Топ 100  на Стопанската комора на Северозападна Македонија
Објавено на од во луѓе и компании

al-firmi-2 WEB glavna 01Кој е кој меѓу бизнисите што ги држат Албанци во Македонија

Нептун Македонија е шампион во најновиот преглед на најголемите 100 компании во земјава што се во сопственост на бизнисмени Албанци. Компанијата што има преку 20 продавници за потрошувачка електроника и бела техника има најголем приход, најголема нето добивка и вработува најмногу луѓе меѓу сите рангирани компании во едицијата на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Меѓу најголемите од најголемите, односно во првите 10, доминираат фирми од секторите трговија и дистрибуција, дури 9. Меѓу оние пак со најголема заработка, има и неколку градежни фирми, еден изведувач на електроинсталатерски работи, како и еден производител на пластична амбалажа.

 

Нептун Македонија, компанијата што продава потрошувачка електроника и апарати за домаќинство во своите дваесетина продавници низ земјава е најголемата компанија според остварени приходи, меѓу компаниите членки на Стопанската комора на Северозападна Македонија – СКСЗМ. Според публикацијата Топ 100 за 2016 што неодамна ја издаде СКСЗМ, Нептун Македонија во 2015 година (анализите во публикацијата се правени според финансиските резултати на компаниите за 2015 година, последни достапни, н.з.) имала вкупни приходи од 53,57 милиони евра, што е пораст од 21,5% во однос на годината претходно.

Стопанската комора на Северозападна Македонија по шести пат го прави овој каталог на компании што се во сопственост на бизнисмени Албанци во земјава, или пак се дел и од регионални или меѓународни групации каде што доминира албански капитал. Компаниите се лоцирани во регионот каде што претежно е концентрирана албанската етничка заедница, како што и сугерира името на самата комора, како и во Скопје, се разбира.

al-firmi-2 WEB 02

Вкупниот приход на 100-те најголеми компании од ова издание на Комората е 622,4 милиони евра, што е за 22 милиони евра или околу 4% повеќе во однос на претходната година на пресметката, 2014.

Како што истакнува претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, годишниот обрт на најголемите 100 компании во претходните четири години е зголемен за 28,5%.

“Годишниот обрт на овие компании претставува речиси 7% од бруто домашниот производ на Република Македонија. Во земјава има нешто помалку од 25.000 компании во сопственост на Албанци кои што остваруваат помеѓу 25% и 30% од БДП“, вели Хоџа.

al-firmi-2 WEB 04Меѓу најголемите 10 доминираат дистрибутери и трговци

По Нептун Македонија, на листата со најголем приход следат неколку компании од секторите дистрибуција: скопските Гемак Трејд – дистрибутери на познати брендови алкохолни, безалкохолни пијалаци и кафе, како и цигарите на ТКС Империјал Тобако за територијата на Скопје со 46 милиони евра, Даути Комерц -  дистрибутер на прехранбени производи и средства за хигиена и козметика со 36,2 милиони евра, Алма – М –  познати по дистрибуцијата на програмот на Wrigley, Nestle  и картичките на Т- Мобиле на територијата на Македонија, со 27,3 милиони евра, итн. Сите овие компании бележат раст на приходите во 2015, а најголем раст меѓу првите 10, од 44% на 21,5 милиони евра има тетовската Киппер Маркети, синџирот маркети што интензивно се шири последниве години во регионот на Северозападна Македонија, и сега има околу 20 продавници во Тетово, Гостивар и Кичево. Од извештајот на СКСЗМ се гледа дека меѓу најголемите 10 компании според приходи доминираат дистрибутери и трговци, односно, само 1 е од секторот производство, Бас Тути Фрути, фабриката за пластична амбалажа од Скопје, која што има приходи од 12,4 милиони евра, односно пораст од 5%. Инаку, првите 10 компании остваруваат дури 42% од вкупниот износ на годишниот обрт на стоте најголеми. Најголем, пак, пораст на приходите во 2015-та има градежната фирма ЗСФ-КОМ, од 267% на 6,2 милиони евра, додека најголем пад на приходите има Импексел 2, од 82% на 3,35 милиони евра.

