Три од четири компании со зголемени приходи од продажби минатата година
Објавено на од во Uncategorized

1258785310phpFu25wI Како работеа најголемите котирани компании на Берзата лани?!

Фирмите што котираат на Македонската берза покажуваат подобри резултати од работењето лани отколку во 2017 година. Анализата на неревидираните финансиски извештаи на дваесетте најголеми котирани компании покажува дека три од четири фирми имаат зголемување на приходите од продажбите. Што се однесува до крајниот финансиски резултат, фирмите лани оствариле вкупна нето добивка од 224 милиони евра, што е за 26% повеќе од годината претходно. Од 99 компании кои доставиле извештаи до берзата, 77 прикажале добивка, а 22 работеле со загуба. Профитот, во најголем дел доаѓа од банките кои ги намалија лошите кредити, а го зголемија профитот од нивна наплата. Околу 90% од профитот се должи на 10 компании, од кои 5 банки. На врвот на листата со најголеми добивки освен банките, се и компаниите од индустријата каде што добивка имаат 30 фирми, а 10 искажале загуба.

Во време кога економијата забележа статистички пораст од 2,7% лани, фирмите што котираат на Македонската берза исто така покажуваат подобри резултати од работењето. Анализата на неревидираните финансиски извештаи на дваесетте најголеми котирани компании покажува дека три од четири фирми имаат зголемување на приходите од продажбите.
Што се однесува до крајниот финансиски резултат, фирмите лани оствариле вкупна нето добивка од 224 милиони евра, што е за 26% повеќе од годината претходно. Од 99 компании кои доставиле извештаи до берзата, 77 прикажале добивка, а 22 работеле со загуба. Профитот, во најголем дел доаѓа од банките кои ги намалија лошите кредити, а го зголемија профитот од нивна наплата. Околу 90% од профитот се должи на 10 компании, од кои 5 банки. На врвот на листата со најголеми добивки освен банките, се и индустриските друштва. Во индустријата со добивка се 30 компании, а 10 имале загуба.
Најмногу приходи од продажба лани оствари компанијата ОКТА, со инкасирани 447,4 милиони евра. Во споредба со 2017 година, ОКТА бележи зголемување на приходите од 19%. Растот на приходите на домашниот пазар каде што компанијата најмногу продава изнесува 15%, додека пак извозот бележи раст од 47%.Но и покрај зголемените приходи од продажба, компанијата лани прокнижи загуба од околу 1,6 милиони евра.
Втора на листата најголеми компании според приходите остварени лани е повторно од нафтената индустрија, Макпетрол. Оваа компанија инкасирала вкупно 355,5 милиони евра од продажба на нафта и нафтени деривати, и тоа е 16% повеќе отколку во 2017 година. Билансот на успех на Макпетрол за лани покажува профит од 12,7 милиони евра, и тоа е два и пол пати повеќе отколку годината претходно.
Трета на листата најголеми котирани компании на Берзата е Македонски Телеком која бележи благо зголемување на приходите од продажба за 2%, на 170,1 милиони евра. Но добивката на компанијата е 23,1 милиони евра, што е за 3% повеќе на годишно ниво.
Алкалоид е четврта на листата со приходи од продажба од 159,1 милиони евра и оваа компанија прикажа пораст на приходите од 8%. Добивката на најголемата фармацевтска компанија во земјава во овој период е зголемена за околу 7% и изнесува 14 милиони евра.
Првите пет најголеми компании според приходите ги заокружува компанијата Арцелор Миттал ЦРМ. Лани оваа компанија инкасирала 109,8 милиони евра од продажба, но оваа компанија бележи намалување на приходите споредено со 2017 година за 6%. Крајниот финансиски резултат на компанијата за лани е загуба од 3,6 милиони евра.
10tКомпанијата Макстил од металската индустрија минатата година оствари приходи од продажба од 107 милиони евра, или 15% повеќе од 2017 година. Но, добивката на Макстил, иако зголемена речиси три пати, сепак е скромна, изнесува околу 70 илјади евра.
