Тобијас Боле: Потребни се силни и посветени компании за да успее дуалното стручно образование
Објавено на од во Економија

IMG_6739-naslovnaТобијас Боле

Експерт за дуaлно стручно образование, пратен во Република Македонија од Германската комора за индустрија и трговија во Берлин и Сојузното министерството за економија и енергетика
Во време кога проектот за дуално образование се најавува како решение за големиот проблем со недостиг на обучена работна сила, Капитал направи ексклузивно интервју со експертот за дуално образование и проект менаџер на пилот-проектот во земјава, Тобијас Боле, пратен во Република Македонија од Германската комора за индустрија и трговија во Берлин и Сојузното министерството за економија и енергетика

 

За реформата на македонското образование, за која веќе извесно време се говори храбро но сепак тивко, за дуалното стручно образование која се уште е во пилот проект во Република Македонија, Капитал разговараше со експертот за дуално образование и проект менаџер на пилот-проектот во земјава, Тобијас Боле, еден од советниците кои беа најавувани при посетата на канцеларката Ангела Меркел, дека ќе асистираат во спроведувањето на дуалното стручно образование. Тој е во Македонија од април 2017 година, со цел да помогне при имплементацијата на дуалното стручно образование, но и да ги предводи консултациите во јавното-приватно партнерство помеѓу бизнис заедницата и Владата на Република Македонија, односно Министерството за образование и наука.

Дел од неговите ставови искажани во разговорот пренесовме во анализата со наслов „ Дуалното образование – надеж во лажичка за македонскиот бизнис“(Капитал – 8.02.2019).

Кој е иницијатор, а кој медијатор за ваквиот храбар потег за реконструкција на застарениот и сè понеупотреблив систем на образование, Тобијас Боле вели „ Ние сме иницијатори и медијатори“. Иницијатори, бидејќи Германија прва го започнала овој модел за дуално стручно образование, но и медијатори и партнер на владата „бидејќи тука се германски и американски компании кои што првично се вклучија во проектот за дуалното стручно образование“, вели тој.

Како иницијатори, организацијата преку која што работи на имплементација на овој проект, има улога да пренесе знаење, кое, како што вели тој „ го носиме од Германија, но исто така и за потребите на компаниите ние носиме и обучувачи кои што ги обучуваат вработените во компаниите кои што ќе го спроведуваат дуалното стручно образование“.

„Во улога на партнери на владата“, продолжува во својот одговор Боле, „затоа што нам ни се потребни партнери од стручните училишта и се разбира Министерството за образование и наука“.

Во повеќе наврати по посетата на германската канцеларка Ангела Меркел беше најавувано дека во земјава ќе пристигнат двајца советници од Германската комора за индустрија и трговија во Берлин и Сојузното министерството за економија и енергетика , кои ќе помогнат во спроведувањето на дуалното стручно образование. Она на што и македонската бизнис заедница веќе подолго време се надева и го очекува. Образовниот систем кој ден поскоро е потребен за материјализирање на сите потенцијали на македонското стопанство.

„Едниот советник е во Македонија од април 2017 година, тоа сум јас, и работам на овој проект заедно со мојот колега, со скромна насмевка одговара Тобијас Боле, оставајќи впечаток на задоволност што таквиот политички публицитет не добил поголемо значење од суштинската промена која треба да се случи, а за која е тука да помогне.

„Во меѓувреме, минатата година тука се формираше стиринг комитет. Претседавач со тој комитет од македонска страна е вицепремиерот Кочо Анѓушев, заедно со господинот Толксдорф од германската страна, кој што е од Министерството за економија и енергетика на Сојузна Република Германија, задолжен за ЈИЕ и Македонија.

Тие веќе работат на темата дуално стручно образование. Што точно ќе ни донесе 2019, како понатаму ќе се одвиваат работите со стиринг комитетот, од оваа перспектива не можам да кажам. Меѓутоа, ние како институција и Комитетот работиме интензивно на темата дуално стручно образование“, додава во својот одговор Боле.

На прашањето, дали Република Македонија располага со доволно капацитет и ресурси за продолжување, односно проширување на проектот надвор од рамките на пилот-проект, „ќе ви дадам еден творен одговор“, одговара тој.

IMG_6753„Дуалниот образовен систем, независно дали е тоа Македонија, Србија, Албанија или Косово, не значи дека е најсоодветното решение или инекцијата за спас на стопанството. Дуалното образование, за да може да се реализира потребен е многу силен приватен сектор. Потребни се компании кои што на учениците ќе им овозможат услови да се спроведува праксата во нив. Да имаат големи опремени училници, каде секојдневно голем број на ученици ќе можат да учат практична работа. Притоа секоја компанија треба да одреди еден вработен кој што ќе биде посветен само на учениците. На крајот кога ќе се заврши дуалното стручно образование, компанијата ќе биде во состојба учениците кои што дошле на пракса во таа компанија да ги вработи долгорочно“, продолжи тој.

Во моментов еден од профилите за дуално стручно образование е мехатроничар. Училиштата каде што се изучува оваа струка во Македонија, според неговите зборови „навистина се многу слабо опремени“.

Кај образовниот профил мехатроничар кој се воведе преку два пилот класа од учебната 2018 во две средни стручни училишта во Охрид и Кавадарци, учениците 50% ќе посетуваат настава во училиште, а 50% од времето ќе бидат на практична обука во компанија.

По завршувањето на 4 годишното образование, компаниите ќе им понудат директно вработување на учениците.