Претседателот Хоџа, вели дека продолжува трендот на ориентација на бизнисмените Албанци во секторите трговија и градежништво и имајќи го предвид ова, Комората особено се залага  и го поддржува развојот на компании во секторот производство.

“Ние постојано се обидуваме да најдеме алтернативни можности за поттикнување на производството, создавање на нови работни места и економски развој како предуслов за надминување на проблемите со кои што се соочува општеството во целина, а особено бизнисите“, вели Хоџа.

Половина од добивката на Топ 100 ја прават Топ 10

Според остварената чиста добивка за 2015-та, на прво место е повторно Нептун Македонија, со безмалку три милиони евра, што е двојно повеќе одошто годината претходно. Следат Бас Тути Фрути со 2,45 милиони евра (+0,2%), Градежната фирма Трим со 1,53 милиони евра (+49,6%), дистрибутерите Алма – М со 1,5 милиони евра (+ 33,5%), производителите на градежни материјали Пофикс од Тетово со 1,45 милиони евра (-25%), трговците Универзал – Комерц со 1,3 милиони евра (+294%), итн.

Сите заедно 100-те најголеми компании членки на СКСЗМ имаат 36,5 милиони евра, што е пораст за 3,5 милиони евра или 10%, додека најголемите 100 во Македонија според анализата на Капитал имаат околу 409 милиони евра вкупна добивка.

“Важно е да се спомне дека меѓу првите 100 најголеми во Македонија, има 5 компании што се во сопственост на Албанци, тоа се Нептун, Гемак Трејд, Даути Комерц, Алма – М и Киппер Маркети со вкупни приходи од речиси 185 милиони евра и вкупна нето заработка од седум милиони евра. Првите 10 компании од нашата листа пак, имаат нето профит од 15,9 милиони евра, додека првите 10 компании во Македонија имаат чиста добивка од 147 милиони евра. Но, треба да се нагласи дека Топ 10-те компании со најголема добивка во земјава се странски компании и јавни претпријатија, а некои од нив уживаат и монополски статус “, вели Фатмир Битиќи, извршен директор на СКСЗМ.

Меѓу 100-те најголеми во едицијата на СКСЗМ најголем пораст на добивката има градежната компанија Перпарими, од 877% на 140,2 милиони евра, додека најголем пад забележала Импексел 2 од 82,5% на 274 илјади евра.

Меѓу најголемите вработувачи и една телевизија

Нептун Македонија е лидер и во третата категорија според која СКСЗМ ги рангира своите најголеми 100 членки, а тоа е бројот на вработени. Компанијата во 2015 имала 310 вработени, или 12,3% повеќе во однос на годината претходно. Следат Даути комерц со 261 (+1,6%), Алма – М со 231 (+1,3%), Киппер Маркет со 150 (+29,3%), итн.

Од менаџментот на Комората истакнуваат дека компаниите од нивниот преглед Топ 100 вработуваат вкупно 4.787 лица или 0,87% од вкупниот број активно вработени во приватниот сектор во Македонија.

“Со оглед дека вкупниот број на компании што се во сопственост на Албанци е околу 25.000, може да се каже дека тие значително придонесуваат за намалување на невработеноста, со над 20% од вработените во приватниот сектор или околу 100.000 луѓе“, истакнуваат од раководството на СКСЗМ.

Од 10-те компании со најголем број вработени, шест работат во трговскиот сектор. Околу 1.200 вработени од овој сектор, се 70% од сите вработени во 10-те најголеми вработувачи. Меѓу првите 10 со најголем број вработени се и Дебарските бањи Цапа, со 132 лица, една компанија од земјоделскиот сектор, Еуропеан Плант, со 108 лица, како и една телевизија, Алсат – М, исто така со 108 вработени.

al-firmi-2 WEB 01
al-firmi-2 WEB 03
al-firmi-2 WEB 05
al-firmi-2 WEB 06

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×