почетокот на 2014 година. Во овој период конфронтацијата меѓу Западот и Русија, која зема залет со руско-кинеските ветоа на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации за странска воена интервенција во Сирија, се приближуваше до кулминација преку Евромајданот и Кримската криза во Украина. Балканот тогаш доби на значење како поприште на руско-западниот конфликт, во ситуација кога и Србија почна преговори со Европската унија, а Русија ја сметаше (Србија) за клучен дел од својата природна географска зона на влијание и на интерес (Словени, православни). Секако, ова е причината и што следниот состанок на европската Трилатерала ќе се одржи месецов во Белград – две недели по посетата на рускиот претседател Владимир Путин.

Во пресрет на оваа посета се огласи директорката на белградскиот Центар за евроатлански студии, Јелена Милиќ, со изјава што го потврдува погоре кажаното: „Главната цел на Русија е да го задуши процесот на евроинтеграции во Србија, во Босна и во Црна Гора. Русија ја провоцира Европската унија и настојува да увери дека европските интеграции не се толку популарни, како што некогаш биле во источна Европа“. Дека со вакви тези е формирана српската трилатерална група, тврди и професорот Ненад Ѓорѓевиќ (работел во Службата за државна безбедност на Србија и како професор на Криминалистичко-полициската академија во Белград). Според документацијата до која дошол, на состанокот на кој во Белград е формирана групата било побарано да се направи сѐ за да се отежни продорот на Русија на Балканот. Се разговарало и за тоа како да се закочи проектот Јужен поток. Овде доаѓаме до поранешната министерка за енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ, (во моментов е потпретседател на Владата и министер за градежништво, инфраструктура и сообраќај), која ја сомничеа дека го опструирала почетокот на изградбата на Јужен поток.

Дел од српскиот печат токму во неа го пронајде неименуваниот „поединец од власта кој го кочи проектот“, а на кој се пожалил првиот човек на Гаспром, Алексеј Милер, на состанок со српската Влада во март 2013 година. Интересно е што Михалјовиќ е член на Советодавниот одбор на организацијата East West Bridge, чиј претседател, Јован Ковачиќ, претседава и со српската трилатерална група. Ковачиќ е поранешен известувач од воено-кризни региони за медиумските мрежи CNN, ABC, NPR, BBC, со американска диплома на магистер за комуникации и менаџмент во медиуми. И останатите два члена на српската група „трилатералци“ се од организацијата East West Bridge – Тахир Хасановиќ е нејзин извршен директор, а Дејан Новаковиќ копретседател – последниов е поранешен државен секретар во српското Министерство за енергетика; секако, од времето на Зорана Михајловиќ.

Во Хрватска најголемо внимание предизвика поканата за членство во Трилатералната комисија на Колинда Грабар-Китаровиќ, поранешната министерка за надворешни работи и за европски интеграции, поранешен амбасадор на Хрватска во САД, и денеска помошник на главниот секретар на НАТО за јавна дипломатија. Ласкавата покана за членство во Трилатералата Грабар-Китаровиќ ја објасни вака: „Моето име е предложено како некој кој е член на ХДЗ, и ги застапува конзервативните гледишта на десниот центар. Зошто конзервативниот глас не би требало да се чуе во либерално опкружување? Зарем мислите дека една конзервативна политичарка и државничка како Ангела Меркел би посветила неколку часа од своето драгоцено време за да одржи говор и да одговара на бројни прашања на состанок на Трилатералната комисија во Берлин, ако станува збор за опскурна организација?“. Боите на Хрватска меѓу „трилатералците“ ги бранат и најмоќниот и најбогатиот адвокат во земјата, Маријан Ханжековиќ, кој е и масон од највисок, 33 степен, и тоа во ценетиот Шкотски ред. Тројката Хрвати ја заокружува еден од најдолговечните банкарски шефови во Европа, Фрањо Луковиќ, кој цели 22 години беше претседател на Управата на Загребачка банка. Банкар е и единствениот словенечки член на Трилатералната комисија, поранешниот извршен директор на Нова Љубљанска банка (NLB), Марко Вољч.

Многу е интересна ситуацијата со бугарските „трилатералци“.Првата од нив е Цветелина Бориславова, невенчаната сопруга на поранешниот и (најверојатно) иден бугарски премиер, Бојко Борисов. Втората е Меглена Кунева, лидерката на партијата „Бугарија на граѓаните“ која е дел од Реформаторскиот блок – коалицијата која својата поддршка на идната влада на ГЕРБ ја услови со барањето Борисов да не биде премиер. Бориславова, инаку, е успешна бизнис-жена и во различни својства е дел од повеќе компании, а најпозната е како главен акционер и претседател на Надзорниот одбор на Бугарско-американската кредитна банка. Кунева, пак, е поранешен министер за европски прашања на Бугарија и поранешен комесар на Европската комисија за заштита на правата на потрошувачите. Трет член на Трилатералата од Бугарија е поранешниот претседател на државата, Петар Стојанов, кој е дел и од Управниот одбор на погоре споменатата East West Bridge. Трилатералата во Грција ја чинат поранешниот грчки премиер (технократ, кој доби мандат за да ги исполни обврските на Грција од програмата за спас, финансирана од ЕУ и ММФ), потоа, Одисеас Кирјакопулос, поранешен претседател на Федерацијата на грчките индустрии, и Александра Папалексопулу, директор за стратешко планирање во Titan Cement Company (сопственик на скопската цементарница УСЈЕ).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×