Царини и нови правила испречени пред трговијата со Обединетото Кралство
Објавено на од во COVER STORY

Bregizt 2Брегзит без договор со ЕУ ќе предизвика вистински хаос

Светот просто нема време да ги „свари“ шоковите што произлегуваат од Островот – Борис Џонсон личи дека се’ поцврсто е решен да ја игра својата улога на сензационалистички лидер, популист и „ријалити – шмекер“ кому не му оди од рака да ја согледа сериозноста на политичката криза денес и на Континетот и во светски рамки. Доколку Обединетото Кралство сепак се „отцепи“ и официјално од мапата на ЕУ без притоа да стави на хартија договорени услови за меѓусебните односи во иднина, што засега е и најизвесно сценарио, тоа ќе направи целосен хаос. Иако не е членка на ЕУ, Северна Македонија досега економските односи со Обединетото Кралство ги имаше регулирано Спогодбата за асоцијација и стабилизација. По 31 октомври и не постигнување на договор со ЕУ, Обединетото Кралство всушност ќе биде „трета земја“ кон Северна Македонија, односно нема да биде дел од земјите – членки на ЕУ a тоа практично значи дека трговијата на стоки ќе подлежи на плаќање на царина. Со тоа дополнително ќе се обремени трговската размена меѓу двете земји која минатата година надмина 832 милиони евра со што Обединетото Кралство стана трет најголем трговски партнер на Северна Македонија.

 

пишуваат:
Александар Јанев
Катерина Синадиновска
Само пет дена поминаа откако британскиот премиер Борис Џонсон предизвика бура негативни реакции и низ светските медиуми и по социјалните мрежи со својата непристојност кога качи нога на масичката во Елисејската палата при официјалната средба со францускиот претседател Емануел Макрон, до веста дека тој ќе бара од кралицата Елизабета да го распушти Парламентот неколку дена откако пратениците ќе се вратат од одмор и неколку недели пред рокот за Брегзит.
Светот просто нема време да ги „свари“ шоковите што произлегуваат од Островот – Џонсон личи дека се’ поцврсто е решен да ја игра својата улога на сензационалистички лидер, популист и „ријалити – шмекер“ кому не му оди од рака да ја согледа сериозноста на политичката криза денес и на Континетот и во светски рамки.
Брегзит е една неверојатна приказна уште од самиот свој почеток кога од денешна перспектива гледано токму Британците не веруваа дека воопшто е можно да се случи и да биде реалност. Залудни се анализите отпосле, залудни се и „свиркачите“ кои отворија уста и „пропеаја“ за учеството на контроверзната „Кембриџ аналитика“ во манипулативната интернет кампања преку злоупотреба на лични податоци помогната од гигантот Фејсбук – фактите денес можат да зборуваат само за еден невиден хаос кој овој процес го донесе во Европската Унија, ама и во светската политика.
Барањето за укинување на Парламентот што е синоним за демократијата и парламентарните расправи не само во Велика Британија туку и низ светот, значи дека пратениците веројатно нема да имаат време да ги усвојат законите кои би можело да го спречат премиерот Борис Џонсон да ја извади Велика Британија од ЕУ без постигнат договор со Брисел.
Како можен интервал за блокирање на работата на парламентот се споменува периодот од 9 септември до 14 октомври.
Спикерот на британскиот парламент Џон Беркоу не штедеше зборови, па го нарече потегот на премиерот – монструозен. Но, анализите велат дека тоа е сепак воздржан израз за планот на Џонсон да ги стави надвор од сила пратениците.
Bregzit copyУдар за демократијата и во Британија и во светот
Аналитичарите велат дека овој развој на настаните ја одразува одмаздата и слабоста на британскиот систем, кој има преголема доверба во традицијата. Таму очигледно недостасува модерен устав кој би можел да спречи вакво самоволие на еден премиер.
Во анализа на Дојче Веле на пример се вели дека иако еден од главните слогани на кампањата за Брегзит пред три години беше „Повратете си ја контролата“ гласачите тогаш сигурно не мислеле целата власт да ја доверат во рацете на Борис Џонсон.
