Телекомите ќе се борат за корисници со нови содржини на мобилните уреди
Објавено на од во Teхнологија

e96d6584-6e72-45b5-9c70-0e03ba039c67Што по консолидацијата на пазарот

Со оглед на тоа што приходите од мобилната и фиксната телефонија на среден и долг рок ќе продолжат да паѓаат или во најдобар случај ќе останат на исто ниво, операторите својата конкурентност ќе треба да ја одржуваат преку проширување на услугите во доменот на интернет содржини на мобилните уреди, интегрираните услуги за бизнис корисниците, поддршка на развојот на апликации и сл.

 

Консолидацијата на домашниот пазар (по интегрирањето на Т-Мобиле и Македонски телеком во една компанија и спојувањето на Оне и Вип) за компаниите значи шанса да ги стабилизираат своите приходи и да тргнат повторно по патеката на растот. Последниве неколку години Македонски Телеком кумулативно гледано бележи значителен пад на приходите и добивката, за што постојат неколку причини, од кои најбитни се намалените цени на интерконекцијата, роамингот и зголемената конкуренција. Македонија е мал пазар и за целосно развиени телеком оператори постоеше едноставно преголема конкуренција, велат познавачите на пазарот. Изминативе години цените на телекомуникациските услуги, особено во мобилната телефонија, драстично паднаа, што, се разбира, е одлично за корисниците, но од друга страна, за операторите, значи сe’ помалку пари за инвестиции, заради помалите приходи.

Со оглед на тоа што приходите од мобилната и фиксната телефонија на среден и долг рок ќе продолжат да паѓаат или во најдобар случај ќе останат на исто ниво, операторите својата конкурентност ќе треба да ја одржуваат преку проширување на услугите во доменот на интернет содржини на мобилните уреди, интегрираните услуги за бизнис корисниците, поддршка на развојот на апликации и сл. Инвестициите во инфраструктура и усовршени технолошки решенија ќе донесат подобар квалитет на услугата, но аналитичарите велат дека, исто како и во ЕУ тоа ќе си има своја цена, што на крајот ќе ја платат корисниците преку поскапите месечни претплати. Згора на сè, како конкуренција на телеком операторите се јавуваат апликациите за комуникација, разноразните месенџери кои што користејќи ја инфраструктурата на телекомите, нудат бесплатни разговори и пораки за корисниците.

Скратените трошоци и покрај намалените приходи, ја качија добивката на телекомите

Telekom1 WEB 959 pita 03Приходите на Македонски телеком, и во 2017 година, како и повеќе години претходно, паѓаат, овој пат за 2,5%, на 166,2 милиони евра.

Компанијата ја одржува водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги, со 59,6% (нивна интерна проценка), на крајот од 2017 година.

Приходите од говорни услуги во 2017 година во фиксниот сегмент се намалиле за 12,2% во споредба со претходната година поради намалената претплата како и намалениот број на корисници на фиксна телефонија за 2,7% и намален појдовен сообраќај за 13,9%.

На пазарот на мобилната телефонија Македонски Телеком има удел на пазарот од 48,6% (интерна проценка). Базата на претплатници на крајот од 2017 година изнесува 1, 2 милиони претплатници и е намалена за 4,3% во однос на претходната година. Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од 2017 година се намалиле за 5,5% во споредба со претходната година. Ова намалување главно произлегува од намалените цени на националниот дојдовен мобилен сообраќај во терминација комбинирано со зголемениот обем на сообраќај и намалениот обем на меѓународен дојдовен сообраќај во терминација, компензирано со зголемувањето на приходите од пост-пејд. Комбинираниот ARPU (просечниот приход по корисник) е зголемен за 2,1% во споредба со претходната година, достигнувајќи 337 денари, главно придвижен од зголемувањето на учеството на пост-пејд претплатниците во вкупната база на претплатници.

