Талентот ти помага да победиш во мечот, но тимската работа го освојува шампионатот!
Објавено на од во Компании
IMG_3855-glavna

Разговаравме со тројцата главни менаџери на компанијата што е најголемиот градител на станови во Македонија – основачот,  проф. д-р Ванчо Чифлиганец, неговата ќерка Драгана и синот Душко, за тоа кои се нивните основни принципи што ги следат предводејќи ја Адора инженеринг на патот до успехот.

 

Не можеш да бараш од своите вработени посветеност, ако самиот не ја покажуваш
IMG_3783-direktor

проф. д-р Ванчо Чифлиганец, основач и генерален менаџер на Адора инженеринг

 

Проф. д-р Ванчо Чифлиганец, во бизнисот е речиси 40 години, од кои што повеќе од 25 на раководна функција – прво во рудникот Бучим, потоа во својата компанија Адора инженеринг, која што веќе 14 години континуирано расте и стана најголемиот градител на станови во Македонија. Вели дека профитот не му е главната водилка во бизнисот, туку желбата да остави зад себе нешто по што ќе го памтат со генерации во иднината.

Од вашето долгогодишно искуство, и во државен сектор, и како лидер на сопствена фирма, кои се основните работи што ги научивте за менаџирањето, што им ги пренесувате сега на вашите наследници, но и на сите вработени на Адора воопшто?

Прво и основно, мора да го сакаш, да го чувствуваш она што го работиш, да внесеш емоција. Јас барем сум таков човек, така ги воспитував и моите деца. Да бидат посветени на работата, одговорни пред себе, пред компанијата, односно, пред сите вработени што придонесуваат во создавањето на крајниот производ – во нашиот случај тоа се становите. Ние сме во еден од најтешките бизниси, со огромна морална одговорност, но и мисија од животно значење, а тоа е  градењето на домови, каде што треба да живеат повеќе генерации, кои што треба да траат со децении, па и со векови. И затоа јас не случајно сакам да бидам вклучен во секоја фаза од нашиот бизнис – од избирањето на локација за градење, па сè до предавањето клуч на рака, што се вели. Сакам да бидам сигурен дека сè ќе биде беспрекорно изведено, онака како што е договорено, проектирано, зацртано.

Познато е дека безмалку секое утро прво ги обиколувате објектите што ги гради Адора, уште од раните утрински часови, а потоа доаѓате во вашата канцеларија.  Дали се сметате себеси за менаџер што сака сè да има под контрола во секое време?

Кога јас почнував со градежниот бизнис, сите знаеја  дека заедно со својата екипа сум постојано на објект, во куси панталони и патики, па мои колеги, сопственици на тогаш веќе етаблирани фирми, ми велеа, Ванчо, не ти личи тебе вака, ти си човек со референци во ова општество. После 14 години, сами може да заклучите кој опстана во градежниот бизнис и високоградбата и на која позиција е на пазарот на недвижности во Македонија, со колку и какви дела зад себе и каква репутација, имиџ и авторитет има изградено како на национално, така и на меѓународно ниво. Значи, мојот принцип да бидам присутен физички колку што можам повеќе во сите фази од процесот на градење се покажа дека дава резултати. Не дека јас не им верувам на своите инженери и мајстори, напротив, тие се извонредни професионалци, туку едноставно поспокоен сум ако со свои очи видам дека сè е направено како што сме се договориле. Токму заради преголемата одговорност што ја имаме пред своите купувачи, но и пред целото општество, како што споменав претходно. Сè уште имам доволно енергија во себе, и додека можам да го издржам тоа темпо, јас така ќе работам. За некого можеби тоа не е правилно, но јас така знам и умеам, што во досегашната практика, започнати и реализирани проекти, се покажа како успешно.

Како се справувате со предизвикот на мотивацијата на вашите вработени? Кои се начините и методите со кои што ги мотивирате, односно како ги привлекувате и задржувате талентираните луѓе кај вас?

