Тевдовски предложи државен буџет за 2018 година од 3,44 милијарди евра
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Владата и државните институции следната година планираат да потрошат вкупно 3,44 милијарди евра, покажува предлог буџетот за 2018 година што денеска го претстави министерот за финансии, Драган Тевдовски. Ова е за 4,7% поголем буџет споредено со годинашниот.

Приходите во државната каса од даноци, придонеси и другите јавни давачки, пак, се проектирани на 3,14 милијарди евра, односно 4,1% повеќе од тековниот буџет.

Разликата меѓу расходите и приходите ќе изнесува околу 296 милиони евра, односно 2,7% од бруто домашниот производ (БДП), а како што истакна министерот Тевдовски, ќе се финансира со задолжувања и на домашниот и на странскиот пазар.

Во однос на приходите, Министерството за финансии ја одложи даночната реформа, односно воведувањето на прогресивен персонален данок за јануари 2019 година, а една од најголемите промени е зголемување на акцизата на нафта за 3 денари. Според проценките на Министерството, се очекува зголемување на приливот во државната каса за 26 милиони евра и уште 5,7 милиони евра од ДДВ, а според министерот Тевдовски, тоа нема да ги зголеми малопродажните цени повеќе од 1,7% колку што е проектирана инфлацијата догодина.

Стапката на социјални придонеси останува иста, но се менува максималната основица за плаќање. Односно, ако досега придонеси се плаќаа на најмногу 12 просечни плати односно 4.500 евра, новата Влада ќе наплатува придонеси до најмногу 16 просечни плати, односно до 6.000 евра.

Во однос на тоа како ќе се трошат народните пари, Тевдовски истакна дека се намалуваат трошоците за стоки и услуги за 2,4%, што се всушност најмалку продуктивните расходи од буџетот. За плати на јавниот сектор се предвидени 440 милиони евра, односно 1,7% повеќе од годинава, а се планира зголемување на платите на армискиот состав за 10% од јануари следната година, и по 5% повеќе за вработените во здравствениот и образовниот сектор почнувајќи со платите од септември следната година. За пензии се предвидени 878 милиони евра.

За активни политики за вработување во новиот буџет се предвидени 16 милиони евра, за поддршка на приватните компании вкупно 32 милиони евра, од кои малку повеќе од половината за домашни фирми, и останатите како државна помош за странските инвеститори.

За капитални инвестиции, предвидени се вкупно 400 милиони евра, што е за 5,7% повеќе отколку годинава. Од нив, речиси 57 милиони евра за патна и железничка инфраструктура, односно за завршување на патната делница Демир Капија – Смоквица од коридорот 10, реконструкција на железничката инфраструктура од Коридорот 10, интензивирање на изградбата на железницата од Коридорот 8. За комунална и енергетска инфраструктура вкупно 96 милиони евра, за изградба на технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) 7 милиони евра, за инвестиции во училишта, детски градинки, студентски домови и спортски објекти вкупно 39 милиони евра и околу 31 милиони евра за објекти во здравствениот сектор.

Ова е предлог буџет проектиран на економски раст од 3,2% а Министерството за финансии се уште не го доставило предлогот до Владата на усвојување. Министерот Тевдовски денеска ги претстави контурите на буџетот за 2018 година пред новинарите, претставници на бизнис секторот, синдикатите, меѓународните финансиски институции и на граѓанскиот сектор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×