Вкупниот број на пристапи на широкопојасен интернет на крајот од 2017 година е стабилен и изнесува 194,0 илјади во споредба со 194,2 илјади на крајот од претходната година, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет на крајот од 2017 година изнесува 46,0% (интерна проценка). Во однос на ТВ пазарот, Македонски Телеком има 28,2% (интерна проценка) удел од вкупниот ТВ пазар.
“IPTV (дигитална телевизија преку Интернет протокол) услугата, поради високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство, е добро прифатена на пазарот и компанијата оствари зголемување на бројот на корисници на IPTV (вклучувајќи Magenta 1, 3 Play и други TV услуги) за 9,1% во споредба со претходната година што резултираше со база од 117,5 илјади корисници на крајот од 2017 година.   Приходите од малопродажен Интернет и дигитална телевизија преку Интернет протокол („IPTV“) на крајот од 2017 година се зголемија за 1,8% во споредба со претходната година. “, се вели во образложението на финансиските резултати на Македонски Телеком.

Приходите од неговорни услуги на крајот од 2017 година се зголемија за 20,8% во споредба со претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем GPRS сообраќај и зголеменото користење на податочни тарифни модели.

Приходите од продажбата на опрема на крајот од 2017 година се зголемиле за 4,7% во споредба со претходната година, што се должи на повисока просечна продажна цена на мобилни апарати, делумно компензирано со пониската продажба на ТВ уреди и друга ИКТ опрема во фиксниот сегмент. Приходите од системска интеграција и ИТ услуги на крајот од 2017 година се намалиле за 50,3% во споредба со претходната година. Повисоките приходи во 2016 година биле резултат поголем број на ИКТ проекти.

На страната на трошоците, на крајот од 2017 година оперативните трошоци бележат намалување од 6,4% во споредба со претходната година. Имено, трошоците за вработени се намалени за 23,7% на крајот од 2017 година во споредба со претходната година. Намалувањето произлегува од значајните трошоци за отпремнини во 2016 година како и помалите трошоци за плати на крајот од 2017 година во споредба со претходната година.

Горенаведените движења на страната на приходите и трошоците резултираа со зголемување на нето добивката за 2017 година за 33,3% во споредба со претходната година, што резултираше во нето добивка од 22,4 милиони евра.

Telekom1 WEB 959 pita 01Главен предизвик: да се задржат корисниците

Според финансискиот резултат на групацијата Австрија Телеком, каде што се анализирани одделно и пазарите каде што компанијата има свои оператори, македонскиот Оне.Вип во сопственост на австриската групација, која пак е дел од телеком империјата на еден од најбогатите луѓе на планетава Карлос Слим, забележал пад на приходите од 4,5% минатата, 2017 година, на 114 милиони евра. Ова се должи пред с$ на падот на оперативниот приход, приходот од продажба на опрема и интерконекциските приходи, што не можел да се компензира доволно од растот на приходите што операторот ги стекнал од услугите во фиксната телефонија и роамингот, објаснува компанијата во извештајот.

Добивката пред амортизација, депресијација и даночење (EBITDA) на Оне.Вип пораснала за 15% лани, на 30,1 милиони евра заради кратењето на трошоците како последица на спојувањето на Оне и Вип, како и подобрените трендови во приходите од одредени услуги.

Капиталните трошоци на Оне.Вип во 2017 година изнесувале 21,3 милиони евра, што е за речиси 40% помалку од годината претходно.

“Во Македонија растот и развојот на компанијата останува во услови на висока конкуренција, како во сегментот на индивидуални, така и кај бизнис корисниците. Да се задржи корисникот стана главен предизвик за сите играчи на пазарот“, велат од Оне.Вип. Нивната анализа вели дека на пазарот за фиксни услуги, клиентите се ориентираат кон мултиплеј понудите, односно две или три услуги врзани во пакет (пр. Фиксна телефонија и интернет, или фиксна телефонија, интернет и телевизија, н.з.), што ја зголемува конкурентската предност на конвергентните оператори, како што се и самите. Со цел да профитира од зголемената побарувачка за податочен сообраќај и да се привлечат повеќе корисници со броудбенд продукти, Оне.Вип понуди WiFi рутери во мај минатата година.


Однос на силите на домашниот телеком пазар

Telekom Pazar WEB 959Македонски Телеком сè уште води во делот на фиксните линии; Оне.Вип е за нијанса подобар според бројот на претплатници во мобилната телефонија; Најголем дел од приходот од мобилен интернет го држи Македонски телеком; Оне.Вип е во благо водство кај преносот на ТВ содржините до крајни корисници; Расте бројот на претплатници што користат 4 услуги врзани во пакет – фиксна, мобилна телефонија, ТВ, интернет.