Финансискиот извештај на компанијата Пекабеско за лани покажува дека од продажба се инкасирани вкупно 76,9 милиони евра што е 9% повеќе отколку годината претходно. Добивката на Пекабеско изнесува речиси 2 милиони евра и е за две третини поголема отколку во 2017 година.
Цементарница Усје со инкасирани 71,9 милиони евра е следна на ранг листата. Оваа компанија бележи раст на приходите од продажба за само 1%, додека пак профитот во 2018 година изнесува околу 17 милиони ера, и е намален за 4% споредено со 2017 година.
Со приходи од речиси 70 милиони евра Гранит е единствена компанија од градежниот сектор што котира меѓу десетте најголеми на Македонската берза, и минатата година бележи намалување на наплатениот обем на работа. Овие приходи од градежните активности на Гранит се за 19% помали отколку годината претходно, додека пак добивката на компанијата изнесува 2,5 милиони евра но е помала за 28% на годишно ниво.
Првите десет најголеми компании според приходите, ги заокружува Фершпед, со приходи од 62 милиони евра или 7% повеќе отколку во 2016 година. Добивката на Фершпед изнесува околу 1,4 милиони евра и бележи зголемување за дури 71%.
По одделни индустрии, намалување на приходите од продажби има во градежништвото, металургијата и земјоделството.
Една од компаниите со намалени приходи е ФЗЦ 11 Октомври која лани инкасирала околу 24 милиони евра, што е за 9% помалку на годишно ниво. Факом, компанија во дејноста на повисока додадена вредност во металургијата, односно проектирање, производство и монтажа на челични конструкции и производи, прикажа за 6% поголеми приходи споредено со 2017 година. Билансот на успех на Факом покажува дека вкупните приходи од продажба лани изнесуваат 22,4 милиони евра. Добивката на Факом изнесува околу 250 илјади евра односно речиси седум пати повеќе отколку во 2017 година.
Во градежништвото, пад на приходите има кај две компании и тоа најголемата, Гранит и Бетон Штип. Намалувањето на приходите кај штипски Бетон изнесува 22% на годишно ниво со што тие изнесуваат 5,2 милиони евра.
Пад на приходите има и кај најголемиот земјоделски комбинат, Пелагонија, која има инкасирано околу 20 милиони евра што е 8% помалку од годината претходно.
Во прехранбената индустрија, пак, зголемени се приходите и на прилепска Витаминка, која лани инкасирала 37,3 милиони евра од продажби, што е пораст од 33%, и на Европа која има приходи од околу 13 милиони евра, за 12% поголеми отколку во 2017 година.
Прилепска Пиварница лани има приходи од речиси 30 милиони евра и се за 4% повисоки отколку во 2017 година, додека пак Пелистерка има приходи продажба од 6,9 милиони евра и бележи раст од 6% на годишно ниво. Но приходите всушност се зголемени поради растот кај ставката останати приходи.
Во фармацевтската индустрија, Реплек, има приходи од 15,8 милиони евра што се за 2% повисоки отколку во 2017 година.
Сите банки со добивки
Според податоците од Македонската берза, сите осум котирани банки лани искажаа профити.
Според неревидираните финансиски извештаи, најпрофитабилна банка минатата година е Стопанска банка Скопје која направи профит од 44,6 милиони евра, што е годишен раст од 34,4%. Стопанска банка Скопје, која е со доминантен грчки капитал, лани се искачи на врвот на најпрофитабилни банки, додека НЛБ Банка падна на второто место.
Според објаснувањето од Стопанска банка Скопје зголемениот резултат се должи на успешното редовно работење, пред се на зголемените нето приходи од камата како и нето приходи од провизии и надоместоци.
