Технолошки трендови за 2015: ИТ се сели во „облаците“, 3Д-принтерите кај „масите“, ќе им расте „IQ-то“ на машините
Објавено на од во hi-tech & business

И просечниот, барем повремено ажуриран корисник на благодетите на модерната технологија, лесно може да ги фати конците што водат до она што ќе се случува на технолошки план во новата година. Водечките светски аналитички фирми, IDC, Gartner, Forrester, трендовите ги измерија и во бројки, за да нема сомнеж во која технологија да инвестирате за најдобро да ви се врати

Дека иднината е веќе тука, барем што се однесува до технологијата, сведоци сме сите, но, поради брзината со која се случуваат дури и големите промени во овој контекст, можеби и не сме доволно свесни колку всушност е точно ова тврдење. Затоа BuzzFeed (еден од најпопуларните интернет извори на вести) неодамна објави „докази“, изложени преку 22 GIF-ови, дека 2014 година била „иднината“ во наведената смисла. BuzzFeed се повикува на апликациите кои преведуваат од еден на друг јазик во реално време, на холограмот во апликација за сладолед,на растот на капацитетот на Micro SD картичките од 128 MB во 2005 година, на 128 GB во 2014 … А кога иднината е веќе тука, лесно е да се предвидат технолошките трендови за наредната година – компаниите специјализирани за истражување и анализа на пазарот на информатичка технологија излегоа и со конкретни бројки за мерење на трендовите што ќе ги донесе 2015 година. Значи, кои технологии ќе експлодираат во новата година, носејќи им милијарди евра или долари на компаниите кои работат во соодветните области?

Клауд компјутингот ќе стане стандард

Изнајмувањето на потребната технологија, наместо нејзиното купување и инсталирање на локалните компјутери и мрежи, ќе продолжи да расте и во 2015 година. Според International Data Corporation (IDC), американската компанија за истражување и анализа на пазарот, специјализирана за информатичка технологија, телекомуникации и потрошувачка електроника, до 2017 година повеќето (60%) од технологијата што ја купуваат компаниите за своите центри за податоци ќе биде во некоја форма на „обработка во облак“. На „облаците“, во 2015 година, бизнисот ќе потроши 118 милијарди долари.

Интернетот на нештата ќе „закачува“ на интернет сѐ повеќе предмети

internet of thingsВеќе во 2015 значајно ќе се зголеми присуството на интернетот на нештата (IoT – Internet of things), односно, покрај апаратите за домаќинствата чипови ќе добијат и многу други уреди, за да може да им биде пристапено преку интеренет. Наредната година, според IDC, ќе бидат во употреба 4,9 милијарди вакви паметни геџети. Засега производството, комуналните услуги и транспортот ќе го разгазуваат патот, но веќе за пет години сите индустрии ќе ставаат сензори и чипови во сѐ и сешто. Ова се смета дека ќе креира голем пазар за клауд компјутингoт, и се очекува до 2018 година компаниите 40% од нивните IoT податоци да ги хостираат  во нечиј туѓ облак.

Контекстно-свесните системи ќе предизвикаат експолизија на буџетите за дигитален маркетинг

Ова особено добро ќе се одрази на бесплатните апликации чие опстојување зависи од рекламите. А ќе го овозможат контекстните системи, односно супер-моќните анализи на податоци, сѐ подлабоки, пошироки, и понезабележливи за корисниците, како во рамки на мрежите, така и надвор од нив. Овие системи ќе го разбираат контекстот и соодветно ќе реагираат на барањата и на потребите на корисниците, со што ќе добиваме попрецизни одговори и регулирано количество и квалитет на инфорамциите. И, секако, прецизно таргетирани, односно персонализирани реклами.

Ќе расте „IQ-то“ на машините

Анализите во комбинација со разбирањето на контекстот создаваат услови за појава на паметни машини. Напредните алгоритми ќе доведат до појава на системи кои се самообучуваат и функционираат автономно. Веќе постојат протитипови на автономни превозни средства, интелигентни роботи, виртуелни лични асистенти, кои, секако, ќе продолжат да се развиваат. Големи имиња на технологијата периодов предупредија на опасноста од потценувањето на брзината со која се развива вештачката интелигенција.

Да се видат податоците, сѐ повеќе ќе се сфаќа буквално

Пазарот на алатки кои овозможуваат визуелизација на податоците во 2015 година ќе расте 21 дo 22 пати побрзо од остатокот на пазарот за бизнис истражување (Business intelligence -BI), предвидува IDC. Технологиите што доаѓаат ќе овозможат континуирана анализа при стримувањето на податоци, благодарение на IoT.

Ќе мора да се зголемува сајбер-безбедноста

Она што им се случи на Target, Home Depot, Sony … со хакерските напади, е само најава на она што ќе се случува во 2015 година. На хакерски напади ќе бидат изложени и над 60% од големите бренд имиња, предвидува Forrester Research, независната компанија за истражување на техонологијата и на пазарот. Компаниите ќе трошат двојно повеќе на компјутерска безебдност од претходно, и ќе купат 100 милиони долари вредни полиси за сајбер-безбедност.

Отпечатокот од прст ќе ги замени пасвордите

biometricБиометриско скенирање, наместо „внеси пасворд“, ќе нудат сѐ повеќе уреди во 2015 година. Проценките на IDC се дека 15% од сите мобилни уреди во новата година ќе добијат можност да читаат отпечаток од прст.

Ќе порасне и понудата на интернет услуги за безбедност на вашиот уред. 15% од безбедноста ќе ја испорачуваат апликации што не се инсталирани на вашиот уред.

Паметните часовници ќе им го земат пазарот на фитнес геџетите

Gartner, компанијата специјализирана за следење и за анализи на подрачјето на информатичката технологија, предвидува дека во 2015 година дури половината од корисниците на дигитални фитнес алки ќе преминат на паметни часовници. Според математиките на Gartner продажбата на фитнес алките ќе падне од 70 милиони во 2014, на 68,1 милион во 2015. Во наредната година се очекува во котегоријата паметни часовници Apple Watch да биде неприкосновен владетел.

За нашето здравје ќе се грижат апликации

Во 2015 година болниците похрабро ќе влезат во дигитализација. Проценките се дека до 2018 година 65% од комуникацијата со здравствените организации луѓето ќе ја прават преку своите мобилни уреди, а дури 70% од нив ќе имаат апликации, заедно со додатоци за ставање на прст, на рака … кои ќе овозможат далечинско следење на здравјето, па, во одредени случаи, дури и витруелна нега.

Масовноста на 3Д печатачите ќе го демократизира производството

3dПродажбата на 3Д печатачи се очекува во 2015 година да порасне за 98%. Тие веќе ги менуваат сфаќањата во сферата на производство, но ќе станат изгледна опција за секој бизнис што има потреба од изработка на прототипови.

Генерално, бизнисот ќе троши повеќе пари на техологија од кога и да е претходно

На светско ниво потрошеното на информатичка технологија ќе порасне за 3,8% во 2015 година, односно на 3,8 илјади милијарди долари, предвидуваат IDC и Gartner.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×