Тони Дескоски: Нимиц отвора нова рунда преговори зашто се топи едногласната поддршка на сојузниците за Грција
Објавено на од во Интервју

Portret Toni tablo WEB 02Тони Дескоски
професор по меѓународно право

„Грција е резолутна дека ќе инсистира на својата позиција во спорот за името. И не е за очекување дека тие ќе се откажат од големиот капитал од Букурешт. Но, во исто време, јасно е дека полека се топи едногласната поддршка на сојузниците за Грција и нејзиното кршење на Времената спогодба. Затоа Нимиц отвара нова рунда на преговори, во која се бара нова основа за решението за спорот за името, наместо Букурешката формула која е очигледно веќе напуштена“

 

Во ситуација кога медијаторот Метју Нимиц изнесе оценка дека со новата македонска Влада дошол „нов импулс“, и најави „нов план за движење напред“ во напорите за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, со професорот по меѓународно право на Правниот факултет на УКИМ, кој беше и советник во Правниот тим што ја застапуваше државава пред Меѓународниот суд на правдата во тужбата против Грција, Тони Дескоски, разговаравме за опциите што се отвораат во новите околности, според сѐ геополитички поволни за евроатланските интеграции на Македонија, кои, сепак, зависат од решавањето на спорот за името

Медијаторот Нимиц зборува за „нов импулс“ во напорите за решавање на спорот за името, благодарение на новата Влада на Македонија, и најави дека ќе биде во контакт со двете страни во следните месеци со цел да се развие нов план за движење напред. Каков би можел да биде овој план со оглед на тоа што Атина и во овој нов контекст ги повторува своите позиции?

Медијаторот Нимиц во неодамнешните јавни изјави и интервјуа го потврди отпочнувањето на нова рунда во преговорите за решавањето на разликата за името меѓу Република Македонија и Грција. Ќе потсетам дека од 2013 година наваму, преговорите беа практично мртви поради внатрешните околности во Република Македонија (политичката криза предизвикана од злоупотреба на власта).

Една од главните цели на медијаторот беше да се увери дали од наша страна има спремност за суштински преговори пред започнувањето на нова рунда. „Новиот импулс“ од нашата држава за кој тој зборува е всушност потврда дека добил позитивен одговор од новата реформска Влада. Во исто време, Нимиц јасно наведе дека работите започнуваат од основа, при што во наредните неколку месеци ќе треба да се разработи нов план за движење напред. Во тие рамки, најпрво ќе се разговара за некои „основни концепти“ пред да се премине на конкретни преговори. Тоа според мене значи  потврда дека претходниот концепт на решение, кој се базираше на грчкиот предлог за промена на името на нашата држава во „Република Северна Македонија“ или во „Република Горна Македонија“ веќе не е во игра. И на големите играчи на меѓународната сцена, и на Нимиц, им е јасно дека Република Македонија тоа не може да го прифати, по ниту една цена. Идентитетските проблеми кои ги отвора ваквата суштинска промена на името на државата, го прават грчкиот предлог неприфатлив за нас, при што е ирелевантно која политичка гарнитура е на власт. Затоа е потребно, нашата дипломатија во комуникација со сојузниците кои помагаат во преговорите, да ги отвори основните концепти кои подоцна ќе доведат до некаков предлог кој би задоволил обете страни во спорот. Според моето мислење, меѓу таквите основни концепти, нашата држава би морала да инсистира на дефинирање на целта која треба да се оствари со договорот кој ќе биде производ на преговорите. Всушност тука е главната разлика меѓу нашата држава и Грција. Според грчката страна, цел на преговорите е сузбивање на нашиот иредентизам насочен кон Грција, а кој иредентизам е олицетворен во нашето име. Нашата позиција е дека Република Македонија не води иредентистичка политика, а името на нашата држава ни најмалку не олицетворува иредентизам.

Во иницијалната фаза од преговорите, би требало да се надмине оваа разлика. Ако тоа се успее, потоа би било релативно лесно да се постигне спогодба. Мора да истакнам дека нашата дипломатија од 2011 година наваму има многу моќна алатка во овој сегмент на преговорите. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 година, целосно ги разби наводите на Грција за спроведување на иредентистичка шема од страна на нашата држава. Едноставно, сега и со судска пресуда е утврдено дека фактите се на наша страна, а Грција неосновано нѐ клевети. Затоа, очекувам во иницијалната фаза, која според Нимиц ќе трае неколку месеци, нашата држава офанзивно да се постави во поглед на одредувањето на целта на преговорите и со аргументите кои се судски верифицирани, отворено да им парира на грчките обвинувања за наш иредентизам. Но, исто така, Република Македонија мора да афирмира уште еден став во кој суштински се разликуваме од Грција. Имено, Грција е незадоволна од она што го добила со Времената спогодба од 1995 година и во преговорите за името, постојано се обидува да издејствува и ревидирање на Спогодбата. За разлика од тоа, за нас Времената спогодба е траен договор за мир и добрососедство, и за нас е неприфатливо грчкото инсистирање за ревидирање на Спогодбата и нејзините одредби не можат да бидат отворени за нови преговори. Значи, двете страни мора да прифатат дека во преговорите се преговара единствено за разликата за името и за ништо друго.

