Тиам ги урива расните бариери во светскиот бизнис
Објавено на од во луѓе и компании
Целата кариера, Тидјане Тиам ја помина борејќи се против предрасудите. Во овој момент како нов извршен директор на „Credit Suisse“, има шанса да остави траен белег во банкарскиот свет

Веста дека швајцарскиот банкарски гигант „Credit Suisse“ го назначи Тидјане Тиам за нов извршен директор без претходно искуство во банкарскиот сектор, изненади многумина кои не беа свесни за квалитетите кои тој ги поседува. Сепак, за оние кои беа запознаени со неговата кариера, оваа новост и не беше некакво изненадување.
Познат е по лидерските способности во водечкиот британски осигурителен провајдер „Prudential“, каде во изминатите шест години ја извршуваше функцијата извршен директор. Но неговата 30-годишна кариера е далеку поинтересна и различна, отколку на голем дел од денешните бизнис лидери. Почнувајќи од политичкиот ангажман во родната земја, Брегот на Слоновата коска, функциите во консултанската компанија „McKinsey“, па се до последниот успех на „FTSE 100 company“, станувајќи првиот црномурест директор кој ја предводи листата на диркетори на компании што котираат на Лондонската берза.
Роден е во 1962 во Брегот на слоновата коска, а потекнува од две познати фамилии. Татко му долги години извршувал функции во владата на премиерот Хоуфуе Боињи, додека вујко му речиси една деценија бил премиер на Сенегал. Голем дел од образовниот процес го минува во Франција, а во 1982 година станува првиот човек во матичната земја кој успева да се запише на француската Политехничка школа, а нешто подоцна да продолжи на „Écolate Nationale Supériere des Mines de Paris“. Во истиот период добива стипендија за магистерски студии од највисок ранг на престижната бизнис школа„INSEAD“, а во 1989 кратко престојува во Светската Банка како дел од Професионалната програма за млади. Подоцна се враќа во „McKinsey“ каде останува следните четири години.

Политичка кариера

Во 1994 Тиам се враќа во родната земја каде ја започнува политичката кариера. Новоизбраниот претседател на Брегот на Слоновата коска, Хенри Конан Бедие, го назначува за извршен директор на Националното биро за технички истражувања и развој. Голем дел од обврските вклучуваат преговори со Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Во 1998 станува претседател на бирото, пред официјално да биде промовиран како Министер за планирање и развој. Поради успехот околу привлекување на директни странски инвестиции, добива одговорност за проектите „Azito Power Plant“ и модернизација на аеродромот во Абиџан.

Исто така, тој успешно ја спроведува приватизацијата во многу клучни сектори, меѓу кои телекомуникацискиот, енергетскиот и земјоделскиот, односно воздухопловството и железеничкиот сообраќај. Тиам е директно одговорен и за зајакнување на економијата на Брегот на Слоновата коска, а Светскиот економски форум го вброи во топ 100 успешни лидери на глобално ниво за 1998.

Tidjane Tiam2

Тидјане Тиам со неговиот претходник на челото на Credit Suisse, Бреди Дуган

Но неговиот ангажман завршува, откако војската на Брегот на Слоновата коска врши државен удар во земјата. За време на „револуцијата“, Тиам се наоѓа во Париз, а по враќањето во родната земја се соочува со притвор. Подоцна генералот Гуеи му нуди ангажман како шеф во новиот кабинет, но тој одлучува да се вклучи како соработник во компанијата „McKinsey“, станувајќи еден од најистакнатите луѓе во финансискиот сектор.

Тиам во интервју за британски „Гардијан“, својот политички ангажман го опишува како еден тежок период, каде режимот навистина може да биде суров кон луѓето.

„Во основа во третиот свет имате два видови на режими. Еден е оној кој врши терор, додека друг кој не го прави тоа. Навистина сум горд што бев дел од владата на Брегот на Слоновата коска до 1999, бидејќи живеевме во држава каде политичарите н$ убиваа“, вели Тиам.

Како што истакнува, политиката не е нешто на кое би сакал да се навраќа, притоа давајќи предност на својата бизнис кариера.

„Секогаш викав дека не сум политичар и дека го сакам бизнисот. Сакам да имам верба во човечката природа. Една работа која ја чувствувам за политиката е доколку не сакате да изгубите каква било доверба која ја имате во луѓето, останете во бизнисот“, објаснува тој.

Назад во бизнисот

Враќајќи се во светот на бизнисот, Тиам за кратко време ги искачува скалилата во „McKinsey“, пред да се приклучи на британската осигурителна компанија „Aviva“ во 2002. Започнува како директор одговорен за развој на компанијата, а подоцна е назначен како шеф на „Aviva International“ и извршен директор на „Aviva Europe“.

Откако тогашниот извршен директор Ричар Харвеј се повлекува од функцијата во 2007 година, во месец мај Тиам е ангажиран да застане на чело на компанијата. Тој се приклучува на осигурителниот гигант неколку месеци претходно, пред да биде презем од конкурентската „Prudential“, каде добива нова улога – финансиски директор.

Annual Meeting of the New Champions 2011

Тиам на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија

 

Две години подоцна станува извршен директор и тоа во периодот на светската економска криза. Тој станува првиот црномурест човек назначен на оваа функција поради богатото искуство и вештини. Ангажманот во „Prudential“ се карактеризира како потреба од опстанување во еден турбулентен период на пазарот. Амбициозниот обид да го купи азискиот осигурителен гигант за 35.5 милијарди долари пропаѓа. Иако многумина го критикуваа дека нуди премногу пари, набрзо AIG драситчно ја зголеми вредноста на Хонгконшката берза. Оттогаш тој успеа да ги зголеми акциите на „Prudential“ за речиси 150%.

Швајцарска епизода

Успехот во „Prudential“ го привлече вниманието на „Credit Suisse“, која бараше замена за извршниот директор во заминување Бреди Дуган. Претседателот Урс Рохнер ја позрави одлуката за назначување на Тиам за нов лидер на швајцарскиот гигант.

„Со него како моќен и истакнат лидер со импресивна позадина во светскиот финансиски сектор, тој ќе го преземе кормилото на нашата банка. Големото меѓународно искуство, меѓу кое управувањето со средства и освојувањето на нови пазари, обезбедува цврста основа за водење на „Credit Suisse“. Како извршен на Prudential тој имаше извондреден успех со оглед на тоа што се случуваше во еден предизвикувачки период“, вели Рохнер.

Тиам за „Гардијан“ изјави дека му е чест што ќе има можност да го води швајцарскиот банкарски гигант.

„Credit Suisse има извондреден бизнис, одлични луѓе и солидна стратегија, Ќе работам со сениорскиот тим на менаџментот, Бордот на директори и сите вработени“, изјави Тиам.

Долгогодишната кариера на Тиам му носи репутација на пионер и прагматист, а многумина го „величат“ како светла точка во британскиот бизнис свет. Назначувањето за нов извршен директор во банката беше поздравено од голем број инвеститори, а вредноста на акциите за краток временски период пораснаа за 8%.

 

„Credit Suisse“ низ бројки:

-1856 г. формирана
-24.2 милијарди евра приход од 2014
-2.24 милијарди евра профит во 2014
-46 000 вработени

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×