„Напротив: стануваше збор да се реализира предимството на британскиот парламент. Никој не ја декларираше целта еден на избори неизбран премиер, кој веројатно не располaга ни со парламентарно мнозинство, самиот да одлучува околу Брегзит и со тоа за судбината на земјата“, стои во анализата.
Поранешниот премиер Џон Мејџор се обиде препадот на Џонсон да го спречи по судски пат со што би се покажало дали уште функционираат институционалните осигурувачи на Велика Британија, но кратките рокови оневозможуваат спроведување на мнозинската волја на пратениците. Голем дел од познавачите велат дека вина сноси и опозицијата, Лабуристичката партија, која дозволи да може да дојде до ваква неиздржлива ситуација и три години „денгубеше“ со својата двосмисленост и нерешителност, никогаш не го разбра вистинското политичко значење на Брегзит и ја пропушти шансата да го запре возот.
“Oна што сега го прави Џонсон е претстава од политичка лудница достојна за некоја латиноамериканска диктатура. Тоа е антидемократски, сосема во духот на новите уништувачи од типот на Трамп и Болсонаро. Ним им е важна нивната и моќта на нивните финансиери од кругот на супербогатите. За нив демократските постапки и институционалните контроли се само одвратна додавка”, пишува Дојче Веле и додава дека ЕУ овде не смее да се стави во улога на помагач, оти Брисел не смее да учествува во играта во која една земја членка ги става вон сила своите демократски процедури, за на препад да ја напушти ЕУ. Брегзит се базира на референдум кој имаше само необврзувачки карактер и беше изгласан со тесно мнозинство“, потсетува Дојче Веле.
И светските медиуми го следат процесот. Во анализа на Вашингтон Пост се вели дека на овие сега во коишто живееме не смее да се гледа како на „нормални времиња“ и дека ниту еден аргумент зошто ваквата одлука на Џонсон не треба да загрижува просто „не држи вода“:
„Џонсон ова го прави со јасна намера – Парламентот да не може да му се меша во личната волја и одлука, што е алармантно“ заклучуваат од Вашингтон Пост и потсетуваат дека овој премиер дојде на власт со само 92 илјади гласови преку внатрепартиско гласање и дека тој сега се става во позиција да парализира легитимни избраници на земјата.
„Фејненшл Тајмс“ пак преку едиторијал нотира дека ако овој план на Џонсон успее Британија го губи своето право да им држи лекции на другите држави за нивните демократски слабости, оти покажале дека од кај нив извира опасноста еден бескрупулозен лидер да ја преземе моќта – нешто што се нема случено во модерната ера до сега.
Заклучокот што може да се извлече на крај преку сите пораки на релевантните светски аналитичари е дека сега е крајно време преостанатите демократи меѓу британските конзервативци, опозицијата, научниците, интелектуалците и сите кои се сметаат за разумни граѓани, да организираат отпор. Со години се имаше впечаток дека многумина Британци живеат во состојба на нереалност. Како некогаш да ќе се разбудат сонот за Брегзит и сѐ ќе биде повторно како порано – тие и самите не веруваа дека ова ќе се случува. Сега очигледно време е за аларм и за станување од кревет, оти тој сон веќе одамна се претвори во кошмар.
Последици од Брегзит за македонската економија
Доколку Обединетото Кралство не усвои договор повлекување од Европската Унија, условите за трговска размена со Северна Македонија ќе се променат. Обединетото Кралство всушност ќе биде „трета земја“ кон Северна Македонија, односно нема да биде дел од земјите – членки на ЕУ a тоа практично значи дека трговијата на стоки ќе подлежи на плаќање на царина. Со тоа дополнително ќе се обремени трговската размена меѓу двете земји која минатата година надмина 832 милиони евра со што Обединетото Кралство стана трет најголем трговски партнер на Северна Македонија. Досега, без оглед што Северна Македонија не е членка на ЕУ, економските односи со Обединетото Кралство се регулирани преку Спогодбата за асоцијација и стабилизација.
Меѓутоа, имајќи предвид дека одамна е јасно дека преговорите за излез од ЕУ со некаков договор одат прилично тешко, и земјите од Унијата, но и Северна Македонија уште на почетокот на годината почнаа да се подготвуваат за ова најмалку посакувано сценарио, работејќи на билатерални договори за слободна трговија со Обединетото Кралство.