Од секогаш настојувам да менаџирам и мотивирам преку давање пример. Мојот ентузијазам и посветеност сакам да им го пренесам на сите, но не само на зборови, туку и во пракса да го правам тоа што го зборувам. Затоа и сум по цели денови на градилиште, седам и по цели ноќи ако треба, во моменти кога треба да запазиме некои рокови и сл. Сакам да бидам непосреден со вработените, но и критикувам кога треба. Барам резултати, при тоа можеби понекогаш на виделина излегува мојот темперамент и енергичност, но сето тоа е во интерес на компанијата и на сите оние што живеат од неа.Се разбира, мотивацијата доаѓа и преку материјалниот аспект, што значи дека нашите вработени сите до еден се уредно пријавени со платени придонеси, платите се нешто повисоки од просекот во оваа индустрија во земјава, обезбедени се топли оброци на градилиштата, сместување за оние што не се од Скопје, се исплаќа К-15, итн. Талентираните вработени ги помагаме преку стипендирање за магистерски или докторски студии, ги праќаме на семинари и обуки, значи правиме сè што можеме за навистина да се чувствуваат како дел од компанијата.

Се трудам постојано да го унапредувам компанискиот маркетинг
IMG_3751-dragana

д-р Драгана Чифлиганец,извршен директор на Адора инженеринг

Драгана Чифлиганец во Адора инженеринг е изминативе осум години, доктор е на  правни науки, специјалност и е маркетингот, и токму во таа област на работењето на компанијата, вели, особено се труди да ги следи светските трендови.“Посебен пристап во работата се новините што ги воведов во маркетингот како моја специјалност, воедно и односот кон клинентот се особено важни за успехот на Адора . Во делот на маркетингот беа  воведени свечените отворања на новите станбени објекти со специјален хуман карактер  и настани со впечатливи, адекватни содржини, во што сме први во Македонија. Секогаш се стремиме нашите купувачи да добијат повеќе од ДОМ, за нивната доверба им возвраќаме со изненадувања, патувањa во Дубаи и Медитеранот, опремување на новиот дом, подарување на автомобили и други вредни награди. Знам дека сме на вистинскиот пат бидејќи тоа ни го потврдуваат токму  фирмите од високата градба кои не следат во многу сегменти воведувајќи ги сега истите маркетиншки елементи што ние ги имплементиравме пред неколку години. Преку едукативните теми и емисии, отворањето на објекти со исти познати јавни личности, веб страните и корпоративните социјални медиуми. Тоа за нас е поттик за уште поголема иновативност и секогаш да сме неколку чекори пред другите“, вели Драгана Чифлиганец.

Колку генерациската разлика е предност или условно речено хендикеп при раководењето со компанијата? Дали вашиот татко прифаќа со леснотија сугестии од помладата генерација?

Јас сум личност која во секоја ситуација, од секого сака да научи нешто, особено од човек како генералниот директор. Од самиот почеток на заедничкото работење, ние имаме јасно поставена цел, а тоа е професионализмот. За мене проф. д-р Ванчо Чифлиганец е мој директор (шеф) и така и му се обраќам на работа, што можеби за некого е чудно, но за мене тоа е сосема нормално. Секој почеток е тежок, додека се синхронизираат енергиите, особено со докажан и успешен менаџер како мојот директор, независно од релациите татко – ќерка. Сметам дека како и во секој процес, мора да поминат “детските болести“ и во овој случај, така што на почеток таткото менаџер те гледа како дете, зошто нормално за родителите цел живот ќе останеш дете, а тие нели во улога на родители, секогаш се во право. Затоа требаше да помине доста време и не беше ни малку лесно. Како што созревав и растев во работата, така почнав да применувам стратегии, и за нешто што знаев дека нема да го прифати директорот, се охрабрував да го направам без негово знаење и на крај само ќе му ги покажев резултатите, што се потврди како доста успешна тактика.

Во принцип,  помладата генерација носи поголема енергичност, полесно прифаќа нови технологии, нови трендови во маркетингот… Колку новите технологии во секој аспект на бизнисот се применуваат во Адора инженеринг?