Според извештајот за македонскиот пазар на електронски комуникации што го изготвува Агенцијата за електронски комуникации, на крајот од вториот квартал од 2017 година (последниот достапен извештај) на пазарот на услуги од фиксната телефонија активни биле 17 провајдери, од коишто два доминираат – Македонски телеком со безмалку 58,9% удел, пред оне.Вип со 29,5%. Операторот Роби има 7%, Неотел 3,2%, итн. Во делот на мобилната телефонија, двата големи оператори го делат пазарниот колач во однос 49,57% наспроти 47,97% во корист на Оне.Вип, додека виртуелниот оператор Лајкамобил којшто на пазарот влезе кон средината на 2016 година, на крајот од вториот квартал од 2017 стигнал до 2,46% од претплатниците.
На пазарот за мобилна телефонија од извештајот на АЕК се гледа дека бројот на активни претплатници на крајот од јуни 2017 е помал за 1,29% во однос на истиот период 2016.

На пазарот пак на фиксен пристап до широкопојасен интернет, ситуацијата е следнава: Македонски Телеком држи 40,97% од бројот на активни претплатници, оне.Вип 27,61%, Роби 16,89%, Инел Интернационал 1,38%, Неотел 1,37%, Кабел Нет 1,35%, и останатите 8,43%.

Во делот на мобилниот интернет, учеството на операторите во вкупниот број активни претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) е 52,18% на оне.Вип, 46,51% за Македонски телеком и 1,31% на Лајкамобил.

На домашниот пазар преносот на ТВ содржини до крајните корисници се пренесува преку кабелска телевизија (55%), дигитална телевизија преку интернет протокол IPTV (28,9%), дигитална терестријална телевизија DVB – T (10,95%) и сателитска телевизија (5,1%).

Пазарниот удел, пак, на операторите во преносот на ТВ содржини до крајните корисници изгледа вака: води оне.Вип со 31,06% учество, пред Македонски Телеком со 28,73%, кабелскиот оператор Роби со 21,8%, Тотал ТВ со 5,1%, итн.

Telekom1 WEB 959 pita 02Трендови во телеком индустријата

Добивме брз интернет на нашите смартфони, гледаме видеа тешки по неколку гигабајти и сл., споделуваме слики и документи на cloud, закачени сме на социјалните мрежи по цел ден…Што е следното големо нешто во мобилната технологија?

Telekom1 WEB 959 brojki5 G технологија

Денес во светски рамки се зборува за технологијата на иднината – 5G. Оваа технологија не само што ќе донесе поголема стабилност на сигналот и побрз интернет, туку и ќе направи голем исчекор во секојдневниот живот и бизнисот. 5G сосема ќе го смени начинот на кој функционира нашето општество: машините ќе комуницираат со други машини, ќе живееме во паметни домови и паметни градови, ќе возиме паметни автомобили, како и многу други придобивки, кои денес не можеме ни да ги замислиме. Се очекува оваа технологија да биде имплементирана во Европа до 2020 година.

Internet of things (IoT)

Аналитичката куќа IDC прогнозира дека до 2020 година во светот преку 29 милијарди уреди ќе бидат поврзани преку интернет. Cisco пак предвидува дека ќе бидат преку 50 милијарди. Сите овие поврзани уреди покренуваат нови индустрии и извори на приходи до ниво од преку 1.700 милијарди долари до 2020 година, според предвидувањата на аналитичарите. За сето ова да функционира како што треба, мора телекомуникациските мрежи да бидат беспрекорни, затоа што замислете вашата “паметна куќа“ да не успее да јави на време дека влегол некој провалник или не дај Боже избувнал пожар, затоа што телеком мрежата не била добра во моментот.

Комплексноста ќе порасне

Како што ќе расте побарувачката за сè поефикасни телеком услуги, така операторите ќе мора да се соочат со фактот дека нивните продукти ќе стануваат сè покомплицирани. Но, корисниците не обожуваат животот и работата да им се комплицира, па предизвикот за телекомите ќе биде како да бидат свежи и ефективни во понудата, а да ги поедноставуваат продуктите.

Справување со огромни количини податоци (big data)

И 5G, и Интернет на нештата (IoT), и многу други иновации што допрва ќе следат во технологијата, ќе постават пред телеком операторите предизвик за обезбедување конекции со огромни брзини способни за справување со огромни количини податоци.

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×