Трговија со одговорноста
Објавено на од во Колумни
И Рикер и Хан ни нацртаа дека не само во интегративната, туку и во егзистенцијалната македонска равенка збирот на криминалци во затвор мора да е поголем од оној на таквите низ македонскиот државен систем, но инсистирањето на консензус по секоја цена во оваа држава е еднакво штетно како и временските рамки, кои, точно дека се дел од европската голема слика, ама нам суштински не ни помагаат многу.  Идејата за тоа како треба да постои СЈО и под чија палка, партиите ја градат во зависност од квалитетот и квантитетот на осомничени (и можни осомничени!) во своите редови. Да се бара од нив да се договорат против себе, па уште и сложно, и сето тоа да биде под притисок на времето што не’ гази, не е само политичка наивност, туку е и оставање на простор за нова злоупотреба на клучен момент.

 

“To oppose corruption in government is the highest obligation of patriotism.”
― G. Edward Griffin
„Да се спротистави на корупцијата во Владата е највисока должност на патриотизмот“
- Г. Едвард Грифин
Катерина Синадиновска
Katarina-kolumna
„Дали може законот со којшто ќе се регулира статусот на Специјалното обвинителство да се усвои до 15 септември?“ – било прашањето на новата американска амбасадорка Кејт Брнс до собранискиот спикер Талат Џафери на нивната прва официјална средба.
Медиумите јавија дека средбата била повеќе од протоколарна – амбасадорката директно се интересирала за брзината со која може да се донесе новата законска рамка за СЈО во период кога оваа институција е во најголемата криза од своето формирање.
„Не до 15 септември, ако се достави денес, утре, законот може да биде донесен до крајот на август“ како од пушка кажал Џафери, додавајќи дека тоа не зависи од паралментарните процедури, туку од консензусот на партиите.
На прва нема ништо спорно во оваа вест – амбасадорка на нашиот клучен стратешки партнер се интересира и вешто притиска за да се донесе исклучително важен закон што треба борбата со криминалот да ја смести во дефинирана рамка. Првиот меѓу пратениците објаснува дека „технички“ Законот може да се „исштанца“ додека трепнеш, ама ја потсетува новодојдената амбасадорка дека ова е Република Северна Македонија каде што не е најважно дали ќе се свитка некоја процедура туку дали сите ќе се согласат дека таа треба да биде свиткана.
И тука некаде доаѓаме до суштината.
Македонија се наоѓа во исклучително комплицирана политичка, ама и општествена состојба во којашто аферата „Рекет“ е само кулминација (хм, дали?) на веќе наталожениот гнев поради безобразно изведената амнестија (што очигледно ни се сервира на рати) на оние кои требаше да лежат и парите да ги вратат. Повеќе од дегутантни се обидите „гревот“ на Јанева да се оправда со демек нечесните намери на оние кои ја искушиле. Јанева мораше да биде морална карпа и да порасне во силата што ќе влезе во бескомпромисна борба против веќе добро воспоставената трговија со одговорноста, наместо таа да се претвори во главниот трговец.
Премиерот Заев вели дека истрагата треба да открие дали некој навистина ја злоупотребил специјалната обвинителка (небаре тоа не е доказ за врвна неспособност само по себе). Но, тоа што истрагата треба да тече за да го откриеме допрва степенот на нејзината инволвираност не е причина за да ги игнорираме постоечките факти и информации и да не заклучиме дека и Јанева и институцијата што ја води, ваква каква што е, немаат кредибилитет. Токму таа дискредитација, па елиминација на СЈО, се разбира многу е веројатно да е нечие (или сечие) добро смислено и одработено сценарио, но ни овој факт не ја амнестира Јанева, таа е лично веќе виновна – уби еден сон. Не знаеме колку ја злоупотребила институцијата што уживаше незапаметена доверба кај јавноста, но знаеме дека веќе ја компромитираше токму таа доверба газејќи ја вербата во правда, а таа, изгубената верба, во вакви општества е рамна на катастрофа. Нејзината срамна прес – конференција, целиот хаос со мобилните телефони и воопшто целиот однос кон скандалот, наведуваат на отворени сомнежи дека дури и ако доказите заедно со интегритетот ги преживеале „поплавите“ сега речиси сигурно ќе бидат (на пример, форензички) збришани.