„Една од причините која има значително влијание на зголемениот резултат се должи и на ефектот од решениот статус на должникот Фени Кавадарци, кој во текот на 2017 година се соочи со влошување на состојбите, поради што Банката имаше потреба од издвојување на исправка на вредност. За разрешување на статусот на должникот Стопанска банка Скопје склучи договор за продажба на своите побарувања, кој се реализираше во текот на март 2018 година со кој успешно се разреши овој случај”, објаснуваат од Стопанска банка Скопје.
Профитот на НЛБ, која е со доминантен словенечки капитал, минатата година изнесуваше 34,5 милиони евра ие намален за 0,22%.
“Во анализираниот период, Банката оствари нетодобивка што е за 26,5% над планот, што се должи на континуирани продажни активности на кредитните и картичните продукти со особен фокус кај населението, микро, малите и средни претпријатија, засилен финансиски сервис за корпоративните клиентии на значајните инвестиции во електронските сервиси кои се подостапни и побогати со дополнителни услуги и функционалности за клиентите”, велат од НЛБ Банка.
Трета најпрофитабилна банка минатата година е Комерцијална банка која направи профит од близу 29 милиони евра, односно двојно повеќе отколку во 2017 година.
„Повеќекратното зголемување на финансискиот резултат се должи на интензивните активности на Банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци за кој поради влошување на состојбите во текот на 2017 година беше издвоен значителен износ на исправка на вредност. Имајќи го предвид потенцијалот на комбинатот, како и интересите на сите засегнати страни, Банката во текот на првиот квартал од 2018 година, склучи договор за продажба на своите побарувања од Фени Индустри во стечај. Согласно условите од договорот, исплатата на вкупниот износ на побарувањата беше реализирана до крајот на март, по што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат. Дополнителен позитивен ефект врз остварената добивка за годината Банката забележа како резултат на остварена капитална добивка од продажба на преземен имот од должникот „Брилијант Штип“, што беше реализирано со склучување на договори за купопродажба на недвижен имот, подвижни предмети и права на индустриска сопственост со „Витаминка АД Прилеп“”, објаснуваат од Комерцијална банка.
Четврта најпрофитабилна банка минатата година била Халк Банка со профит од 10,6 милиони евра, која за една година е зголемен за 21,8%.
Охридска банка има профит од 9,4 милиони евра што е за две третини повеќе отколку во 2017 година, а потоа следува УНИ банка со добивка од 4,4 милиони евра односно 10,9% повеќе на годишно ниво. ТТК банка има профит од 1,6 милиони евра и бележи благо зголемување за само 1,2%, додека пак намалување на добивката е забележано само кај Стопанска банка Битола, и тоа за речиси 20%, со што профитот изнесува околу 560 илјади евра.
Најголем раст на профитот лани имала Комерцијална банка од 117%, следи Охридска банка Сосиете Женерал со годишен раст на профитот од 64%, Стопанска банка Скопје со раст на профитот од 34,35%.
Позитивни очекувања за годинава
Годинава, пак, откако статистиката ги објави првичните индикатори за јануари, може да се види дека индустриското производство се зголемило за 12%, но кај извозот после подолго време е евидентиран негативен тренд односно пад од 1,9%. По видови на производи, најголем пад на извозот е евидентиран кај производи класирани според материјал и тоа за 29,6%, продажбата на пијалаци и тутун и тоа за 27,7%, хемиски и сродни производи од 5%. По одделни земји пак, намалувањето на извозот најмногу е резултат на послабите продажби на најголемиот извозен пазар, Германија, каде што има пад од 6,3%.
Гледано отсега, нема големи разлики меѓу прогнозите на сите релевантни институции за растот на македонската економија во 2019 година.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) откако ги заврши консултациите со македонските власти, претставници на бизнис секторот, експерти, објави дека растот се очекува постепено да се приближува кон 3,5% на среден рок. Но за годинава, проценката е пониска, до 2,8%.