За да може македонските производи да ги уживаат погодностите од бесцаринскиот увоз, тие треба да ги исполнуваат условите за преференцијално потекло и при извозот од Северна Македонија во Велика Британија да бидат придружувани со доказ за потекло – уверение за движење ЕУР 1 или изјава во фактура.
Регионалната конвенција за пан-евро-медитеранските преференцијални правила за потекло (ПЕМ конвенција) е единствен документ чија главна цел е примена на идентични преференцијални правила за потекло на стока со која се тргува меѓу договорните страни кои се потписнички на овој документ. ПЕМ конвенцијата овозможува поефикасно управување со системот за кумулација на потеклото на начин што им овозможува на договорните страни подобро и побрзо да реагираат на промените во економската реалност.
Пан-евро-медитеранскиот систем на кумулација на потекло ги вклучува земјите членки на Европска унија, земјите членки на ЕФТА (Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн), земјите од Барселона процесот (Алжир, Египет, Израел, Јордан, Либан, Мароко, Сирија, Тунис, Турција и Палестина) и Фарските Острови, како и земјите од Западен Балкан учесници во процесот на стабилизација и асоцијација со ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Косово) и Молдавија. Овој систем е составен од мноштво на договори, во кои постојат протоколи за потекло со идентични правила за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација меѓу земјите од зоната. Меѓутоа, штом Велика Британија излезе од Унијата, по автоматизам е надвор и од оваа Конвенција бидејќи сега договорна страна е ЕУ.
Со овој единствен документ се овозможува сите членки кои учествуваат во ПЕМ процесот, а имаат помеѓу себе договори за слободна трговија, да можат да кумулираат со потеклото на стоките, односно да користат репроматеријали од земјите членки на процесот и добивање на статус на преференцијално потекло на стоките кои ги произведуваат, како и примена на преференцијални царински стапки во земјите од ПЕМ процесот каде извезуваат.
Доколку Велика Британија не пристапи кон ПЕМ конвенцијата, значително ќе се отежни извозот и нема да постои можност за кумулирање на преференцијалното потекло на стоките.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека во случај на излез на Велика Британија од ЕУ без договор ќе се предизвикаат зголемени непланирани трошоци за македонските компании и намалување на нивната конкурентност, бидејќи во услови на неуредени односи со билатерален договор со оваа земја, увозот на производи во нашата држава понатаму нема да се врши по преференцијални стапки.
„Согласно анализите, најпогодени би биле домашните компании од преработувачката индустрија кои се извозно ориентирани, а кои одредени репроматеријали и полупроизводи увезуваат од Велика Британија. Имајќи ја предвид структурата на увозни производи од Велика Британија во претходните години, на пример, за акумулатори, за цевки и црева, сигурносно стакло за моторни возила, ретровизори, мотори за возила, хидраулични пумпи, издувни лонци и издувни цевки наместо досегашната 0% царинска стапка, ќе се применува стапка од 15%, за теписи за ентериер во возила 12,5%, за различни видови на ткаенини 10%, за светла, фарови, штопови, опрема за сигнализација на возила 8%, за прачки, стапови и профилни форми од пластични маси 6%, за ткаенини за надворешни пневматски гуми и текстилни ткаенини кои се импрегнирани, премачкани, прекриени, или ламинирани со пластични маси 5%, за хлороводородна киселина, нитрати, како и за благородни метали во колоидна состојба, неоргански или органски соединенија на благородни метали, амалгами на благородни метали, други разни видови соединенија 5% и др. Значи, трошоците на домашните компании заради повисоки царини ќе се зголемат во износ од 5% до 10%, во споредба со состојба кога увозот од Велика Британија како членка на ЕУ се царини по преференцијални царински стапки“, вели Анета Димовска, самостоен советник во Стопанската Комора на Македонија.
Со оглед на фактот дека од Велика Британија во нашата земја во 2018 година се увезени производи во вредност од 729,56 милиони евра, под претпоставка увозот да се царини по стапка од 5%, трошоците на домашните економски субјекти би се зголемиле за најмалку 36 милиони евра.