На изјавите дадени во Скопје од државниот секретар во германското МНР, Михаел Рот, дека спорот за името е апсурден, а Германија е подготвена да даде поддршка „на патот кон заедничка иднина“, Атина жестоко одговори. Ќе има ли одлучувачки притисок од најсилните адреси – Вашингтон и Берлин, со оглед на поволниот геополитички контекст за Македонија, за нејзино побрзо зачленување во НАТО?

Во новата рунда на преговори, не е новина само отвореноста на нашата Влада за преговори. Нов е и регионалниот контекст, кој Нимиц изречно го наведе во својата изјава во Скопје. Имено, во овој момент е во тек голем стратешки судир помеѓу западните сојузници и Русија. Централните точки на тој судир се Украина и Сирија, а се рефлектираше и на стабилноста на Европската унија. Република Македонија има значење во поглед на секоја од овие две точки. Имено, во поглед на кризата во Сирија (каде Русија е на страната на Башар Ал Асад), нашата земја е на балканската бегалска рута и во изминативе две години одигра значајна улога во поставувањето на бедем, со кој практично се затвори балканската рута. Во поглед пак на кризата во Украина, без нашата земја Русија не може да ја заобиколи Бугарија и да го реализира првобитниот концепт на гасоводот Турски тек, а со тоа пропаѓа нејзиниот план за затворање на украинскиот гасовод со кој се снабдува Централна Европа. Токму таквиот нов регионален контекст, кај западните сојузници ја наметна потребата од спречување на секаква можност за отворање на ново кризно жариште на Балканот, кое би било плод на зовриените националистички страсти и подемот на екстремната десница. Станува јасно дека првиот чекор во таквото регионално стабилизирање е брзиот прием на Република Македонија во НАТО, по кој би уследило решавање на сите останати отворени регионални безбедносни прашања. Практично, би се случило нешто слично како со Дејтонскиот договор. Тогаш прво беше склучена Времената спогодба, па потоа дојде Дејтон.

Поради нивниот сопствен интерес, Вашингтон, Берлин, Лондон, Париз и останатите западни центри на моќ координирано ќе го помагаат зачленувањето на нашата држава во НАТО, паралелно со поддршката на внатрешните реформи. На патот на реализирањето на тој интерес пречка е Грција, која со игнорирање на сопствените меѓународни правни обврски ја блокира интеграцијата на Република Македонија во НАТО. Грција е резолутна дека ќе инсистира на својата позиција. И не е за очекување дека тие ќе се откажат од големиот капитал од Букурешт. Но, во исто време, јасно е дека полека се топи едногласната поддршка на сојузниците за Грција и нејзиното кршење на Времената спогодба. Затоа е грчката нервоза на изјавите на Рот. И затоа Нимиц отвара нова рунда на преговори, во која се бара нова основа за решението за спорот за името, наместо Букурешката формула која е очигледно веќе напуштена.

Мое мислење е дека поддршката на сојузниците ќе расте правопропорционално со нивното уверување  дека нашата земја е активен чинител во преговорите, а не субјект кој е закопан длабоко во својот ров и се надева дека ништо нема да се случи.

Дали правната наука може да понуди решение од кое би биле задоволни двете страни, односно владите и во Македонија и во Грција да можат да кажат дека е отстранета опасноста од она од што се стравува во спорот за името?

Спорот за името е меѓународен политички спор. Како и за секое друго  прашање и овој спор бара стручни познавања кои на дипломатијата ќе ѝ овозможат да изгради ефикасна стратегија, во која најоптимално ќе се исползуваат ресурсите со кои се располага. При позиционирањето на Република Македонија, нужно е да се направи добра проценка на сопствената позиција, при што треба да се извагаат правните аргументи, но и моќта со која се располага и поддршката која може да се добие од големите центри на моќ. Еден многу добар таков баланс беше направен во периодот на избивањето на спорот за името во 1991-1992 година. Сигурно е дека во тоа голем придонес имаа знаењата и искуството на тогашниот шеф на дипломатијата проф. д-р Денко Малески, кој е врвен познавач на меѓународната политика. Само благодарение на добро поставената стратегија, со капиталот на позитивното мислење на Бадинтеровата комисија, една мала и нестабилна земја можеше да ја пробие Лисабонската декларација на ЕЗ и да биде примена во ООН, а потоа и да ја склучи Времената спогодба со Грција. Од друга страна, грчката надворешна политика од тој период е типичен пример за нерационална политика, со погрешна процена на сопствената моќ и интересот на сојузниците да ја подржат.

