Татјана Јордева Тимовска: Ниту една цел или сон нема да прераснат во реалност ако не се вложи многу труд и напор
Објавено на од во Интервју

Jordeva Tatjana WEB 961 01Татјана Јордева Тимовска
генерален менаџер на ДИК ФАГУС

Компанијата ДИК Фагус е пример на успешен семеен бизнис е една од најуспешните компании во македонската индустрија за мебел, која веќе 13 години заедно со 450 вработени успева со многу љубов и емоции дрвото да го преточи во столици. Речиси целото производство се извезува низ целиот свет, почнувајќи од Обединетото Кралство, преку Германија, Франција, Белгија, Холандија, Италија, Норвешка, Данска, Мароко, Бахреин, Австралија, Канада.
Во ова интервју за магазинот Капитал, генералниот менаџер Татјана Јордева Тимовска зборува за почетоците и развојот на бизнисот и за предизвиците што како жена менаџер ги има во управувањето со компанијата.

Oбјаснете ни накратко за поче-тоците и развојот на компанијата. Каде се наоѓа денес ДИК Фагус, по што е препознатлива на пазарот, колку вработени има и сл.?

Имав само 10 години кога во далечната 1990 година мојот татко одлучи да основа приватна компанија. Растев како што растеше и компанијата. Ги доживував сите убави и тешки моменти што ги носи еден ваков динамичен развој. Постојано ме следеше чувството да помогнам во сето она што го работеше мојот татко и со нетрпение го чекав моментот кога ќе можам активно да се вклучам во целиот процес.

За време на студиите на Економскиот факултет почнаа и моите почетни активности во компанијата. Тоа за мене беше поврзување на теоријата и праксата. Чувството дека имам свој придонес во работата на компанијата ме правеше среќна и веќе ја дефинираше мојата определба да бидам дел од тимот предводен од татко ми. Моето дипломирање на Економскиот факултет се поклопи со купувањето на штипски Мебел. Тука беше моето прво вработување, каде што активно бев вклучена и работев во секој сегмент на компанијата, сакајќи да ги откријам сите фази од производниот процес (од магацин до завршно одделение). Потоа ја добив и мојата прва одговорна задача да работам на развој и маркетинг на компанијата, предизвик кој бараше знаење, храброст и макотрпна работа.

MFDS-6- WEB 961Ниту една цел и сон во животот нема да прераснат во реалност ако не се вложи многу труд и напор.

Активно учествував во тимот кој покажуваше се подобри и подобри резултати, како во дизајнот на производите, така и во изнаоѓањето на нови партнери. Успеавме производите на Мебел (прозори и врати) да ги пласираме во Јапонија, Белгија, Грција. Мебел растеше секојдневно и постигнувавме големи резултати на полето на кое работевме.

Еден ден случајно наидовме на оглас за продажба на фабрика во стечај за производство на столици Црн Бор во Пехчево, која во моментот броеше 120 стечајни вработени, во својот производен дел имаше едвај два модела на столици кои не беа конкурентни на пазарот, беше на работ на опстојување. Прочуената и надалеку позната фабрика беше огласена на продажба, поради тоа што нејзиниот опстанок беше невозможен. Се заинтересиравме за овој оглас и одлучивме да учествуваме во купувањето на истата, па така во 2005 година Црн Бор Пехчево преминува во сопственост на Мебел Штип.

Купувањето на оваа фабрика всушност беше нашиот следен предизвик, да создадеме компанија која ќе се воздигне како феникс од пепелта.

Денес веќе позната во светски рамки компанија ДИК Фагус го има добиено своето име од латинското име на Бука ( Fagus salvaticca), широко распространето дрво во Европа, познато уште и како “Lady of the woods” идеално дрво за изработка на столици.

Компанијата ДИК Фагус со многу љубов и емоции ова дрво го преточува во столици во текот на овие 13 години.

Комбинацијата на знаење креативен дух и внимателно одбрани материјали ги создаваат нашите совршени производи. ДИК Фагус активно придонесува во заштита и зачувување на животната околина. Оваа компанија е членка на платформата SEDEX, глобална непрофитна организација која се занимава со следење на општествените одговорности на компаниите, преку спроведување на годишни ревизии.

450-те вработени кои се вклучени во производството се грижат за влезот на суровините до финалниот производ, секој производ има строга контрола што овозможува висок квалитет.

ДИК Фагус не застанува на постоечкото, туку постојано работи на унапредување и квалитет. Оваа компанија учествува на голем број интернационални саеми како 10 години самостојно изложува на престижниот саем за мебел IMM во Келн, Германија, Саемот во Белград и многу други на кои привлекува внимание со својот квалитет, уметност и дизајн. Оваа година планираме да се претставиме на саемот во Москва кој ќе се одржи во месец декември. При учеството на интернационалните саеми компанијата го привлекува вниманието секому и заслужено, затоа што во својата понуда има повеќе од 600 модели.

Нашите актуелни дизајни и квалитет стекнуваат признание насекаде во светот.

Важно е цврсто да верувате во себе, да знаете што сакате, да имате јасна конкретна цел и визија кон што се движите, да се насочите кон активно работење и никогаш да не се откажувате.

Упорноста е најдобриот извор на успехот.

Колкав дел од производството оди за извоз и кои се најзначајни пазари за вас?      

Околу 99% од производите на ДИК Фагус денес се присутни насекаде во светот, почнувајќи од Обединетото Кралство, преку Германија, Франција, Белгија, Холандија, Италија, Норвешка, Данска, Мароко, Бахреин, Австралија, Канада.

