Милијардерот и кандидат за републиканска номинација за претседател на САД, Доналд Трамп, се заложи за подигнување на царините за увозот од Кина, доколку најнаселената држава не престане со девалвацијата на јуанот. Трамп го повтори своето поранешно барање царините да се зголемат за 45% со цел да се неутрализираат негативните ефекти од девалвацијата на кинеската валута врз американската економија.
„Тие ја девалвираат својата валута и ги убиваат нашите компании. Ние сме им дозволиле тоа да го прават без последици, а тоа не треба да им го допуштаме“, изјави Трамп. Поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, ја искритикува трамповата заложба за подигање на царините, сметајќи дека така само ќе се предизвикаат мерки на одмазда кон американскиот извоз. Изјавите на милијардерот ги искоментира и Министерството за надворешни работи на Кина, од каде одговорија дека официјален Пекинг ја прилагодува својата валута врз база на потребите на пазарот, и оти ќе го одржува курсот на јуанот на „разумно избалансирано ниво“. „Ние сме против конкурентска девалвација на валутата, како и против валутната војна“, изјави портпаролот на споменатото Министерство, Хонг Леи.