Во секој случај, нема волшебно стапче за решение за спорот за името. Само  макотрпна дипломатска работа, за да се убедат сојузниците да ја подржат нашата позиција, како поразумна и поблиска до нивниот сопствен интерес, а потоа со таа поддршка да се изврши притисок врз Грција. Многу добар водич во тој правец се аргументите артикулирани од правниот тим на Република Македонија во постапката пред Меѓународниот суд на правдата. Ќе потсетам, еден од факторите кои беа решавачки за нашиот триумф пред Судот, беа врвните експерти за меѓународно право кои ја застапуваа Република Македонија. Со нивна помош,  беа артикулирани аргументи кои беа разбирливи за милјето на меѓународните односи. А да не заборавиме, меѓународното право е збир на правила кои ги регулираат меѓународните односи. За жал, наместо да се задржи добриот тим, кој можеше и требаше консултантски да ја советува нашата дипломатија,  македонската Влада едноставно го растури тимот.

Portret Toni tablo WEB 01Што доколку и натаму нема напредок во решавањето на спорот за името? Има ли опции Македонија да влезе во НАТО под привремената референца, иако шефот на грчката дипломатија, Коѕиас, ја отфрли ваквата можност? 

Спорот за името е креиран од Грција за да биде нерешлив. Целта за таквиот грчки потег е нивниот обид да ја задржат Република Македонија во федерација со Србија, преку блокада на нашето меѓународно признавање. И тој обид пропадна уште пред две децении. Оттогаш натаму Грција настојува преку спорот за името да има решавачко влијание врз меѓународната позиција на Република Македонија, практично да нè држи во рака. Во 2005 година, со многу вешта процена, Грција радикално ја промени својата позиција во спорот за името, при што се откажа од инсистирањето дека не прифаќа во нашето име да стои зборот „Македонија“ и даде сопствен предлог за наше преименување во „Република Северна Македонија“. На тој начин Грција успеа да ја добие поддршката од НАТО сојузниците и го промени балансот на моќта во своја полза. Од 2005 до 2008 година, грчката дипломатија има остварено обемна активност образлагајќи ја својата позиција за да ја добие потребната поддршка од сојузниците. За разлика од тоа, нашата дипломатија не успеа да ги препознае променетите околности, остана предолго вкопана во т.н. „двојна формула“ и не реагираше благовремено. На крајот, како резултат на тој пропуст ни се случи консензусот за грчката блокада во Букурешт. Ако го погледнете заклучокот од Букурешт, веднаш се забележува целта: да ѝ се оневозможи на Грција да отстапи од дадениот предлог, ако ние го прифатиме понуденото преименување.

Сега доаѓа време за репозиционирање и прашање е која од двете страни подобро ќе го погоди пулсот на САД и другите сојузници, односно нивниот интерес. Во секој случај, првата можност за промена на одлуката од Букурешт е следната година, на Самиот на НАТО. Дотогаш, процесот на преговори под медијаторство на Нимиц има доволно време да влезе во втората фаза, фазата на конкретни предлози. Зависно од перцепцијата на сојузниците за поведението на секоја од двете страни во преговорите за името, ќе биде и поддршката за едната или другата страна на следниот Самит на НАТО. Морам да предупредам, дека доколку перцепцијата на сојузниците е дека нашата земја ја злоупотребува зголемената поддршка која ја добива, за да се однесува „нефлексибилно“ во преговорите, едноставно ќе бидеме пуштени низ вода.  Обратно, шансите да добиеме поддршка значително ни се зголемуваат ако јасно артикулираме дека преку името на државата ние не се обидуваме да добиеме монопол на името „Македонија“, и затоа сме отворени за некоја од компромисните формули за нашето име, со кои тоа  би станало недвосмислено јасно. Затоа инсистирам на значењето на сериозен пристап во преговорите и за нова дипломатска стратегија која ефикасно ќе ѝ парира на грчката. За наша среќа, грчката позиција е полна со лаги и полувистини кои се сега судски верифицирани, а тоа истата ја прави ранлива.  Но, некој тие слаби места мора да ги искористи, а тоа е нашата дипломатија. Никој тоа нема да го заврши за нас.

Неодамна ја издадовте книгата “Меѓународно арбитражно право”. Како е регулирана арбитражата во Македонија и како таа може да помогне во водењето на бизнисите?

Арбитражата е механизам кој е создаден од учесниците во бизнис трансакциите, за да се надмине еден од ризиците со кои тие се соочуваат – ризикот од настанување на спор. Арбитражата овозможува стручно, ефикасно и релативно брзо решавање на споровите, а без инволвирање на судството на било која држава во светот. Затоа е таа толку популарна во современиот развиен деловен свет.

Република Македонија наследи добра нормативна инфраструктура за арбитражата од поранешната Југославија, која вклучуваше внатрешно законодавство и членство во меѓународни договори. Тоа се надгради со донесувањето на Законот за меѓународната трговска арбитража во 2006 година. Но, реалноста е дека ние немаме развиена арбитражна практика. Градењето на култура на исполнување на преземените обврски, чиј составен дел е и договарањето на арбитража е малку подолготраен процес. Значајна улога во тоа има Постојаниот арбитражен суд при Стопанската комора на Македонија, кој не се бави само со решавање на спорови, туку и со промоција на арбитражата како начин за решавање на спорови во деловната заедница. Учебникот по меѓународна трговска арбитража е наслов кој арбитражата ќе ја доближи до студентите, но и ќе им биде од корист на практичарите.

 

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×