TeachHoot, првата македонска платформа за онлајн приватни часови
Објавено на од во Start-up

 

Strtup 940

Онлајн платформата за приватни часови што ја креираа Тошо Мицевски и Деан Живковски ја елиминира потребата од губење време по патишта и сообраќај, ви заштедува на транспортни трошоци и ви овозможува да учите од кое било место, каде што има пристап до интернет, со квалитетен тутор.

Ги спојуваме предавачите и слушателите во виртуелна училница

Со Тошо Мицевски, ко – основачот на TeachHoot, се запознав пред точно една година, за време на конференција за стартапи во Скопје. Во неврзан муабет ми кажа дека со неговиот бизнис ортак спремаат нешто многу интересно, досега невидено на македонскиот пазар – онлајн платформа за приватни часови во виртуелна средина.

Го прашав што точно ќе значи платформата, ми одговори “па види вака, наједноставно кажано, ако имаш потреба од часови по било што – странски јазици, програмирање, математика… – се закачуваш на TeachHoot, си наоѓаш професор/тутор што ти одговара од базата што ја имаме, закажуваш час преку систем на пораки, во време кое најмногу ви одговара и на двајцата.“

Strtup 940 frejm“Само, имаме да средиме уште некои финеси  и технички детали, па за некој месец, јануари – февруари, мислам дека ќе може да покажеме што сме направиле“, ми рече Мицевски во таа прилика. Некаде пролетта оваа година, повторно го сретнав Тошо, повторно на некој настан поврзан со стартап сцената, и се сетив на неговата најава од претходната есен. “Бидна ли платформата“, го прашав, а тој само низ иронична насмевка ми одговори нешто во стилот “Полека, има време, нема да е интересно ако сè oди според планот, нели“. “Шегата на страна“, ми рече, “имаме проблем додека најдеме саглам провајдер на финансиски услуги  преку кого што ќе оди наплатата на услугите што ќе ги нуди платформата. Банките едноставно не се прилагодени кон потребите на бизнисите од овој тип.“

И конечно, неодамна, добив порака на месенџер “Почнавме, фала Богу, ќе ти објаснам сè деновиве!“, па седнавме со Тошо и неговиот сопатник во целата оваа претприемачка авантура, Деан Живковски, на едно кафе, да ги раскажат првите впечатоци од функционирањето на TeachHoot.

Заштеда на време и пари

“Добро е, конечно тргнавме официјално на 15 септември, иако делови од системот за наплата беа во доизработка. Имаме веќе преку 20 тутори регистрирани во нашата база, коишто даваат часови од различни области. Цените на часовите се индивидуално поставени од туторите. Со помош на нашите паметни филтри, можете да го изберете оној тутор кој највеќе одговара на вашиот буџет.“, објаснуваат творците на TeachHoot.

Часот се одржува во виртуелна онлајн училница, каде што  со помош на најразновидни интерактивни алатки, се пренесува знаењето од туторот до ученикот.

Strtup 940 WEB 01

“Стартап не е моден тренд, или играчка за богати деца. Стартап, особено во Македонија, значи многу жртвување, откажување од разни нешта, непроспиени ноќи, борба со ригидна бирократија или пак со неподготвени банки за дигиталното време“, велат основачите на TeachHoot

“Зошто е практична нашава платформа? На Запад веќе одамна функционираат овој тип на сервиси, затоа што луѓето се постојано во некаква трка со дневниот распоред,  само ние овде на Балканот некако сме великодушни во расфрлањето со времето коешто е скапоцен ресурс денес“, вели Живковски.

А, TeachHoot им заштедува токму тоа, време, на слушателите на предавањата, или пак на нивните родители доколку нивните деца треба да ги однесат  кај професор по математика или англиски, но понекогаш и на самите предавачи доколку тие треба да одат дома кај слушателите. Тука се заштедуваат и пари за бензин, автобус, такси, паркинг место и сл. Лошите временски  услови, загаденоста на воздухот, сообраќајниот метеж, далечината, зафатениот распоред, итн. сега веќе не мора да бидат пречка при остварувањето на некоја образовна потреба, истакнуваат од TeachHoot.