Секој млад човек кој сака да успее во животот, настојува да вметне во работата нешто ново според последните стандарди и трендови во светот. На почетокот на мојата работа во Адора инженеринг, се посветив на воведување на стандардите ИСО 9001 и 14001, а потоа и на  енергетската ефикасност, за што ги посетував сите позначајни светски саеми и конференции во областа на високата градба, сè што видовме и можевме, применивме, и сега следиме и имплементираме во работата на Адора инжeнеринг. Најголеми промени воведовме во пристапот и односот кон клиентите, особено во грижата за купувачите, што ги подигнавме на повисоко ниво. Нашите 2.300 купувачи и нивните семејства се дел од големото семејство на Адора инженеринг, со кои негуваме непосредни и пријателски релации и по купувањето стан.

Каква е синергијата во рамки на топ менаџментот на компанијата, сега откако и вашиот помлад брат се вклучи во бизнисот?

Сега во овој период во менаџирањето со компанијата која постои 14 години, ни се придружи и брат ми Душко, кој мислам дека дојде во вистински момент, кога и мене и на нашиот шеф треба да ни наметне нешто ново, бидејќи без новитети, успех во работата нема. Од нашиот генерален директор можеме многу да научиме, како за  упорноста, прецизноста, концентрацијата, приоритетите во работата и организирањето на многубројните секојдневни обврски. Брат ми, заменикот генерален директор е во фаза кога мисли дека сè може наеднаш да се промени, каква што бев и јас на почетокот на работата, поради што имам и разбирање. Работата ме научи дека сепак за сè е потребно време, како за прилагодување, така и за успех. Јас сум сега пресреќна, можам послободно да дишам и одлично се чувствувам, кога знам дека е Душко тука и морам да кажам дека и многу подобро ги разбирам зборовите на генералниот директор кога ми велеше дека многу му значи кога знае дeка јас сум на работа, што сега се заокружи со екипирањето на топ менaџментот.

Не можеш да ја работиш денешната работа со методите од вчера и да останеш во бизнисот утре!
IMG_3915-dusko

Душко Чифлиганец, заменик генерален менаџер на Адора инженеринг

 

Најмладиот член од семејството Чифлиганец, Душко, неодамна се вклучи во компанијата, откако го заврши своето школување во Дубаи.

“Морам да признам дека чувствувам огромна одговорност, но истовремено да изразам и задоволство од привилегијата и довербата што ми е доверена!“, вели Чифлиганец помладиот.

“Со 22 години и скромно работно искуство пред мојот професионален ангажман во Адора Инженеринг, да застанеш на позицијата втор или трет човек во компанија од 350 вработени, етаблирана како лидер во градежниот сектор, од која секогаш се очекува префинетост и перфекционизам, да се прокламираш како заменик во вистинската смисла на зборот на човек кој од нула, со упорност и труд, изминативе 14 години секојдневно го градел својот сон создавајќи компанија за почит, еден од најдокажаните менаџери, лидери и градители во регионот и пошироко,  е работа во која нема простор за импровизации, за што треба решителност и пред сè визија за секој нареден ден како и во која насока ќе се оди натаму. Фактот што ние ја имаме една од најблагородните професии во општеството, а тоа е градењето домови, и додава уште поголема тежина на мојата работа. Улогата на високоградбата во општеството е обезбедување топол дом во кој купувачите и нивните поколенија ќе бидат безбедни, ќе се чуствуваат пријатно и во тој дом ќе го поминат најголемиот дел од својот живот. Поради ова, одговорноста на било која фирма од нашата индустрија е бескрајно голема и ниту најмалата грешка во градењето домови е недозволена!“, истакнува Душко Чифлиганец.

Што значеше школувањето во странство за вас? Колку интернационалниот амбиент ви помогна да ги проширите своите хоризонти за бизнисот, и животот воопшто?