„Професијата мехатроничар бара голема пракса. Затоа, за да се едуцираат мехатроничари, потребно е таа практична работа да се одвива во компаниите коишто на учениците ќе им ги понудат условите“, појаснува Боле, и уште вели дека за разлика од професијата мехатроничар, „на пример кај електротехничарите, кај браварите, училиштата за електротехничари и бравари се многу подобро опремени“.

Во едно средно техничко училиште ЕВН Македонија вложи и опреми голем дел од нивните училници, каде што учениците ќе го стекнат практичното знаење кое што е потребно за таа струка.

Но доколку училиштата се слабо опремени, професорскиот кадар нема доволна стручна спрема за да соработува со компаниите во обуката на учениците, дали тоа значи дека компаниите дополнително ќе треба да го обучуваат и професорскиот кадар? И дополнително дали тоа значи дека ја преземаат обврската да инвестираат во подобри услови во средните стручни училишта?

„Ова е многу важна тема“, вели Боле. „Едноставно дуалниот образовен систем е нешто кое што не може да се подели. Училиштата и компаниите се партнери. Имавме голема среќа што во одредени стручни училишта во Велес, добија помош од компании но тоа не е секогаш случај, не е обврзувачко да го прават компаниите. Ова беше навистина еден убав гест од компаниите. Ние како Делегација на германското стопанство помагаме на Центарот за стручна едукација и на Министерството за образование и наука, со тоа што помагаме во изготвувањето на наставниот план за целата учебна година. Исто така организиравме и студиска посета преку која поголем број на професори однесовме во посета на Германија, неколку дена на лице место да видат како функционира системот на дуално стручно образование“, вели тој во разговорот.

Ова лето ќе се оствари првата фаза на практична работа. Учениците и професорите заедно ќе одат на практична работа во компаниите. “Никој не е обврзан да го прави тоа. Ниту компаниите ниту пак училиштата“, додава Тобијас Боле и открива дека тоа е иницијатива која ја пројавиле компаниите во Охрид и Кавадарци за учениците и професорите да дојдат на практична работа во самите фирми.

Но сепак, 5 компании и 30-тина ученици се малку за да се има големи очекувања од самиот старт на проектот. Дополнително во разговорите кои претходно ги имавме со некои од компаниите, посочија на ризикот кој им влева сомнеж за исплатливооста при носењето одлука дали да се приклучат во проектот на дуално стручно образование.

Дали постојат механизми со кои ќе се анализира ризикот од дополнителен одлив на мозоци на веќе обучени кадри? Дали има гаранција која ќе им е основа за сигурен влог на компаниите во обука на млад кадар кој ќе остане во компанијата ( или во земјата), наместо по обуката да ја напушти државата?

Боле охрабрува велејќи дека овој проблем не постои само во Македонија. Со овој проблем се соочуваат и во Германија, вели тој, кога едноставно, обучените ученици, по завршувањето на дуалното стручно образование, заминуваат од компанијата или целосно заминуваат од Германија.

„Меѓутоа она што сметам дека е како решение број еден за компаниите, е да обучат повеќе ученици од она што им е потребно. Она што го правиме ние е советување на компаниите. Тие треба да им помогнат на младите луѓе во личниот развој. Треба, исто така да им понудат перспектива, добри примања. Но исто така овој систем на дуално стручно образование во Македонија дава и можност учениците да продолжат со студирање. Па доколку некој од учениците реши да продолжи на факултет, тогаш компанијата може да се вложи со делумна стипендија, делумно отплаќање на студиите за тој ученик“, вели тој.

За прашањето околу дилемите на компаниите да се приклучат кон овој пионерски процес кој трајно ќе го смени македонското општество, доколку секако успешно се спроведе, Боле вели „ќе дадам еден малку филозофски одговор“.

„Кога комапниите ќе ме прашаат, „Што ако јас вложам во нивното образование, ќе ги едуцирам, ќе им го понудам идеалниот образовен систем, и потоа тие ќе заминат во друга компанија?“ – Јас им велам на претставниците од компаниите, Замислете вие како компанија да не им понудите никаква едукација и образование, а тие да останат да работат кај вас?“.

Во насока на својот одговор тој дополни дека образовните профили за дуално стручно образование во Македонија се креирани за потребите на компаниите. Затоа што, како што вели тој, „ како странска компанија ќе дојдете во Македонија, и нема да има воопшто ни еден вработен со онаков профил каков што ви е потребен. Едноставно ни на младите луѓе не можеме да им го спречиме движењето и да ги убедиме да останат тука. Секој има право на слободно движење“, вели Боле и додава, „меѓутоа, доколку тие се образуваат во професија од која што има потреба пазарот на трудот, да најдат работа во добра компанија, да имаат добра плата, ќе останат да живеат во својата татковина, каде што на секој му е најпријатно. „Тогаш тоа е добра перспектива за младите луѓе во Македонија“, коментира тој.

Разговорот завршува со жива заинтересираност за деталите од секојдневниот живот во Македонија и образовниот процес. Расположението меѓу луѓето за и одекот од новитетот кој тој е дојден да помогне да успее. Вистинска слика за глобалната потреба од едни на други. Заклучокот од нашиот разговор, дека иднината на образованието е токму во сообразувањето со глобалните потреби на пазарот на трудот, а не само на националните интереси спроведени со традиционални методи и програми, ни остави причина да го продолжиме разговорот во некоја следна етапа од трансформацијата на општеството, преку имплементацијата на Дуалното стручно образование, но и на животите на новите генерации млади луѓе во Македонија. Трансформација која засега, (за среќа) е ентузијастички јуриш кон конструирање поквалитетно и попродуктивно образование.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×