“На крајот на краиштата, со онлајн приватните часови вие не мора да сте ни во истиот град со вашиот предавач, дури ни во истата држава. Насекаде во светот има побарувачка за знаење, како и понуда на тутори што може да го споделат тоа со другите. Засега ја разработуваме платформата во Македонија, но за во иднина, зошто да не, би се обиделе и на други пазари каде што сè уште не се развиени вакви сервиси.“, додава Живковски, којшто и самиот е тутор по програмски јазици на TeachHoot.

Ако не сакате цел час, “професорот був“ може и само да ви реши домашна задача

Платформата функционира едноставно и барем засега има два модули. Првиот е класично туторство, слушателите избираат тема, пронаоѓаат тутор, се договараат за цена и веднаш по плаќањето започнуваат часовите. На располагање се куп алатки кои овозможуваат поедноставно објаснување и решавање на проблемите. По истекот на часот, видео екранот автоматски се затвора и туторот и ученикот се враќаат во текст пораките каде може да се договорат за нов час. Дополнително, по завршувањето на часот ученикот може да остави некој коментар и рејтинг за одржаниот час.
“Доколку пак, не сакате да закажете цел приватен час, а ви е потребно еднократно брзо решение на одреден образовен проблем, може да ја искористите втората функционалност, објава на проблеми“, објаснуваат Тошо и Деан.

Со оваа функционалност едноставно објавувате специфичен образовен проблем (на пример: задача по математика, помош во изработка на семинарска, пишување на есеј, проблеми во кодирањето итн.) и поставувате време колку да трае објавата. Објавениот проблем се праќа до туторите во соодветно избраната образовна категорија. Туторите потоа ви праќаат понуди за решавање на тој проблем. Од сите добиени понуди за решение, ја избирате онаа која највеќе одговара на вашите потреби.


tutors default iconsСлушај паталец, не гаталец

И за да сето ова со TeachHoot не изгледа како некоја волшебна стартап бајка, се погрижиле еден куп фактори што стојат како пречки  – Тошо и Деан низ смеа велат дека повеќе им се допаѓа терминот “предизвици“ – на патот до успешната реализација на сето тоа што го замислиле.

“Еве, да претпоставиме дека ќе најдеш пари за да го направиш продуктот што си го замислил, а тоа е еден од најтешките предизвици. Велат дека идејата била најбитна, пари лесно се наоѓале за добра идеја. Слатко се смеам на ова, и ги поканувам сите што така мислат нека влезат во стартап авантура. Законските  регулативи се не до крај јасни за стартап компании во област на ИТ и веб апликации. Или имате лоши или никакви закони, односно се ставаат во ист кош напредни технолошки решенија со секојдневни офлајн бизниси, како локален маркет и сл. Не постои флексибилност кај државните служби, веднаш гледаат како да те казнат и да ти одмогнат ако веќе не може да ти помогнат. Потоа, како што ти споменав и претходно, се изнамачивме да најдеме банка со којашто ќе ги регулираме онлајн плаќањата на платформава. Повеќето банки не се спремни за поддршка на онлајн бизнисите, колку  и да се декларираат дека се. Немаат разбирање за вашиот бизнис модел и упорно си наплаќаат провизии коишто на мали суми трансакции немаат никаков резон“, вели Тошо Мицевски.

Тој додава  и дека неможноста да се наплаќа преку PayPal од Македонија или слични финансиски сервиси како опција, не им помага воопшто во развојот на онлајн сервис за услуги.

“Пазарот е мал и со слаба куповна моќ, а македонскиот потрошувач скептичен и ригиден кон прифаќањето на нови работи од дигиталната ера, плаќањето преку интернет и сл. Ни пречи и општата незаинтересираност и амбивалентност на општеството во целина кон преземање ризици и иновации, како и недостиг на соодветен специјализиран и технички кадар за развој на компании во технолошките области“.

 

 

 

 

[/freetext]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×