„Со опоравувањето на инвестициите од долготрајната криза, растот на реалниот БДП е проектиран да достигне 2,8% во 2019 година. Понатамошното зголемување на среден рок се должи на планираните инвестиции во инфраструктурата и посилниот извоз. Економијата е исто така подложна на прелевања од растечкиот протекционизам во глобалната економија и од затегнување на меѓународните финансиски услови. Од друга страна, пак, решителен притисок за структурни реформи и отворање на преговорите за пристапување во ЕУ би можеле да го зголемат растот преку повисоки приливи на капитал и зголемена доверба“, сугерираа претставници на ММФ во својот извештај.
Иста прогноза како и ММФ за годинава има и Европската Комисија.
Таа предвидува македонската економија во 2019 година да порасне 2,8%, а во 2020 година 3,1%.
Во есенскиот извештај, Европската Комисија наведува дека економското закрепнување на Македонија ќе зависи од политичката состојба и од нивото на инвестиции. Главните ризици се поврзани со можната политичка нестабилност што може да ги одврати инвеститорите.
„ЕК очекува економското закрепнување на Македонија да продолжи во 2019 и 2020 година, но побавно од претходно проектираното. Клучни за развојот на економијата ќе бидат инвестициите и фискалните стимулативни мерки што се очекуваат да бидат применети. Се очекува инвестициите да имаат значителен дел во економскиот раст, инвестициската клима да се подобрува, како и да се зголемуваат корпоративното кредитирање и поддршката за компаниите. Владата е решена да се справува со проблемите и да развива подобра бизнис клима за да го забрза пристапувањето кон ЕУ“, пишува во прогнозата.
Освен тоа, ЕК очекува и натамошно зголемување на извозот, на бројот на работните места и на платите.
„Во првото полугодие лани е забележано подобрување на пазарот на трудот и зголемена стапка на вработување. Создавањето нови работни места и натаму ќе биде поддржано од владините економски мерки, но најмногу ќе зависи од странските инвестиции“, потенцираат од ЕК.
Малку повисок економски раст, односно 2,9% за 2019 година предвидува Светската банка.
Како позитивни фактори, од надворешното опкружување се оценува порастот на економијата во Европската унија, но како ризици се наведени затегнатите финансиски услови кон земјите во развој, што би подразбирало скапи кредити, стабилноста на регионот, ескалацијата на трговските спорови помеѓу САД и Кина.
Од домашните услови, позитивни перспективи има изгледот на државата за пристап кон НАТО и ЕУ кои ќе влијаат на забрзување на структурните реформи, но од друга страна и нивно нарушување поради политички процеси, како што е изгледот за избори.
Во својот последен извештај, оваа финансиска институција анализира дека последните 20 години, просечниот економски раст во Македонија изнесува 2,9% и ако продолжи истото темпо, на земјата ќе и требаат над 70 години за да го достигне просечното европско ниво на доход. Ако растот се зголеми на 5% тогаш целта ќе се реализира за 30 години.
Од Светска банка анализираат дека Македонија има потенцијал да стане земја со високи приходи, но потребен е одржлив економски раст.
„Со постигнување на договорот со Грција, државата направи одлучен чекор во долготрајниот спор околу нејзиното уставно име. Разрешувањето на спорот за името кој предизвикуваше политичка и економска штета уште од 1991 година се очекува да го забрза процесот на пристапување на земјата во ЕУ и НАТО, да овозможи подлабоко да се интегрира со регионалните и со светскиот пазар“, пишува во последниот извештај на Светска банка.
Во анализата се наведени три патеки кои меѓусебно се надополнуваат за земјата да ги искористи новите можности за надминување на предизвиците. Првата е да поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор, втората е вложување во луѓето за да се изгради конкурентна и приспособлива работна сила и третата се однесува на остварување економска социјална одржливост, како и одржливост на животната средина.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), пак, проценува дека растот годинава ќе достигне 3% под претпоставка за континуирана политичка стабилност, деблокирање на понатамошните реформи и реализирање на потребните инвестиции.
Најоптимистичка проценка за економскиот раст годинава засега има Народната банка, и тоа 3,5%.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×