Од друга страна, просто неверојатна е дрскоста со којашто рекетираниот „столб на македонската економија“ сега се претставува како храбар борец против системот на корумпирано судство. Неговата улога мора да ни се вреже во сеќавањата, и никако и никогаш не смееме да заборавиме за кого се работи. Се разбира, тој ја немаше среќата грижите за корумпираните македонски обвинители да ги топи во вино покрај Балатон, ама мора да се каже дека дури и за македонски прилики, изненадува колку се јавни и бесрамни обидите неговата судбина да се протне на патот на онаа на сите негови „колеги“ од трите децении непрекинат танц на криминалот со политиката, бизнисот и медиумите. Но, ако и оние кои требаше да помнат гледаме дека одлучиле да учествуваат во везењето на оваа налудничава реалност каде што тој е (само) жртвата, тогаш наша должност ќе биде да ги запаметиме и нив, заедно со него, раскомотени во истото друштво на „храбри“ борци за правда и промени.
Е сега, фактот што овој осомничен, којшто полека се исцртува во персонификација за македонскиот правосуден виц, ја демонстрира храброста од удобноста на својот дом, за волја на вистината оди во прилог на отвореноста и инсистирањето на брзо законско решение од страна на новата американска амбасадорка – што не’ враќа на почетокот на текстот и на клучната поента.
Нема никакви дилеми колку се важни пораките и од Вашингтон и од Брисел за расчистување со криминалот. И Филип Рикер и Јоханес Хан се одважија да бидат големи и среде Скопје без никакви дипломатски ракавици да нацртаат дека не само во интегративната, туку и во егзистенцијалната македонска равенка збирот на криминалци во затвор мора да е поголем од оној на таквите низ македонскиот државен систем, но тука е мошне важно да се има на ум која е вистинската суштина на нашиот проблем.
Пржинските преговори и консензусот за тоа како треба да почне да се гради и да изгледа „пост – груевистичка“ Македонија резултираат со потврда на фактот дека кога сите исто мислат, никој не мисли многу. Инсистирањето на консензус по секоја цена во оваа држава (и особено сега) е еднакво штетно како и временските рамки, кои, точно дека се дел од европската голема слика, ама нам суштински не ни помагаат многу. Каков тоа консензус треба да се гради со човекот кој го предлага Панчевски за нов специјален обвинител, а разговорите ги уценува со евтини трикови и барање разговори за предвремени избори на два месеци до октомври?
Навистина не е јасно која ќе е користа за практички непостоечката македонска правна држава од Закон донесен „не до 15 септември, туку до крајот на август“ под притисок на октомври, доколку во него не бидат нацртани клучните елементи кои ќе гарантираат и одредена автономија и продолжување на истрагите. Нам многу поважно од тоа кога Законот ќе биде донесен, ни е како тој ќе изгледа, макар ова инсистирање да биде и по цена на европските интреграции. Партиите очигледно си имаат своја слика за тоа како треба да постои СЈО и под чија палка, во зависност од квалитетот и квантитетот на осомничени во своите редови. Да се бара од нив да се договорат, па уште и сложно не е само политичка наивност, туку е и оставање на простор за нова злоупотреба на мигот.
Оти колку и да звучи апокалиптички (или надежно!) ние друга шанса, освен оваа, за конечно расчистување до крај, немаме. Нема неразочаран, иако има изненадени, од развојот на настаните и транформацијата на хероите во нивните антагонисти, ама логиката вели дека овој тек на настаните (без разлика со какви мотиви е испровоциран и од кои се’ здружени злосторници) може да се претвори во најздравиот процес во борбата и за правда и за држава. Ние мора да ги видиме сите валканици, секое испливување на површина на гнасните зделки од подземјето е чекор кон вистината. Не можеме ниту ние, ниту било кој може да ни ја погоди терапијата, бегајќи од дијагнозата, уплашени од нејзината монструозност.
Затоа, и нашите странски пријатели мора да ја сфатат важноста и одговорноста на моментот што бара одлучна стратегија, прецизност и бескомпромисност и да му помогнат на македонскиот државен врв да зачекори во полето каде што времето на политички игри ќе е навистина поминато (Филип Рикер, н.з). Она што тука загрижува и што овој пат ќе биде на конечен тест сепак, не е свеста кај партнерите од надвор, туку отворената можност за врвот и дното да се сосема претопени во истата линија на хоризонтот, позади која веќе прашањето не е дали ќе има правна, туку дали ќе има држава.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×