За моето оформување како менаџер и како личност, огромна заслуга во тоа има мојот престој и школување надвор од Македонија. Четири години студирав на престижниот Американски универзитет во Дубаи, една од најдобрите школи за бизнис, економија и менаџмент на Блискиот Исток, регион кој е во огромен подем и од чии лидери може многу да се научи. Дубаи важи за најбрзо растечки град во светот, град со посебен акцент на градежништвото и урбанизмот, во кој придавките најголемо, најквалитетно, најдобро стојат задолжително пред секоја именка поврзана со градежништвото. Дубаи ме научи што значи да размислуваш на големо, ми ги прошири хоризонтите, ме направи жеден за успех и за докажување и ме убеди дека амбицијата е клучната особина што мора еден лидер да ја поседува, бидејќи без амбиција, тоа што денес е Дубаи, местото кое никого не го остава рамнодушен, би било обична пустина.

Кои се трендовите што вие како “свежа крв“ во топ менаџментот сакате да ги примените во бизнисот на Адора инженеринг?

Се трудам максимално секој модерен тренд, иновација и револуционерно решение во поглед на градежништвото, но и во поглед на менаџирањето со човечките ресурси, маркетингот, грижата за купувачите, обезбе-дувањето додадена вредност на производот за нашите клиенти, што сум ги  научил низ моето школување или согледал низ живеењето во едно од најусовршените општества на денешницата, да ги применам како во моето секојдневно работење така и во долгорочното планирање на нашите деловни проекти. Морам да изразам огромно задоволство и благодарност што мојот директор и воедно татко е многу отворен и желен за иновативност и ме охрабрува да размислувам за иднината, што сметам дека е клучно за една компанија да чекори напред.

Она што не поврзува со генералниот директор е што не стравуваме да сонуваме на големо и да влегуваме во предизвици што некои би ги оцениле како преголеми. Покрај сите привилегии кои ми се овозможени во животот, за мене најголема привилегија е што до мене секојдневно го имам мојот директор, татко и ментор кој за мене претставува универзитет за себе, кој содржи и може да пренесе повеќе знаење, мотивација и желба од било која друга школа на светот. Eдна од најважните работи и вредности што ги воочив од директорот и пред сè од човекот Чифлиганец е тоа што тој е посреќен кога некому нешто дава отколку кога зема, макар и вредно заработеното и сум му крајно благодарен што во сржта ми ги всади хуманоста и солидарноста.

Кои основни цели си ги поставивте вие, сега откако сте вклучени во топ менаџментот на Адора инженеринг?

Досегашното искуство на директорот Чифлиганец, остварениот раст на компанијата во изминатите години кој се пркоси со секоја економска логика, нашата способност да се бориме успешно против конкуренцијата од секаков вид, ме охрабрува да продолжам да размислувам на овој начин и да ја водам компанијата во нови предизвици, што ние во Адора инженеринг ги гледаме како шанси за докажување. Од работењето досега, согледав дека еден лидер е онолку добар колку што е добар тимот кој стои зад него. Адора инженеринг во оваа 2015-та  година исполнета со неизвесности од секаков карактер, влезе оптимистички со 50 милиони евра инвестиции и изградба на нови 1.100 станови и повторно профитиравме од нашата храброст и решителност! Во иднина продолжуваме со пионерските идеи во градењето домови и грижата за купувачите, продолжуваме интензивно да ја зацврстуваме позицијата лидер во високоградбата и паралелно работиме на планови за диверзификација и проширување на нашето бизнис портфолио во други иновативни, напредни и еколошки бизнис сфери. Нашата филозофија во бизнисот најдобро се опишува преку следнава максима: Не можеш да ја работиш денешната работа со методите од вчера и да останеш во бизнисот утре!

 

 

 

 

One thought on “Талентот ти помага да победиш во мечот, но тимската работа го освојува шампионатот!

  1. Благодарност до вас Г-не Чифлиганец.за вашата ажурност да сварте долку многу добри дела ,каде што ја искажувате вашата професионалост према вашите вработени. И само мала исправка бидејки во вашата фирма има вработено 350 вработени но не заборавете дека постојаат и Фирми кои ги ангажирате за вашите потреби ,така да индиректно ги помагате и нивните вработени .Значи не сте само 350 вработени ,,вие сте творец на многу поголемо вработување.,,Господ да ви даде здравје и уште многу години успешна соработка..

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×