„Македонските фирми производители мора да имаат предвидливи околности, да можат да планираат нарачки, да немаат потреба од дополнителни финансиски средства и да придонесуваат кон пораст на извозот и на бруто домашниот производ“, велат од Комората.
Македонија е нето увозник од Обединетото Кралство, од каде што најмногу се набавува платина и паладиум за производството на најголемата компанија во земјава, Џонсон Мети. Според податоците од Државниот завод за статистика, Македонија од Обединетото Кралство најмногу увезува платина во вредност од 562,2 милиони евра; благородни метали во колоидна состојба во вредност од 31,7 милиони евра; текстилни ткаенини за сума од околу 9,2 милиони евра; патнички автомобили и други превозни средства за 6,3 милиони евра; и котли, машини и механички уреди во вредност од 6,2 милиони евра.
Што се однесува до извозот, од македонските производи што се продаваат на британскиот пазар најмногу се застапени седишта во вредност од 24,7 милиони евра; облека во вредност од 12,4 милиони евра; забрзувачи на реакција и катализатори за сума од 10,9 милиони евра; остатоци што содржат метали со извоз од 9,3 милиони евра; и костуми, јакни и сакоа во вредност од 8,7 милиони евра.
Emmanuel Macron,Ursula von der LeyenБрегзит им оди на нерви и на европските пазари
И додека скоро сè околу Брегзит е сè уште неизвесно, едно е сигурно а тоа е дека ќе доведе до големи загуби за сите.
Тврдиот Брегзит ќе ги чини земјите на ЕУ годишно до 40 милијарди евра, покажа студија за влијанието врз приходите во ЕУ од германскиот тинк-тенк Бертелсман Стифтунг. Новите царини откако Велика Британија ќе го напушти единствениот пазар на ЕУ, ќе ја направат трговијата со стоки и услуги многу скапа.
Само Кина и САД ќе имаат корист од Брегзит, се вели во студијата.
Велика Британија би се соочила со најголема загуба на приход од 57 милијарди евра годишно, или 900 евра по жител, Германија и Франција, двете земји ориентирани кон извоз, би изгубиле соодветно 10 и 8 милијарди евра годишно, додека Брегзит би ги чинел Италијанците околу 4 милијарди евра.
„Регионите најмногу погодени се обично оние кои имаат силна индустрија, на пример автомобилската индустрија во земји како Германија и делови од Шпанија и Италија. Исто така, ќе бидат засегнати финансиските услуги и трговијата со ИТ услуги со Велика Британија. И, генерално, високо продуктивните региони како некои скандинавски центри би изгубиле најмногу “, вели економистот Доминик Понату од Бертелсман Стифтунг. Тој ја спроведе студијата со Џордано Мион од Универзитетот во Сасекс.
Во Велика Британија, Лондон ќе биде најсилно погоден од Брегзит без договор, со загуба од 5 милијарди евра годишно. „Регионите кои се најпогодени во апсолутна смисла би биле јужните англиски региони како Кент, Лондон и Есекс“, се наведува во студијата. „Колку е поблиску до континентот, толку е посилно влијанието на тврдиот Брегзит“.
Ирска, која беше во центарот на преговорите за Брегзит меѓу ЕУ и Велика Британија, исто така ќе биде погодена од излез без договор и се проценува дека земјата би можела да се соочи со загуба од 3,5 милијарди евра годишно.
Постигнување некаков договор со ЕУ останува најдобро пожелно сценарио и тоа би ја намалило загубата на приходот во цела ЕУ на „само“ 22 милијарди евра годишно.
„Брегзит може сериозно да ги оштети темелите на најголемата светска економска област“, ​​рече Арт де Гјус, претседател на Бертелсман Стифтунг. „Брисел и Лондон мора да сторат сé што можат за да постигнат договор“.
Надвор од Европа, има земји и континенти подготвени да наздрават за излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Приходите на САД би можеле да пораснат за околу 13 милијарди евра на годишно ниво додека пак во Кина, годишниот приход би се зголемил за околу 5 милијарди евра, а во Русија таквото сценарио би довело до благ пораст од околу 260 милиони евра на годишно ниво, се вели во анализата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×