Како е организирано менаџирањето во компанијата, со оглед дека е семејна фирма, кој за што е задолжен и кои се според вас главните предности, но и предизвици кога се води семеен бизнис којшто постојано расте?

Основач на компаниите е господинот Петре Јордев, кому сме безрезервно должни, бидејќи ни го пренел целокупното знаење и ни овозможил да се движиме по патот на успехот. Неговиот успех го продолжуваме.

Мојата позиција во компанијата е генерален менаџер, главен лидер на успешниот тим и главен виновник за тоа што производите на ДИК Фагус се присутни насекаде во светот.

Мојот брат Горан Јордев е активно вклучен во секојдневните активности на компанијата и донесувањето на значајни одлуки за истата. Тој е посебно вклучен во процесот на развој на нови дизајни и колекцијата SECRET by DIK FAGUS која е веќе познат водечки бренд.

Мојот сопруг Кире Тимовски од кој што ја имам безрезервната подршка во секој домен од моето работење. Тој е еден од главните виновници за брзиот раст и развој на нашата компанија.

Овде мора да ја споменам и мојата мајка со нејзината безрезервна подршка.

Нашиот успех пред се се огледа во заедничкото работење и сложното донесување на сите одлуки. Генерално, за сите одлуки заеднички се консултираме, но секогаш победува концептот кој е попрогресивен.

Сепак, убаво е да се работи во семеен бизнис. Довербата од страна на нашите партнери ја добиваме токму поради тоа што станува збор за семејна компанија.

Крајно време веќе е државата своето внимание да го насочи кон домашните компании, да ги мотивира повеќе да го пласираат својот производ во странство, да најде начин како да ги направи извозно поконкурентни, како на подобар начин би се дошло до решенија на проблемите во административниот дел со кои производителите секојдневно се соочуваат. Бидејќи државата има најголема корист од нив.

Каков е потенцијалот за раст на вашиот бизнис и како ја оценувате моменталната состојба во индустријата за мебел во земјава? Кои се најголемите предизвици за овој бизнис сектор?

Промени се случуваат секојдневно како што налагаат странските партнери. Во периодот од 2010 година, ДИК Фагус стана сопственик и на други производни погони во регионот, Напредок, Југотутун, Беровчанка и др. со помош на кои ја проширивме нашата производна дејност, а воедно и ги задоволуваме барањата на нашите странски партнери.

Во декември 2017 година ДИК Фагус стана сопственик и на познатата столичара Огражден од Берово, каде што за жал наидовме на негрижа и многу лошо управување со гигант со огромен потенцијал. Гигант кој оставил 800 лица на улица.

AMBurger-14 WEB 961Во поглед на прашањето поврзно со моменталната состојба на дрвната индустрија, овде се поставува прашањето: колку всушност во нашата држава има компании кои се извозно ориентирани и дали се знаете колку извозот и носи приливи на нашата држава?

Крајно време веќе е државата своето внимание да го насочи кон домашните компании, да ги мотивира повеќе да го пласираат својот производ во странство, да најде начин како да ги направи извозно поконкурентни, како на подобар начин би се дошло до решенија на проблемите во административниот дел со кои производителите секојдневно се соочуваат. Бидејќи државата има најголема корист од нив.

Моментално во дрвната индустрија се соочуваме со многу неповолна ситуација, при што пиланите извезуваат бичена и сушена граѓа, која сметам дека треба да биде забранета со закон, бидејќи во Македонија има доволен потенцијал на капацитети од нашата индустриска гранка кои можат да ја обработат истата и да извезат многу попрофитабилен производ.

Како вие лично го постигнувате балансот во водењето на бизнисот, семејните обврски и општествено – одговорните ангажмани?

Најубавиот дел од денот за мене е кога се враќам дома кај моите најсакани.

Нивната љубов и подршка е најдобрата награда за мене лично. Мојот сопруг е исто така вклучен и работи во семејниот бизнис, со тоа што има огромно разбирање за обемот на работните обврски, на што сум особено благодарна.

Би сакала нашиот син да ја прифати нашата работна етика, која значи вложување на голем труд и посветеност кон успешност.

Што е според вас предноста на жената на раководна позиција во компанија, организација, политика и сл.?

Ако сакате нешто да биде сработено, побарајте го од жена. Жените имаат значајна улога во менаџирањето. Тие не се само едуцирани, талентирани, доверливи, амбициозни и насочени кон кариерата, но тие се во исто време и самостојни. Ова им помага да се соочат со задачите, да ги менаџираат сите обврски и да направат баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот.

Кои се за вас најбитните вредности на коишто вие како генерален менаџер инсистирате да се негуваат во компанијата?

Среќни работници значат среќни купувачи. Создаваме производ со луѓе и за луѓе. Промовирајќи ја културата, превенцијата и етичките принципи на успешен бизнис ДИК Фагус секогаш и на секое место нуди повеќе отколку што се бара од него.

Инвестирањето во вработените, нивното здравје и сигурност формираат човечки капитал со голем потенцијал.

Социјално одговорната пракса внатре во компанијата го вклучува овој капитал за управување со промените, градејќи кај секој поединец свест за значењето на неговиот придонес во фирмата.

На задоволството на своите купувачи ДИК Фагус смета дека квалитетот е проблем кој треба да се реши, квалитетот е одлична работна можност и имот на кој се базира стратегијата на општествена одговорност на ДИК Фагус.

Нашата цел е да ги мотивираме вработените да ја сакаат и почитуваат, и на тој начин да се грижат за компанијата.

Какви се плановите за идниот раст и развој на компанијата?

Нашите идни планови како што споменав се насочени кон рестартирање , обновување и успешно отпочнување со работа на фабриката Огражден.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×